Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2015

„Ако може Кингсли, можам и јас!“

„Ако може Кингсли, можам и јас!“

БРАТОТ го потчукнува по рамото, и Кингсли почнува да чита од Библијата. Ова е неговата прва задача во Теократската школа за служба. Тој внимателно го изговара секој збор, без да испушти ниту една буква. Но, чекај малку! Зошто не погледнува во својата Библија?

Кингсли е слеп. Освен тоа, има оштетен слух и се движи со инвалидска количка. Како овој човек од Шри Ланка ја дознал вистината за Јехова, и како почнал да учествува во Теократската школа? Да ви раскажам.

Кога првпат се сретнав со Кингсли, бев воодушевен од неговата жед за библиската вистина. Тој порано ја проучувал Библијата со неколку Јеховини сведоци, и неговата книга Спознание кое води до вечен живот на Брајово писмо беше прилично излитена. * Се согласи повторно да проучува, но се соочивме со два проблема.

Како прво, Кингсли живееше со повеќе луѓе во дом за остарени и инвалидни лица. Бидејќи во домот беше бучно и Кингсли слабо слушаше, морав да зборувам многу гласно. Всушност, сите во домот можеа да нѐ слушаат кога проучувавме секоја седмица!

И второ, за време на секое проучување, Кингсли можеше да прочита и да разбере сосем  малку нови информации. За да извлече поголема корист, тој темелно се подготвуваше. Однапред го препрочитуваше повеќе пати материјалот што требаше да го разгледаме, ги проверуваше стиховите во својата Библија на Брајово писмо, и потоа размислуваше како точно ќе одговори на прашањата. Оваа метода се покажа многу делотворна. Кога проучувавме, тој седеше со скрстени нозе на едно чергиче, и возбудено го објаснуваше на сет глас она што го научил. По кратко време, почнавме да проучуваме двапати седмично, и тоа по два часа!

ПРИСУСТВО И УЧЕСТВО НА СОСТАНОЦИТЕ

Кингсли и Пол

Кингсли имаше голема желба да доаѓа на нашите собраниски состаноци, но ова не беше лесно да се изведе. Некој требаше да му помага додека тој седнуваше и стануваше од инвалидската количка, и додека влегуваше и излегуваше од колата и од салата за состаноци. Но, мнозина од собранието наизменично му помагаа, и тоа го правеа со задоволство. За време на состаноците, Кингсли држеше звучник до увото, внимателно слушаше, па дури и коментираше!

Откако проучувавме некое време, Кингсли реши да се запише во Теократската школа за служба. Две седмици пред да ја одржи својата прва задача — читање на Библијата — го прашав дали вежбаше. Тој со увереност рече: „Да, брате. Вежбав околу 30 пати“. Го пофалив што вложил труд и го замолив да ми го прочита материјалот. Тој ја отвори Библијата, ги стави прстите на текстот напишан со Брајово писмо и почна да чита. Меѓутоа, забележав дека не ги движи прстите по страницата како што обично правеше. Замислете, тој го имаше научено напамет целиот текст!

Додека го гледав со неверие, од очите ми потекоа солзи. Го прашав како успеа толку добро да го запомни текстот откако го прочитал само 30 пати. Тој ми рече: „Не, вежбав околу 30 пати секој ден“. Повеќе од еден месец, Кингсли седел на своето чергиче читајќи го текстот одново и одново сѐ додека не го запамтил.

Конечно дојде денот кога требаше да ја одржи својата задача во салата. Кога заврши со читањето, одекна громогласен аплауз. Трогнати од ревноста на Кингсли, многу од присутните заплакаа. Една сестра, која поради трема престанала да учествува во школата, повторно се пријави да има задачи. Зошто? Таа рече: „Ако може Кингсли, можам и јас!“

На 6 септември 2008 год., откако три години ја проучувавме Библијата, Кингсли се крсти како Јеховин сведок. Тој му остана верен на Бог до крајот на својот живот. Почина на 13 мај 2014 год. Кингсли беше цврсто уверен дека во рајот на Земјата, кога ќе биде совршено здрав, ќе продолжи верно да му служи на Јехова со сета сила (Иса. 35:5, 6). (Раскажал Пол Мекманус)

^ пас. 4 Издадена во 1995 год., но веќе не се печати.