Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2015

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Како може да им се помогне на браќата и сестрите кои се алергични на парфеми?

Сите оние што се осетливи на јаки мириси се соочуваат со сериозен проблем. Најверојатно не можат многу да сторат за да се заштитат од мирисот на парфемите на луѓето со кои се среќаваат додека ги вршат секојдневните активности. Сепак, некои од нив прашуваат дали може браќата и сестрите да бидат замолени да не користат парфеми, дезодоранси и колонски води кога одат на христијанските состаноци, собири и конгреси.

Се разбира, ниту еден христијанин не би сакал намерно да му отежнува некому да присуствува на собраниските состаноци. На сите ни е потребно охрабрувањето што го добиваме таму (Евр. 10:24, 25). Затоа, ако некој е толку алергичен на мириси што не може да присуствува на состаноците, можеби е добро да зборува за тоа со старешините. Иако не е библиски и не би било во ред да им се забрани на оние што доаѓаат на состанок да употребуваат парфеми, старешините би можеле да најдат информации за да им помогнат на објавителите да разберат со каков проблем се соочуваат некои од нас. Во зависност од околностите, старешините можат да одлучат да обработат некои информации на таа тема кои порано биле објавени во нашите публикации. Тоа би можеле да го направат во точката „Локални потреби“ на Состанокот за нашата служба или, пак, би можеле да дадат тактично известување во врска со таа работа. * Сепак, не можат постојано да даваат такви известувања. На нашите состаноци секогаш ќе доаѓаат нови интересенти и посетители кои не се свесни за тој проблем, и ние сакаме тие да се чувствуваат добредојдено. Никому не треба да му е непријатно затоа што има ставено малку парфем.

Онаму каде што има ваков проблем, и каде што дозволуваат околностите, старешинството би можело да се погрижи лицата кои се осетливи на парфеми да седат во посебен дел од Салата на Царството. На пример, би можеле да ја следат програмата во помошната просторија каде што има озвучување. Ако не може да се најде разумно решение и ако некои сѐ уште имаат сериозни проблеми, собранието може да ги снима состаноците за нив или да ги поврзе со телефонска линија, како што се прави и со другите браќа и сестри кои не можат да излезат од дома.

Во последниве години, во некои статии во Нашата служба за Царството објавителите беа поттикнати да обрнат посебно внимание на оваа работа кога присуствуваат на регионалните конгреси. Со оглед на тоа што повеќето конгреси се одржуваат во затворени објекти со механичка вентилација, присутните беа замолени да не користат јаки парфеми кога доаѓаат на овие настани. Ова особено важи за регионалните конгреси бидејќи во конгресните објекти обично не е можно да се обезбеди посебна просторија за оние што се алергични на мириси. Меѓутоа, целта никогаш не беше ова упатство да се претвори во општо правило кое ќе важи за собраниските состаноци, и не треба да се толкува на таков начин.

Сѐ додека живееме во овој свет, сите ќе имаме некакви проблеми бидејќи сме наследиле несовршеност. Затоа многу ни значи кога другите внимаваат да не ни ја влошат состојбата. Иако за нас можеби ќе биде жртва да не користиме парфем или колонска вода за да му олесниме на некој брат или сестра да присуствува на христијанските состаноци, љубовта може да нѐ поттикне да го сториме тоа.

 Дали некои световни извори потврдуваат дека Понтиј Пилат бил вистинска личност?

На оваа камена плоча е врежано името Пилат на латински јазик

Понтиј Пилат им е познат на читателите на Библијата поради улогата што ја имал во судењето и погубувањето на Исус (Мат. 27:1, 2, 24-26). Но, неговото име се појавува повеќе пати и во други историски записи од тоа време. Според еден библиски прирачник, за Пилат има „многу повеќе и подетални историски записи отколку за кој и да било друг римски управител на Јудеја“ (The Anchor Bible Dictionary).

Името Пилат најчесто се појавува во записите на еврејскиот историчар Јосиф, кој запишал три конкретни настани поврзани со проблемите кои ги имал Пилат додека управувал со Јудеја. Четвртиот настан го додал еврејскиот историчар Фило. Римскиот писател Тацит, кој ја пишувал историјата на римските цареви, потврдил дека Понтиј Пилат издал заповед Исус да биде погубен за време на владеењето на Тибериј.

Во 1961 год., археолозите кои вршеле ископувања во древниот римски театар во Цезареја (Израел), откриле камена плоча на која јасно се гледа името Пилат на латински. Натписот (на сликата подолу) е делумен, но се смета дека во целост гласел: „Понтиј Пилат — управител на Јудеја — им го посветува [овој] Тибериум, на великите богови“. Споменатата градба (тибериумот) најверојатно била храм во чест на римскиот цезар Тибериј.

Дали една сестра треба да стави покривало на главата кога води библиска студија во присуство на крстен брат или некрстен објавител?

Во статијата „Прашања од читателите“ која излезе во Стражарска кула од 15 јули 2002, беше кажано дека сестрата треба да ја покрие главата ако води библиска студија во присуство на крстен брат или на некрстен објавител. Но, дополнителното истражување на оваа тема покажува дека треба да се направи извесна промена во тоа упатство.

Ако води однапред договорена библиска студија во присуство на крстен брат, сестрата задолжително треба да носи покривало на главата. На тој начин, покажува почит кон начелото за поглаварство кое го дал Јехова за христијанското собрание, бидејќи во таков случај врши задача која нормално би требало да ја извршува братот (1. Кор. 11:5, 6, 10). Друга можност е да го замоли братот да ја води студијата доколку тој е оспособен и е во состојба да го направи тоа.

Од друга страна, ако сестрата оди на однапред договорена библиска студија со некрстен објавител кој не ѝ е сопруг, тогаш библиски не е обврзана да носи покривало на главата. Сепак, поради својата совест, некоја сестра може да одлучи да носи покривало дури и во такви околности.

^ пас. 2 Нешто повеќе на оваа тема може да прочиташ во статијата „Помош за оние што имаат MCS“, која излезе во српското издание на Разбудете се! од 8 август 2000, страници 8-10.