Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2015

Старешини, дали сте спремни да оспособувате други браќа?

Старешини, дали сте спремни да оспособувате други браќа?

„Сѐ си има свое време“ (ПРОП. 3:1)

1, 2. Што забележале покраинските надгледници во многу собранија?

ПОКРАИНСКИОТ надгледник го привршува состанокот со старешините. Овие трудољубиви браќа — меѓу кои има и такви што се доста постари од него — јасно можат да видат колку многу тој ги сака и ги цени. Но, во неговите очи се гледа и загриженост. Пред да го заврши состанокот, тој мора да им спомне уште една важна работа. Затоа ги прашува: „Браќа, што направивте за да им помогнете на другите да преземат повеќе одговорности во собранието?“ Старешините добро се сеќаваат дека, во текот на минатата посета, покраинскиот надгледник ги поттикнал да посветат повеќе време за да ги оспособуваат другите. На крајот, едниот од нив признава: „Да бидам искрен, не направивме многу во тој поглед“. Другите старешини климнуваат со главите во знак на согласност.

2 Ако си старешина, можеби и ти би дал сличен одговор. Покраинските надгледници низ целиот свет забележуваат  дека старешините во многу собранија треба да вложат поголем труд за да ги обучат и помладите и постарите браќа да се грижат за стадото. Но, ова не е секогаш лесно. Зошто?

3. а) Како Библијата нагласува дека е неопходно да се оспособуваат други браќа, и зошто ова треба да ни биде важно на сите? (Види ја фуснотата.) б) Зошто на некои старешини не им е лесно да ги обучуваат другите?

3 Како старешина, ти сигурно знаеш колку е важно да се оспособуваат другите. * Свесен си дека се потребни повеќе браќа кои ќе им помагаат на постоечките собранија да останат духовно јаки, и кои ќе се грижат за потребите на собранијата што ќе бидат основани во иднина. (Прочитај Исаија 60:22.) Исто така, знаеш дека Божјата Реч те поттикнува да ги ‚поучуваш другите‘. (Прочитај 2. Тимотеј 2:2.) Но, слично на старешините што беа спомнати погоре, можеби и тебе ти е тешко да го правиш тоа. Веројатно одиш на работа и се грижиш за потребите на семејството. Освен тоа, извршуваш и доста одговорности во собранието, а мора да им обрнеш внимание и на други неодложни работи. Бидејќи имаш толку многу обврски, можеби ти се чини дека немаш време за ништо друго. Да разгледаме зошто сепак е неопходно да им се даде обука на браќата.

НЕОПХОДНО Е ДА СЕ ДАДЕ ОБУКА

4. Зошто понекогаш старешините го одложуваат обучувањето на браќата?

4 Зошто понекогаш на старешините им е тешко да одвојат време за да ги обучуваат браќата во собранието? Можеби некои си мислат: ‚Важно е да се даде обука, но тоа не е толку итно. Има други работи во собранието што едноставно не можат да чекаат. Дури и ако не почнам веднаш да оспособувам некого, собранието ќе продолжи да функционира‘. Иако е точно дека има многу работи на кои треба веднаш да им се обрне внимание, тоа што ќе го одложуваш обучувањето на браќата може лошо да се одрази врз духовната состојба на собранието.

5, 6. Што учиме за обуката во собранието од примерот со возачот?

5 Размисли за следниов пример: Еден возач сигурно знае дека мора редовно да го менува моторното масло за да може колата да работи. Но, можеби си мисли дека е поважно да стави гориво отколку да го смени маслото. Впрочем, ако не го направи тоа, колата ќе му застане на сред пат. Можеби си мисли: ‚Дури и да не го сменам маслото, моторот ќе продолжи да работи, барем уште некое време‘. Но, ако возачот постојано го одложува менувањето на маслото, еден ден моторот ќе се расипе. Ако се случи такво нешто, тој ќе мора да потроши многу време и пари за да ја поправи колата и да може повторно да ја вози. Која е поуката од овој пример?

6 Старешините мора брзо да се погрижат за неодложните работи бидејќи, во спротивно, ќе страда собранието. Затоа, исто како што возачот од примерот води сметка редовно да става гориво во колата, така и старешините мора да водат сметка за она „што е најважно“ (Фил. 1:10). Но, некои старешини се толку зафатени со итните работи што мислат дека немаат време да ги обучуваат браќата. Со други зборови, тие како да пропуштаат да го сменат маслото во колата. Ако постојано го одложуваат обучувањето, со текот на времето  во собранието ќе нема доволно оспособени браќа кои ќе можат да ги вршат сите потребни одговорности.

7. Како треба да гледаме на старешините кои одвојуваат време да ги обучуваат другите?

7 Затоа, не смееме да мислиме дека не е толку важно да се обучуваат другите. Старешините кои размислуваат за иднината и кои одвојуваат време да ги оспособуваат понеискусните браќа се мудри управители. Тие се скапоцени за целото собрание. (Прочитај 1. Петрово 4:10.) Како сите објавители извлекуваат корист од обуката што ја даваат старешините?

МУДРА ИНВЕСТИЦИЈА ЗА ИДНИНАТА

8. а) Од кои причини старешините треба да ги обучуваат другите? б) Каква важна одговорност имаат старешините кои служат на места каде што има поголема потреба од објавители? (Види ја рамката „ Неодложна задача“.)

8 Дури и најискусните старешини мора скромно да си признаат дека, како што ќе стареат, постепено ќе прават сѐ помалку за собранието (Мих. 6:8). Освен тоа, треба да имаат на ум дека, ако ги снајде некој ‚непредвиден настан‘, повеќе нема да бидат способни да ги извршуваат сите свои собраниски одговорности (Проп. 9:11, 12; Јак. 4:13, 14). Бидејќи ги сакаат Јеховините „овчички“ и се грижат за нив, старешините мислат на иднината, и им го пренесуваат на помладите браќа искуството што го стекнале низ годините. (Прочитај Псалм 71:17, 18.)

9. Поради кој претстоен настан е неопходно да бидат обучени други браќа?

9 Од која друга причина се скапоцени старешините кои ги оспособуваат другите браќа? Тие го зајакнуваат собранието. Во која смисла? Па, благодарение на обуката што ја даваат, повеќе браќа ќе бидат спремни да му помагаат на собранието да биде обединето и да му остане верно на Бог. Ова е важно уште сега, но ќе биде неопходно и во текот на претстојната голема неволја (Езек. 38:10-12; Мих. 5:5, 6). Затоа, драги старешини, ве молиме да почнете уште од денес редовно да одвојувате време за да ги обучувате другите.

10. Што можеби ќе треба да прави еден старешина за да најде време да ги обучува другите?

10 Се разбира, свесни сме дека веќе се грижите за голем број важни собраниски одговорности и поради тоа можеби немате време за ништо друго. Од таа причина, можеби ќе треба да скратите дел од времето што го посветувате на тие активности и да го искористите за да ги обучувате другите браќа (Проп. 3:1). Тоа ќе биде мудра инвестиција за иднината.

ПОДГОТВЕТЕ ГО ТЕРЕНОТ

11. а) Што е интересно во врска со предлозите за обука кои ги дале старешини од различни земји? б) Според Изреки 15:22, зошто е корисно да ги разгледаме предлозите на други старешини?

11 Неодамна некои старешини кои успешно ги обучуваат браќата беа прашани како го прават тоа. * Иако овие старешини живеат во различни околности, сите дадоа слични совети. Што покажува ова? Обуката која се темели на Библијата им користи на сите браќа „во секое собрание“, исто како што било случај и во времето на апостол Павле (1. Кор. 4:17). Затоа, во оваа и во следната статија, ќе разгледаме некои од предлозите што ги дадоа тие старешини (Изр. 15:22). За оние што ги обучуваат другите ќе го користиме терминот  „учители“, а за оние што ја добиваат обуката ќе го користиме зборот „ученици“.

12. Што треба да направи учителот, и зошто?

12 За да ја даде потребната обука, учителот прво треба да го подготви теренот. Исто како што еден градинар треба да ја раскопа земјата пред да го засади семето, така и учителот треба да го подготви срцето на ученикот пред да почне да го поучува за нови вештини. Како може да го стори тоа? Така што ќе го следи примерот на еден пророк од старо време. Тој пророк бил Самоил.

13-15. а) Каква задача добил пророкот Самоил? б) Како Самоил ја извршил својата задача? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) в) Зошто овој библиски извештај е скапоцен за старешините денес?

13 Еден ден, пред повеќе од 3.000 години, Јехова му го кажал следново на својот остарен пророк Самоил: „Утре во ова време ќе испратам кај тебе еден човек од земјата на Венијамин, а ти помажи го за водач на мојот народ Израел“ (1. Сам. 9:15, 16). Самоил сфатил дека повеќе нема да го води израелскиот народ и дека Јехова му дал задача да го помаза следниот водач. Затоа сигурно се прашувал: ‚Како да го подготвам тој човек за неговата задача?‘ Откако добро размислил, Самоил направил план.

14 Следниот ден, кога Самоил го видел Саул, Јехова му рекол: „Еве го човекот“. Тогаш Самоил постапил според својот план. Најпрво ги поканил Саул и неговиот слуга да дојдат да јадат заедно со него во една трпезарија каде што имало и други гости. Откако влегле внатре, тој им рекол да седнат на најдобрите места и пред нив го ставил најдоброто парче месо, а потоа му рекол на Саул: „Јади, зашто тоа беше чувано за тебе токму за оваа пригода“. Потоа заминале заедно кон куќата на пророкот. По патот воделе пријатен и опуштен разговор. Кога стигнале до куќата на Самоил, се качиле на покривот, каде што пророкот ‚продолжил да разговара со Саул‘ сѐ додека не заспале. Следниот ден, Самоил го помазал Саул, го бакнал и му дал уште некои упатства. Потоа Саул си заминал, подготвен за она што го чекало (1. Сам. 9:17-27; 10:1).

15 Се разбира, не е исто некој да биде помазан за водач на народот и некој да биде обучуван да стане старешина или слуга-помошник во собранието. И покрај тоа, денес старешините можат да извлечат неколку скапоцени поуки од начинот на кој Самоил го подготвил срцето на Саул. Да разгледаме две од нив.

ПОУЧУВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО И БИДЕТЕ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ

16. а) Како се чувствувал Самоил кога Израелците побарале да им постави цар? б) Со каков став Самоил го помазал Саул?

16 Поучувајте доброволно, а не затоа што морате. Кога Израелците првпат побарале да им постави цар, Самоил бил разочаран и се чувствувал отфрлено (1. Сам. 8:4-8). Всушност, бидејќи тој не сакал да го стори тоа, Јехова морал трипати да му каже да ги послуша (1. Сам. 8:7, 9, 22). Сепак, Самоил не дозволил во неговото срце да се развие огорченост кон човекот што требало да го наследи како водач на Израел. Кога Јехова му кажал да го помаза Саул, пророкот го послушал спремно и од љубов, а не затоа што морал да го стори тоа.

17. Како старешините денес го следат примерот на Самоил, и каква радост им причинува тоа?

17 И денес има искусни старешини кои го следат примерот на Самоил и со љубов ги поучуваат браќата (1. Пет. 5:2). Тие не се плашат да ги оспособуваат другите затоа што можеби еден ден ќе треба да им отстапат некои од своите  собраниски одговорности. Несебичните учители не ги сметаат учениците за соперници туку за свои „соработници“, односно за скапоцени дарови за собранието (2. Кор. 1:24; Евр. 13:16). Овие старешини многу се радуваат кога гледаат како учениците ги користат своите способности за доброто на браќата и сестрите (Дела 20:35).

18, 19. Како може еден старешина да го подготви срцето на ученикот, и зошто тоа е важно?

18 Бидете пријатели, а не само учители. Кога се сретнал со Саул, Самоил можел набрзина да го помаза за цар со тоа што ќе му го излеел маслото на главата. Така новиот цар ќе бил помазан, но воопшто немало да биде подготвен да го води Божјиот народ. Наместо тоа, Самоил одвоил време за постепено да го подготви срцето на Саул за новата задача. Најпрво јаделе вкусен оброк, се прошетале, долго разговарале и на крајот добро се одмориле. Дури тогаш пророкот почувствувал дека е вистински момент да го помаза новиот цар.

Пред да почне да обучува некој брат, старешината треба да се спријатели со него (Види во пасуси 18-19)

19 Слично и денес, пред да почне да обучува некој ученик, еден старешина треба да се потруди да се спријатели со него и да му помогне да се чувствува пријатно во негово друштво. Начинот на кој ќе го постигне тоа се разликува од земја до земја, и зависи од локалните околности и култура. Сепак, сеедно каде живееш, ако поминуваш време со ученикот и покрај тоа што си доста зафатен, тој ќе знае дека ти е многу важен и сигурно ќе биде многу благодарен за грижата и вниманието што му ги посветуваш. (Прочитај Римјаните 12:10.)

20, 21. а) Што е карактеристично за еден добар учител? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Точно е дека еден добар учител сака да ги оспособува другите. Но, тој мора да го сака и ученикот што го обучува. (Спореди со Јован 5:20.) Ова е важно бидејќи ученикот ќе биде многу поспремен да учи од тебе кога ќе почувствува дека навистина се грижиш за него. Затоа, драги старешини, потрудете се не само да ги поучувате другите туку и да им бидете пријатели (Изр. 17:17; Јован 15:15).

21 Откако ќе го подготви срцето на ученикот, старешината може да почне со обуката. Кои методи може да ги користи? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

^ пас. 3 Оваа и следната статија се наменети главно за старешините. Но, информациите кои ќе бидат изнесени се важни за сите во собранието. Зошто? Затоа што сите крстени браќа ќе сфатат дека им е потребна обука за да преземат поголеми одговорности. Сите објавители ќе извлечат корист кога собраниските задачи ќе бидат поделени на повеќе браќа.

^ пас. 11 Овие старешини живеат во Австралија, Бангладеш, Белгија, Бразил, Јапонија, Јужноафриканската Република, Кореја, Мексико, Намибија, Нигерија, Реунион, Русија, САД, Франција и Француска Гвајана.