Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2014

Прашања од читателите

Прашања од читателите

На што мислел Еремија кога рекол дека Рахела плаче по своите синови?

Во Еремија 31:15 пишува: „Вака вели Јехова: ,Во Рама се слуша глас, оплакување и горко плачење. Рахела плаче по своите синови. Не сака да се утеши за своите синови, зашто нив повеќе ги нема‘“.

Рахела имала два сина, но тие не умреле пред да умре таа. Според тоа, зборовите што ги запишал Еремија 1.000 години по нејзината смрт може да звучат неточно.

Првиот син на Рахела се викал Јосиф (1. Мој. 30:22-24). Подоцна ѝ се родил уште еден син, на кого му било дадено името Венијамин. Но, додека го раѓала, Рахела умрела. Затоа, се појавува прашањето: Зошто во Еремија 31:15 е речено дека таа плачела бидејќи нејзините синови „повеќе ги нема“?

Нејзиниот прв син, Јосиф, станал татко на Манасија и Ефрем (1. Мој. 41:50-52; 48:13-20). Подоцна, племето Ефрем било најистакнато и највлијателно во северното царство Израел, и неговото име ги претставувало сите десет племиња. Од друга страна, племето што потекнало од вториот син на Рахела, Венијамин, станало дел од јужното царство, заедно со племето Јуда. Значи, во извесна смисла, за Рахела може да се рече дека ги претставува сите мајки во Израел, како во северното така и во јужното царство.

До времето кога била напишана книгата Еремија, северното десетплеменско царство веќе било освоено од Асирците и многу негови жители биле одведени во изгнанство. Меѓутоа, некои потомци на Ефрем можеби пребегале на подрачјето на Јуда. Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците го освоиле јужното двоплеменско царство Јуда. Изгледа дека при тоа освојување многу заробеници биле собрани во Рама, на околу 8 километри северно од Ерусалим (Ерем. 40:1). Можеби некои од нив биле погубени токму на истото место од територијата на племето Венијамин каде што била погребана Рахела (1. Сам. 10:2). Според ова, тоа што Рахела плачела по своите синови би можело да значи дека симболично го оплакувала целото племе Венијамин или, пак, само оние што биле погубени во Рама. Друга можност е дека тој израз укажува на плачот на сите мајки меѓу Божјиот народ поради смртта или протерувањето на Израелците.

Како и да е, тоа што Еремија рекол дека Рахела плаче по своите синови имало пророчко значење и укажувало на она што се случило многу векови подоцна, кога животот на малиот Исус бил во опасност. Цар Ирод заповедал да се убијат сите машки деца на возраст до две години кои биле во Витлеем, гратче јужно од Ерусалим. Затоа, можело да се каже дека тие синови повеќе ги немало — биле мртви. Замисли си го лелекот на мајките што останале без своите синови! Нивниот плач бил толку силен што, симболично кажано, можел да се чуе дури до Рама, на северната страна на Ерусалим (Мат. 2:16-18).

Според тоа, и во времето на Еремија и во времето на Исус, со изразот „Рахела плаче по своите синови“, на соодветен начин било покажано колкава била болката на еврејските мајки по нивните убиени деца. Се разбира, оние што умреле или, симболично кажано, отишле во ,непријателска земја‘, можат да се спасат од тој непријател кога ќе настапи воскресението на мртвите (Ерем. 31:16; 1. Кор. 15:26).