Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2015

Дали е важно некој да го забележи она што го правиш?

Дали е важно некој да го забележи она што го правиш?

ВЕСЕЛЕИЛ и Олијав имале градежно искуство. Всушност, како робови во Египет изработиле толку многу тули што сигурно им се смачило од таа работа! Но, тие години биле минато. Кога добиле задача да предводат во изработката на светиот шатор, Божјиот дух им помогнал да станат врвни занаетчии (2. Мој. 31:1-11). И покрај тоа, само малкумина имале прилика да видат некои од нивните прекрасни ремек-дела. Дали Веселеил и Олијав биле загрижени што нема да добијат признание за својот труд? Дали навистина било важно некој да го забележи она што го направиле? Важно ли е дали некој го забележува и она што го правиш ти?

ИЗВОНРЕДНИ ДЕЛА КОИ ГИ ВИДЕЛЕ САМО НЕКОЛКУМИНА

Некои делови од опремата во светиот шатор како, на пример, „славните“ херувими кои го засенувале поклопецот на ковчегот на сојузот, биле вистински ремек-дела (Евр. 9:5). Замисли си ја неописливата убавина на овие фигури кои биле изработени од ковано злато! (2. Мој. 37:7-9).

Кога би биле пронајдени денес, предметите што ги изработиле Веселеил и Олијав би заземале почесно место на изложбите во најпознатите музеи, каде што луѓето би им се восхитувале. Но, колкумина можеле да се воодушевуваат на нивната убавина во времето кога биле изработени? Бидејќи херувимите биле сместени во Светињата над светињите, можел да ги види само првосвештеникот, и тоа еднаш годишно, кога влегувал таму на Денот на очистувањето (Евр. 9:6, 7). Според тоа, ги виделе многу малку луѓе.

СРЕЌНИ, ИАКО БЕЗ ПРИЗНАНИЕ ОД ЛУЃЕ

Да си бил на местото на Веселеил или Олијав и да си вложил толку голем труд да изработиш такви прекрасни уметнички дела, како би се чувствувал кога би знаел дека ќе ги видат само неколку души? Денес на луѓето многу им значи кога другите ги фалат и им се восхитуваат. Всушност, тоа им е мерило за успехот. Но, Јеховините слуги се поинакви. Слично на Веселеил и Олијав, ние сме среќни што ја вршиме Јеховината волја и што имаме признание од него.

Во времето на Исус, било вообичаено верските водачи да кажуваат молитви за да ги импресионираат другите. Меѓутоа, Исус советувал нешто друго: Да се молиме искрено без да сакаме  другите да нѐ фалат поради тоа. Каков ќе биде резултатот ако правиме така? Тој рекол: „Твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати“ (Мат. 6:5, 6). Според тоа, не е важно што мислат другите за нашите молитви, туку што мисли Јехова за нив. Тие се вредни затоа што нашиот Татко смета дека се достојни за неговото внимание. Истото важи и за сето друго што го правиме во службата за Бог. Не треба да мислиме дека нашата служба е важна затоа што другите нѐ фалат туку затоа што го радува Јехова, „кој гледа во тајност“.

Кога бил завршен шаторот на средбата, еден облак ‚го покрил, и Јеховината слава го исполнила‘ (2. Мој. 40:34). Тоа било јасен знак дека Јехова е задоволен! Што мислиш, како се чувствувале Веселеил и Олијав во тој момент? Иако нивните имиња не биле изгравирани на она што го изработиле, тие сигурно биле среќни што сфатиле дека Бог го благословил целиот нивни труд (Изр. 10:22). Во годините што следеле, без сомнение се радувале кога гледале како сета опрема што ја направиле се користи во Јеховината служба. Кога ќе воскреснат во новиот свет, Веселеил и Олијав сигурно ќе бидат пресреќни кога ќе дознаат дека светиот шатор бил користен за слава на Јехова уште околу 500 години!

Дури и ако ниту еден човек не ја забележува твојата понизна и спремна служба, Јехова ја гледа!

И денес не ги знаеме имињата на сите музичари, писатели, преведувачи, уметници, фотографи и цртачи во Јеховината организација. Во таа смисла, може да се каже дека никој не го „гледа“ она што го прават тие. Истото важи и за големиот дел од работата што се извршува во повеќе од 110.000 собранија низ целиот свет. Кој го гледа слугата за сметководство кога ги пополнува потребните формулари на крајот на месецот? Кој го гледа собранискиот секретар кога го подготвува месечниот собраниски извештај од службата на проповедање? Кој ги забележува братот или сестрата што ги вршат неопходните поправки во салата за состаноци?

На крајот од својот живот, Веселеил и Олијав не добиле медали, пехари или плакети за своите генијални идеи и квалитетна изработка, со кои би можеле да се фалат пред другите. Но, добиле нешто многу повредно — Божјето одобрување. Може да бидеме сигурни дека Јехова го забележал она што го направиле. Да го следиме нивниот пример така што ќе се трудиме понизно и спремно да му служиме на Бог.