Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2015

На ова место го славиме Бог!

На ова место го славиме Бог!

„Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“ (ЈОВАН 2:17)

ПЕСНИ: 127, 118

1, 2. а) Каде Божјите слуги го славеле Јехова во минатото? б) Што чувствувал Исус кон Јеховиниот храм во Ерусалим? в) Што ќе разгледаме во оваа статија?

УШТЕ од древни времиња, Божјите слуги имале одредени места каде што го славеле Јехова. Авел можеби подигнал жртвеник за да му ја принесе својата жртва на Бог (1. Мој. 4:3, 4). И Ное, Авраам, Исак, Јаков и Мојсеј изградиле жртвеници (1. Мој. 8:20; 12:7; 26:25; 35:1; 2. Мој. 17:15). Јехова им заповедал на Израелците да го направат светиот шатор (2. Мој. 25:8). А подоцна изградиле храм каде што го славеле Бог (1. Цар. 8:27, 29). Откако се вратиле од изгнанството во Вавилон, Евреите редовно се собирале во синагоги (Мар. 6:2; Јован 18:20; Дела 15:21). Првите христијани се состанувале во домовите на соверниците (Дела 12:12; 1. Кор. 16:19). Денес, низ целиот свет, Јеховините слуги имаат изградено десетици илјади сали каде што добиваат поуки и го слават Бог.

2 Исус многу го ценел Јеховиниот храм во Ерусалим. Неговата љубов кон храмот ги потсетила неговите ученици на следниве зборови на псалмистот: „Ревноста за домот твој ме изеде“ (Пс. 69:9; Јован 2:17). Ниту една  наша сала за состаноци не е ‚Јеховин дом‘ во иста смисла како што бил храмот во Ерусалим (2. Лет. 5:13; 33:4). Сепак, треба да имаме длабоко ценење за салите каде што го славиме Бог. Во оваа статија, ќе разгледаме неколку библиски начела кои ќе ни помогнат да разбереме како треба да се однесуваме во салите, како треба да се грижиме за нив и како може да ги поддржуваме со нашите доброволни прилози. *

КАКО ПОКАЖУВАМЕ ДЕКА ГИ ЦЕНИМЕ НАШИТЕ СОСТАНОЦИ

3-5. а) Која е целта на нашите сали? б) Каков став треба да имаме кон состаноците?

3 Салата за состаноци е главното место каде што луѓето можат да го обожаваат Јехова. Состаноците се дар од Бог, и ни помагаат да го зајакнеме нашиот однос со него. Таму Јехова ни го дава потребното охрабрување и водство преку својата организација. За нас е чест што Бог и неговиот Син секоја седмица нѐ канат да јадеме на „трпезата на Јехова“. Никогаш не смееме да изгубиме од вид дека тоа е една навистина посебна покана (1. Кор. 10:21).

4 Јехова јасно ни кажал дека е многу важно да одиме на состаноците за да го славиме и да се храбриме едни со други. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Затоа, од почит кон него, не ги пропуштаме од неважни причини. Бидејќи сме благодарни за сето она што Јехова го прави за нас, ние се подготвуваме и со цело срце учествуваме во нашите собраниски состаноци (Пс. 22:22).

5 Исто така, покажуваме почит кон Јехова со нашето однесување во текот на состаноците и со начинот на кој се грижиме за салата. Сакаме со нашите постапки да му оддадеме чест на Божјето име, кое обично стои во натписот на салата. (Спореди со 1. Царевите 8:17.)

6. Што кажале некои за нашите сали и за оние што присуствуваат на состаноците? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Другите луѓе забележуваат дека ги цениме нашите сали. На пример, еден човек од Турција рекол: „Восхитен сум од чистотата и редот што ги видов во салата. Присутните беа убаво облечени, насмеани и срдечно се поздравија со мене. Тоа ми остави многу силен впечаток“. Тој почнал да оди редовно на состаноците и наскоро потоа се крстил како Јеховин сведок. Во еден град во Индонезија, браќата ги поканиле своите соседи, градоначалникот и други службеници од општината да ја видат новата сала. Градоначалникот бил воодушевен од квалитетот и изгледот на објектот, како и од прекрасната градина. Тој рекол: „Чистотата на вашата сала покажува дека навистина имате силна вера“.

Со своето однесување би можеле да покажеме непочитување кон Бог (Види во пасуси 7-8)

7, 8. На кои други начини покажуваме дека го почитуваме Јехова кога сме во салата?

7 Покажуваме почит кон Јехова и со нашиот изглед и облекување, како и со нашето пристојно однесување на состаноците. Затоа не одиме во крајности. Не поставуваме крути правила за тоа какво однесување е прифатливо на состаноците, но внимаваме да не се однесуваме ни премногу слободно, како да сме дома. Се разбира, Јехова сака и ние и луѓето што ги каниме да се чувствуваат пријатно. Сепак, не сакаме на ниту еден начин  да покажеме непочитување. Затоа не носиме облека која е неуредна и лежерна, и не праќаме СМС-пораки, не зборуваме, и не јадеме за време на состанокот. Родителите треба да им помогнат на своите деца да разберат дека салата не е место каде што треба да трчаат или да си играат (Проп. 3:1).

8 Кога видел како луѓето продаваат работи во Божјиот храм, Исус се налутил и ги истерал од таму (Јован 2:13-17). Салата за состаноци е место каде што го славиме Јехова и учиме за него. Затоа не би било во ред таму да си вршиме приватни работи кои не се поврзани со духовните активности. (Спореди со Неемија 13:7, 8.)

ИЗГРАДБА И ФИНАНСИРАЊЕ НА САЛИТЕ

9, 10. а) Како се градат и финансираат салите на Јеховините сведоци? б) Како Јеховината организација им помага на собранијата кои не можат да изградат своја сала за состаноци?

9 Јеховината организација вложува многу труд за да изгради скромни сали за состаноци. Проектирањето, изградбата и реновирањето на салите го извршуваат неплатени доброволци. Со каков резултат? Од 1 ноември 1999 год., за собранијата низ целиот свет беа изградени повеќе од 28.000 сали. Тоа значи дека во последниве 15 години, низ целиот свет беа изградени во просек по пет нови сали секој ден.

10 Божјата организација им доделува задачи на доброволците и ги користи прилозите за да гради сали секаде каде што има потреба. Притоа го следи библиското начело според кое оние што имаат повеќе треба да им помагаат на оние што немаат доволно во материјален поглед „со цел да дојде до изедначување“. (Прочитај 2. Коринќаните 8:13-15.) Како резултат на тоа, беа обезбедени прекрасни нови сали за собранијата кои никогаш не би имале доволно финансиски средства самите да си изградат сала.

11. Што велат некои браќа за своите нови сали, и како се чувствуваш поради тоа?

11 Едно собрание од Костарика го напишало следново: „Кога стоиме пред нашата сала, ни се чини дека сонуваме! Просто не ни се верува! Нашата прекрасна сала беше завршена до последен детаљ за само осум дена! Ова беше можно благодарение на Јеховиниот благослов, на подготовките од организацијата и на поддршката од нашите драги браќа. Оваа сала е навистина бесценет дар, скапоцен бисер што ни го даде Јехова. Пресреќни сме поради тоа!“ Многу се радуваме кога слушаме дека нашите браќа и сестри  му благодарат на Јехова за тоа што го прави за нив, и што знаеме дека илјадници наши соверници низ целиот свет можат да го слават во своја сала. Јасно е дека Јехова го благословува ова градежно дело бидејќи, штом салата е завршена, уште многу искрени луѓе почнуваат да доаѓаат на состаноците за да учат за нашиот грижлив Творец (Пс. 127:1).

12. Како можеш да имаш удел во изградбата на салите за состаноци?

12 Многу браќа и сестри имале можност да учествуваат во изградбата на нова сала и тоа им причинило голема радост. Но, дури и ако не можеме лично да учествуваме во такви проекти, сите ние имаме чест да ги поддржуваме со нашите доброволни прилози. Така го следиме примерот на Божјите слуги од минатото кои спремно давале прилози кога се градел светиот шатор (2. Мој. 25:2; 2. Кор. 9:7).

ЧИСТЕЊЕ НА САЛАТА

13, 14. Кои библиски начела покажуваат дека нашата сала секогаш мора да биде чиста и уредна?

13 Ние му служиме на Богот на редот, и нашите сали треба да бидат уредни и чисти за да ги одразуваат неговите прекрасни особини. (Прочитај 1. Коринќаните 14:33, 40.) Библијата ја поврзува светоста и духовната чистота со физичката чистота (Отк. 19:8). Затоа, оние што сакаат прифатливо да му служат на Јехова, мора да внимаваат на својата лична хигиена.

14 Во склад со овие начела, ако нашата сала секогаш е уредна и чиста, никогаш нема да ни биде непријатно да ги каниме заинтересираните лица  на нашите состаноци. Тие ќе можат да видат дека ние навистина живееме во склад со добрата вест која им ја проповедаме. Ќе сфатат дека му служиме на еден свет Бог, кој наскоро ќе ја претвори Земјата во беспрекорно чист и прекрасен рај (Иса. 6:1-3; Отк. 11:18).

15, 16. а) Зошто не е секогаш лесно да ја одржуваме нашата сала чиста, но зошто тоа е многу важно? б) Како е организирано чистењето на вашата сала, и каква чест има секој од нас?

15 Луѓето имаат различни ставови кон чистењето. Зошто? Можеби тоа многу зависи од начинот на кој биле воспитани. Некои живеат на места каде што има земјени патишта, кои понекогаш се правливи и калливи. Други немаат доволно вода или средства за чистење. Сепак, сеедно каде живееме и каков став имаат луѓето во нашата околина, мора да ја одржуваме нашата сала чиста и уредна бидејќи таму го славиме нашиот Бог (5. Мој. 23:14).

16 Чистењето на салата мора добро да се испланира. Секое старешинство прави распоред, и води сметка да има доволно средства и опрема за чистење. Бидејќи некои работи треба да се чистат по секој состанок, а некои поретко, старешините треба да го организираат чистењето така што нема ништо да се пропушти. Сите имаме чест да ја чистиме нашата сала.

ОДРЖУВАЊЕ НА САЛАТА

17, 18. а) Што учиме од начинот на кој Јеховините слуги во минатото се грижеле за храмот? б) Зошто нашите сали за состаноци мора да бидат во добра состојба?

17 Јеховините слуги се трудат да ги одржуваат своите сали за состаноци во добра состојба така што ги прават потребните поправки. Царот Јоас им заповедал на свештениците да ги употребат храмските прилози за да ‚ги поправат сите оштетувања на Јеховиниот дом‘ (2. Цар. 12:4, 5). Околу 200 години подоцна, цар Јосија исто така ги искористил прилозите кои биле давани во храмот за да се направат потребните поправки. (Прочитај 2. Летописи 34:9-11.)

18 Некои подружници известуваат дека во нивната земја луѓето немаат навика да ги одржуваат објектите и опремата во добра состојба. Можеби во тие земји малку луѓе знаат како да прават поправки или, пак, немаат доволно средства за да ги покријат трошоците. Но, ако не ги поправаме нашите сали навреме, тие ќе изгледаат запуштено и нема да бидат добро сведоштво за околината. Од друга страна, ако правиме сѐ што можеме за да ги одржуваме во добра состојба, му носиме слава на Јехова и не се расфрламе со прилозите кои ги даваат нашите соверници.

Салата за состаноци мора да биде чиста и да се одржува во добра состојба (Види во пасуси 16, 18)

19. Како ќе покажеш дека го цениш местото каде што го славиме Јехова?

19 Нашите сали за состаноци се посветени на Јехова. Затоа, не може со право да кажеме дека му припаѓаат ниту на собранието ниту на некој поединец. Како што видовме во оваа статија, библиските начела ќе ни помогнат да имаме исправен став кон овие места каде што го славиме Бог. Бидејќи го почитуваме Јехова, ние ги цениме и нашите состаноци и нашите сали. Среќни сме што можеме да приложиме средства за да се градат уште повеќе сали, и даваме сѐ од себе за да ги одржуваме чисти и во добра состојба. На тој начин, слично на Исус, покажуваме ревност и ценење за местото каде што го славиме Јехова (Јован 2:17).

^ пас. 2 Иако во оваа статија главно се зборува за салите каде што ги одржуваме собраниските состаноци, истите начела важат и за Конгресните сали како и за другите објекти каде што го славиме Бог.