Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2015

„Ти сакаше да биде така“

„Ти сакаше да биде така“

„Татко... си го скрил ова од мудрите и паметните, а си им го открил на малите деца!“ (ЛУКА 10:21)

1. Зошто Исус бил исполнет со радост? (Види ја сликата погоре.)

МОЖЕШ ли да си замислиш како изгледал Исус Христос во една прилика кога светиот дух ‚го исполнил со радост‘? Веројатно очите му светнале од возбуда, а на лицето му се разлеала широка насмевка. Зошто бил толку радосен? Некое време пред тоа, Исус испратил 70 свои ученици да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Тој со нетрпение очекувал да чуе како тие ја извршиле својата задача бидејќи многу моќни непријатели ѝ се противеле на неговата порака. Меѓу овие противници спаѓале книжниците и фарисеите, кои биле интелигентни и високообразовани. Тие сакале другите да гледаат со потценување на Исус и да го сметаат за обичен дрводелец (Мар. 6:3). А ги омаловажувале и неговите ученици, сметајќи ги за „неуки и обични“ (Дела 4:13). И покрај тоа, учениците се вратиле кај Исус возбудени и радосни. Тие проповедале иако наишле на противење, дури и од страна на демоните! На што се должела нивната радост и смелост? (Прочитај Лука 10:1, 17-21.)

2. а) Во која смисла Христовите ученици биле како деца? б) Што им помогнало на Христовите следбеници да ги разберат длабоките библиски вистини?

2 Забележи што му рекол Исус во молитва на Јехова: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто  ова си го скрил од мудрите и умните, а си им го открил на малите деца. Да, Татко, зашто ти сакаше да биде така“ (Мат. 11:25, 26). Се разбира, Исус не сакал да каже дека неговите ученици се мали деца во буквална смисла на зборот. Наместо тоа, тој знаел дека, во споредба со високообразованите книжници и фарисеи кои себеси се сметале за мудри, учениците личеле на деца бидејќи останале понизни и биле спремни да учат од него (Мат. 18:1-4). Затоа што биле понизни, Јехова им помогнал преку својот свет дух да ги разберат длабоките библиски вистини. За разлика од нив, гордите верски водачи останале заслепени од Сатана и од својата сопствена гордост.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ништо чудно што Исус бил толку радосен! Тој бил среќен што гледал како Јехова им ги открива длабоките библиски вистини на понизните луѓе, без оглед на нивниот интелект или образование. Бог го одобрува таквиот начин на поучување, а Тој не се менува. Како Јехова покажува дека сѐ уште сака луѓето да бидат поучувани на истиот начин? Во оваа статија ќе видиме како тој им ги открива длабоките библиски вистини на понизните лица денес.

СИТЕ МОЖАТ ДА ГИ РАЗБЕРАТ ДЛАБОКИТЕ ВИСТИНИ

4. Зошто може да се каже дека поедноставеното издание на Стражарска кула е прекрасен дар?

4 Во последниве години, Јеховината организација се труди да нѐ поучува на сѐ појасен и поедноставен начин. Да разгледаме три примери. Прво, почна да излегува поедноставено издание на Стражарска кула. * Тоа беше вистински дар за сите оние на кои не им е лесно да читаат или не го разбираат добро јазикот. Семејните поглавари увидоа дека, благодарение на ова издание, нивните деца сега извлекуваат поголема корист од проучувањето на Стражарска кула. Мнозина напишаа писма до Водечкото тело во кои го изразија своето големо ценење. Една сестра напиша дека порано ѝ било тешко да коментира на Проучувањето на Стражарска кула. Таа вели: „Бев само пасивен набљудувач“. Но, повеќе не е така! Откако почнала да го користи поедноставеното издание, оваа сестра напиша: „Сега коментирам по неколку пати, и не чувствувам никаков страв! Му благодарам и на Јехова и вам.“

5. Кои предности ги има ревидираното издание на Светото писмо — превод Нов свет?

5 Второ, на годишниот состанок кој се одржа на 5 октомври 2013 год., излезе и ревидирано англиско издание на Светото писмо — превод Нов свет. * Иако многу стихови сега содржат помалку зборови, смислата е иста, па дури и појасна. На пример, стихот од Јов 10:1, кој порано содржеше 27 збора, сега има 19, а Изреки 8:6 сега содржи 13 збора за разлика од порано кога имаше 20. И двата стиха се појасни во новото издание. Всушност, еден помазан брат кој со години верно му служи на Јехова, изјавил: „Штотуку ја прочитав книгата Јов од новото издание, и имам чувство дека ја разбрав за првпат во животот!“ И многу други кажале нешто слично.

6. Што мислиш за појаснувањето кое го добивме за Матеј 24:45-47?

6 Трето, размисли и за некои појаснувања во разбирањето што ги добивме во последно време. На пример, многу се радувавме што во Стражарска кула  од 15 јули 2013 беше дадено појаснето разбирање за тоа кој е „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Во тој број пишуваше дека верниот роб е Водечкото тело, и дека „слугите“ се сите оние што добиваат духовна храна, сеедно дали се помазаници или „други овци“ (Јован 10:16). Колку сме среќни што ги дознаваме таквите вистини и што можеме да им ги пренесуваме на заинтересираните! На кои други начини Јехова покажа дека сака нашето поучување да биде јасно и едноставно?

ПОЕДНОСТАВНО ОБЈАСНУВАЊЕ НА БИБЛИСКИТЕ ИЗВЕШТАИ

7, 8. Наведи некои пророчки претслики кои се спомнати во Библијата.

7 Ако со децении му служиш на Јехова, веројатно си забележал дека во нашите публикации низ годините имаше промена во начинот на кој се објаснуваат многу библиски извештаи. Во кој поглед? Во минатото, обично се сметаше дека повеќето работи за кои се зборува во Библијата се пророчка претслика за нешто друго што ќе се исполни во иднина. Дали има библиска основа да се објаснуваат извештаите на ваков начин? Да. На пример, Исус го спомнал „знакот на пророкот Јона“. (Прочитај Матеј 12:39, 40.) Тој објаснил дека времето што Јона го поминал во утробата на рибата — која ќе станела негов гроб доколку Јехова не го спасел — го претставува времето што самиот Исус требало да го помине во гробот.

8 Библијата содржи и други пророчки претслики. Апостол Павле зборувал за некои од нив. На пример, односот меѓу Авраам и Агара го претставува сојузот меѓу Јехова и родените Израелци, а односот меѓу Авраам и Сара укажува на симболичната сопружничка врска меѓу Јехова и небесниот дел од неговата организација (Гал. 4:22-26). На сличен начин, светиот шатор и храмот, Денот на очистувањето, првосвештеникот, како и други обележја на Мојсеевиот закон, биле „сенка на идните благослови“ (Евр. 9:23-25; 10:1). Нашата вера многу се зајакнува кога ги проучуваме овие библиски извештаи и нивното значење. Но, дали треба да заклучиме дека секоја личност, настан или работа за која зборува Библијата претставува пророчка претслика за некого или за нешто?

9. Како порано беше објаснет библискиот извештај за Навутеј?

9 Во минатото честопати сметавме дека е така. На пример, размисли за извештајот за Навутеј. Злобната царица Језавела наредила тој да биде погубен за да може нејзиниот маж, цар Ахав, да го приграби неговото лозје (1. Цар. 21:1-16). Во 1932 год., беше објаснето дека овој настан е пророчка претслика, и дека Ахав и Језавела ги претставуваат Сатана и неговата организација, дека Навутеј го претставува Исус, а дека смртта на Навутеј пророчки укажува на погубувањето на Исус. Но, со децении подоцна, во книгата „Да се свети името твое“, * која излезе во 1961 год., беше кажано дека Навутеј ги претставува помазаниците, а Језавела христијанскиот свет. Во склад со тоа, се сметаше дека неволјите што му ги предизвикала Језавела на Навутеј го претставуваат прогонството на помазаниците во последните денови. Со години, овие објаснувања ја зајакнуваа верата на Божјиот народ. Тогаш, зошто денес ги објаснуваме работите на поинаков начин?

10. а) Во кој поглед верниот роб е повнимателен кога објаснува одредени библиски извештаи? б) Што најмногу се истакнува во нашите публикации денес?

10 Низ годините, Јехова му помогнал  на „верниот и разборит роб“ да стане уште поразборит. Во кој поглед? Сега верниот роб повеќе внимава пред да каже дека некој библиски извештај е претслика за нешто друго, и го објаснува на таков начин само кога има јасна библиска основа за тоа. Исто така, некои постари објаснувања во врска со ваквите претслики потешко можат да се разберат, да се запомнат и да се применат. Што е уште поважно, кога се става преголем акцент на можното поголемо исполнување на библиските извештаи, се губат од вид практичните поуки. Затоа, денес во нашите публикации главно се истакнуваат едноставни и корисни библиски поуки за верата, истрајноста, оддаденоста кон Бог и за други скапоцени особини. *

Примерот на Навутеј содржи силна поука за нас (Види во пасус 11)

11. а) Како денес го разбираме извештајот за Навутеј, и зошто тој Божји слуга е одличен пример за нас? б) Зошто во последно време во нашите публикации ретко се спомнуваат пророчки претслики и нивното исполнување? (Види ја статијата „Прашања од читателите“ во овој број.)

11 Според тоа, како денес го разбираме извештајот за Навутеј? Многу појасно и поедноставно. Овој праведен човек не умрел затоа што бил пророчка претслика за Исус или за помазаниците, туку затоа што му бил верен на Бог. Тој останал послушен на Божјиот закон, иако бил жестоко прогонуван од моќни владетели (4. Мој. 36:7; 1. Цар. 21:3). Навутеј е одличен пример за сите Божји слуги кои можеби денес се соочуваат со слично прогонство. (Прочитај 2. Тимотеј 3:12.) Сите христијани можат да ја разберат, да ја запамтат и да ја применат поуката од неговиот пример, и со тоа да ја зајакнат својата вера.

12. а) Што не треба да заклучиме во врска со библиските извештаи? б) Зошто можеме јасно да ги разбереме дури и „Божјите длабочини“? (Види ја фуснотата.)

12 Дали според ова треба да заклучиме дека библиските извештаи содржат само практични поуки и немаат никакво друго значење? Не. Сепак, денес во нашите публикации тие многу поретко се објаснуваат од гледна точка  на пророчки претслики. Наместо тоа, обично се вели дека нешто што е запишано во Библијата нѐ потсетува или укажува на нешто друго. На пример, тоа што Навутеј останал верен до смрт кога се соочил со прогонство нѐ потсетува на верноста на Христос и на неговите помазаници. Но, нѐ потсетува и на верноста на многумина од ‚другите овци‘. Ваквото едноставно објаснување е во склад со начинот на кој поучува Јехова. *

ПОЕДНОСТАВНО ОБЈАСНУВАЊЕ НА СПОРЕДБИТЕ НА ИСУС

13. Кои примери покажуваат дека денес некои споредби на Исус ги објаснуваме на поедноставен начин?

13 Исус Христос бил најголемиот Учител кој некогаш живеел на Земјата. Тој многу сакал да поучува користејќи споредби (Мат. 13:34). Споредбите создаваат живи слики во умот и допираат до срцето на слушателите. Низ годините, во нашата литература споредбите на Исус се објаснуваа на сѐ поедноставен начин. На пример, Стражарска кула од 15 јули 2008 год., ни помогна појасно да ги разбереме неговите споредби за квасецот, за синаповото зрно и за мрежата. Сега сфаќаме дека тие се однесуваат на Божјето Царство, кое им помогнало на огромен број луѓе да го отфрлат овој злобен свет и да станат Христови ученици.

14. а) Како порано ја објаснувавме споредбата за милосрдниот Самарјанин? б) Како ја разбираме оваа споредба денес?

14 А како треба да ги разбереме приказните, односно споредбите на Исус кои содржат повеќе детали? Се разбира, некои од нив имаат симболично или пророчко значење, а други содржат практични поуки. Но, од каде да знаеме кои се симболични, а кои не? Одговорот стануваше сѐ појасен со текот на времето. На пример, да разгледаме накратко како порано ја објаснувавме Исусовата споредба за милосрдниот Самарјанин (Лука 10:30-37). Во Стражарска кула од 1924 год. било кажано дека Самарјанинот го претставува Исус, а дека патот од Ерусалим до Ерихон кој водел надолу по ридот ги претставува сѐ полошите услови во кои живее човештвото по гревот на првите луѓе. Исто така, било објаснето дека разбојниците на патот ги претставуваат големите корпорации и нечесните бизнисмени, а дека свештеникот и левитот ги претставуваат црквите на христијанскиот свет. Денес нашата литература ја користи таа споредба за да ги потсети сите христијани дека мора да бидат непристрасни и да му помагаат на секој што има потреба, особено во духовен поглед. Зарем не сме среќни што Јехова сѐ повеќе ни ја разјаснува вистината?

15. Што ќе разгледаме во наредната статија?

15 Во наредната статија ќе ја разгледаме споредбата на Исус за десетте девици (Мат. 25:1-13). Како Исус сакал неговите следбеници во последните денови да ја разберат оваа силна споредба? Дали како пророчка претслика во која секоја работа, личност или настан има симболично значење? Или можеби сакал да им даде практична поука на своите ученици која ќе им помогне во последните денови на овој свет? Да видиме.

^ пас. 4 Поедноставеното издание најпрво почна да излегува на англиски јазик во јули 2011 год. Денес тоа е достапно на уште неколку други јазици.

^ пас. 5 Ревидираното издание почна да излегува и на други јазици.

^ пас. 9 Оваа книга не е објавена на македонски.

^ пас. 10 На пример, книгата Угледајте се на нивната вера содржи детален опис на животот на 14 библиски личности. Но, во неа не е објаснето нивното симболично или пророчко значење. Наместо тоа, вниманието е насочено на практичните поуки.

^ пас. 12 Се разбира, Божјата Реч содржи и работи кои изгледаат „тешко разбирливи“, како што се некои делови од посланијата на Павле. Сепак, сите библиски писатели биле водени од светиот дух. Истиот тој дух им помага и на вистинските христијани денес да ја разберат Библијата, во која спаѓаат „дури и Божјите длабочини“ (2. Пет. 3:16, 17; 1. Кор. 2:10).