Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2015

Можеш да се бориш против Сатана и да го победиш!

Можеш да се бориш против Сатана и да го победиш!

„Спротивставете му се [на Сатана] цврсти во верата“ (1. ПЕТ. 5:9)

1. а) Зошто денес е особено важно решително да се бориме против Сатана? б) Од каде знаеме дека е можно да победиме во борбата против Сатана?

САТАНА војува со остатокот од помазаници и со ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Негова цел е да проголта колку што е можно повеќе Јеховини слуги во краткото време што му преостанува. (Прочитај Откровение 12:9, 12.) Можеме ли да победиме во борбата против Сатана? Да! Библијата вели: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јак. 4:7).

2, 3. а) Зошто Сатана сака луѓето да веруваат дека тој не постои? б) Од каде знаеме дека Сатана навистина постои?

2 Мнозина се исмеваат на идејата дека Сатана е вистинска личност. За нив, Ѓаволот и демоните се измислени ликови од романите, хорор-филмовите и видеоигрите. Тие мислат дека ниту еден разумен човек не верува во зли духови. Што мислиш, дали на Сатана му пречи што луѓето сметаат дека тој и неговите демони се ликови од народните приказни? Ни најмалку! На Сатана му е дури и полесно да ги заслепи умовите на оние што не веруваат дека тој постои (2. Кор. 4:4). Всушност, самиот тој ја шири оваа лага за да ги заведе луѓето.

 3 Како Јеховини слуги, ние не сме измамени. Ние знаеме дека Ѓаволот навистина постои, бидејќи тој е оној што зборувал со Ева преку змијата (1. Мој. 3:1-5). Сатана се подбивал со Јехова во случајот со Јов (Јов 1:9-12). Тој се обидел да го искуша и Исус (Мат. 4:1-10). А откако се родило Божјето Царство во 1914 год., Сатана повел војна со остатокот од помазани христијани (Отк. 12:17). Таа војна сѐ уште трае бидејќи Ѓаволот и понатаму настојува да ја уништи верата на помазаниците и на ‚другите овци‘. За да победиме во борбата против него, мора да му се спротивставиме цврсти во верата. Во оваа статија ќе разгледаме на кои три начини можеме да го сториме тоа.

ОТФРЛИ ЈА ГОРДОСТА

4. Зошто може да се каже дека Сатана е олицетворение на гордоста?

4 Сатана нема ни трошка понизност. Всушност, овој зол ангел се осмелил да ја оспори Божјата врховна власт, и се обидел да ги наведе другите да го обожаваат него наместо Јехова. Тој е вистинско олицетворение на гордоста и вообразеноста! Затоа, еден начин како може да му се спротивставиме е така што ќе ја отфрлиме гордоста и ќе бидеме понизни. (Прочитај 1. Петрово 5:5.) Но, што е гордост? Дали секогаш е негативна особина?

5, 6. а) Дали гордоста секогаш е негативна особина? Објасни. б) Кој вид гордост е опасен, и кои библиски примери го покажуваат тоа?

5 Еден речник го дефинира зборот гордост како „чувство на самодоверба и самопочит“, и „задоволство поради тоа што ние или некој наш близок направил или поседува нешто добро“. Нема ништо погрешно човек да има такви чувства. Апостол Павле им рекол на Солуњаните: „Меѓу Божјите собранија се гордееме со вас поради вашата истрајност и вера во сите ваши прогонства и неволји што ги поднесувате“ (2. Сол. 1:4). Значи, не е секогаш лошо да бидеме горди на она што го прават другите, па дури и ние самите. Не треба да се срамиме од нашето семејство, од нашата култура или од нашето потекло (Дела 21:39).

6 Меѓутоа, постои и друг вид гордост што може да ни ги наруши односите со другите и да ни го уништи пријателството со Јехова. Поради таквата гордост би можеле да се навредиме кога некој ќе нѐ советува, па дури и да го отфрлиме потребниот совет наместо понизно да го прифатиме (Пс. 141:5). Оваа гордост се дефинира како „преголема самоувереност“ или „надмен став што го имаат оние кои сметаат, најчесто неосновано, дека се подобри од другите“. Јехова ја мрази горделивоста (Езек. 33:28; Амос 6:8). Но, Сатана ужива кога луѓето горделиво се фалат, бидејќи така ја одразуваат неговата вообразеност. Тој сигурно ликувал од радост кога Нимрод, фараонот и Авесалом покажале неисправна гордост со своето фалбаџиство! (1. Мој. 10:8, 9; 2. Мој. 5:1, 2; 2. Сам. 15:4-6). Гордоста била една причина поради која и Каин го изгубил својот однос со Бог. Тој добил совет лично од Јехова, но бил премногу горд за да го прифати. Тврдоглаво одлучил да си тера по свое и направил тежок грев (1. Мој. 4:6-8).

7, 8. а) Што е расизмот, и како е поврзан со гордоста? б) Објасни како гордоста може да го наруши мирот во собранието.

7 Денес луѓето покажуваат неисправна гордост на многу начини. Ваквата гордост е тесно поврзана со расизмот, кој се дефинира како „предрасуда или нетрпеливост кон луѓето од другите раси“. Исто така, расизмот претставува „верување според кое луѓето од различни раси имаат различни особености и способности, и дека некои раси се генетски понадмоќни од другите“. Расната  гордост водела до немири, војни, па дури и до масовни убиства.

8 Се разбира, во христијанското собрание нема место за такви работи. За жал, поради гордоста, понекогаш меѓу соверниците доаѓа до несогласувања кои можат да излезат од контрола. Очигледно, ова било случај со некои христијани во првиот век, на кои ученикот Јаков им го поставил следново прашање: „Од каде војни и од каде борби меѓу вас?“ (Јак. 4:1). Ако кај нас тлеат длабоко вкоренети чувства на омраза и ако се сметаме за подобри од другите, би можеле да кажеме или да направиме нешто со кое многу ќе ги повредиме (Изр. 12:18). Без сомнение, гордоста може да го наруши мирот во собранието.

9. Како Библијата ни помага да се бориме против расизмот и против други видови на неисправна гордост? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Ако ние лично сме склони да мислиме дека сме подобри од другите, мудро е да се потсетиме дека „секој што е горд во срцето му е одвратен на Јехова“ (Изр. 16:5). Добро е да го преиспитаме своето гледиште кон оние што припаѓаат на друга раса, националност или култура. Ако кај нас има каква било трага од расна или национална гордост, тогаш забораваме еден важен факт — дека Бог ‚го направил целиот човечки род од еден човек‘ (Дела 17:26). Во таа смисла може да се каже дека има само една раса, бидејќи целото човештво потекнува од заеднички предок — Адам. Затоа е бесмислено да веруваме дека некои раси се генетски подобри од другите. Ако размислуваме така, му дозволуваме на Сатана да ја уништи нашата христијанска љубов и единство (Јован 13:35). За да се бориме против Сатана и да го победиме, мора да се спротивставиме на сите видови неисправна гордост (Изр. 16:18).

ЧУВАЈ СЕ ОД МАТЕРИЈАЛИЗАМ И НЕМОЈ ДА ГО САКАШ СВЕТОТ

10, 11. а) Зошто би можеле лесно да го засакаме светот? б) Кои работи од светот можеби ги засакал Димас, и со каков резултат?

10 Сатана е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 1. Јов. 5:19). Затоа, многу од работите што ги нуди светот се спротивни на мерилата кои се изнесени во Библијата. Се разбира, не се лоши сите работи во светот. Сепак, треба да очекуваме дека, преку својот свет, Сатана ќе се обиде да ги искористи нашите желби за да нѐ наведе на грев или да нѐ натера да го засакаме светот и да ја занемариме службата за Бог. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.)

11 Очигледно, некои христијани во првиот век дозволиле кај нив да се развие љубов кон светот. На пример, Павле напишал: „Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет“ (2. Тим. 4:10). Библијата не кажува точно кои работи од овој свет го привлекле Димас и го навеле да го остави Павле. Можеби тој повеќе ги засакал материјалните работи отколку својата служба за Јехова. Ако тоа било случај, тогаш ја изгубил можноста да му служи на Бог на посебен начин. Доколку останел соработник на Павле, ќе добиел многу благослови од Јехова. Зарем светот можел да му понуди нешто подобро од тоа? (Изр. 10:22).

12. На кој начин би можеле да станеме жртва на „примамливото богатство“?

12 Истото може да ни се случи и нам. Како христијани, ние сакаме да се грижиме за нашите материјални потреби и за потребите на нашето семејство, и нема ништо погрешно во тоа (1. Тим. 5:8). Знаеме дека Јехова сака да живееме убаво. Ова јасно се гледа од тоа што ги сместил Адам и Ева во прекрасен рај (1. Мој. 2:9). Но, Сатана сака да ги злоупотреби нашите желби користејќи го „примамливото богатство“ од овој свет (Мат. 13:22). Мнозина мислат дека парите  и материјалните поседи се клуч за среќа и успех. Но, ова е чиста измама. Ако и ние размислуваме така, би можеле да го изгубиме највредното нешто што го имаме — нашето пријателство со Јехова. Исус ги предупредил своите следбеници: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24). Ако им робуваме само на материјалните работи, тогаш сме престанале да му служиме на Јехова. Сатана сака да го постигне токму тоа! Никогаш да не дозволиме ниту парите ниту работите што може да ги купиме да ни станат поважни од нашето пријателство со Бог. За успешно да му се спротивставиме на Сатана, мора да задржиме урамнотежено гледиште за материјалните работи. (Прочитај 1. Тимотеј 6:6-10.)

ЧУВАЈ СЕ ОД НЕМОРАЛ

13. На кој начин овој свет шири изопачено гледиште за бракот и за половите односи?

13 Друга замка во светот на Сатана е неморалот. Денес многу луѓе сметаат дека брачната верност, па дури и самиот брак, се старомодни и дека ја ограничуваат слободата. На пример, една позната актерка изјавила дека ни мажите ни жените не можат да му бидат верни само на еден партнер. Таа додала: „Не познавам никого што му е верен или сака да му биде верен [на својот сопружник]“. Еден друг актер рекол: „Не сум сигурен дали навистина е во нашата природа да бидеме цел живот само со една личност“. Сатана сигурно е многу среќен кога вакви влијателни луѓе го критикуваат бракот, кој Бог ни го дал како дар. Ѓаволот не ја поддржува брачната заедница, и во никој случај не сака браковите да бидат успешни. Според тоа, за да му се спротивставиме на Сатана и да го победиме, мора да го имаме Божјето гледиште за бракот.

14, 15. Како можеш да се чуваш од неморал?

14 Сеедно дали сме во брак или не, мора со сите сили да се бориме против секаков неморал. Дали тоа е лесно? Воопшто не! На пример, ако си млад, можеби слушаш како твоите соученици се фалат дека имаат сексуални односи со кого сакаат. Можеби се фалат и со тоа дека испраќаат и добиваат еротски пораки или слики преку мобилен телефон. Сепак, во некои земји, ова се смета за ширење на детска порнографија. Библијата вели: „Кој прави блуд [односно, неморал], греши против своето сопствено тело“ (1. Кор. 6:18). Полово преносливите болести причинуваат големо страдање и смрт. Една анкета покажала дека, повеќето млади што имале сексуални односи а не биле во брак, се каат поради тоа. Светот на забавата сака да нѐ убеди дека нема да имаме никакви последици ако ги прекршиме Божјите закони. Ако поверуваме во таквите лаги, ќе станеме жртва на измамливата моќ на гревот (Евр. 3:13).

15 Ако и ти се бориш со искушението да направиш неморал, што можеш да сториш? Признај си дека имаш слабост (Рим. 7:22, 23). Моли го Бог за сила (Фил. 4:6, 7, 13). Внимавај да не се најдеш во ситуација која може да води до неморал (Изр. 22:3). А ако ненадејно се соочиш со искушение, замини си веднаш (1. Мој. 39:12).

16. Што направил Исус кога Сатана се обидел да го искуша, и што учиме од неговиот пример?

16 Исус ни дал одличен пример за тоа како да им се спротивставиме на искушенијата. Тој не бил измамен од ветувањата што му ги дал Сатана и ни за миг не размислувал за нив. Наместо тоа, веднаш му рекол на Ѓаволот: „Напишано е“. (Прочитај Матеј 4:4-10.)  Исус добро ја познавал Божјата Реч, и затоа можел веднаш да цитира стихови кога Сатана го искушал. За да се бориме против Сатана и да го победиме, не смееме да се доведеме во искушение да направиме неморал (1. Кор. 6:9, 10).

БИДИ ИСТРАЕН И ИЗВОЈУВАЈ ПОБЕДА!

17, 18. а) Со кои други замки се служи Сатана, и зошто тоа не треба да нѐ изненади? б) Што го чека Сатана, и како тоа нѐ охрабрува да истраеме?

17 Гордоста, материјализмот и неморалот се само три замки кои ги користи Сатана. Но, тој се служи со уште многу други. На пример, некои христијани се соочуваат со противење од семејството, со исмевање од соучениците, па дури и со забрана и ограничувања на проповедничкото дело од страна на властите. Ние очекуваме дека ќе наидеме на такви тешкотии бидејќи Исус ги предупредил своите следбеници: „Сите ќе ве мразат поради моето име. Но кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10:22).

На Сатана му претстои сигурно уништување (Види во пасус 18)

18 Како можеме да се бориме против Сатана и да го победиме? Исус им рекол на своите ученици: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19). Ништо од она што можат да ни го направат луѓето не може да ни нанесе трајна штета. Никој не може да го уништи нашето скапоцено пријателство со Бог ако ние не му го дозволиме тоа (Рим. 8:38, 39). Дури и кога некој Божји слуга ќе умре, тоа не е победа за Сатана, бидејќи Јехова ќе се погрижи да го воскресне својот верен слуга! (Јован 5:28, 29). Но, Сатана нема никаква иднина. Откако ќе биде уништен овој безбожен свет, тој ќе биде затворен во бездна 1.000 години (Отк. 20:1-3). Кога ќе заврши илјадагодишното владеење на Исус, Сатана накратко ќе биде „пуштен од својот затвор“ за да се обиде да ги заведе совршените луѓе за последен пат. На крајот, тој ќе биде уништен (Отк. 20:7-10). Ѓаволот го очекува сигурно уништување, но тоа не важи и за тебе! Спротивстави му се на Сатана, цврст во верата. Ти можеш да се бориш против него и да го победиш!