Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2015

,Потребна ви е истрајност‘

,Потребна ви е истрајност‘

СОПРУГОТ на Анита * бил многу лут кога таа станала Јеховин сведок. „Ме спречуваше да одам на состаноци, па дури и ми забрани да го спомнувам Божјето име“, вели Анита. „Збеснуваше секогаш кога ќе го изговорев името Јехова.“

Освен тоа, на Анита воопшто не ѝ било лесно да ги поучува своите деца за Јехова бидејќи маж ѝ не и дозволувал. Таа вели: „Морав скришно да проучувам со децата, и не смеев да ги носам на состаноци“.

Примерот на Анита јасно покажува дека противењето од семејството може да ја стави нашата христијанска беспрекорност на тежок испит. Освен тоа, сигурно не ни е лесно ако сме болни веќе подолго време, ако ни починал сопружникот или детето или, пак, некој член на семејството престанал да му служи на Бог. Што може да ни помогне да му останеме верни на Јехова?

Што би направил ти кога би се соочил со такви проблеми? Апостол Павле рекол дека ‚ни е потребна истрајност‘ (Евр. 10:36). Но, што ќе ти помогне да истраеш?

МОЛИ ГО ЈЕХОВА ЗА ПОМОШ

Кога се соочуваш со тешки ситуации, мора да се потпираш на Јехова за да истраеш. Моли го да ти помогне. Токму тоа го правела Ана кога нејзиниот сопруг ненадејно починал. Тие биле во брак цели 30 години. Таа вели: „Тој ден отиде на работа и повеќе не се врати. А имаше само 52 години“.

Ана морала да продолжи да работи, и тоа донекаде ѝ помогнало бидејќи работата ѝ ги окупирала мислите. Но, болката не исчезнала. Таа вели: „Му го излевав своето срце на Јехова и го молев да ми помогне да се справам со страшната загуба“. Дали Бог ѝ одговорил на молитвите? Ана е уверена дека ѝ одговорил. Таа вели: „Ми даде душевен мир и ми помогна да не полудам од болка. Воопшто не се сомневам дека при воскресението Јехова ќе го врати маж ми во живот“ (Фил. 4:6, 7).

Јехова им ветува на своите слуги дека ќе ги слуша нивните молитви (Пс. 65:2). Тој ќе им даде сѐ што им е потребно за да продолжат истрајно да му служат. Јехова ќе ти помогне и тебе да му останеш верен дури и кога ќе се најдеш во неволја.

ОСТАНИ БЛИЗОК СО БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

Јехова им помага на своите слуги преку соверниците во христијанското собрание. На пример, кога собранието во Солун се соочило со жестоко прогонство, Павле ги поттикнал тамошните христијани да продолжат ‚меѓусебно да се тешат и да се изградуваат еден со друг, како што веќе и правеле‘ (1. Сол. 2:14; 5:11). Со тоа што биле блиски и си помагале, христијаните во Солун успеале да го издржат тој тежок испит на верата. Нивната истрајност е одличен пример за нас денес. Слично на нив, како можеме и ние да истраеме?

Треба да градиме блиски пријателства во собранието и меѓусебно да се храбриме, особено кога минуваме низ тешки моменти (Рим. 14:19). Самиот Павле доживеал многу неволји, но Јехова му дал сила да истрае. Понекогаш Бог му давал големо охрабрување преку браќата и сестрите. На пример, кога им го испратил своето послание на сохристијаните во Колоси, во врска со некои од нив тој рекол: „Тие ми помагаа и ме зајакнуваа“ (Кол. 4:10, 11). Љубовта ги поттикнала да го утешат и да го зајакнат Павле кога се нашол во тешка ситуација. Сигурно и ти си добил слично охрабрување и поддршка од браќата и сестрите во твоето собрание.

ПОБАРАЈ ПОМОШ ОД СТАРЕШИНИТЕ

Јехова ни обезбедил уште еден извор на поддршка во собранието — старешините. Овие  духовно зрели мажи можат да ти дадат добри совети од Библијата. Тие се „како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Иса. 32:2). Многу е утешно што знаеме дека овие браќа се секогаш тука за нас. Затоа, ако се соочуваш со проблеми, зборувај со нив. Тие можат да те охрабрат и да ти помогнат да продолжиш верно да му служиш на Јехова.

Се разбира, старешините не можат да прават чуда. И тие се несовршени луѓе кои имаат исти слабости како нас (Дела 14:15). Сепак, ќе се чувствуваш подобро ако разговараш со некој старешина и тој му се помоли на Јехова во врска со твојот проблем (Јак. 5:14, 15). На пример, еден брат од Италија кој со години страда од мускулна дистрофија, го рекол следново за старешините од своето собрание: „Нивната љубов и нивните чести посети ми помагаат да истраам“. Ако и ти се соочуваш со сериозни проблеми, слободно побарај помош од старешините кои Јехова ни ги дал како дар.

ПРОДОЛЖИ СО ДУХОВНИТЕ АКТИВНОСТИ

Тоа што ќе продолжиме со духовните активности исто така може да ни помогне да истраеме. Размисли за 39-годишниот Џон, кој се разболел од редок вид рак. Тој си мислел дека не е фер што паднал тешко болен, особено затоа што бил млад. Освен тоа, бил загрижен за својата жена и за своето синче, кое тогаш имало само три години. Џон вели: „Жена ми не само што се грижеше за нашето дете туку мораше да се грижи и за мене, и да ми помага секогаш кога одев во болница да примам терапија“. Од хемотерапијата бил истоштен и чувствувал голема мачнина. Згора на сѐ, и татко му се разболел од неизлечлива болест, и му била потребна нега од семејството.

Како Џон и неговото семејство успеале да ја пребродат оваа тешка ситуација? Иако честопати се чувствувал уморен, тој не дозволил неговото семејство да ги занемари духовните активности. Џон вели: „Одевме на сите состаноци, учествувавме секоја седмица во службата и редовно ја одржувавме Семејната вечер дури и кога беше многу тешко“. Тој сфатил колку е важно човек да остане близок со Јехова за да може да издржи во таква ситуација. Иако во почетокот бил шокиран и загрижен, наскоро успеал да се смири и да се стабилизира бидејќи чувствувал дека Јехова го сака и дека му ја дава потребната сила. Бог може да ти помогне и тебе кога си загрижен или исплашен. Џон вели: „Јехова може да те зајакне исто како што ме зајакна мене“.

Кога минуваш низ некој тежок период, сети се што рекол Павле: ‚Потребна ви е истрајност‘. Затоа, барај сила од Јехова во молитва. Остани близок со браќата и сестрите во собранието. Барај помош од старешините и продолжи со духовните активности. Така Јехова ќе ти помогне да се справиш со секоја тешкотија со која можеби се соочуваш сега или на која ќе наидеш во иднина.

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.