Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2015

Тој ги сакал луѓето

Тој ги сакал луѓето

„Им се радував на синовите човечки“ (ИЗР. 8:31)

1, 2. Како Исус докажал колку многу ги сака луѓето?

БОЖЈИОТ првороден Син бил првиот и најголем доказ за Јеховината неизмерна мудрост. Тој бил вистинско олицетворение на мудроста — „вешт градител“ кој работел рамо до рамо со својот Татко. Може да си замислиме колку само се радувал кога неговиот Татко ‚ги уредувал небесата‘ и ‚кога ги одредувал темелите на земјата‘. Но, од сите Божји творби, Исус најмногу ‚им се радувал на човечките синови‘ (Изр. 8:22-31). Ова јасно покажува дека тој многу ги сакал луѓето уште пред да дојде како човек на Земјата.

2 Подоцна, Божјиот првороден Син ја докажал својата љубов и верност кон својот Татко, како и својата огромна љубов кон ‚човечките синови‘ кога спремно ‚се одрекол од самиот себе‘ и станал сличен на луѓето. Тој го сторил тоа за да го даде својот живот „како откупнина за мнозина“ (Фил. 2:5-8; Мат. 20:28). Додека бил на Земјата, Бог му дал на Исус моќ да прави чуда од кои јасно можело да се види колку многу ги сака луѓето. На тој начин, Божјиот Син покажал какви прекрасни работи ќе направи наскоро низ целиот свет.

3. Што ќе разгледаме сега?

 3 Кога бил на Земјата, Исус ја проповедал „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Тој знаел дека преку ова Царство неговиот Татко ќе го посвети своето име, и дека Царството ќе им стави крај на сите проблеми кои го измачуваат човештвото. Додека проповедал, Исус правел многу чуда, од кои јасно се гледал неговиот искрен интерес за луѓето. Зошто ова е важно за нас? Бидејќи она што го правел ни влева сигурна надеж за иднината. Да разгледаме четири од чудата на Исус.

„ЈЕХОВИНАТА СИЛА БЕШЕ СО НЕГО ЗА ДА ЛЕКУВА“

4. Што се случило кога Исус се сретнал со еден човек болен од лепра?

4 Во текот на својата служба, Исус проповедал во Галилеја. Во еден од тамошните градови, тој наишол на многу жална глетка (Мар. 1:39, 40). Сретнал еден човек кој имал страшна болест — лепра. Во своето евангелие, лекарот Лука запишал дека човекот бил „полн со лепра“, што укажува дека болеста била во напредна фаза (Лука 5:12). Библијата вели: „Кога го здогледа Исус, [лепрозниот] падна ничкум и го замоли: ‚Господару, ако сакаш, можеш да ме исчистиш‘“. Човекот воопшто не се сомневал дека Исус може да го излекува, но не знаел дали сака да го направи тоа. Како одговорил Исус на оваа искрена молба? Што чувствувал додека го гледал овој човек кој веројатно бил изобличен од болеста? Дали постапил како фарисеите кои биле бездушни кон оние што страдале од лепра? Што ќе си направел ти?

5. Зошто Исус сакал да го излекува лепрозниот?

5 Очигледно, овој лепрозен човек не викал „Нечист, нечист!“, како што било пропишано во Мојсеевиот закон. Но, Исус воопшто не го спомнал тоа. Напротив, го насочил своето внимание на самиот човек и на неговите потреби (3. Мој. 13:43-46). Не знаеме кои мисли минувале низ главата на Исус во тој миг, но знаеме што чувствувал во срцето. Поттикнат од длабоко сочувство, тој направил нешто незамисливо. Ја испружил раката и го допрел лепрозниот, а потоа, со решителен и истовремено нежен глас, рекол: „Сакам, исчисти се!“ Извештајот вели: „И лепрата веднаш исчезна“ (Лука 5:13). Јасно е дека Јехова му дал моќ на Исус — не само да направи такво големо чудо туку и да покаже колку многу ги сака луѓето (Лука 5:17).

6. Што е интересно во врска со чудата кои ги правел Исус, и што покажуваат тие?

6 Благодарение на Божјата моќ, Исус можел да прави најразлични чуда. Тој не лекувал само лепра, туку и секаква болест и немоќ. Библијата вели: „Кога виде дека немите зборуваат, куците одат и слепите гледаат, народот се восхитуваше“ (Мат. 15:31). Денес, во некои случаи лекарите вршат пресадување на органи за да им помогнат на пациентите. Но, Исус имал моќ да ги лекува болните делови од телото, и тоа веднаш. Понекогаш лекувал и луѓе кои не биле во негова близина (Јован 4:46-54). Што учиме од сите овие примери? Учиме дека Исус, кој сега е устоличен како небесен Цар, не само што има моќ туку има и силна желба трајно да ги излекува луѓето. Начинот на кој постапувал нѐ уверува дека во новиот свет ќе биде исполнето следново библиско пророштво: „[Тој] ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот“ (Пс. 72:13).  Во тоа време, Исус ќе ги излекува сите што страдаат бидејќи навистина копнее да го стори тоа.

„СТАНИ, ЗЕМИ СИ ЈА НОСИЛКАТА И ОДИ!“

7, 8. Што се случувало пред Исус да го сретне парализираниот човек покрај езерцето Витезда?

7 Поминале неколку месеци откако Исус го излекувал лепрозниот човек во Галилеја. Оттаму тој отпатувал за Јудеја каде што продолжил да проповеда и да ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Сигурно илјадници луѓе ја чуле неговата порака и биле трогнати од љубовта што ја покажувал. Исус навистина имал силна желба да им ја пренесе добрата вест на сиромасите, да им објави слобода на заробениците и да ги превие раните на оние што се со скршено срце (Иса. 61:1, 2; Лука 4:18-21).

8 Во месецот нисан, тој отпатувал во Ерусалим за празникот Пасха. Во градот вриело како во кошница бидејќи луѓето доаѓале од разни страни за да го прослават овој важен празник. Северно од храмот имало езерце кое се викало Витезда, каде што Исус сретнал еден парализиран човек.

9, 10. а) Зошто луѓето се собирале околу езерцето Витезда? б) Зошто дошол Исус кај езерцето, и што учиме од тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 На ова езерце се собирале мноштва болни, слепи и сакати луѓе. Тие доаѓале таму бидејќи верувале дека, ако некој болен влезе во езерцето кога водата ќе се разбранува, со чудо ќе биде излекуван. Замисли си како се чувствувале тие луѓе! Очајни, обесхрабрени и безнадежни, тие копнееле да бидат излекувани од своите болести. Но, што го навело Исус, кој бил совршен и без никаква телесна маана, да отиде таму? Неговата љубов кон луѓето. Поттикнат од сомилост, тој му пристапил на еден човек кој бил болен подолго отколку што Исус живеел на Земјата. (Прочитај Јован 5:5-9.)

10 Исус го прашал дали сака да оздрави. Замисли си го очајот во гласот на овој човек кој одговорил дека сака, но не може затоа што нема кој да го спушти во езерцето. Тогаш Исус му заповедал да направи нешто невозможно — да си ја земе носилката и да оди. Човекот го послушал — застанал на нозе, ја кренал носилката и почнал да оди! Ова чудо е извонредна претслика за она што Исус ќе го прави во новиот свет. Но, покажува и колку тој е сочувствителен. Исус ги барал оние на кои им била потребна помош. Неговиот пример треба да нѐ поттикне да продолжиме да ги бараме на нашето подрачје луѓето кои се потиштени поради сите страшни работи што се случуваат во светот.

„КОЈ МИ ЈА ДОПРЕ ОБЛЕКАТА?“

11. Како извештајот запишан во Марко 5:25-34 покажува дека Исус имал сомилост кон болните?

11 Прочитај Марко 5:25-34Цели 12 години, една жена страдала од болест поради која многу се срамела. Болеста влијаела врз секој аспект од нејзиниот живот, вклучувајќи го и обожавањето на Бог. Иако ‚претрпела големи маки од многу лекари, и потрошила сѐ што имала‘, ѝ било уште полошо. Затоа, еден ден решила да направи нешто друго. Се замешала во мноштвото народ и ја допрела облеката на Исус (3. Мој. 15:19, 25). Тој почувствувал дека од него излегла сила, и прашал кој го допрел. „Сета исплашена и растреперена“, жената  ‚се фрлила пред него и му ја кажала целата вистина‘. Бидејќи сфатил дека неговиот Татко, Јехова, ја излекувал, Исус бил љубезен кон неа, и ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“.

Со своите чуда, Исус покажал дека е искрено заинтересиран за нас и за нашите проблеми (Види во пасуси 11-12)

12. а) Како би го опишал Исус на темел на она што го разгледавме досега? б) Каков пример ни дал Исус?

12 Исус навистина бил полн со љубов! Во неговото срце има посебно место за оние што се болни. Сатана настојува да нѐ убеди дека сме безвредни и дека никој не нѐ сака. Но, со своите чуда, Исус јасно покажал дека искрено се интересира за нас и за нашите проблеми. Колку сочувствителен Цар и Првосвештеник! (Евр. 4:15). Можеби нам не ни е лесно да разбереме како се чувствуваат оние кои имаат хронична болест, особено ако никогаш не сме го доживеале тоа. Меѓутоа, да имаме на ум дека Исус имал сочувство кон болните иако самиот никогаш не бил болен. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го следиме неговиот прекрасен пример! (1. Пет. 3:8).

„ИСУС ПОЧНА ДА РОНИ СОЛЗИ“

13. Што ни открива воскресението на Лазар за Исус?

13 Исус бил длабоко трогнат од болката на другите. На пример, кога неговиот пријател Лазар умрел, тој бил „длабоко трогнат и потресен“. Исус се чувствувал така иако знаел дека наскоро ќе го врати Лазар во живот. (Прочитај Јован 11:33-36.) Тој не се срамел да ги покаже своите најдлабоки чувства пред другите. Луѓето околу него можеле да видат колку многу ги сакал Лазар и неговото  семејство. Исус навистина покажал огромно сочувство кога ја искористил моќта што ја добил од Бог за да го воскресне својот пријател! (Јован 11:43, 44).

14, 15. а) Од каде знаеме дека Јехова копнее да му стави крај на човечкото страдање? б) На што укажува изразот „спомен-гробовите“?

14 Библијата вели дека Исус е „точна слика“ на својот Татко, Јехова (Евр. 1:3). Според тоа, со чудата што ги правел, Исус покажал дека и тој и неговиот Татко сакаат да им стават крај на болката, на болестите и на смртта. Наскоро тие ќе вратат во живот многу повеќе луѓе, бидејќи Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите... ќе излезат“ (Јован 5:28, 29, фус.).

15 Во овој стих, тој го употребил изразот „спомен-гробовите“, што покажува дека воскресението е поврзано со Божјето сеќавање. Семоќниот Бог, кој ја создал огромната вселена, може да се сети на секој детаљ за нашите најмили кои починале, вклучувајќи ги сите нивни особини (Иса. 40:26). Јехова не само што може туку и сака да се сети на нив. Воскресенијата кои се спомнати во Библијата се прекрасен пример за она што ќе се случува во новиот свет.

ЧУДАТА НА ИСУС И ТИ

16. Каква чест ќе имаат голем број верни лица кои живеат денес?

16 Ако му останеме верни на Бог, ќе бидеме сведоци на едно од најголемите чуда на сите времиња — ќе имаме можност да ја преживееме големата неволја. Кратко по Армагедон, ќе има уште повеќе чуда. Тогаш сите луѓе ќе станат совршено здрави (Иса. 33:24; 35:5, 6; Отк. 21:4). Замисли си како ги фрлаат своите очила, бастуни, патерици, инвалидски колички, апаратчиња за слушање и слични помагала. Јехова со добра причина ќе им го врати здравјето на оние што ќе го преживеат Армагедон. Нив ќе ги чека огромна работа. Полни со елан и сила, тие ќе ја претворат целата Земја во прекрасен рај (Пс. 115:16).

17, 18. а) Зошто Исус правел чуда? б) Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да бидеме во Божјиот нов свет?

17 Денес, Божјите слуги што му припаѓаат на ‚големото мноштво‘ се охрабрени кога читаат како Исус ги лекувал болните (Отк. 7:9). Тие чуда ни ја зајакнуваат надежта дека ќе бидеме потполно излекувани во иднина. Освен тоа, ни ги откриваат најдлабоките чувства на Божјиот првороден Син и покажуваат колку многу тој ги сака луѓето (Јован 10:11; 15:12, 13). Големото сочувство на Исус е јасен доказ за огромната љубов што Јехова ја чувствува кон секој свој слуга (Јован 5:19).

18 Болката, страдањето и смртта се секојдневие во денешниов свет (Рим. 8:22). Затоа толку многу ни е потребен Божјиот нов свет, каде што сите луѓе ќе бидат совршено здрави, токму како што ветил Бог. Малахија 4:2 ни влева надеж дека тогаш сите што ќе бидат излекувани ‚ќе потскокнуваат‘ од радост, пресреќни што ќе бидат ослободени од ропството на несовршенството. Нашето ценење за Јехова и нашата вера во неговите ветувања нека нѐ поттикнат да направиме сѐ што е потребно за да бидеме во новиот свет. Колку е охрабрувачки што знаеме дека чудата кои ги правел Исус на Земјата биле претслика за трајното избавување кое наскоро ќе го доживееме под власта на месијанското Царство!