Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2015

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Кој е Гог од Магог што е спомнат во библиската книга Езекиел?

Со години, во нашите публикации пишуваше дека Гог од Магог е името што му било дадено на Сатана Ѓаволот откако бил исфрлен од небото. Ова објаснување се темелеше на библиската книга Откровение, која покажува дека Сатана Ѓаволот ќе предводи еден сеопшт напад врз Божјиот народ (Отк. 12:1-17). Од таа причина сметавме дека Гог мора да е друго име за Сатана.

Меѓутоа, ова објаснување покренува неколку важни прашања. Размисли за следново: осврнувајќи се на времето кога Гог ќе биде поразен, во врска со него Јехова рекол: „Ќе те дадам за храна на птиците грабливки, на крилестите птици од секаков вид и на полските ѕверови“ (Езек. 39:4). А потоа додал: „Во тој ден ќе му дадам на Гог место за гроб во Израел... И таму ќе ги закопаат Гог и сето негово мноштво“ (Езек. 39:11). Но, како може едно духовно суштество да биде ‚дадено за храна на птиците грабливки и на полските ѕверови‘? Како може на Сатана да му биде дадено „место за гроб“ на Земјата? Библијата јасно покажува дека тој ќе биде затворен во бездна 1.000 години, а не дека ќе биде изеден или закопан (Отк. 20:1, 2).

Божјата Реч вели дека на крајот од тие 1.000 години, Сатана ќе биде пуштен од бездната, и дека „ќе излезе да ги заведува народите од четирите краишта на земјата, Гог и Магог, за да ги собере за војна“ (Отк. 20:8). Но, како Сатана може да го заведе Гог, ако самиот тој е Гог? Според тоа, името „Гог“ не се однесува на Сатана — ниту во пророштвото на Езекиел ниту во книгата Откровение.

Тогаш, кој е Гог од Магог? За да одговориме на ова прашање, треба да дознаеме од Библијата кој ќе го нападне Божјиот народ. Освен нападот на ‚Гог од Магог‘, во неа исто така е спомнат нападот на „царот на северот“, како и нападот на „земните цареви“ (Езек. 38:2, 10-13; Дан. 11:40, 44, 45; Отк. 17:14; 19:19). Дали станува збор за различни напади? Веројатно не. Без сомнение, Библијата користи различни имиња за истиот напад. Зошто доаѓаме до овој заклучок? Затоа што Божјата Реч ни кажува дека народите од целиот свет ќе учествуваат во овој последен напад  со кој ќе започне војната Армагедон (Отк. 16:14, 16).

Ако ги споредиме тие библиски стихови, станува јасно дека името Гог од Магог не се однесува на Сатана, туку на коалиција во која се вклучени сите народи. Дали оваа коалиција ќе ја предводи симболичниот ‚цар на северот‘? Не можеме да кажеме со сигурност. Сепак, се чини дека овој заклучок е во склад со она што Јехова го вели за Гог: „Ќе дојдеш од своето место, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сѐ сами коњаници, големо мноштво — огромна војска“ (Езек. 38:6, 15).

На сличен начин, пророкот Даниел, кој живеел во исто време со Езекиел, го рекол следново за царот на северот: „Ќе го вознемират вести од исток и од север, и ќе излезе многу гневен за да истреби и да погуби мнозина. И ќе ги постави своите дворски шатори меѓу големото море и светата гора на Убавината. Но, ќе му дојде крајот, и ќе нема кој да му помогне“ (Дан. 11:44, 45). Овие зборови се многу слични на она што е запишано во книгата Езекиел за нападот на Гог (Езек. 38:8-12, 16).

Што ќе се случи по овој последен напад? Даниел напишал: „Во тоа време [во Армагедон] ќе стане Михаел [Исус Христос], големиот кнез, кој стои [од 1914 год.] и им помага на синовите на твојот народ. И ќе дојде време на неволја [големата неволја] каква што немало откако постои народ, па до тоа време. Во тоа време твојот народ ќе се избави, секој што ќе се најде запишан во книгата“ (Дан. 12:1). Сличен опис на она што ќе го направи Исус како Божји застапник е даден и во Откровение 19:11-21.

Но, на кого се однесува изразот „Гог и Магог“ во Откровение 20:8? Тој се однесува на сите оние што ќе се побунат против Јехова и ќе го нападнат неговиот народ за време на последниот испит на крајот од илјадата години. Тие ќе сакаат да ги истребат верните Божји слуги, што значи дека ќе имаат иста намера како и „Гог од Магог“, односно како народите што ќе го нападнат Јеховиниот народ пред Армагедон. Исходот и за двете групи ќе биде потполно ист — вечна смрт! (Отк. 19:20, 21; 20:9). Според тоа, изгледа дека изразот „Гог и Магог“ е соодветен назив за сите оние што ќе се побунат против Јехова на крајот на илјадагодишното владеење.

Бидејќи длабоко ја проучуваме Библијата, ние со нетрпение очекуваме да видиме кој ќе ја преземе улогата на „царот на северот“ во блиска иднина. Но, сеедно кој ќе ја предводи коалицијата во која ќе бидат вклучени сите народи, две работи се сигурни: 1) Гог од Магог и неговите војски ќе бидат поразени и уништени; и 2) нашиот Цар, Исус Христос, ќе ги избави Божјите слуги и ќе им помогне да влезат во новиот свет каде што ќе владее мир и вистинска сигурност (Отк. 7:14-17).