Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2015

 ОД НАШАТА АРХИВА

Видел дека сѐ се прави со љубов

Видел дека сѐ се прави со љубов

ДУХОВНИТЕ гозби отсекогаш биле незаборавни настани за Божјиот народ. Но, кога вистинските христијани се собираат околу Јеховината трпеза, за нивната радост честопати придонесува и дословната храна.

Во септември 1919 год., Истражувачите на Библијата одржале конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД), кој траел осум дена. Делегатите требало да бидат сместени и да јадат во хотели, но пристигнале неколку илјади повеќе од она што се очекувало. Кога ги виделе толпите народ, келнерите и келнерките ги фатило паника и сите дале отказ на лице место. Шефот на кафетеријата очајнички побарал помош од помладите делегати, и мнозина спремно се ставиле на располагање. Една од нив била и Сејди Грин. Таа рекла: „Тогаш за првпат служев како келнерка, но сите уживавме во тоа!“

Сиера Леоне (1982)

Во годините што следеле, безброј радосни доброволци им служеле на своите браќа и сестри во кафетериите што биле поставени на самите конгресни места. Тоа што соработувале заедно со соверниците им помогнало на голем број млади да си постават духовни цели. Гледис Болтон служела во кафетеријата на еден конгрес кој се одржал во 1937 год. Таа раскажала: „Се запознав со луѓе од други места, и слушав како тие се справуваат со своите проблеми. Тогаш кај мене за првпат се роди желба да бидам пионер“.

Бијула Кови, која исто така била меѓу конгресните делегати, изјавила: „Благодарение на посветеноста на доброволците, сѐ течеше беспрекорно“. Сепак, оваа задача не била секогаш лесна. На пример, во 1969 год., Анџело Манера дознал дека е одговорен да ја надгледува кафетеријата дури откако пристигнал на стадионот Доџер во Лос Анџелес (Калифорнија). Тој признал: „Тоа ми беше еден од најголемите шокови во животот!“ За тој конгрес, меѓу другото, требало да се ископа ров долг 400 метри за да се спроведе плин до кујната!

Франкфурт (Германија, 1951)

Во 1982 год., вредните доброволци во Сиера Леоне морале најпрво да ги расчистат полињата, а потоа да монтираат кафетерија користејќи ги материјалите што ги имале на располагање. Во 1951 год., во Франкфурт (Германија), неколку досетливи браќа изнајмиле локомотива, која ги снабдувала со пареа 40-те казани за готвење.  Доброволците послужувале 30.000 порции на час! За да им ја олеснат работата на 576-те браќа и сестри во одделот за миење садови, делегатите си донеле свои ножеви и виљушки. Во Јангон (Мјанмар), каде што обично се јаде многу лута храна, обѕирните готвачи ставиле помалку лути зачини во оброците кои им се послужувале на делегатите од другите земји.

„СИТЕ ЈАДАТ СТОЕЈЌИ!“

Во 1950 год., Ени Погенси присуствувала на еден конгрес во САД. Додека чекала на жешкото сонце во долгата редица во кафетеријата, таа имала прилика да го слуша разговорот меѓу две сестри кои дошле со брод од Европа. Тие си раскажувале како Јехова им помогнал да стигнат на конгресот. Ени рекла: „Овие две сестри беа пресреќни! Воопшто не им пречеше ниту долгото чекање ниту жешкото сонце“.

Сеул (Кореја, 1963)

На многу од големите конгреси, во огромните шатори кои служеле како кафетерии биле наредени високи масички покрај кои делегатите можеле да јадат стоејќи. Така завршувале побрзо и можеле да им отстапат место на други. Всушност, тоа било единствен начин за да успеат сите да јадат во текот на паузата за ручек. Еден човек кој не бил Сведок забележал: „Ама чудна религија — сите јадат стоејќи!“

И воените и цивилните власти се восхитувале на организацијата и ефикасноста на нашите кафетерии. Откако извршиле проверка во кафетеријата на стадионот Јенки во Њујорк, некои од надлежните лица во војската на САД го поттикнале мајорот Фокнер од воениот оддел на Велика Британија да направи слична проверка. Во 1955 год., тој и жена му дошле на конгресот „Победоносното Царство“, кој се одржал во Твикенхем (Англија). Подоцна овој мајор изјавил дека кафетеријата била одлично организирана затоа што сѐ се правело со љубов.

Со децении, спремните доброволци со љубов им послужувале хранливи и евтини оброци на сите присутни на конгресите. Но, бидејќи ова било огромна задача, понекогаш голем број доброволци морале да работат со часови и да пропуштат некои делови од програмата, па дури и целата програма. При крајот на 1970-те, на многу места беше поедноставен начинот за подготовка и служење на храната. Потоа, почнувајќи од 1995 год., делегатите беа замолени сами да си носат јадење. Ова им овозможи на оние што дотогаш ја приготвуваа и ја служеа храната да уживаат во духовната програма и христијанското дружење. *

Јехова сигурно многу ги сака сите оние што се труделе да им служат на своите соверници! Некои можеби чувствуваат носталгија по тие радосни времиња кога на конгресите имало кафетерии. Но, една работа до ден-денес останала иста: Љубовта сѐ уште е главна „состојка“ на нашите конгреси! (Јован 13:34, 35).

^ пас. 12 Се разбира, доброволците сѐ уште имаат разни прилики да помагаат во другите конгресни оддели.