Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2015

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во минатото, во нашите публикации честопати се зборуваше за пророчки претслики и за нивното исполнување. Но, во последниве неколку години тоа не е случај. Зошто?

Во Стражарска кула од 15 септември 1950 год., беше објаснето дека понекогаш некоја личност, настан или некоја друга работа спомната во Библијата претставува пророчка претслика, односно сенка на нешто што ќе се исполни во иднина.

Пред многу години, во нашата литература пишуваше дека некои верни мажи и жени како што биле Девора, Елиу, Јефтај, Јов, Раав и Ревека, а и многу други, всушност, биле пророчки претслики за помазаниците или за ‚големото мноштво‘ (Отк. 7:9). На пример, се сметаше дека Јефтај, Јов и Ревека ги симболизираат помазаниците, а Девора и Раав ‚големото мноштво‘. Меѓутоа, во последниве години, не правиме такви споредби. Зошто?

ПРОРОЧКА ПРЕТСЛИКА

Пасхалното јагне кое се жртвувало во древниот Израел било пророчка претслика (4. Мој. 9:2).

ИСПОЛНУВАЊЕ

Павле рекол дека Христос е „нашата пасхална жртва“ (1. Кор. 5:7).

Библијата покажува дека некои библиски личности навистина биле пророчки претслики. На пример, во Галатите 4:21-31, апостол Павле спомнал еден настан кој имал „преносно значење“. Во него биле вклучени две жени. Едната од нив, Агара, која му била робинка на Авраам, го претставувала израелскиот народ, со кого Јехова склучил сојуз преку Мојсеевиот закон. Но другата, Сара — „слободната жена“ — ја симболизирала Божјата жена, односно небесниот дел од Неговата организација. Во своето послание до Евреите, Павле го споредил Мелхиседек — кој бил цар и свештеник — со Исус, и спомнал некои сличности помеѓу нив (Евр. 6:20; 7:1-3). Исто така, Павле ги споредил Исаија и неговите синови со Исус и неговите помазани следбеници (Евр. 2:13, 14). Бидејќи овој апостол пишувал под водство на светиот дух, може да бидеме сигурни дека она што го напишал во врска со симболичното значење е точно.

Сепак, дури и кога Библијата кажува дека некоја личност е претслика за некој друг, не  треба да заклучиме дека има симболика во секој детаљ или во секој настан од животот на таа личност. На пример, Павле рекол дека Мелхиседек го претставува Исус. Но, не кажал ништо за приликата кога Мелхиседек изнел леб и вино пред Авраам за да закрепне по битката во која поразил четири цареви. Според тоа, немаме библиска основа да заклучиме дека овој настан има некакво скриено значење (1. Мој. 14:1, 18).

Некои писатели кои живееле во вековите по Христовата смрт направиле сериозна грешка со тоа што барале симболика во речиси секој библиски извештај. Во врска со учењата на Ориген, Амбросиј и Ероним, една енциклопедија вели: „Тие барале симболика и во најбезначајниот настан или случка запишани во Библијата и, се разбира, ја наоѓале. Сметале дека дури и најобичните и секојдневни работи кријат во себе некоја длабока вистина... како, на пример, бројот на рибите што ги фатиле апостолите утрото кога им се појавил воскреснатиот Спасител. Колкав труд вложиле некои да го откријат значењето на тој број — 153!“ (The International Standard Bible Encyclopaedia).

Августин Хипонски пишувал многу за симболичното значење на библискиот извештај според кој Исус нахранил 5.000 мажи со пет јачменови леба и две риби. Бидејќи се сметало дека јачменот има послаб квалитет од пченицата, Августин заклучил дека петте леба сигурно ги претставуваат петте Мојсееви книги кои, како дел од „Стариот завет“, според него имале помала важност од „Новиот завет“. Исто така, тој напишал дека двете риби биле симболи за цар и за свештеник. Еден друг изучувач објаснил дека тоа што Јаков го купил правото на првородство од својот брат Исав за една чинија црвена леќа укажувало на тоа дека Исус платил со својата црвена крв за луѓето да можат да добијат небесно наследство!

Ако овие објаснувања ти изгледаат претерани и нереални, тогаш сигурно сфаќаш во што е проблемот. Луѓето не можат да знаат кој библиски извештај е пророчка претслика, а кој не. Затоа, најмудро би било секогаш кога Библијата вели дека некоја личност, настан или друга работа е претслика за нешто друго, да го прифатиме тоа објаснување. Меѓутоа, не треба да му придаваме симболично значење на некој библиски извештај кога нема библиска основа за тоа.

Тогаш, како може да извлечеме корист од настаните и примерите кои се спомнати во Библијата? Апостол Павле напишал: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Тој сакал да каже дека неговите помазани браќа во првиот век можеле да научат многу од настаните за кои се зборува во Библијата. Но, оттогаш наваму, сите христијани, вклучувајќи ги и ‚другите овци‘, извлекле поука од ‚сето она што било некогаш напишано‘ (Јован 10:16; 2. Тим. 3:1).

Според тоа, повеќето библиски извештаи не се однесуваат само на помазаниците, само на ‚другите овци‘ или само на христијаните во одреден период од историјата. На пример, страдањето на Јов не го претставува само страдањето што го претрпеле помазаниците во Втората светска војна. Многу Божји слуги — и мажи и жени, и помазаници и од ‚другите овци‘ — страдале како Јов и извлекле поука од извештајот за него. Сите тие ‚виделе до каков исход Јехова го довел неговото искушение — виделе дека Јехова е полн со сочувство и милосрден‘ (Јак. 5:11).

Денес во нашите собранија има постари сестри кои се верни како Девора, и млади старешини кои се мудри како Елиу. Исто така, има пионери кои се ревносни и храбри како Јефтај, а и верни браќа и сестри кои се истрајни како Јов. Колку сме благодарни што Јехова го зачувал за нас ‚сето она што било некогаш напишано за преку утехата од Писмата да имаме надеж‘!

Од овие причини, во последниве неколку години не се обидуваме во секој библиски извештај да најдеме симболика или некое поголемо исполнување во иднина. Наместо тоа, во нашите публикации главно се нагласуваат поуките што може да ги извлечеме од Библијата.