Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2015

Дозволи му на Јехова да го зајакне и да го чува твојот брак

Дозволи му на Јехова да го зајакне и да го чува твојот брак

„Ако Јехова не го чува градот, залудно бдеат стражарите“ (ПС. 127:1б)

1, 2. а) Зошто 24.000 Израелци ги изгубиле прекрасните благослови што им ги ветил Бог? б) Зошто овој извештај од минатото е важен за нас?

КРАТКО пред Израелците да влезат во Ветената земја, илјадници мажи се впуштиле во „блуд со моавските ќерки“. Како резултат на тоа, Јехова погубил 24.000 од нив. Замисли си, тие биле на чекор од своето долгоочекувано наследство, но ги изгубиле прекрасните благослови што им ги ветил Бог затоа што подлегнале на искушението и направиле неморал! (4. Мој. 25:1-5, 9).

2 Овој трагичен пример бил запишан „како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок“ (1. Кор. 10:6-11). Сега, пред самиот крај на „последните денови“, Божјиот народ е на прагот на еден праведен нов свет (2. Тим. 3:1; 2. Пет. 3:13). За жал, некои Јеховини слуги не биле претпазливи и дозволиле да паднат во замката на неморалот. Освен што сносат горки последици за своите постапки, тие се и во опасност да ја пропуштат можноста да живеат засекогаш во рајски услови.

3. Зошто на брачните парови им се потребни Јеховиното водство и заштита? (Види ја сликата погоре.)

3 На сопружниците им се потребни Јеховиното водство и  заштита за да го зачуваат својот брак во овој свет кој сѐ повеќе тоне во неморал. (Прочитај Псалм 127:1.) Во оваа статија ќе разгледаме како тие можат да го зајакнат својот брак со тоа што ќе си го чуваат срцето, ќе стануваат уште поблиски со Бог, ќе ја облечат новата личност, ќе имаат добра комуникација и ќе ја исполнуваат својата брачна должност.

ЧУВАЈ СИ ГО СРЦЕТО

4. Зошто некои христијани направиле неморал?

4 Како би можел еден христијанин да тргне во погрешен правец и на крајот да направи неморал? Обично сѐ започнува со очите. Исус објаснил: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5:27, 28; 2. Пет. 2:14). Многу христијани кои направиле грев дозволиле да ослабнат во морален поглед со тоа што гледале порнографија, читале литература со непристојна содржина или гледале изопачени материјали на Интернет. Други се забавувале со филмови, театарски претстави или ТВ-емисии во кои отворено се прикажувале еротски сцени. Некои оделе во ноќни клубови и стриптиз-барови или во салони каде што се нуди еротска масажа.

5. Зошто треба да си го чуваме срцето?

5 Има и такви кои попуштиле на искушението затоа што барале внимание од погрешна личност. Бидејќи живееме во свет во кој луѓето немаат речиси никаква самоконтрола и наоѓаат задоволство во секакви видови неморал, во нашето несовршено и измамливо срце може многу лесно да се развијат романтични чувства кон некој што не ни е брачен другар. (Прочитај Еремија 17:9, 10.) Исус рекол: „Од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства“ (Мат. 15:19).

6, 7. а) Што може да се случи ако во нашето срце се развијат погрешни желби? б) Што ќе ни помогне да не му згрешиме на Јехова?

6 Што се случува кога две лица кои чувствуваат меѓусебна привлечност ќе дозволат погрешните желби да пуштат корен во нивното измамливо срце? Тие почнуваат да разговараат за работи за кои треба да зборуваат само со својот брачен другар, и наскоро си наоѓаат сѐ повеќе изговори за да бидат заедно. Почнуваат сѐ почесто да се среќаваат, преправајќи се дека таквите средби се сосема случајни. Бидејќи нивните чувства постепено се разгоруваат, им станува сѐ потешко да постапуваат исправно. Колку повеќе расте блискоста меѓу нив толку потешко им е да ѝ стават крај на својата врска, иако знаат дека она што го прават е погрешно (Изр. 7:21, 22).

7 Нивната духовна одбрана постепено се руши додека неисправните желби и разговори преминуваат во погрешни постапки. Тие почнуваат да се држат за рака, да се бакнуваат, да се милуваат и да се допираат на начин што сексуално ги возбудува — работи кои смеат да ги прават само со својот брачен другар. На крајот, паѓаат во замката на сопствените желби. Кога погрешната желба ќе зачне, „раѓа грев“ — во овој случај, сексуален неморал (Јак. 1:14, 15). Колку жалосно! И двајцата можеле да избегнат да згрешат ако му дозволеле на Јехова да им помогне да го задржат своето ценење кон светоста на бракот. Како може некој да развие такво ценење?

СТАНУВАЈ СЀ ПОБЛИЗОК СО БОГ

8. Како пријателството со Јехова нѐ чува да не направиме неморал?

8 Прочитај Псалм 97:10. Пријателството со Јехова ќе нѐ чува да не направиме неморал. Кога учиме за Божјите  прекрасни особини, ние се трудиме ‚да се угледаме на Бог, како негови љубени деца, и да живееме во љубов‘. Тоа ќе ни помогне да се чуваме од ‚блуд и од секаква нечистотија‘ (Еф. 5:1-4). Бидејќи знаат дека „Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“, брачните другари даваат сѐ од себе за да си бидат верни еден на друг (Евр. 13:4).

9. а) Што му помогнало на Јосиф да се спротивстави на искушението да направи неморал? б) Што може да научиме од примерот на Јосиф?

9 Некои верни Божји слуги, почнале по работното време да се дружат со колеги кои не се Сведоци и постепено ги спуштиле своите морални мерила. Но, може да се најдеме на искушение дури и на самото работно место. Токму тоа му се случило на Јосиф, еден убав млад човек кој е спомнат во Библијата. Додека работел низ домот на својот господар, тој го привлекол вниманието на неговата жена, која од ден на ден се обидувала да го заведе. На крајот, ‚го зграпчила за облеката и му рекла: „Легни со мене!“‘ Но, Јосиф успеал да се оттргне и да побегне. Што му помогнало на овој млад човек да не подлегне на искушението? Тој бил цврсто решен да не си го наруши пријателството со Бог, и тоа му влеало сила да остане верен и чист во морален поглед. Поради неговиот цврст став, Јосиф ја изгубил работата и неправедно бил фрлен в затвор. Сепак, на крајот Јехова го благословил (1. Мој. 39:1-12; 41:38-43). Сеедно дали се на работа или на друго место, христијаните мора да внимаваат да не се најдат во ситуација во која би можеле да направат неморал.

ОБЛЕЧИ ЈА НОВАТА ЛИЧНОСТ

10. Како новата личност придонесува да се зачува бракот?

10 Што друго ќе им помогне на брачните другари да не направат неморал? Тоа што ќе ја облечат новата личност, „која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:24). Оние што ја облекуваат новата личност, ги ‚усмртуваат‘ „блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста“ во своите делови на телото. (Прочитај Колошаните 3:5, 6.) Зборот „усмртете“ покажува дека мора да преземеме строги мерки за да ги совладаме неморалните телесни желби. Треба да го избегнуваме сето она што кај нас може да предизвика сексуална желба кон некој друг освен кон нашиот сопружник (Јов 31:1). Додека се трудиме да живееме во склад со Божјата волја, ние учиме ‚да го мразиме злото‘ и ‚да се држиме за доброто‘ (Рим. 12:2, 9).

11. Како може новата личност да го зајакне бракот?

11 Новата личност ја одразува „сликата на оној што ја создал“, односно на самиот Јехова (Кол. 3:10). Сопружниците кои ‚се облекуваат во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост‘ ќе имаат цврст и стабилен брак, и Јехова ќе ги благослови (Кол. 3:12). Освен тоа, кога дозволуваат ‚мирот Христов да владее во нивните срца‘, тие имаат поголема слога (Кол. 3:15). Брачните другари кои се сакаат од сѐ срце ‚предводат во искажувањето почит еден кон друг‘ (Рим. 12:10).

12. Според тебе, кои особини се важни за среќен брак?

12 Кога бил запрашан кои особини придонесуваат за среќен брак, Сид рекол: „Љубовта е главната особина на која постојано работиме. Но, сфативме дека и благоста е многу важна“. Жена му, Соња, се согласува со него, и додава: „Љубезноста е неопходна. Освен тоа, се трудиме да покажуваме понизност, иако тоа не е секогаш лесно“.

 ДОБРА КОМУНИКАЦИЈА

13. Што е потребно за бракот да биде цврст и стабилен, и зошто?

13 Ако сакаат нивниот брак да биде цврст и стабилен, многу е важно сопружниците да разговараат на љубезен начин. За жал, некои им се обраќаат со поголема почит на непознати луѓе, па дури и на своите куќни миленичиња, отколку на својот брачен другар! Ако сопружниците зборуваат со „злобна горчина и лутина“, и ако викаат или користат навредлив говор, всушност, му наштетуваат на својот брак (Еф. 4:31). Наместо да ја поткопуваат својата врска со тоа што постојано ќе се критикуваат или зајадливо ќе си префрлуваат, брачните двојки треба да го зацврстат својот брак со љубезни, нежни и сочувствителни зборови (Еф. 4:32).

14. Што не треба да правиме?

14 Библијата вели дека има „време за молчење“ (Проп. 3:7). Но, тоа не значи дека треба се повлечеме и да не зборуваме со сопружникот, бидејќи комуникацијата е многу важна за бракот да биде среќен. Една сопруга од Германија вели: „Во таков случај, молчењето може да го повреди твојот брачен другар“. Сепак, таа додава: „Иако не е секогаш лесно да останеш смирен кога си под стрес, не е добро да избувнеш. Тогаш можеби непромислено ќе кажеш или ќе направиш нешто што ќе го повреди твојот сопружник, а тоа само ќе ги влоши работите“. Сопружниците не можат да ги решат проблемите ниту со викање ниту со молчење. Наместо тоа, ќе го зајакнат својот брак ако брзо ги решаваат несогласувањата, и ако не се впуштаат во чести и бесконечни расправии.

15. Како може добрата комуникација да ја зајакне брачната врска?

15 Брачната врска се зајакнува кога мажот и жената одвојуваат време да си кажат што мислат и како се чувствуваат. Начинот на кој зборуваме е исто толку важен како и она што го кажуваме. Затоа, дури и да ти е тешко, труди се да зборуваш љубезно, и внимателно  размисли што ќе кажеш и со каков тон ќе го кажеш тоа. Така на твојот сопружник ќе му биде полесно да те сослуша. (Прочитај Колошаните 4:6.) За да го зајакнат својот брак, сопружниците треба да комуницираат искрено и љубезно, кажувајќи го само ‚она што е добро и што го изградува другиот‘ (Еф. 4:29).

Мажот и жената можат да го зајакнат својот брак со добра комуникација (Види во пасус 15)

ИСПОЛНУВАЈ ЈА БРАЧНАТА ДОЛЖНОСТ

16, 17. Зошто е важно сопружниците да ги задоволуваат емоционалните и сексуалните потреби на другиот?

16 Сопружниците го зајакнуваат својот брак кога ги ставаат потребите на другиот пред своите лични потреби и желби (Фил. 2:3, 4). И мажите и жените треба да бидат свесни за емоционалните и сексуалните потреби на својот сопружник. (Прочитај 1. Коринќаните 7:3, 4.)

17 За жал, некои брачни другари не сакаат да покажуваат нежност, па дури ни да имаат интимни односи. Некои мажи мислат дека, ако се нежни со својата жена, тоа е знак на слабост. Еден превод на Библијата вели: „Вие, мажи, трудете се да ги разберете своите жени“ (1. Пет. 3:7, Phillips). Сопругот треба да има на ум дека брачната должност не ги вклучува само сексуалните односи. Тој треба постојано да биде нежен и да ѝ покажува љубов на својата жена. Тогаш жената повеќе ќе ужива во интимните односи. Кога и двајцата постапуваат обѕирно еден кон друг и си покажуваат љубов, ќе им биде полесно да ги задоволат и емоционалните и физичките потреби на другиот.

18. Како можат сопружниците да ја зајакнат брачната врска?

18 Иако нема никаков изговор за прељуба, добро е да имаме на ум дека, ако не му покажуваме нежност на брачниот другар, тој би можел да побара љубов и наклоност надвор од бракот (Изр. 5:18; Проп. 9:9). Токму затоа, во врска со брачната должност, Библијата ги поттикнува сопружниците: „Не лишувајте се еден од друг освен по договор, за некое време“. Зошто? „За да не ве искушува Сатана поради тоа што не можете да се воздржите“ (1. Кор. 7:5). Би било многу жалосно еден брачен пар да му дозволи на Сатана да го искористи нивниот недостиг на самосовладување така што ќе ги наведе да паднат во искушение да направат прељуба. Кога ја исполнува брачната должност, секој сопружник покажува дека „не ја бара својата корист, туку користа на другиот“. Тие го прават тоа затоа што се сакаат, а не затоа што Бог го бара тоа од нив. Интимните изрази на љубов и нежност ја зајакнуваат брачната врска (1. Кор. 10:24).

ЧУВАЈ ГО И ПОНАТАМУ СВОЈОТ БРАК

19. Што треба да бидеме решени да правиме, и зошто?

19 Денес стоиме на прагот на праведниот нов свет. Затоа би било многу жално да се препуштиме на погрешните желби слично на 24-те илјади Израелци кои се впуштиле во блуд на моавските рамници. Откако го опишува тој срамен и трагичен настан, Божјата Реч предупредува: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Кор. 10:12). Поради тоа, многу е важно да си го зајакнеме бракот така што ќе му останеме верни на нашиот небесен Татко и на нашиот брачен другар (Мат. 19:5, 6). Сега, повеќе од кога и да било порано, да ‚дадеме сѐ од себе за [Јехова] да нѐ најде неизвалкани и неосквернети и во мир‘ (2. Пет. 3:13, 14).