Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2015

Како да изградиш стабилен и среќен брак

Како да изградиш стабилен и среќен брак

„Ако Јехова не ја гради куќата, залудно се трудат нејзините градители“ (ПС. 127:1а)

1-3. Со какви проблеми се соочуваат брачните парови? (Види ја сликата погоре.)

„АКО даваш сѐ од себе за твојот брак да биде успешен, Јехова сигурно ќе те благослови“, вели еден сопруг кој 38 години е во среќен брак. Да, можно е брачните другари да бидат среќни и да се поддржуваат еден со друг кога минуваат низ тешки периоди (Изр. 18:22).

2 Во Библијата јасно пишува дека брачните парови ќе „имаат телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Зошто? Секојдневните проблеми можат да предизвикаат напнатост во бракот. Бидејќи се несовршени, сопружниците понекогаш кажуваат работи со кои се повредуваат еден со друг. Дури и во најдобрите бракови може да дојде до недоразбирање или несогласување ако брачните другари не си кажуваат јасно што мислат или што чувствуваат (Јак. 3:2, 5, 8). На многу парови им е тешко да излезат на крај со напорната работа и грижата за децата. Бидејќи се чувствуваат исцрпено и постојано се под стрес, не им е лесно да најдат доволно време за да си ја зајакнат брачната врска. Финансиските проблеми, некоја болест или други тешкотии можат постепено да ги ослабнат љубовта и почитта кои ги чувствувале еден кон друг. Исто така, дури и браковите  кои навидум се цврсти можат да бидат поткопани од „делата на телото“ како што се сексуален неморал, бесрамно однесување, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев и судири (Гал. 5:19-21).

3 Освен тоа, бидејќи живееме во ‚последните денови‘, опкружени сме со луѓе кои се себични и без почит кон Бог, а ваквите ставови се вистински отров за бракот (2. Тим. 3:1-4). Згора на сѐ, браковите мора да се спротивстават на непопустливите напади на еден злобен непријател. Апостол Петар нѐ предупредил: „Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8; Отк. 12:12).

4. Како можат сопружниците да бидат среќни и да имаат стабилен брак?

4 Еден сопруг од Јапонија признава: „Имавме финансиски тешкотии и бев под голем стрес. Бидејќи не разговарав отворено со мојата жена, и таа беше под силен притисок. Освен тоа, од неодамна и сериозно се разболе. Ваквата напната ситуација понекогаш водеше до расправии меѓу нас“. Иако некои проблеми во бракот не можат да се избегнат, сепак можат да се пребродат. Со Јеховина помош, сопружниците можат да бидат среќни и да имаат стабилен брак. (Прочитај Псалм 127:1.) Да разгледаме пет симболични градежни блокови кои се потребни за да се изгради еден цврст и траен брак. Потоа ќе видиме како овие „блокови“ можат да се „цементираат“ со љубов.

ВКЛУЧИ ГО ЈЕХОВА ВО СВОЈОТ БРАК

5, 6. Како можат сопружниците да го вклучат Јехова во својот брак?

5 Бракот ќе има цврст темел ако сопружниците му се верни и послушни на Оној што ја основал брачната заедница. (Прочитај Проповедник 4:12.) Мажот и жената ќе го вклучат Јехова во својот брак ако го следат водството што тој со љубов ни го дава. Во Библијата стои: „Вашите уши ќе ја чујат речта зад вас како вели: ‚Тоа е патот, одете по него!‘“ (Иса. 30:20, 21). Денес брачните парови ја слушаат Јеховината реч така што заедно ја читаат Библијата (Пс. 1:1-3). Тие можат да ја зацврстат својата врска и така што редовно ќе ја одржуваат Семејната вечер која духовно ќе ги зајакне и ќе ги освежи. И заедничката молитва е неопходна за да може бракот да ги издржи сите напади од Сатановиот свет.

Кога заедно учествуваат во разни духовни активности, брачните другари остануваат блиски со Бог и врската меѓу нив станува уште поцврста (Види во пасуси 5-6)

6 Герхард од Германија вели: „Советите од Божјата Реч ни помагаат да покажуваме стрпливост и да простуваме секогаш кога имаме проблеми и недоразбирања кои можат да ни ја одземат радоста. Овие особини се неопходни за успешен брак“. Кога даваат сѐ од себе за да го задржат Јехова во својот брак така што заедно учествуваат во разни духовни активности, брачните другари остануваат блиски со Бог и врската меѓу нив станува уште поцврста.

МАЖИ КОИ СО ЉУБОВ ГО ПРЕДВОДАТ СЕМЕЈСТВОТО

7. Како треба мажите да го спроведуваат поглаварството?

7 Начинот на кој мажот го спроведува поглаварството влијае многу врз стабилноста и среќата во бракот. Библијата вели: „Глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот“ (1. Кор. 11:3). Ова значи дека мажите треба да постапуваат со своите жени исто како што Христос постапувал со своите ученици. Тој никогаш не бил насилен и груб. Напротив, секогаш бил љубезен, разумен, благ, понизен и полн со љубов (Мат. 11:28-30).

8. Како може мажот да ја стекне љубовта и почитта на својата жена?

 8 Христијаните не треба постојано да бараат од своите сопруги да им покажуваат почит. Напротив, имаат обѕир и разбирање кон нив и ‚ги почитуваат своите жени како послаби садови‘ (1. Пет. 3:7). И пред другите и насамо, мажот треба со своите обѕирни зборови и сочувствителни постапки да ѝ покаже на својата жена дека таа е скапоцена за него (Изр. 31:28). Ако тој постапува со сопругата на ваков начин, таа ќе го сака и ќе го почитува, а Бог ќе го благослови нивниот брак.

ЖЕНИ КОИ ПОНИЗНО СЕ ПОДЛОЖУВААТ

9. Како може една жена понизно да му се подложи на Јехова и на својот маж?

9 Несебичната љубов кон Јехова, која се темели на начела, ќе ни помогне на сите да се понизиме под неговата моќна рака (1. Пет. 5:6). Важен начин на кој една подложна сопруга покажува почит кон Јеховиниот авторитет е така што соработува со својот маж. Библијата вели: „Жени, бидете им подложни на своите мажи, како што прилега во Господарот“ (Кол. 3:18). Факт е дека секоја одлука што ќе ја донесе мажот нема да ѝ се допадне на неговата жена. Но, ако неговите одлуки не се спротивни на Божјите закони, послушната сопруга ќе ги почитува (1. Пет. 3:1).

10. Зошто е важно жената спремно да му се подложува на мажот?

10 Жената има почесна улога во бракот како „другарка“ на својот маж (Мал. 2:14). Кога брачниот пар донесува одлуки поврзани со семејството, жената може со почит да каже што мисли и како се чувствува. Сепак, таа останува подложна. Мудриот маж ќе го ислуша внимателно она што го кажува сопругата (Изр. 31:10-31). Кога таа спремно му се подложува, во семејството владее радост, мир и хармонија. Како резултат на тоа, мажот и жената се среќни затоа што знаат дека го радуваат Бог (Еф. 5:22).

 СПРЕМНО ПРОСТУВАЈТЕ СИ

11. Зошто е многу важно да простуваме?

11 За да изградат траен брак, сопружниците мора да научат да си простуваат. Брачната врска се зајакнува кога тие ‚се поднесуваат еден со друг и спремно си простуваат‘ (Кол. 3:13). Но ослабнува ако брачните другари не ги забораваат старите несогласувања и ги користат како оружје против другиот кога ќе се појави некој нов проблем. Исто како што пукнатините можат да ослабнат некоја градба, така и повредените чувства и огорченоста кои тлеат во нашето срце можат многу да ни отежнат да простиме. Спротивно на тоа, кога мажот и жената спремно си простуваат како што простува Јехова, брачната врска станува нераскинлива (Мих. 7:18, 19).

12. Во која смисла љубовта покрива „мноштво гревови“?

12 Вистинската љубов „не го памти злото“. Всушност, „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Кор. 13:4, 5; прочитај 1. Петрово 4:8). Со други зборови, ако имаме љубов, нема да броиме колку пати некој ни згрешил. Кога апостол Петар прашал колку пати треба да прости, Исус му одговорил: „До седумдесет и седум пати“ (Мат. 18:21, 22). Со тоа Исус сакал да каже дека христијаните треба да простуваат неограничено (Изр. 10:12). *

13. Што ќе ти помогне ако ти е тешко да простуваш?

13 Анета од Германија вели: „Ако сопружниците не сакаат да си простуваат, кај нив расте огорченоста и недовербата, а тоа е отров за бракот. Кога и двајцата се спремни да простат, стануваат поблиски еден со друг и брачната врска се зајакнува“. Што ќе ти помогне ако ти е тешко да простуваш? Труди се да бидеш благодарен и да покажуваш ценење за својот сопружник. Стекни навика искрено да го пофалуваш (Кол. 3:15). Така ќе живеете во слога, и ќе имате душевен мир и благослов од Бог (Рим. 14:19).

ПРИМЕНУВАЈТЕ ГО ЗЛАТНОТО ПРАВИЛО

14, 15. Кое е Златното правило, и како може да им помогне на сопружниците да си ја зајакнат брачната врска?

14 Сигурно многу ти значи кога другите се однесуваат со тебе достоинствено и со почит. Сакаш да те сослушаат и да ги земат во обѕир твоите чувства. Но, дали некогаш си слушнал како некој вели: „Ќе му вратам мило за драго па нека види како е“? Иако таквата реакција понекогаш се чини оправдана, во Библијата пишува: „Не вели: ‚Како што тој ми направи мене, така и јас ќе му направам нему‘“ (Изр. 24:29). Всушност, Исус кажал кој е најдобриот начин да ги решаваме несогласувањата. Начелото што го дал тој е наречено Златно правило. Тоа гласи: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31). Исус сакал да каже дека треба да се однесуваме со другите како што сакаме тие да се однесуваат со нас, и да не им враќаме на лошото со лошо. Кога станува збор за бракот, ова значи дека треба да го даваме она што самите би сакале да го добиеме.

15 Брачните другари ја зајакнуваат својата врска кога покажуваат обѕир кон чувствата на другиот. „Се трудиме да го применуваме Златното правило“,  вели еден сопруг од Јужноафриканската Република. „Иако понекогаш сме вознемирени, даваме сѐ од себе да се однесуваме со другиот како што би сакале тој да се однесува со нас — достоинствено и со почит“.

16. Како брачните другари не треба никогаш да се однесуваат еден со друг?

16 Не е убаво дури ни на шега да ги откриваш слабостите на својот сопружник или, пак, постојано да му приговараш за она што те нервира кај него. Имај на ум дека бракот не е натпревар во кој брачните другари треба да покажат кој од нив е посилен, кој може да вика погласно или кој може да каже нешто што најмногу ќе го повреди другиот. Точно, сите сме несовршени и понекогаш ги нервираме другите. Но, никогаш нема оправдана причина ниту мажот ниту жената да користи зајадливи или омаловажувачки зборови или, што е уште полошо, грубо да го оттурне или да го удри другиот. (Прочитај Изреки 17:27; 31:26.)

17. Како можат сопрузите да го применуваат Златното правило?

17 Во некои култури, сопрузите кои ги малтретираат или тепаат своите жени се сметаат за вистински мажи. Но, Библијата вели: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек, и кој владее со себеси, подобар е од оној што освоил град“ (Изр. 16:32). Потребна е огромна внатрешна сила за некој да може да се совладува како што се совладувал Исус Христос, најголемиот човек што некогаш живеел. Оној што вербално и физички ја малтретира својата жена воопшто не е „јак маж“, и ќе го изгуби своето пријателство со Јехова. Псалмистот Давид, кој и самиот бил силен и храбар човек, рекол: „Ако се вознемирите, немојте да грешите! Задржете ги зборовите во своето срце, на својата постела, и молчете!“ (Пс. 4:4).

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО ЉУБОВ“

18. Зошто е важно сопружниците постојано да покажуваат љубов?

18 Прочитај 1. Коринќаните 13:4-7. Љубовта е најважната особина што треба да се покажува во бракот. Апостол Павле напишал: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:12, 14). Самопожртвуваната љубов, која ја покажувал и Христос, е како цемент што ги поврзува „градежните блокови“ на еден цврст и стабилен брак. Таа помага бракот да опстои и покрај сите пречки на кои ќе наиде, како што се карактерните маани, здравствените и финансиските тешкотии или проблемите со семејството на сопружникот.

19, 20. а) Како можат брачните парови да изградат стабилен и среќен брак? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Сопружниците треба да си покажуваат љубов, да бидат приврзани еден кон друг и да прават сѐ што е во нивна моќ за бракот да биде среќен. Кога ќе се јават проблеми, тие не треба да кренат раце од својот брак. Наместо тоа, треба да бидат решени да дадат сѐ од себе за уште повеќе да се зближат. Христијанските брачни парови кои го сакаат Јехова и се сакаат еден со друг треба да бараат начин да ги решаваат проблемите со љубов, бидејќи „љубовта никогаш не престанува“ (1. Кор. 13:8; Мат. 19:5, 6; Евр. 13:4).

20 Иако во овие „тешки времиња“ не е лесно да се изгради цврст и среќен брак, со Јеховина помош тоа сепак е можно (2. Тим. 3:1). Меѓутоа, брачните парови мора и понатаму да се борат со овој свет кој сѐ повеќе тоне во морален поглед. Во следната статија ќе видиме како сопружниците можат да го зајакнат својот брак за да не подлегнат на искушението да направат неморал.

^ пас. 12 Иако сопружниците се трудат да си простуваат и да ги решаваат проблемите, Библијата дозволува невиниот брачен другар да одлучи дали ќе му прости на сопружникот кој направил прељуба или, пак, ќе се разведе од него (Мат. 19:9). Види ја статијата „Гледиште на Библијата: Прељуба — да се прости или не?“ во хрватското издание на Разбудете се! од 8 август 1995.