Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2015

Зошто исклучувањето е израз на љубов

Зошто исклучувањето е израз на љубов

„КОГА го слушнав известувањето дека син ми е исклучен, како да ми се сруши целиот свет“, се сеќава Хулијан. „Тој ми е првото дете, и бевме многу блиски. Доста работи правевме заедно. Иако секогаш беше примерен, одеднаш почна да постапува неисправно. Откако го исклучија, жена ми непрестајно плачеше, а јас не знаев како да ја утешам. Постојано се прашувавме каде згрешивме како родители.“

Ако исклучувањето причинува толку голема болка, како може да биде израз на љубов? Која е библиската основа за да се преземе толку строга мерка? И, зошто некој може да биде исклучен од собранието?

ЗОШТО НЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ИСКЛУЧЕН

Еден крстен Јеховин сведок ќе биде исклучен од собранието само ако направил тежок грев и не се кае поради тоа.

Иако не бара совршенство од нас, Јехова сепак очекува да се држиме за мерилата за светост кои ги поставил тој. На пример, нѐ предупредува да не правиме тешки гревови, како што се неморал, идолопоклонство, крадење, изнудување, убиство и спиритизам (1. Кор. 6:9, 10; Отк. 21:8).

Сигурно ќе се согласиш дека Јеховините свети мерила се разумни и дека ни служат како заштита. Кој не би сакал да живее меѓу мирољубиви и чесни луѓе во кои може да има доверба? Токму такви се нашите духовни браќа и сестри кои при своето крштавање му ветиле на Бог дека ќе живеат во склад со советите од неговата Реч.

Но, што се случува кога некој крстен Јеховин сведок ќе направи тежок грев поради човечка слабост? Некои верни Божји слуги од минатото направиле такви грешки, но Јехова сепак не ги отфрлил. Еден познат пример е цар Давид. Тој извршил прељуба и убиство. Сепак, пророкот Натан му рекол: „Јехова ти го прости гревот“ (2. Сам. 12:13).

Бог му го простил гревот на Давид затоа што тој искрено се каел (Пс. 32:1-5). Слично е и денес. Некој Јеховин слуга ќе биде исклучен само ако не се кае или ако продолжи да греши (Дела 3:19; 26:20). Ако престапникот не покажува дека вистински се кае, старешините во правниот одбор мора да го исклучат од собранието.

На прв поглед може да ни се чини дека одлуката некој да биде исклучен е престрога, па дури и сурова, особено ако сме блиски со тоа лице. Сепак, Јеховината Реч ни дава добри причини кои можат да нѐ уверат дека таквата одлука е израз на љубов.

ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСКЛУЧУВАЊЕТО

Исус истакнал дека „мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Мат. 11:19). Мудрата одлука да биде исклучен некој непокајнички грешник носи добри резултати. Да разгледаме три од нив:

 Исклучувањето на престапниците му носи слава на Јеховиното име. Поради тоа што сме сведоци на Јехова, нашето однесување секогаш се одразува врз неговото име (Иса. 43:10). На пример, еден син може да им донесе чест или срам на своите родители. На сличен начин, она што луѓето го мислат за Јехова, во извесна мера, зависи од тоа каков пример дава народот кој го носи неговото име. Божјето име се прославува кога неговите слуги живеат во склад со моралните мерила што ги поставил тој. Слично било и во времето на Езекиел, кога другите народи го поврзувале името Јехова со Евреите (Езек. 36:19-23).

Ако направиме неморал ќе му нанесеме срам на Божјето свето име. Апостол Петар ги советувал христијаните: „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте додека бевте во незнаење, туку, како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите, бидејќи е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Пет. 1:14-16). Според тоа, ние му носиме слава на Божјето име кога живееме во склад со неговите свети мерила.

Ако некој Јеховин сведок прави нешто погрешно, неговите пријатели и познајници најверојатно ќе дознаат за тоа. Кога едно такво лице е исклучено, се потврдува дека Јехова има чист народ кој ги следи библиските упатства за да ја зачува светоста. Ова се гледа од следниот пример. Некој човек дошол на состанок во една Сала на Јеховините сведоци и рекол дека сака да стане член на собранието. Објаснил дека сестра му била исклучена поради неморал, и додал дека тој сака да припаѓа на организацијата која „не толерира лошо однесување“.

Исклучувањето го штити чистото христијанско собрание. Апостол Павле ги предупредил Коринќаните дека е опасно да им дозволат на намерните грешници да останат меѓу нив. Тој го споредил лошото влијание на таквите лица со квасец кој го скиснува тестото. Павле рекол: „Малку квасец го потквасува целото тесто“. А потоа го дал следниов совет: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ (1. Кор. 5:6, 11-13).

Очигледно, „злобниот“ што го спомнал Павле вршел неморал и тоа им било познато на сите. Всушност, некои членови на собранието дури почнале и да го оправдуваат неговото однесување (1. Кор. 5:1, 2). Ако не се преземело ништо против таквиот тежок престап, тоа можело да ги наведе и другите христијани да водат развратен и неморален живот како што било вообичаено во нивниот град. Попустливиот став кон намерните гревови ја поткопува почитта кон Божјите мерила (Проп. 8:11). Освен тоа, непокајничките грешници би можеле да станат како „карпи скриени под вода“ поради кои другите во собранието би можеле да доживеат бродолом на верата (Јуда 4, 12).

Исклучувањето може да му помогне на грешникот да се вразуми. Исус раскажал споредба за еден млад човек кој го напуштил домот на својот татко и го потрошил целото наследство живеејќи разуздано. Расипничкиот син научил тешка лекција — дека животот надвор од домот на татко му е празен и суров. На крајот се вразумил, се покајал и презел чекори да се врати во семејството (Лука 15:11-24). Описот што го дал Исус за грижливиот татко, кој се израдувал затоа што неговиот син се променил, ни помага да ги разбереме чувствата на Јехова. Тој нѐ уверува: „Не ми е мило да умре злосторникот, туку злосторникот да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Езек. 33:11).

На сличен начин, и исклучените лица кои повеќе не се дел од христијанското собрание — нивното духовно семејство — можеби ќе сфатат што изгубиле. Лошите последици од нивниот грев, како и убавите спомени од времето кога биле блиски со Јехова и со неговиот народ, би можеле да им помогнат да се вразумат.

За вистински да им се помогне на таквите лица, неопходно е да се покажува љубов и цврстина. Псалмистот Давид рекол: „Ако ме удри праведник, тоа е милост, ако ме укори, тоа е масло за мојата глава“ (Пс. 141:5). Да наведеме еден пример: Замисли двајца луѓе кои во студен зимски ден се искачуваат на планина. По долго планинарење, едниот паѓа од исцрпеност  и не може да продолжи понатаму. Телото постепено почнува да му се лади и му се приспива. Но, ако заспие во снегот, сигурно ќе умре. Затоа, неговиот пријател повремено му удира шлаканица за да не заспие додека да дојде помош. Иако шлаканицата може да боли, тоа може да му го спаси животот. И цар Давид сфатил дека понекогаш ќе биде потребно некој праведник да го ‚удри‘, односно да му даде совет за да му помогне иако тоа можеби ќе му биде болно.

Во многу случаи, исклучувањето е вистинската мерка која е неопходна за да се исправи оној што греши. Околу десет години по исклучувањето, синот на Хулијан, кој го спомнавме во почетокот, ги направил потребните промени во животот, се вратил во собранието и сега служи како старешина. Тој признава: „Исклучувањето ме натера да се соочам со последиците од мојот начин на живот. Навистина ми беше потребна таква строга мерка“ (Евр. 12:7-11).

КАКО Е НАЈДОБРО ДА ПОСТАПУВАМЕ СО ИСКЛУЧЕНИТЕ

Исклучувањето на некој Божји слуга навистина е многу болно. Но, тоа не значи дека сѐ е изгубено. Секој од нас може да придонесе исклучувањето да ја исполни својата цел.

Се вложува голем труд за да им се помогне на оние што се каат да му се вратат на Јехова

Старешините кои ја имаат тешката задача да ја соопштат одлуката за исклучувањето се трудат да покажуваат љубов како Јехова. Кога ќе го известат лицето за нивната одлука, тие љубезно и јасно му објаснуваат што треба да прави за повторно да биде примено во собранието. За да ги потсетат исклучените како можат да му се вратат на Јехова, старешините можат одвреме-навреме да ги посетат оние кои покажуваат дека прават промени во својот живот. *

Членовите на семејството можат да покажат љубов кон собранието и кон оној што згрешил така што ќе ја почитуваат одлуката за исклучување. Хулијан објаснува: „Тој и понатаму ми беше син, но со својот начин на живот крена ѕид меѓу нас“.

Сите во собранието можат да покажат љубов која се темели на начела така што нема да контактираат и да разговараат со исклученото лице (1. Кор. 5:11; 2. Јов. 10, 11). На тој начин ќе му стават до знаење дека ја поддржуваат дисциплинската мерка што Јехова му ја дал преку старешините. Исто така, треба да мислиме и на членовите на семејството на исклучениот. Тие минуваат низ особено тежок период, и затоа треба да им покажеме уште поголема љубов и да им дадеме поддршка. Треба да внимаваме да не им оставиме впечаток дека ги избегнуваме и дека не сакаме да се дружиме и со нив (Рим. 12:13, 15).

„Исклучувањето е неопходна мерка. Таа ни помага да живееме во склад со Јеховините мерила“, заклучува Хулијан. „Долгорочно гледано, и покрај болката, тоа носи добри резултати. Ако бев попустлив кон лошото постапување на син ми, тој никогаш немаше да се врати во собранието.“

^ пас. 24 Види во Стражарска кула од 15 април 1991, страници 21-23.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Зошто некои се исклучени?

Како укорот што со љубов го дава Бог е за доброто на оној што греши?