Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2015

Биди храбар и разборит како Исус

Биди храбар и разборит како Исус

„Иако никогаш не сте го виделе, вие го сакате. Иако сега не го гледате, сепак верувате во него“ (1. ПЕТ. 1:8)

1, 2. а) Како може да добиеме вечен живот? б) Што ќе ни помогне да останеме на патот кој води до спасение?

КОГА стануваме Христови ученици, ние тргнуваме по еден пат кој може да води до вечен живот — или на небото или на Земјата. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крајот [на сегашниов живот или на овој злобен свет], тој ќе биде спасен“ (Мат. 24:13). Да, ако му останеме верни на Јехова, ќе бидеме спасени. Но, додека одиме по патот што води до спасение, мора да внимаваме да не застраниме или да не се изгубиме (1. Јов. 2:15-17). Што ќе ни помогне да останеме на тој пат?

2 Исус ни оставил совршен пример. Ако размислуваме за она што Библијата го кажува за неговиот животен пат, ќе дознаеме каква личност е тој. Тоа ќе ни помогне да го засакаме и да покажуваме вера во него. (Прочитај 1. Петрово 1:8, 9.) Апостол Петар рекол дека Исус ни дал пример кој треба да го следиме (1. Пет. 2:21). Ако внимателно одиме по Христовите стапки, ќе стигнеме до  целта, односно ќе добиеме вечен живот. * Во претходната статија, видовме на кој начин може да бидеме понизни и сочувствителни како Исус. Сега ќе разгледаме како може да го следиме неговиот пример со тоа што ќе покажуваме храброст и разборитост.

ИСУС Е ХРАБАР

3. Што е храброст, и што ни помага да бидеме храбри?

3 Храброста е чувство кое ни влева сила и ни помага да се справиме со тешки ситуации. Таа исто така ни помага да го браниме она што е исправно. Храброста е поврзана со стравот од Бог, со надежта и со љубовта. Во која смисла? Па, стравот да не му згрешиме на Јехова ни влева храброст да го победиме стравот од човек (1. Сам. 11:7; Изр. 29:25). Вистинската надеж ни помага со доверба да го насочиме погледот кон иднината наместо да гледаме на моменталните неволји (Пс. 27:14). А самопожртвуваната љубов нѐ поттикнува да покажуваме храброст дури и кога се соочуваме со противење и прогонство (Јован 15:13). Ние сме храбри затоа што имаме доверба во Бог и ги следиме стапките на неговиот Син (Пс. 28:7).

4. Како Исус покажал храброст кога бил меѓу учителите во храмот? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Исус покажал храброст уште на 12 години кога во една прилика ‚седел меѓу учителите во храмот‘. (Прочитај Лука 2:41-47.) Тие добро го познавале Мојсеевиот закон, како и еврејските традиции кои им отежнувале на луѓето да го држат Законот. Меѓутоа, Исус не се исплашил од нивното големо знаење. Тој не молчел, туку ‚им поставувал прашања‘. Но, сигурно не го правел тоа од љубопитност, како што би прашувало некое друго дете. Иако бил мал, Исус им поставувал длабоки прашања кои ги навеле тие учители да му обрнат посебно внимание. А ако се обиделе да го збунат со спорни прашања, не успеале во тоа. Сите што го слушале, дури и овие учители по Законот, ‚се восхитувале на неговата остроумност и на неговите одговори‘. Исус навистина храбро ја бранел вистината од Божјата Реч!

5. На кои начини Исус покажал храброст во текот на својата служба?

5 Во текот на својата служба, Исус покажал храброст на разни начини. Тој смело ги разоткрил верските водачи затоа што го заведувале народот со лажни учења (Мат. 23:13-36). Освен тоа, не дозволил светот да го расипе (Јован 16:33). Исус продолжил да проповеда и покрај притисокот од противниците (Јован 5:15-18; 7:14). Тој двапати бестрашно го очистил храмот така што ги истерал оттаму оние што го валкале обожавањето на вистинскиот Бог (Мат. 21:12, 13; Јован 2:14-17).

6. Како Исус покажал храброст последниот ден од својот живот на Земјата?

6 Нашата вера многу ќе се зајакне ако размислуваме колку храбро Исус се соочил со страдањата. Да размислиме за храброста што ја покажал во последниот ден од својот живот на Земјата. Тој знаел што сѐ ќе се случува откако Јуда ќе го предаде. Сепак, за време на пасхата, Исус му рекол: „Што ќе правиш, прави побргу!“ (Јован 13:21-27). Во градината Гетсиманија, кога војниците дошле да го уапсат, Исус бестрашно им кажал дека тој е оној што го бараат. Иако животот му бил во опасност, тој храбро ги одбранил учениците (Јован 18:1-8). Кога бил на сослушување пред Судскиот совет, смело кажал дека е Христос и дека е Божји Син, и  покрај тоа што знаел дека првосвештеникот бара причина за да го погуби (Мар. 14:60-65). Исус му останал верен на Бог сѐ до својата смрт на маченички столб. Пред да го испушти последниот здив, тој победнички извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:28-30).

БИДИ ХРАБАР КАКО ИСУС

7. Млади, како гледате на тоа што сте Јеховини сведоци, и како може да покажете дека сте храбри?

7 На кој начин би можеле да бидеме храбри како Исус? На училиште. Млади, вие сте храбри кога им кажувате на соучениците и на другите дека сте Јеховини сведоци, иако можеби тие ве исмејуваат поради тоа. Така јасно им ставате до знаење дека сте горди што го носите Јеховиното име. (Прочитај Псалм 86:12.) Можеби некои ќе сакаат да ве убедат дека еволуцијата е факт. Но, вие имате добри причини да верувате дека она што го вели Библијата за создавањето е вистина. Би можеле да ја користите брошурата Дали животот е Божје дело? за да им одговорите на оние што искрено сакаат ‚да им ја образложите надежта која е во вас‘ (1. Пет. 3:15). Тоа ќе ви донесе огромна радост затоа што ќе знаете дека сте ја одбраниле вистината од Библијата.

8. Зошто можеме смело да проповедаме?

8 Во службата. Како вистински христијани, ние треба и понатаму ‚да зборуваме смело во името на Јехова‘ (Дела 14:3). Зошто можеме храбро да проповедаме? Како прво, знаеме дека она што го проповедаме е вистина бидејќи се темели на Библијата (Јован 17:17). Како второ, ние сме „Божји соработници“ и имаме поддршка од светиот дух (1. Кор. 3:9; Дела 4:31). И, како трето, ние ги сакаме Јехова и луѓето, и затоа сме поттикнати да правиме сѐ што можеме за да ја објавуваме добрата вест (Мат. 22:37-39). Бидејќи сме храбри, нема да молчиме. Напротив, решени сме да ги разоткриеме верските лаги кои ги заслепуваат луѓето и ги спречуваат да ја разберат вистината (2. Кор. 4:4). Ние ќе продолжиме да проповедаме и покрај рамнодушноста, исмејувањето и противењето (1. Сол. 2:1, 2).

9. Како покажуваме храброст кога се соочуваме со страдање?

9 Кога се соочуваме со страдање. Ако имаме доверба во Бог, тој ќе ни ги даде потребната вера и храброст за да истраеме во неволјите. Ако ни почине некој од најмилите, ние тагуваме, но не губиме надеж. Уверени сме дека „Богот на секоја утеха“ ќе нѐ зајакне (2. Кор. 1:3, 4; 1. Сол. 4:13). Ако сме болни или тешко повредени, можеби трпиме болка, но одбиваме лекување што Бог не го одобрува (Дела 15:28, 29). Ако сме потиштени, можеби нашето ‚срце нѐ осудува‘, но бидејќи имаме доверба во Богот кој „е близу до оние што се скршени во срцето“, ние не се откажуваме * (1. Јов. 3:19, 20; Пс. 34:18).

ИСУС Е РАЗБОРИТ

10. Што значи некој да биде разборит, и на каков начин зборува и постапува разборитиот христијанин?

10 Разборитиот човек умее добро да просудува, односно способен е да разликува исправно од погрешно и да направи мудар избор (Евр. 5:14). Разборитиот христијанин зборува и постапува на начин што му е угоден на Бог. Тој внимава што ќе каже, односно го кажува она што ќе им помогне на другите, а не она што ќе ги повреди (Изр.  11:12, 13). Освен тоа, таквиот христијанин е „бавен на гнев“ (Изр. 14:29). Тој „оди право“ и не скршнува од исправниот пат додека чекори низ животот (Изр. 15:21). Како може да стекнеме разборитост? Мора да ја проучуваме Божјата Реч и да го применуваме она што го учиме (Изр. 2:1-5, 10, 11). Во ова особено ќе ни помогне примерот на Исус, најразборитиот човек кој некогаш живеел.

11. Како Исус покажал разборитост со своите зборови?

11 Исус покажувал разборитост со сите свои зборови и постапки. Со своите зборови. Кога ја проповедал добрата вест, Исус користел ‚привлечни зборови‘ кои предизвикувале восхит кај оние што го слушале (Лука 4:22; Мат. 7:28). Тој честопати дозволувал Божјата Реч да зборува наместо него така што ја читал или ја цитирал. Точно знаел кој стих да го примени во секоја ситуација (Мат. 4:4, 7, 10; 12:1-5; Лука 4:16-21). Исто така, Исус го објаснувал Писмото, и тоа на начин што допирал до срцето на неговите слушатели. По своето воскресение, кога им се појавил на двајца ученици кои оделе за Емаус, тој ‚им го протолкувал она што е напишано за него во сите Писма‘. Подоцна тие рекле: „Зарем не ни гореше срцето... додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:27, 32).

12, 13. Кои примери покажуваат дека Исус бил бавен на гнев и разумен?

12 Со своите чувства и со својот став. Разборитоста му помогнала на Исус да биде „бавен на гнев“ (Изр. 16:32). Тој можел да владее со своите чувства, и бил „благ“ (Мат. 11:29). Секогаш бил стрплив со учениците, и покрај нивните маани (Мар. 14:34-38; Лука 22:24-27). Тој останал смирен дури и кога луѓето постапувале неправедно со него (1. Пет. 2:23).

13 Разборитоста му помогнала на Исус да биде разумен. Тој ги разбирал начелата што лежеле во основата на Мојсеевиот закон, и тоа влијаело врз начинот на кој се однесувал со луѓето. На пример, да го разгледаме извештајот од Марко 5:25-34. (Прочитај.) Една жена која страдала од крвавење се пробила низ мноштвото, ја допрела облеката на Исус и била излекувана. Бидејќи според Законот била нечиста, таа не требало да допре никого (3. Мој. 15:25-27). Но, Исус не ја прекорил затоа што му ја допрела облеката. Напротив, покажал кон неа ‚милосрдност и верност‘, бидејќи сфаќал дека тие особини се поважни отколку само круто да се држи за Законот (Мат. 23:23). Тој љубезно ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“. Од овој извонреден пример се гледа како разборитоста му помагала да постапува љубезно и обѕирно.

14. Што одлучил да прави Исус, и што му помогнало да остане посветен на службата?

14 Со својот начин на живот. Исус покажал разборитост и со начинот на кој живеел. Тој целосно се посветил на проповедањето на добрата вест — тоа било негов животен позив (Лука 4:43). Исус донесувал одлуки што му помогнале да го насочи своето внимание на проповедничкото дело и да ја доврши својата задача. На пример, избрал да води едноставен живот за да ги троши своето време и сила на службата (Лука 9:58). Освен тоа, знаел дека треба да обучи и други кои ќе го продолжат делото по неговата смрт (Лука 10:1-12; Јован 14:12). Тој им ветил на своите следбеници дека ќе им помага да го извршат налогот што им го дал, и дека ќе биде со нив „до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20).

 БИДИ РАЗБОРИТ КАКО ИСУС

Труди се да разбереш што ги интересира луѓето, а потоа внимателно размисли за што ќе разговараш со нив (Види во пасус 15)

15. Како покажуваме разборитост со нашите зборови?

15 На кој начин покажуваме разборитост како Исус? Со нашите зборови. Кога разговараме со нашите соверници, зборуваме за работи што можат да ги изградат, а не да ги обесхрабрат (Еф. 4:29). Кога им сведочиме на другите за Божјето Царство, нашите зборови се ‚зачинети со сол‘ (Кол. 4:6). Освен тоа, се трудиме да увидиме какви потреби имаат луѓето и што ги интересира, а потоа внимателно избираме за што ќе разговараме со нив. Никогаш да не заборавиме — добриот збор отвора железни врати, но може да отвори и нечие срце. Исто така, кога ги објаснуваме нашите верувања, дозволуваме Библијата да зборува наместо нас. Бидејќи таа е највисок авторитет, ја цитираме и читаме од неа секогаш кога е можно. Свесни сме дека библиската порака е далеку помоќна од сѐ што би можеле да кажеме ние (Евр. 4:12).

16, 17. а) Како може да покажеме дека сме бавни на гнев и дека сме разумни? б) Што ќе ни помогне да останеме посветени на нашата служба?

16 Со нашите чувства и со нашиот став. Разборитоста ни помага да ги контролираме нашите чувства кога сме под притисок и да бидеме ‚бавни на гнев‘ (Јак. 1:19). Кога другите ќе нѐ навредат, се трудиме да разбереме што стои зад нивните зборови или постапки. Таквиот увид може да ни помогне да им простиме и да не им се лутиме (Изр. 19:11). Разборитоста ни помага и да бидеме разумни. Не очекуваме совршенство од нашите браќа и сестри. Наместо тоа, имаме на ум дека можеби се соочуваат со проблеми кои не можеме во потполност да ги разбереме. Спремни сме да го сослушаме нивното мислење и, кога е соодветно, да попуштиме и да не настојуваме да биде по наше (Фил. 4:5).

17 Со нашиот начин на живот. Како следбеници на Исус, ние сме свесни дека нема поголема чест од тоа да ја проповедаме добрата вест. Затоа сакаме да донесуваме одлуки што ќе ни овозможат да останеме посветени на нашата служба. Решени сме да ги ставиме духовните работи на прво место и да водиме едноставен живот за да можеме потполно да се посветиме на животоважното проповедничко дело пред да дојде крајот (Мат. 6:33; 24:14).

18. Како може да останеме на патот што води до вечен живот, и на што си решен ти?

18 Зарем не уживавме додека разгледувавме некои од прекрасните особини што ги има Исус? Замисли колку многу може да научиме ако ги проучуваме и другите негови особини, и ако дознаеме како може да бидеме послични на него! Затоа, да бидеме решени да ги следиме неговите стапки. На тој начин, ќе продолжиме да чекориме по патот што води до вечен живот и ќе се зближиме уште повеќе со нашиот Бог, Јехова.

^ пас. 2 Зборовите од 1. Петрово 1:8, 9 им биле упатени на христијаните кои имаат небесна надеж. Но, тие можат да се применат и на оние кои се надеваат дека ќе живеат засекогаш на Земјата.

^ пас. 9 Во нашите публикации можеш да прочиташ нешто повеќе за луѓе кои покажале храброст кога страдале. Такви примери има во Стражарска кула од 1 декември 2000, страници 24-28; во Разбудете се! од 8 август 2003, страници 18-21 и од 8 мај 1995, страници 25-29 (срп.).