Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2015

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Се посветивме на нешто поважно од балетот

Се посветивме на нешто поважно од балетот

ЈАС и Гвен почнавме да учиме да танцуваме кога имавме пет години. Но, тогаш сѐ уште не се знаевме. Сепак, со текот на времето, и двајцата одлучивме да се посветиме на балетот. Кога бевме речиси на врвот од нашата кариера, се откажавме од сѐ. Зошто донесовме таква одлука?

Дејвид: Роден сум во 1945 год., во областа Шропшир (Англија). Татко ми имаше фарма на село. По часовите имав обичај да ги хранам кокошките и да ги собирам јајцата. Освен тоа, се грижев и за овците и за другата стока. За време на летниот распуст, помагав во жетвата, а понекогаш ги возев и нашите трактори. Навистина уживав во животот на фармата.

Но, постепено почнав да се интересирам и за нешто друго. Татко ми забележал дека уште како многу мал сум сакал да играм секогаш кога ќе сум слушнел музика. Затоа, кога сум имал пет години, тој ѝ предложил на мајка ми да ме запишат во едно танчерско училиште во близина за да научам да степувам. * Мојот учител по танц сметаше дека би можел да станам и балетски танчер, и затоа ми даваше часови и за балет. Кога имав 15 години, добив стипендија за да се запишам во познатото Кралско балетско училиште во Лондон. Таму ја запознав Гвен која ми беше доделена како партнерка за танцување.

Гвен: Јас сум родена во Лондон, во 1944 год. Како мала, многу верував во Бог. Почнав да ја читам Библијата, но ми беше тешко да ја разберам. Пред тоа, кога имав пет години, одев на часови за танцување. Шест години подоцна победив на еден натпревар во кој имаше учесници од цела Британија, а како награда добив можност да се запишам во нижото Кралско балетско училиште. Училиштето беше сместено во Вајт Лоџ, прекрасна палата од георгијанскиот период која се наоѓа во Ричмонд Парк во едно предградие на Лондон. Таму се школував и добив обука од некои од најугледните балетски учители. На 16 години, се запишав во средното Кралско балетско училиште во центарот на Лондон. Таму се запознав со Дејвид. За неколку месеци, учествувавме заедно во балетски претстави во Кралската оперска куќа во Ковент Гарден (Лондон).

Како професионални балетски танчери, настапувавме низ целиот свет

Дејвид: Како што спомна Гвен, почнавме да настапуваме во познатата Кралска оперска куќа заедно со Лондонскиот фестивалски балет (сега познат како Англиски национален балет). Еден од кореографите на Кралскиот балет, кој имаше основано меѓународен ансамбл во Вупертал (Германија), нѐ избра нас двајцата да настапуваме како солисти. Низ годините, танцувавме во различни  театри насекаде во светот и настапувавме со славни балетски танчери како, на пример, Марго Фонтејн и Рудолф Нуреев. Таквиот натпреварувачки живот те тера да си мислиш дека навистина си нешто посебно. Јас и Гвен целосно се посветивме на кариерата.

Гвен: Бев посветена на балетот со сета душа. И јас и Дејвид имавме иста цел — да стигнеме до врвот. Уживав да давам автограми, да добивам букети и да го слушам аплаузот на публиката. Но, во светот на уметноста, бев опкружена со луѓе кои пушеа, пиеја и вршеа неморал. Освен тоа, како и други во оваа професија, секогаш си носев амајлии за среќа.

НАШИОТ ЖИВОТ СЕ МЕНУВА ОД КОРЕН

На денот на нашата венчавка

Дејвид: Како танчери, моравме постојано да патуваме. Но, по неколку години ми се смачи од таквиот живот. Бидејќи израснав на фарма, почнав да копнеам по едноставниот живот на село. Затоа, во 1967 год. ја прекинав кариерата и почнав да работам на една голема фарма близу до куќата на моите родители, каде што газдата ми изнајми една куќарка. Потоа ѝ се јавив на Гвен и ја запросив. Не ѝ беше лесно да донесе одлука бидејќи во меѓувреме таа почна да настапува како соло балерина и нејзината кариера беше во подем. Сепак, се согласи да се омажи за мене и дојде да живее на село. Ваквиот начин на живот ѝ беше потполно непознат.

Гвен: Навистина ми беше тешко да се навикнам да живеам на село. На фармата морав да молзам крави и да хранам прасиња и кокошки на секакви временски услови. Тоа немаше ништо заедничко со мојот поранешен живот. Во меѓувреме, Дејвид се запиша на деветмесечен курс за земјоделство за да биде во тек со најновите методи. Се чувствував осамено бидејќи тој се враќаше доцна навечер. Дотогаш ни се роди првата ќерка, Џили. Еден ден, додека со колата бев во соседниот град, ја сретнав Гејл. Со неа се знаевме од порано бидејќи таа работеше во една тамошна продавница.

Првите години од нашиот брачен живот на фармата

Гејл ме покани кај неа на чај. Додека ми покажуваше слики од нејзината свадба, на една од нив видов група луѓе кои стоеја пред една градба на која имаше натпис „Сала на Царството“. Ја прашав каква е таа црква. Многу се израдував кога дознав дека Гејл и нејзиниот сопруг се Јеховини сведоци бидејќи и една моја тетка беше Сведок. Но, од дете ми остана во сеќавање дека тоа многу го нервираше татко ми и дека тој ѝ ја фрлаше литературата во кантата за ѓубре. Ми беше чудно што татко ми толку се гневеше на таа мила жена, иако по природа беше љубезен човек.

 Конечно имав прилика да дознаам во што се разликуваа верувањата на тетка ми од учењата на црквата. Гејл ми покажа што, всушност, вели Библијата. Се зачудив кога дознав дека многу црковни доктрини, како што се тројството и бесмртноста на душата, не се во склад со Библијата (Проп. 9:5, 10; Јован 14:28; 17:3). Исто така, во неа за првпат го видов Божјето име, Јехова (2. Мој. 6:3).

Дејвид: Гвен ми раскажуваше за она што го учеше. Се сеќавам дека, кога бев мал, татко ми ми велеше дека треба да ја читам Библијата. Затоа, јас и Гвен се согласивме да проучуваме со Гејл и со нејзиниот сопруг, Дерик. По шест месеци, се преселивме во Освестри, место во истата област Шропшир, бидејќи таму имавме можност да земеме под наем своја фарма. Продолживме да ја проучуваме Библијата со Деидре, една сестра од тамошното собрание. Таа стрпливо нѐ поучуваше иако нашиот напредок во почетокот беше бавен. Бевме многу зафатени со грижата околу стоката. Сепак, вистината постепено пушти корен во нашите срца.

Гвен: Суеверието беше голема пречка за мене. Стихот од Исаија 65:11 ми помогна да сфатам како гледа Јехова на ‚оние што му поставуваат трпеза на богот на Среќата‘. После долго време и многу молитви успеав да се ослободам од моите амајлии. Исто така, кога од Библијата дознав дека оној што „се возвишува, ќе биде понижен“, а оној што „се понизува, ќе биде возвишен“, сфатив какви личности му се допаѓаат на Јехова (Мат. 23:12). Копнеев да му служам на Богот кој толку нѐ сакал што го дал својот најмил Син како откупнина за нас. Во тоа време ни се роди уште една ќерка, и бевме пресреќни кога дознавме дека нашето семејство може да живее засекогаш во рајот на Земјата.

Дејвид: Се уверив дека ова е вистината кога дознав на каков неверојатен начин се исполнуваат библиските пророштва како, на пример, оние во Матеј 24. поглавје и во книгата Даниел. Сфатив дека најважно од сѐ во овој свет е човек да има добар однос со Јехова. Со текот на времето престанав да си поставувам превисоки цели. Ми стана јасно дека жена ми и ќерките се исто толку важни колку и јас. Стихот од Филипјаните 2:4 ме увери дека не треба да мислам само на себеси и на мојата желба за поголема фарма. Наместо тоа, сфатив дека најважно од сѐ е да му служам на Јехова. Прекинав и со пушењето. Не ни беше лесно да ги завршуваме сите обврски за да одиме на состаноците кои се одржуваа секоја сабота навечер на 10 километри од нашата фарма. Проблемот беше што во истото време требаше да се молзат кравите. Сепак, Гвен многу ми помагаше, и никогаш не пропуштивме состанок. Освен тоа, секоја недела наутро ги земавме девојчињата со нас во служба, се разбира, откако ќе ги измолзевме кравите!

На нашите најблиски не им се допадна нашата одлука да му служиме на Јехова. Татко ѝ на Гвен не зборуваше со неа цели шест години. А и моите родители се обидоа да нѐ спречат да контактираме со Сведоците.

 Гвен: Јехова ни даде сила да ги издржиме тие притисоци. Со текот на времето, браќата и сестрите од собранието во Освестри ни станаа како ново семејство. Тие ни беа вистинска поддршка во време на неволја (Лука 18:29, 30). Во 1972 год. се крстивме како Јеховини сведоци. Бидејќи сакав да им помогнам на што е можно повеќе луѓе да ја дознаат вистината, почнав да служам како пионер.

НЕШТО ПОВАЖНО ОД ТАНЦУВАЊЕТО

Дејвид: Иако работата на фармата беше многу напорна, се трудевме на нашите ќерки да им дадеме добар пример во духовен поглед. По некое време, моравме да се откажеме од фармата бидејќи владата ни ја скрати финансиската помош што ни ја даваше. Останавме без куќа, без работа, а нашата трета ќерка имаше само една година. Го молевме Јехова да ни помогне и да ни даде водство. Одлучивме да го искористиме нашиот талент и да отвориме танчерско студио за да го издржуваме семејството. Јехова нѐ благослови затоа што бевме решени да ги ставиме духовните работи на прво место. Бевме пресреќни кога нашите три ќерки почнаа да служат како пионери откако завршија со школувањето. Бидејќи и Гвен беше пионер, можеше секојдневно да ги поддржува во службата.

Откако постарите две ќерки, Џили и Дениз, се омажија, го затворивме танчерското студио. Потоа ја известивме подружницата дека се ставаме на располагање да служиме онаму каде што има поголема потреба. Тие ни предложија неколку гратчиња во југоисточниот дел на Англија. Бидејќи со нас остана само една од ќерките, Деби, и јас почнав да служам како пионер. Пет години подоцна бевме замолени да им помогнеме на неколку други собранија на север. Откако се омажи и Деби, 10 години учествувавме во меѓународната програма за изградба во Зимбабве, Молдавија, Унгарија и Брегот на Слоновата коска. Потоа се вративме во Англија за да работиме на изградбата на Бетелот во Лондон. Бидејќи имав искуство со работење на фарма, бев замолен да помагам на тогашната бетелска фарма. Во моментов служиме како пионери во северозападниот дел на Англија.

Многу бевме радосни што можевме да учествуваме во меѓународните проекти за изградба

Гвен: Радоста што ни ја носеше балетот беше минлива, но радоста што ни ја причинува службата за Јехова е трајна и неизмерна. Јас и Дејвид сѐ уште сме партнери, но не во балетот, туку во пионерската служба. Пресреќни сме што можеме да им помагаме на многу луѓе да ги дознаат скапоцените, животоважни вистини од Библијата. Тие „писма со препораки“ се подобри од каква и да било слава што можевме да ја стекнеме во светот (2. Кор. 3:1, 2). Ако не ја дознаевме вистината, сега ќе имавме само спомени, стари фотографии и пожолтени театарски програми од нашите настапи.

Дејвид: Тоа што решивме да се посветиме на службата за Јехова изврши силно влијание врз нашиот живот. Мене ми помогна да станам подобар сопруг и татко. Во Библијата читаме дека Маријам, цар Давид и други ја изразувале својата радост со играње. Затоа, заедно со многу други, едвај чекаме со радосни срца да танцуваме во Јеховиниот нов свет (2. Мој. 15:20; 2. Сам. 6:14).

^ пас. 6 Степувањето е еден вид танц во кој танчерот носи посебни чевли и изведува ритмичко удирање со петиците и прстите.