Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2015

,Мажете се само во Господарот‘ — дали ова начело е применливо денес?

,Мажете се само во Господарот‘ — дали ова начело е применливо денес?

„Не можам да си најдам брачен партнер меѓу соверниците, а не сакам цел живот да останам сама.“

„Некои мажи во светот се љубезни, пријатни и обѕирни. Тие немаат ништо против мојата религија, а поинтересни се од некои браќа.“

Ова го велат некои христијани кои не се во брак. Сепак, тие се свесни дека Јехова сака неговите слуги да се мажат и да се женат „само во Господарот“, односно да стапуваат во брак само со соверници (1. Кор. 7:39). Тогаш, зошто некои се сомневаат дека можат да си најдат брачен другар меѓу сохристијаните?

ЗОШТО СЕ ЗАГРИЖЕНИ

Оние што даваат вакви изјави можеби се загрижени затоа што си мислат дека има повеќе немажени сестри отколку неженети браќа. Во многу земји навистина е така. На пример, во Кореја, 57 отсто од Сведоците кои не се во брак се сестри, а 43 отсто се браќа. Во Колумбија, 66 отсто од Сведоците се сестри, а 34 отсто се браќа.

Во некои земји, родителите кои не се во вистината понекогаш бараат голем мираз за невестата, и затоа на браќата кои имаат скромни приходи им е потешко да се оженат. Како резултат на тоа, некоја сестра може да си мисли дека има многу мали шанси да се омажи „во Господарот“. Можеби се прашува: „Дали навистина е можно да си најдам соодветен брачен другар меѓу сохристијаните?“ *

ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА Е НЕОПХОДНА

Ако и тебе те измачуваат вакви мисли, биди уверена дека Бог е свесен за твојата ситуација. Тој навистина разбира како се чувствуваш (2. Лет. 6:29, 30).

Сепак, Јехова јасно кажал во својата Реч дека вистинските христијани треба да стапуваат во брак само во Господарот. Зошто? Бидејќи тој знае што е најдобро за нас и сака да нѐ заштити.  Бог не сака да донесеме лоши одлуки што ќе ни причинат болка, туку сака да бидеме среќни. Во времето на Неемија, многу Евреи стапувале во брак со туѓинки кои не му служеле на Бог. Затоа Неемија им го посочил лошиот пример на Соломон. Иако Бог го сакал овој цар, туѓинките го навеле на грев (Неем. 13:23-26). Јехова ги советува своите денешни слуги да стапуваат во брак само со соверници бидејќи тоа е за нивно добро (Пс. 19:7-10; Иса. 48:17, 18). Вистинските христијани се благодарни затоа што Бог со љубов се грижи за нив и се потпираат на неговото мудро водство. Со тоа што му се послушни, тие покажуваат дека Тој е нивниот Севишен Владетел (Изр. 1:5).

Ти сигурно не би сакал да ‚се впрегнеш во нееднаков јарем‘ со некој што би можел да те оддалечи од Јехова (2. Кор. 6:14). Многу христијани денес се послушни на Божјите мудри совети, и сфаќаат дека тие им служат како заштита. За жал, некои решиле да не ги послушаат.

ОВА НАЧЕЛО СЀ УШТЕ Е ПРИМЕНЛИВО

Меги, * една сестра од Австралија, објаснува што се случило кога почнала да излегува со дечко кој не бил Сведок: „Пропуштив многу состаноци само за да бидам со него. За кратко време, многу ослабнав во духовен поглед“. Ратана од Индија се вљубила во соученик кој почнал да ја проучува Библијата. Но, по некое време покажал дека го сторил тоа само за да има врска со неа. На крајот, таа престанала да му служи на Јехова и ја сменила религијата за да се омажи за тоа момче.

Нденге од Камерун имала 19 години кога се омажила за човек кој не бил Сведок. Пред да се земат, тој ѝ ветил дека нема да ја спречува да му служи на Јехова. Но, две седмици по венчавката, ѝ забранил да оди на христијанските состаноци. Таа вели: „Постојано плачев и се чувствував осамено. Сфатив дека повеќе немав контрола над мојот живот. Секојдневно ме измачуваше грижа на совеста“.

Се разбира, не може да се каже дека сите сопружници кои не му служат на Јехова се сурови и неразумни. Некои се добри и обѕирни иако не се во вистината. Сепак, ако се омажиш за некој што не му служи на Бог, како таквата одлука ќе влијае врз твоето пријателство со Јехова? Како ќе се чувствуваш затоа што не си го послушала советот што тој ти го дал за твое добро? И, најважно од сѐ, како ќе се чувствува Јехова поради твојата одлука? (Изр. 1:33).

Голем број браќа и сестри низ целиот свет од лично искуство знаат дека е најдобро да се стапи во брак „само во Господарот“. Оние што не се мажени или женети се решени да го радуваат Јехова со тоа што ќе си бараат брачен другар само меѓу неговите слуги. Да разгледаме накратко со какви притисоци се соочувала Мичико од Јапонија. Роднините се обидувале да ја убедат да се омажи за некого кој не е во вистината. Освен тоа, не ѝ било лесно да гледа како некои нејзини пријателки стапуваат во брак со сохристијани, а таа останува сама. Мичико вели: „Постојано си велев дека, штом Јехова е ‚среќниот Бог‘, нашата среќа сигурно не зависи од тоа дали сме во брак. Уверена сум дека тој ги зема во обѕир и нашите желби. Затоа, ако сакаме да стапиме во брак а не можеме да си најдеме соодветен брачен другар, најдобро е некое време да останеме сами“ (1. Тим. 1:11). На крајот, Мичико се омажила за еден добар брат, и среќна е што била спремна да чека.

И некои браќа стрпливо чекале додека не ја нашле вистинската личност. Еден таков брат е Бил од Австралија. Тој признава дека понекогаш му се допаѓале некои девојки што не биле Сведоци. Сепак, внимавал да не се зближи премногу со нив. Зошто? Затоа што знаел дека ова би бил првиот чекор што би водел до тоа да ‚се впрегне во нееднаков јарем со неверник‘. Низ годините, тој бил заинтересиран за неколку сестри, но тие не покажале интерес за него. Овој брат чекал 30 години додека не сретнал сестра која навистина му одговара. Тој вели: „Воопшто не жалам што чекав. Заедно одиме во служба и заедно проучуваме, и тоа за мене е вистински благослов. Се радувам што пријателите на жена ми станаа и мои пријатели, и што сите заедно му служиме на Јехова. Најважно  од сѐ, секогаш се трудиме во бракот да ги применуваме библиските начела“.

ДОДЕКА ЧЕКАМЕ НА ЈЕХОВА

Што можеш да правиш додека чекаш да ја најдеш вистинската личност? Добро е да размислиш зошто сѐ уште не си во брак. Ако сметаш дека главната причина е тоа што сакаш да ја послушаш библиската заповед да стапиш во брак „само во Господарот“, тогаш си за пофалба. Јехова многу се радува кога гледа дека сме решени да му бидеме послушни (1. Сам. 15:22; Изр. 27:11). Продолжи да му ‚го излеваш срцето‘ во молитва (Пс. 62:8). Ако го молиш искрено и непрестајно, уште повеќе ќе се зближиш со него. Додека даваш сѐ од себе да се бориш со притисоците и со погрешните желби, твојот однос со Јехова од ден на ден ќе станува сѐ поцврст. Секогаш имај на ум дека Севишниот се грижи за сите свои верни слуги и дека секој од нив е скапоцен за него. Бог ги разбира твоите потреби, но и твоите желби. Точно, тој никому не му ветува брачен партнер. Сепак, ако навистина ти е потребен животен сопатник, Јехова знае како може да ги задоволи твоите исправни желби на најдобар начин (Пс. 145:16; Мат. 6:32).

Понекогаш можеби се чувствуваш како псалмистот Давид, кој рекол: „Поитај, услиши ме, Јехова!.. Не свртувај го своето лице од мене“ (Пс. 143:5-7, 10). Кога ќе те обземат такви чувства, дозволи му на својот небесен Татко да ти покаже што е најдобро за тебе. Слушај го така што ќе ја читаш Библијата и длабоко ќе размислуваш за она што го читаш. Тоа ќе ти помогне да сфатиш што очекува Јехова од тебе и како им помагал на своите слуги во минатото. Исто така, уште повеќе ќе те увери дека е мудро и понатаму да го слушаш.

Оние што не се во брак се скапоцени членови на собранието, и често им помагаат на семејствата и на младите

Што друго можеш да правиш за да водиш среќен и исполнет живот додека не стапиш во брак? Можеш да го користиш времето за да го зајакнеш својот однос со Јехова, да му ја покажеш својата оддаденост и да стекнеш добар глас. Освен тоа, можеш да развиеш скапоцени особини како што се дарежливоста, трудољубивоста и соработливоста, кои се неопходни за среќен брак (1. Мој. 24:16-21; Рут 1:16, 17; 2:6, 7, 11; Изр. 31:10-27). Барај го најнапред Царството така што со сета душа ќе учествуваш во проповедањето и во другите христијански активности. Сето тоа ќе те заштити да не донесеш погрешни одлуки. Бил, кој беше спомнат погоре, го вели следново за периодот пред да стапи во брак: „Годините просто летнаа! Го искористив времето да му служам на Јехова како пионер“.

Значи, начелото да стапуваме во брак „само во Господарот“ сѐ уште е применливо. Ако ја слушаш таа заповед, ќе го прославиш Бог и ќе бидеш среќен. Библијата вели: „Среќен е човекот што се бои од Јехова и вистински ужива во неговите заповеди. Вредни работи и богатство има во неговата куќа, неговата праведност останува засекогаш“ (Пс. 112:1, 3). Затоа, да бидеме решени да ја послушаме Божјата заповед да стапуваме во брак „само во Господарот“.

^ пас. 7 Во оваа статија, ќе се осврнеме на темата од гледна точка на сестрите. Но, истите начела важат и за браќата.

^ пас. 13 Некои имиња се сменети.