Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2015

Служи му на Јехова во тешките денови на староста

Служи му на Јехова во тешките денови на староста

„ЗДРАВЈЕТО сѐ помалку ме служи“, воздивнува Ернест, кој е во своите 70-ти години. * Дали ова ти звучи познато? Ако си навлезен во години и чувствуваш дека сѐ повеќе ги губиш здравјето и силата, можеби во потполност го разбираш она што е запишано во Проповедник поглавје 12. Во првиот стих, поодминатите години се опишани како „зли денови“. Но, тоа не значи дека мора да бидеш несреќен. И покрај тешкотиите, можеш да водиш исполнет живот додека со радост му служиш на Јехова.

ПРОДОЛЖИ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНУВАШ ВЕРАТА

Драги постари браќа и сестри, не заборавајте дека и други Божји слуги во минатото минувале низ слични маки. На пример, на Исак, на Јаков и на Ахија многу им ослабнал видот (1. Мој. 27:1; 48:10; 1. Цар. 14:4). Цар Давид ‚не можел да се згрее‘ (1. Цар. 1:1). Богатиот Варзелај не можел повеќе да ужива во вкусот на храната и во звукот на музиката (2. Сам. 19:32-35). А Авраам и Ноемина морале да се справат со болната загуба на брачниот другар (1. Мој. 23:1, 2; Рут 1:3, 12).

Што им помогнало да продолжат верно и со радост да му служат на Јехова? Иако бил стар, Авраам верувал во Божјите ветувања и ‚се зајакнал преку својата вера‘ (Рим. 4:19, 20). И нам ни е потребна силна вера. Таа не зависи од возраста, способностите или околностите. На пример, дури и кога веќе ослабнал, ослепел и не можел да стане од постела, Божјиот слуга Јаков покажал цврста вера во Јеховините ветувања (1. Мој. 48:1-4, 10; Евр. 11:21). Инес, која е на 93-годишна возраст и има тешкотии поради ослабената мускулатура, вели: „Секој ден чувствувам дека Јехова многу ме благословува. Постојано размислувам за рајот. Тоа ми влева надеж“. Колку убав и позитивен став!

Нашата вера се зајакнува кога се молиме, кога ја проучуваме Библијата и кога присуствуваме на состаноците. Остарениот пророк Даниел редовно се молел трипати на ден и продолжил да ја проучува Божјата Реч (Дан. 6:10; 9:2). Вдовицата Ана, која имала 84 години, ‚никогаш не изостанувала од храмот‘ (Лука 2:36, 37). Кога и ти успеваш да појдеш на состанок и да учествуваш колку што можеш, се охрабруваш самиот, но ги охрабруваш и другите. Освен тоа, Јехова секогаш се радува кога ги слуша твоите молитви, дури и ако не можеш да правиш многу за него (Изр. 15:8).

Охрабрувајте се еден со друг

Мнозина од вас, верни браќа и сестри, сигурно би сакале да имате доволно сила за да одите на состаноци, а би сакале и подобро да гледате за да можете да читате. Но, можеби тоа станува сѐ потешко, па дури и невозможно. Што можете да правите? Добро користете го сето она што ви стои на располагање. Голем број браќа и сестри кои не можат да одат на состанок, ја слушаат програмата преку телефон. А 79-годишната Инге, која има многу слаб вид, успева дури и да се подготвува за состаноците бидејќи еден брат од собранието ѝ го отпечатува материјалот на листови хартија со многу крупни букви.

Сепак, можеби вие имате нешто што им недостига на другите — време. Би можеле ли да го користите за да слушате аудиоснимки од библиската литература, говори и аудиодрами? Исто така, би можеле да им телефонирате на вашите соверници за да споделите некој духовен дар со нив и ‚заемно да се охрабрите‘ (Рим. 1:11, 12).

ОСТАНИ ЗАФАТЕН ВО СЛУЖБАТА ЗА БОГ

Проповедај ја добрата вест

„Многу ми е тешко што не можам да бидам активна како порано“, со жалење вели Криста, која има 85 години. Како можат постарите да ја зачуваат радоста? Петар, кој има 75 години,  вели: „Така што ќе останат позитивни и нема постојано да мислат на она што повеќе не можат да го прават, туку ќе се радуваат на она што можат да го прават“.

На кои начини сѐ уште би можел да сведочиш? Хајди не може да оди во служба од врата до врата како порано. Иако има речиси 90 години, таа научила да користи компјутер за да пишува писма. Некои постари објавители започнуваат библиски разговори со луѓето додека седат на клупа во парк или чекаат на автобуска постојка. Освен тоа, ако живееш во дом за остарени лица, би можел да му сведочиш на медицинскиот персонал што се грижи за тебе, како и на останатите кои престојуваат таму.

Биди гостољубив

Дури и кога остарел, цар Давид правел сѐ што можел за да го поддржи обожавањето на вистинскиот Бог. Тој приложил средства и направил многу подготовки за изградбата на храмот (1. Лет. 28:11 — 29:5). И ти можеш да покажеш интерес за сето она што се прави во службата за Царството. На пример, би можел да ги поддржиш пионерите и другите ревносни објавители во собранието со некој охрабрувачки збор, мал подарок или така што ќе ги почестиш со нешто. Освен тоа, можеш во своите молитви да ги спомнеш младите, семејствата, полновремените слуги, болните и оние што имаат поголеми одговорности.

Драги постари браќа и сестри, Јехова многу ве сака и ве цени, и вас и вашата служба. Нашиот небесен Татко нема никогаш да ве отфрли (Пс. 71:9). Наскоро, маките и болките на староста ќе бидат минато. Уште малку, сите ќе бидеме полни со сила и совршено здрави, и ќе продолжиме да му служиме на нашиот грижлив Бог во сета вечност!

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.