Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2015

Дали ќе ‚бдееш‘?

Дали ќе ‚бдееш‘?

„Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (МАТ. 25:13)

1, 2. а) Што открил Исус во врска со последните денови? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

ЗАМИСЛИ СИ го Исус како седи на Маслинската Гора од каде што се гледа храмот во Ерусалим. Заедно со него се четворица негови апостоли — Петар, Андреј, Јаков и Јован. Тие со големо внимание го слушаат додека тој кажува едно многу значајно пророштво кое треба да се исполни во далечна иднина. Тоа пророштво открива што ќе се случи во последните денови на овој злобен свет, кога Исус ќе владее како Цар на Божјето Царство. Тој им кажува дека, во тоа пресудно време, неговиот ‚верен и разборит роб‘ ќе го застапува на Земјата и ќе им дава на неговите следбеници духовна храна во вистинско време (Мат. 24:45-47).

2 Потоа, во истото пророштво, Исус ја раскажува и споредбата за десетте девици. (Прочитај Матеј 25:1-13.) Во оваа статија, ќе ги разгледаме следниве прашања: 1) Која е главната порака на оваа споредба? 2) Како верните помазаници го применуваат советот што Исус го дал во неа, и со каков резултат? 3) Како може секој од нас да извлече корист од оваа споредба денес?

 КОЈА Е ПОРАКАТА НА СПОРЕДБАТА?

3. Како беше порано објаснета споредбата за десетте девици во нашата литература, и како можеби тоа влијаеше врз нас?

3 Во претходната статија видовме дека во последниве години верниот и разборит роб постепено го промени начинот на кој објаснува некои библиски извештаи. Верниот роб сега обрнува поголемо внимание на практичните поуки отколку на можното симболично или пророчко значење. Да ја земеме за пример Исусовата споредба за десетте девици. Порано, во нашата литература беше објаснето дека дури и деталите од оваа споредба, како што се светилките, маслото и садовите, имаат симболично значење. Но, дали можеби ваквиот начин на објаснување ни го одвлече вниманието од едноставната и важна порака на споредбата? Одговорот на ова прашање е многу важен.

4. Во споредбата за десетте девици, од каде знаеме а) кој е младоженецот? б) кои се девиците?

4 Да ја разгледаме главната порака на оваа споредба на Исус. Прво, да видиме кои се главните ликови. Кој е младоженецот? Знаеме дека тоа е Исус, затоа што во една друга прилика самиот тој се споредил со младоженец (Лука 5:34, 35). А кои се девиците? Тие го претставуваат ‚малото стадо‘ од помазани христијани. Од каде го знаеме ова? Па, во споредбата Исус вели дека девиците требало спремно да го чекаат младоженецот со запалени светилки. Забележи дека тој им дал слично упатство и на своите помазани следбеници, кога рекол: „Бедрата нека ви бидат опашани и светилките запалени. И бидете како оние што го чекаат својот господар кога се враќа од свадба“ (Лука 12:32, 35, 36). Исто така, под водство на светиот дух, и апостол Павле и апостол Јован ги споредиле Христовите помазани ученици со чисти девици (2. Кор. 11:2; Отк. 14:4). Според тоа, јасно е дека советот и предупредувањето кои се запишани во Матеј 25:1-13 им се дадени на Христовите помазани следбеници.

5. Како Исус открил во кој временски период се исполнува споредбата за девиците?

5 Она што Исус го кажал на крајот од споредбата ни помага да сфатиме на кој временски период се однесува неговиот совет. Тој рекол: „Стигна младоженецот“ (Мат. 25:10). Во Стражарска кула од 15 јули 2013 год., беше објаснето дека во Исусовото пророштво запишано во Матеј, поглавја 24 и 25, осум пати се спомнува неговото ‚доаѓање‘, односно ‚пристигнување‘. На секое место, во изворниот текст се користат различни облици на истиот грчки глагол — ерхомаи. Секогаш кога го спомнувал своето ‚доаѓање‘, Исус се осврнувал на времето во текот на големата неволја кога ќе дојде да му изрече суд на овој зол свет и да го уништи. Според тоа, може да заклучиме дека оваа споредба се исполнува во последните денови, но дека Исус, „младоженецот“, ќе ‚стигне‘ во големата неволја.

6. Која е главната порака на споредбата за десетте девици?

6 Која е главната порака на оваа споредба? Да се потсетиме на контекстот. Исус претходно зборувал за „верниот и разборит роб“. Овој роб е мала група помазаници кои требало да ги предводат Христовите следбеници во последните денови. Исус ги предупредил овие мажи да му останат верни. А потоа ја кажал споредбата за десетте девици за да ги советува сите помазаници кои ќе живеат во последните денови. Тие морале ‚да бдеат‘ за да не ја изгубат својата небесна награда  (Мат. 25:13). Да ја разгледаме оваа споредба повнимателно и да видиме како помазаниците го примениле советот на Исус.

КАКО ПОМАЗАНИЦИТЕ ГО ПРИМЕНИЛЕ СОВЕТОТ ОД СПОРЕДБАТА?

7, 8. а) Зошто разборитите девици биле спремни за доаѓањето на младоженецот? б) Како помазаниците покажуваат дека се подготвени?

7 Во својата споредба, Исус нагласил дека, за разлика од глупавите девици, разборитите девици биле спремни за доаѓањето на младоженецот. Зошто? Затоа што однапред се подготвиле и останале да го чекаат младоженецот до крај. Во текот на ноќта, сите десет девици требало да бдеат и да чекаат со запалени светилки. За разлика од глупавите девици, петте разборити девици навистина биле подготвени затоа што заедно со светилките си понеле и масло во садови. Слично на разборитите девици од споредбата, дали верните помазани христијани се подготвиле за Христовото доаѓање?

8 Да, помазаниците се подготвени да ја вршат својата служба сѐ до крајот на последните денови. Во симболична смисла, тие уште од почетокот го пресметале трошокот, односно однапред размислиле што ќе биде потребно за да ја извршат задачата што им ја доверил Бог. Јасно им е дека мора да се одречат од материјалните удобности во Сатановиот свет, но спремно ја прават таа жртва. Тие му се оддадени само на Јехова и верно му служат затоа што го сакаат него и неговиот Син, а не затоа што крајот е близу. Помазаниците остануваат беспрекорни така што не дозволуваат врз нив да влијаат материјалистичките, неморалните и себичните ставови на овој злобен свет. Тие покажуваат дека се подготвени со тоа што продолжуваат да светат како светлоносци, цврсто решени да го дочекаат Младоженецот иако се чини дека тој доцни (Фил. 2:15).

9. а) Како Исус ги предупредил учениците дека би можеле да задремат? б) Како реагирале помазаниците на повикот: „Еве го младоженецот!“? (Види ја и фуснотата.)

9 Освен што биле подготвени, разборитите девици останале да го чекаат младоженецот до крај. Сепак, забележи дека во споредбата Исус рекол дека едно време сите десет девици ‚задремале и заспале‘. Дали е можно некој помазан христијанин да ‚заспие‘, односно да дозволи нешто да му го одвлече вниманието додека го чека доаѓањето на Христос? Да. Исус добро знаел дека, дури и некој што е ревносен и самопожртвуван, би можел да ослабне и да задреме во духовен поглед. Верните помазаници сфатиле дека неговите зборови содржат важно предупредување, и затоа со сите сили се трудат да бдеат повеќе од кога и да било порано. Во споредбата, сите десет девици станале кога на полноќ се чул повикот: „Еве го младоженецот!“ Но, само разборитите останале да го чекаат до крај (Мат. 25:5, 6; 26:41). И верните помазаници во последните денови се оѕвале на симболичниот повик: „Еве го младоженецот!“ Тие ги прифатиле јасните докази кои покажуваат дека Исус само што не дошол, и истрајно го чекаат неговото доаѓање. * Да го разгледаме сега крајот на оваа споредба кој се однесува на еден конкретен временски период.

 НАГРАДА ЗА РАЗБОРИТИТЕ И КАЗНА ЗА ГЛУПАВИТЕ ДЕВИЦИ

10. Кое интересно прашање го покренува разговорот меѓу разборитите и глупавите девици?

10 При крајот на споредбата, глупавите девици бараат од разборитите да им дадат масло за нивните светилки. Но, разборитите девици одбиваат да го поделат маслото со нив. (Прочитај Матеј 25:8, 9.) Овој разговор покренува едно интересно прашање: „Кога верните помазани христијани би одбиле да помогнат некому кој бара помош од нив?“ Времето кога се исполнува споредбата ни помага да го добиеме одговорот. Исус, односно Младоженецот, доаѓа да изрече суд пред крајот на големата неволја. Според тоа, зарем не е логично да заклучиме дека разговорот меѓу девиците се однесува на она што се случува токму пред тој да дојде како Судија? Дотогаш помазаниците ќе го имаат добиено конечното запечатување.

11. а) Што ќе се случи пред да почне големата неволја? б) Што, всушност, сакале да им кажат разборитите девици на глупавите кога ги испратиле да си купат масло од продавачите?

11 Всушност, сите верни помазаници на Земјата ќе го добијат конечното запечатување пред да започне големата неволја (Отк. 7:1-4). Оттогаш нивниот позив ќе биде потврден. Но, размисли за годините пред да започне големата неволја. Што ќе се случи ако некои помазаници не останат будни и верни? Тие ќе ја изгубат својата небесна награда затоа што нема да го добијат ни конечното запечатување пред почетокот на големата неволја. До тоа време, други верни лица ќе бидат помазани наместо нив. Во почетокот на неволјата, оние што можеби биле како глупавите девици веројатно ќе бидат запрепастени кога Големиот Вавилон ќе биде уништен. Можеби дури тогаш ќе сфатат дека не се подготвени за доаѓањето на Младоженецот. Што ќе се случи во тој доцен час ако очајно побараат помош? Споредбата на Исус ни го дава одговорот. Разборитите девици одбиле да им дадат од своето масло на глупавите. Наместо тоа, им рекле да одат да си купат масло од продавачите. Но, бидејќи било полноќ, немало од каде да купат. Едноставно било предоцна!

12. а) Што ќе се случи во текот на големата неволја ако некои што порано биле помазани ја изгубат својата беспрекорност пред да бидат конечно запечатени? б) Каков крај ги очекува оние што можеби ќе бидат слични на глупавите девици?

12 На сличен начин, во текот на големата неволја, верните помазаници нема да можат да му помогнат на никој од оние што можеби му биле неверни на Јехова. За нив ќе нема помош — едноставно ќе биде предоцна. Тогаш, каков ќе биде исходот за таквите лица? Исус објаснува што се случило кога глупавите девици отишле да купат масло: „Стигна младоженецот. Девиците што беа подготвени влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори“. Кога Христос ќе дојде во слава при крајот на големата неволја, тој ќе ги собере своите верни помазаници на небото (Мат. 24:31; 25:10; Јован 14:1-3; 1. Сол. 4:17). Вратата навистина ќе биде затворена за сите помазаници кои можеби биле слични на глупавите девици. Можеби тогаш и тие ќе повикаат: „Господине, господине, отвори ни!“ Но, ќе го слушнат истиот одговор што во тој час на суд ќе го добијат многумина слични на јарци: „Ви ја зборувам вистината, не ве познавам“. Колку жалосно! (Мат. 7:21-23; 25:11, 12).

13. а) Зошто не треба да заклучиме дека многумина од Христовите помазани следбеници ќе бидат неверни? б) Зошто може да кажеме дека оваа споредба на Исус покажува дека тој имал доверба во помазаниците? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

 13 Според тоа, што може да заклучиме? Дали Исус сакал да каже дека многумина од неговите помазани следбеници нема да останат верни и ќе треба да бидат заменети? Не. Сети се дека во Матеј, 24. поглавје, Исус го предупредил својот „верен и разборит роб“ никогаш да не стане зол. Тоа не значи дека очекувал да се случи такво нешто. И споредбата за десетте девици содржи силно предупредување. Секој помазан христијанин може да избере дали ќе биде подготвен и буден како петте разборити девици или, пак, ќе биде неверен и неразумен како петте глупави девици. Апостол Павле им напишал нешто слично на своите помазани сохристијани. (Прочитај Евреите 6:4-9; спореди со 5. Мојсеева 30:19.) Забележи дека, иако дал јасно предупредување, Павле со љубов изразил доверба дека неговите христијански браќа и сестри ќе ја добијат својата награда. Споредбата за десетте девици покажува дека Исус имал слична доверба во своите помазани ученици. Тој знаел дека секој од нив може да остане верен и да ја добие величествената награда!

КАКО СПОРЕДБАТА ИМ КОРИСТИ НА ‚ДРУГИТЕ ОВЦИ‘?

14. Зошто споредбата за десетте девици може да им користи и на ‚другите овци‘?

14 Бидејќи споредбата за десетте девици се однесува на помазаниците, треба ли да заклучиме дека не им користи на Христовите „други овци“? (Јован 10:16). Во никој случај! Сети се, пораката на споредбата е едноставна: „Бдејте!“ Дали ова важи само за помазаниците? Не. Во една прилика Исус рекол: „Ова што ви го велам вам, им го велам на сите: Бдејте!“ (Мар. 13:37). Тој сака сите негови следбеници да бидат подготвени и да бдеат. Затоа ‚другите овци‘ го следат одличниот пример на помазаниците и ја ставаат службата на прво место во животот. Освен тоа, сети се дека глупавите девици побарале од разборитите да им дадат од своето масло, но залудно. Тоа нѐ потсетува дека никој не може да биде верен, да остане во вистината и да остане буден наместо нас. Секој ќе одговара за себе пред праведниот Судија кој го поставил Јехова и кој наскоро ќе дојде. Затоа, мора да бидеме подготвени!

Тоа што глупавите девици залудно побарале масло нѐ потсетува дека никој не може да остане верен и буден наместо нас

15. Зошто сите христијани се радуваат на свадбата на Христос и неговата невеста?

15 Сите христијани се радосни поради најважниот настан кој Исус го спомнал во оваа споредба — небесната свадба на Младоженецот. По Армагедон, сите помазаници на небото ќе станат Христова невеста (Отк. 19:7-9). Склучувањето на овој симболичен брак ќе биде од големо значење за оние што ќе живеат на Земјата, бидејќи тоа им гарантира совршена влада на сите луѓе. Сеедно дали имаме надеж дека ќе живееме вечно на небото или на Земјата, да ја извлечеме најважната поука од споредбата за десетте девици. Да бидеме подготвени и да бдееме за да ја дочекаме величествената иднина што ни ја ветува Јехова!

^ пас. 9 Во споредбата, поминало некое време откако се чул повикот: „Еве го младоженецот!“ (стих 6) до моментот кога тој навистина дошол (стих 10). Уште од почетокот на последните денови, помазаните христијани се будни и јасно гледаат дека се исполнува знакот на Исусовата присутност. Затоа знаат дека Христос веќе владее како Цар. Сепак, мора да продолжат да бдеат и истрајно да го чекаат сѐ додека тој не дојде.