Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2015

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Благословени „во поволно време и во тешко време“

Благословени „во поволно време и во тешко време“

РОДЕН сум во март 1930 год., во селото Намкумба близу до Лилонгве, главниот град на Малави, во семејство кое верно му служеше на Јехова. Во 1942 год., се крстив како Јеховин сведок во една од нашите убави реки. Изминативе 70 години се трудев ‚да ја проповедам Божјата реч со чувство на итност — во поволно време и во тешко време‘, токму како што апостол Павле го советувал Тимотеј (2. Тим. 4:2).

Во 1948 год., Натан Нор и Милтон Хеншел за првпат дојдоа во Малави како претставници на главното седиште на Јеховините сведоци, кое се наоѓа во Бруклин (Њујорк). Нивната посета ми ја разгори желбата да му служам на Јехова полновремено. Срцето ми се исполнува со радост секогаш кога ќе се потсетам на нивните охрабрувачки зборови. На собирот што се одржа тогаш, имаше околу 6.000 присутни. Додека стоевме во калливото поле, сите внимателно го слушавме охрабрувачкиот говор на брат Нор, со наслов „Вечен Владетел на сите народи“.

Подоцна се запознав со Лидаси, една прекрасна сестра која, исто како мене, беше порасната во семејство на Јеховини сведоци и имаше цел да служи полновремено. Се венчавме во 1950 год., а до 1953 год. веќе имавме две деца. И покрај многуте семејни обврски, увидовме дека јас сепак би можел да служам како општ пионер. Две години подоцна, бев именуван како специјален пионер.

По кратко време, добив задача да ги посетувам собранијата како покраински надгледник. Поради големата поддршка од Лидаси, можев да се грижам за материјалните и духовните потреби на семејството додека служев во покраинското дело. * Но, и двајцата имавме огромна желба да му служиме на Јехова полновремено. Благодарение на добриот план што го направивме и на соработката од нашите пет деца, и Лидаси започна со полновремена служба во 1960 год.

Конгресите нѐ зајакнаа за прогонството што ни претстоеше

Навистина уживавме додека им служевме на браќата и сестрите во различни собранија. Во покраинската служба патувавме од преубавите падини на планината Мулање на југ па сѐ до мирното крајбрежје на езерото Малави, кое се протега речиси низ целиот источен дел од земјата. Бројот на објавители и собранија во покраините во кои служевме постојано растеше.

 Во 1962 год., присуствувавме на обласниот конгрес „Храбри проповедници“. Кога сега размислувам за тоа време, сфаќам дека таквите собири беа токму она што ни беше потребно. Следната година, брат Хеншел повторно дојде во Малави, и беше одржан специјален конгрес надвор од градот Блантире на кој присуствуваа околу 10.000 луѓе. Тој теократски собир многу нѐ охрабри и нѐ зајакна за да се соочиме со неволјите кои ни претстоеја.

ТЕШКИ ВРЕМИЊА

Делото беше забрането и владата го заплени имотот на подружницата

Во 1964 год., Сведоците беа сурово прогонувани затоа што не сакаа да се мешаат во политика. За време на прогонството беа уништени повеќе од 100 Сали на Јеховините сведоци и над 1.000 домови на наши браќа и сестри. Ние продолживме со патувачкото дело сѐ додека владата во Малави не ги забрани Сведоците во 1967 год. Властите го запленија имотот на подружницата во Блантире, ги протераа мисионерите и ставија в затвор многу од локалните Сведоци, меѓу кои бевме и јас и Лидаси. Откако бевме ослободени, продолживме попретпазливо да го извршуваме патувачкото дело.

Еден ден, во октомври 1972 год., стотина членови на едно воено-политичко движење познато како Младински сојуз на Малави се упатија кон нашата куќа. Но, еден од нивните членови истрча пред нив и ми рече да се скријам затоа што другите сакаат да ме убијат. Им кажав на жена ми и децата да се скријат во блиската шумичка, а јас истрчав и се качив на едно големо дрво. Оттаму гледав како ни ја уништуваат куќата и сите наши работи.

Бидејќи нашите браќа не сакаа да се мешаат во политика, нивните домови беа палени

Поради тоа што прогонството стануваше сѐ пожестоко, илјадници Сведоци избегаа од Малави. Јас и моето семејство останавме во еден камп за бегалци во западниот дел на Мозамбик сѐ до јуни 1974 год. Во тоа време, јас и Лидаси бевме замолени да служиме како специјални пионери во Домве (Мозамбик), гратче кое се наоѓа близу до границата со Малави. Таму служевме до 1975 год., кога Мозамбик се одвои од Португалија и стана независна држава. Тогаш, заедно со многу други Сведоци, бевме присилени да се вратиме во Малави, каде што нѐ чекаа нашите безмилосни прогонители.

Откако се вративме во Малави, добив задача да ги посетувам собранијата во главниот град, Лилонгве. И покрај прогонството и другите тешкотии во покраините во кои служевме, бројот на собранијата растеше.

ЈЕХОВА СО ЉУБОВ НИ ПОМАГАШЕ

Еднаш дојдовме во едно село каде што имаше собир на една политичка партија. Некои од симпатизерите на партијата дознаа дека сме Јеховини сведоци и нѐ натераа да седиме меѓу членовите на едно младинско политичко движење, познато како Млади пионери на Малави. Горливо му се молевме на Јехова за помош и водство во таа тешка ситуација. Кога заврши собирот, почнаа да нѐ тепаат. Одеднаш дотрча  една постара жена и почна да вика: „Ве молам, оставете ги! Овој човек е син на брат ми. Пуштете го да си оди!“ Човекот кој беше одговорен за собирот рече: „Пуштете ги!“ Не знаеме зошто жената го кажа тоа, бидејќи не ни беше роднина. Но, уверени сме дека Јехова ја чу нашата молитва.

Партиска книшка

Во 1981 год., повторно имавме блиска средба со некои членови од Младите пионери на Малави. Тие ни ги одзедоа велосипедите, багажот, кутиите со книги и документите со податоци за браќата од покраината. Успеавме да избегаме и се скривме во домот на еден старешина. Повторно го преколнувавме Јехова за помош. Бевме загрижени поради информациите што се наоѓаа во документите кои ни ги запленија. Кога Младите пионери ги проверувале, виделе дека има писма од сите делови на Малави упатени до мене. Тоа ги преплашило бидејќи помислиле дека сум владин службеник. Од таа причина, веднаш им ги предале сите документи на старешините од тамошното собрание.

Во друга прилика, со брод преминувавме една река. Сопственикот на бродот беше политички водач во тој регион и затоа сакаше да види дали сите патници имаат партиски книшки. Додека ги проверуваше, откри еден крадец кого властите го бараа. Поради ова настана метеж и проверката престана. И овој пат почувствувавме како Јехова со љубов ни помага.

ФРЛЕН В ЗАТВОР

Во февруари 1984 год., бев на пат кон Лилонгве за да предадам некои извештаи кои требаше да се испратат до подружницата во Замбија. Еден полицаец ме запре и ми ја претресе чантата. Бидејќи најде библиска литература, ме одведе во полициската станица и почна да ме тепа. Потоа ме врза со јажиња и ме стави во една просторија каде што имаше затвореници кои беа крадци.

Следниот ден, шефот на полицијата ме одведе во друга просторија, и напиша изјава која гласеше вака: „За да бидам ослободен од затвор, јас, Трофим Нсомба, повеќе нема да бидам Јеховин сведок“. Тогаш му реков: „Спремен сум не само да одам в затвор туку и да умрам. Останувам Јеховин сведок“. Поради тоа што не ја потпишав изјавата, шефот на полицијата многу се разгневи. Тој толку силно удри со раката по бирото што полицаецот од соседната соба дотрча да види што се случува. Шефот му рече: „Овој човек не сака да ја потпише изјавата дека нема повеќе да проповеда. Штом е така, нека потпише дека е Јеховин сведок, па ќе го испратиме во затворот во Лилонгве“. За сето ова време, мојата мила сопруга се прашувала каде сум и што ми се случува. Четири дена подоцна, некои браќа успеале да ѝ кажат дека сум в затвор.

Во полициската станица во Лилонгве постапуваа убаво со мене. Тамошниот шеф на полицијата  ми рече: „Еве ти порција ориз, бидејќи си уапсен поради Божјата Реч. Другите тука се крадци“. Потоа тој ме испрати во затворот Качере, каде што одлежав пет месеци.

Управникот на затворот се израдува што ме испратија таму и сакаше да бидам „пастор“ во затворот. На претходниот пастор му рече: „Повеќе не сакам да поучуваш тука за Божјата Реч, бидејќи си затворен затоа што си крадел од твојата црква!“ А потоа мене ми даде задолжение секоја седмица да ги поучувам затворениците за Библијата на состаноците што беа организирани за нив.

Но, подоцна работите се влошија. Затворските службеници ме испрашуваа за да дознаат колку Сведоци има во Малави. Бидејќи не им го дадов одговорот што го сакаа, почнаа да ме тепаат сѐ додека не се онесвестив. Во друга прилика, сакаа да дознаат кој ни е главен и од каде ги води работите. Им реков: „Вие поставивте едноставно прашање, па ќе ви одговорам“. Полицајците многу се израдуваа и го вклучија касетофонот за да го снимат разговорот. Им објаснив дека во Библијата пишува кој ни е главниот. Тие изненадено прашаа: „Каде во Библијата?“

Им одговорив: „Во Исаија 43:12“. Го најдоа овој стих и внимателно го прочитаа: „,Вие сте мои сведоци‘, вели Јехова, ‚а јас сум Бог‘“. Трипати го прочитаа стихот и ме прашаа: „Како може водачот на Јеховините сведоци да биде во Библијата, а не во Америка?“ Јас им реков: „И Јеховините сведоци во Америка сметаат дека овој стих објаснува кој е нашиот водач“. Бидејќи не им го дадов одговорот што сакаа да го слушнат, ме префрлија во затворот Ѕалека, северно од Лилонгве.

БЛАГОСЛОВ ДУРИ И ВО ТЕШКО ВРЕМЕ

Во јули 1984 год., стигнав во затворот Ѕалека каде што имаше 300 затвореници, меѓу кои и 81 Сведок. Затворот беше преполн, и затоа затворениците спиеја на подот наредени како сардини. Со текот на времето, ние Сведоците почнавме секојдневно да се состануваме во помали групи за да разгледуваме по еден библиски стих кој ќе го предложеше некој од нас. Тоа многу нѐ охрабруваше.

Потоа управникот на затворот нѐ одвои од другите затвореници. Еден од чуварите скришно ни рече: „Властите не ве мразат. Тие ве држат в затвор од две причини — прво, се плашат да не ве убијат Младите пионери, и второ, затоа што проповедате за некоја претстојна војна, се плашат дека војниците ќе ги фати паника и ќе избегаат“.

Браќата ги водат в затвор по нивното судење

Во октомври 1984 год., сите требаше да излеземе на суд. Секој од нас доби по две години казна затвор. Како и пред тоа, во затворот нѐ ставија со луѓе кои не беа Сведоци. Но, управникот им рече на сите: „Јеховините сведоци не пушат. Затоа, чувари, не барајте од нив цигари и не праќајте ги да ви носат парче  вжарен јаглен за да ви запалат цигара. Тие се Божји луѓе! Сите Јеховини сведоци треба да добиваат храна два пати дневно, бидејќи не се затворени поради кривично дело, туку поради своите верувања кои се темелат на Библијата“.

Тоа што бевме на добар глас ни користеше и на други начини. Кога надвор беше темно или врнежливо, на затворениците им беше забрането да излегуваат. Но, ние можевме да излегуваме од зградата во секое време. Чуварите знаеја дека нема да избегаме. Всушност, еднаш, додека работевме на полињата, на еден од нив му се слоши и ние го однесовме во затворската амбуланта. Затворските службеници знаеја дека можат да имаат доверба во нас. Бевме пресреќни што, поради нашето добро однесување, оние што нѐ чуваа в затвор го славеа Јеховиното име! (1. Пет. 2:12). *

ПОВТОРНО „ПОВОЛНО ВРЕМЕ“

На 11 мај 1985 год., бев пуштен од затворот Ѕалека. Колку само бев среќен што повторно можев да бидам заедно со моето семејство! Му благодариме на Јехова што ни помогна да му останеме верни во текот на тоа многу тешко време. Се согласуваме со зборовите на апостол Павле, кој напишал: „Не сакаме, браќа, да не знаете за неволјата што ни се случи... Мислевме дека нема да преживееме. Всушност, мислевме дека нѐ чека смртна пресуда. Тоа се случи за да не се потпираме на себе, туку на Бог, кој ги воскреснува мртвите. Тој нѐ избави од смртната опасност“ (2. Кор. 1:8-10).

Брат Нсомба заедно со својата сопруга, Лидаси, пред една Сала на Јеховините сведоци (2004)

Се разбира, имаше моменти кога мислевме дека нема да преживееме. Но, секогаш го молевме Јехова да ни помага да бидеме храбри, мудри и понизни за да продолжиме да го славиме неговото величествено име.

Јехова нѐ благословуваше додека му служевме и „во поволно време и во тешко време“. Пресреќни сме што од 2000 год. имаме прекрасен нов Бетел во Лилонгве, и што на целата територија на Малави досега се изградени над 1.000 нови Сали! Кога размислуваме за сите овие благослови од Јехова, јас и Лидаси сме толку воодушевени што ни се чини дека тоа е само сон! *

^ пас. 7 Денес, браќата кои имаат малолетни деца не можат да служат во патувачкото дело.

^ пас. 30 Повеќе информации во врска со прогонството во Малави има во Годишникот на Јеховините сведоци за 1999, страници 171-223 (срп.).

^ пас. 34 Додека оваа животна приказна се подготвуваше за печатење, брат Нсомба почина на 83-годишна возраст.