Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2014

,Послушајте и разберете‘

,Послушајте и разберете‘

„Послушајте ме сите и разберете!“ (МАР. 7:14)

1, 2. Зошто многу луѓе кои го слушале Исус не го разбрале она што го кажувал?

КОГА некој ни зборува, го слушаме неговиот глас, па дури и забележуваме со каков тон ни се обраќа. Но, за да го разбереме, треба да го сфатиме значењето на она што ни го кажува (1. Кор. 14:9). На сличен начин, илјадници луѓе ги слушале зборовите на Исус. Тој им зборувал на јазик што го разбирале. Сепак, сите не го сфатиле значењето на она што го кажувал. Затоа Исус им рекол: „Послушајте ме сите и разберете!“ (Мар. 7:14).

2 Зошто мнозина не го разбрале она што го кажувал Исус? Некои имале свои цврсто утврдени ставови или погрешни мотиви. На таквите лица, Исус им рекол: „Лукаво ја укинувате Божјата заповед за да си го зачувате своето предание“ (Мар. 7:9). Тие луѓе не се ни обиделе да го разберат. Не сакале да ги сменат своите постапки и гледишта. Иако ушите им биле отворени, нивните срца биле затворени и неприемливи. (Прочитај Матеј 13:13-15.) Како може нашето срце секогаш да биде отворено за да извлечеме корист од поуките на Исус?

КАКО МОЖАТ ДА НИ КОРИСТАТ ПОУКИТЕ НА ИСУС

3. Зошто учениците на Исус можеле да ги разберат неговите зборови?

3 Ние треба да бидеме понизни како учениците на  Исус. Тој им рекол: „Среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат“ (Мат. 13:16). Зошто Христовите ученици го разбрале она што другите не можеле да го разберат? Прво, тие биле спремни да поставуваат прашања и да сфатат што, всушност, сакал да им каже тој (Мат. 13:36; Мар. 7:17). Второ, биле спремни да го надополнат она што веќе го прифатиле во своето срце. (Прочитај Матеј 13:11, 12.) И трето, биле спремни да го искористат она што го научиле — и за себе и за да им помагаат на другите (Мат. 13:51, 52).

4. Кои три чекори ќе ни помогнат да ги разбереме споредбите на Исус?

4 За да ги разбереме споредбите на Исус, треба да го следиме примерот на неговите верни ученици. Во ова се вклучени три чекори. Прво, треба спремно да одвојуваме време да ги проучуваме Исусовите зборови и да размислуваме за нив, да истражуваме и да си поставуваме соодветни прашања. На тој начин ќе стекнеме знаење (Изр. 2:4, 5). Второ, треба да сфатиме како она што го учиме е поврзано со тоа што веќе го знаеме, и како може лично да ни користи. Ова ќе ни помогне да стекнеме разбирање (Изр. 2:2, 3). И трето, она што сме го научиле треба да го применуваме во својот живот. Со тоа ќе покажеме вистинска мудрост (Изр. 2:6, 7).

5. Наведи пример кој покажува која е разликата меѓу знаењето, разбирањето и мудроста.

5 Која е разликата меѓу знаењето, разбирањето и мудроста? Да го наведеме следниов пример: Замисли си дека стоиш на сред пат и одеднаш слушаш гласно свирење. Го креваш погледот и забележуваш дека еден автобус се приближува кон тебе — тоа е знаење. Потоа сфаќаш дека, ако останеш на патот, автобусот ќе те удри — тоа е разбирање. Затоа брзо скокнуваш настрана за да не те згази — тоа е мудрост. Ништо чудно што Библијата нѐ поттикнува ,да ја зачуваме мудроста‘ бидејќи таа навистина може да ни го спаси животот! (Изр. 3:21, 22; 1. Тим. 4:16).

6. Кои четири прашања ќе ги поставиме додека разгледуваме седум споредби што ги кажал Исус? (Види ја придружната  рамка.)

6 Во оваа и во следната статија, ќе разгледаме седум споредби што ги кажал Исус. Додека ја анализираме секоја од нив, ќе ги поставиме следниве прашања: Прво, што значи споредбата? (Така ќе стекнеме знаење.) Второ, зошто Исус ја дал? (Така ќе стекнеме разбирање.) Трето, како можат тие поуки да ни користат нам лично, и како можеме со нив да им помагаме и на другите? (Тоа ќе ни помогне да постапуваме мудро.) И четврто, што учиме од споредбата за Јехова и за Исус?

СИНАПОВОТО ЗРНО

7. Што значи споредбата за синаповото зрно?

7 Прочитај Матеј 13:31, 32. Што значи Исусовата споредба за синаповото зрно? Зрното ја претставува пораката за Царството, како и христијанското собрание, кое е резултат на проповедањето на таа порака. Слично на синаповото зрно, кое е „најмалото од сите семиња“, христијанското собрание било многу мало кога било основано во 33 год. од н.е. Но, за неколку децении, тоа доживеало пораст кој ги надминал сите очекувања (Кол. 1:23). Собранието станало како дрво на чии гранки ,се населиле птиците небесни‘. Овие симболични птици ги претставуваат искрените лица кои стануваат дел од христијанското собрание, во кое добиваат духовна храна, освежување и заштита. (Спореди Езекиел 17:23.)

8. Зошто Исус ја дал споредбата за синаповото зрно?

 8 Зошто Исус ја дал оваа споредба? Тој го употребил зачудувачкиот раст на синаповото зрно за да покаже дека делото за Царството ќе достигне невидени размери, и дека тоа Царство има моќ да заштитува и да ги урива сите пречки. Од 1914 год. наваму, порастот на видливиот дел на Божјата организација бил неверојатен (Иса. 60:22). Оние што се дел од таа организација добиваат извонредна духовна заштита (Изр. 2:7; Иса. 32:1, 2). Освен тоа, никакво противење не можело да го запре растот на христијанското собрание (Иса. 54:17).

9. а) Што учиме од споредбата за синаповото зрно? б) Што учиме од ова за Јехова и за Исус?

9 Што учиме од споредбата за синаповото зрно? Можеби живееме на подрачје каде што има малку Сведоци или каде што не можеме веднаш да ги видиме резултатите од нашето проповедање. Што ќе ни даде сила да истраеме? Не смееме никогаш да заборавиме дека Царството може да ги урне сите пречки. На пример, кога брат Едвин Скинер пристигнал во Индија во 1926 год., таму имало само неколку Сведоци. Иако во почетокот немало голем напредок, тој продолжил да проповеда и видел како пораката за Царството совладува огромни препреки. Сега во Индија има повеќе од 37.000 Сведоци, а минатата година на Спомен-свеченоста присуствуваа над 108.000 лица. Истата година кога брат Скинер пристигнал во Индија, делото штотуку почнало во Замбија. Сега таму има над 170.000 објавители, а на Спомен-свеченоста во 2013 год. присуствуваа 763.915 лица. Тоа значи дека секој 18-ти жител на Замбија беше присутен на Спомен-свеченоста. Навистина невиден пораст!

КВАСЕЦОТ

10. Што значи споредбата за квасецот?

10 Прочитај Матеј 13:33. Што значи споредбата за квасецот? Оваа споредба исто така се однесува на пораката за Царството и на христијанското собрание. „Целото тесто“,  кое се состои од „три големи мери брашно“, ги претставува сите луѓе, а ширењето на квасецот го претставува ширењето на пораката за Царството преку проповедањето (Лука 13:21). За разлика од синаповото зрно, чиј раст јасно се гледа, квасецот во почетокот се шири незабележливо. Резултатите се гледаат дури подоцна.

11. Зошто Исус ја дал споредбата за квасецот?

11 Зошто Исус ја дал оваа споредба? Тој сакал да покаже дека пораката за Царството има моќ незапирливо да се шири и да предизвика промени. Добрата вест за Царството стигнала „до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Иако промените што ги предизвикува таа можеби во почетокот не се видливи, тие се случуваат. Огромен број луѓе низ целиот свет ја прифаќаат пораката за Царството, и дозволуваат таа да ги промени нивните срца (Рим. 12:2; Еф. 4:22, 23).

12, 13. Наведи примери за тоа како пораката за Царството се раширила во склад со Исусовата споредба за квасецот.

12 Резултатите од проповедањето честопати се гледаат со години откако луѓето првпат ќе ја слушнат пораката за Царството. На пример, еден брачен пар Сведоци, Франц и Маргит, кои сега служат во друга подружница, во 1982 год. служеле во подружницата во Бразил. Тие сведочеле во едно мало гратче, каде што почнале да ја проучуваат Библијата со една мајка и нејзините четири деца. Најстарото момче, кое тогаш имало 12 години, било многу срамежливо и честопати се обидувало да се скрие пред да започне студијата. Бидејќи биле преместени да служат на друго место, Франц и Маргит не можеле да продолжат да проучуваат со ова семејство. Но, го посетиле овој град по цели 25 години. Што дознале кога пристигнале таму? Во градот имало изградено нова Сала на Царството во која се состанувало собрание со 69 објавители, од кои 13 служеле како општи пионери. А што се случило со срамежливото момче? Тој сега служи како координатор на старешинството! Слично на квасецот од споредбата на Исус, пораката за Царството се раширила и предизвикала промени во животот на многу луѓе.

13 Оваа порака има моќ да ги менува луѓето дури и во земји каде што проповедањето е законски забрането. Честопати сме изненадени кога ќе дознаеме до кој степен добрата вест успеала да се рашири и во тие земји. Да ја земеме за пример Куба. Библиската вистина пристигнала таму во 1910 год., а брат Расел ја посетил оваа земја во 1913 год. Но, напредокот во почетокот бил бавен. А што се случува во Куба денес? Таму има повеќе од 96.000 објавители на добрата вест, а на Спомен-свеченоста во 2013 год. присуствуваа 229.726 лица — односно, секој 48-ми жител на овој остров. Дури и во земјите кои не се под забрана, пораката за Царството можеби стигнала и во места каде што локалните Сведоци мислат дека воопшто не е проповедано * (Проп. 8:7; 11:5).

14, 15. а) Како може нам лично да ни користат поуките од Исусовата споредба за квасецот? б) Што учиме од ова за Јехова и за Исус?

14 Како можат да ни користат поуките од Исусовата споредба за квасецот? Кога размислуваме што значи оваа споредба, сфаќаме дека  не треба да бидеме претерано загрижени за тоа како уште милиони луѓе ќе ја чујат пораката за Царството. Јехова држи сѐ под контрола. А што се очекува од нас? Божјата Реч ни го дава одговорот: „Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката. Зашто, не знаеш каде ќе имаш успех, овде или онде, или и едното и другото ќе биде еднакво добро“ (Проп. 11:6). Се разбира, не смееме да заборавиме дека треба постојано да го молиме Јехова да го благослови проповедањето, особено во земјите каде што нашето дело е законски ограничено (Еф. 6:18-20).

15 Освен тоа, не треба да се разочаруваме ако веднаш не гледаме резултати од нашето проповедање. Никогаш не треба да го ,презираме денот на скромните почетоци‘ (Зах. 4:10). На крајот, резултатите можат далеку да ги надминат сите наши очекувања! (Пс. 40:5; Зах. 4:7).

ТРГОВЕЦОТ ШТО ПАТУВА И СКРИЕНОТО БОГАТСТВО

16. Што значат споредбите за трговецот што патува и за скриеното богатство?

16 Прочитај Матеј 13:44-46. Што значат споредбите за трговецот што патува и за скриеното богатство? Во времето на Исус, некои трговци патувале дури до Индискиот Океан за да набават најубави бисери. Трговецот од оваа споредба ги претставува искрените луѓе кои вложуваат многу труд за да ги задоволат своите духовни потреби. ,Скапоцениот бисер‘ ја претставува бесценетата вистина за Царството. Бидејќи сфаќа колку е вреден тој бисер, трговецот е спремен „веднаш“ да продаде сѐ што има за да го купи. Исус зборувал и за еден човек кој, додека работел на нивата, нашол „скриено“ богатство. За разлика од трговецот, овој човек не барал богатство. Сепак, слично на трговецот, бил спремен да продаде „сѐ што има“ за да го добие.

17. Зошто Исус ги дал споредбите за трговецот што патува и за скриеното богатство?

17 Зошто Исус ги дал овие две споредби? Тој сакал да покаже дека луѓето ја наоѓаат вистината на различни начини. Некои ја бараат и вложуваат голем труд за да ја најдат. Други, пак, ја наоѓаат иако не ја бараат — можеби така што некој ќе им ја пренесе добрата вест од Библијата. Како и да е, и трговецот и човекот кој открил скриено богатство сфатиле колку е скапоцено она што го нашле и биле спремни да направат огромни жртви за да го добијат.

18. а) Како можат да ни користат поуките од овие две споредби? б) Што учиме од ова за Јехова и за Исус?

18 Како можат да ни користат поуките од овие две споредби? (Мат. 6:19-21). Прашај се: ,Дали и јас имам ист став како овие двајца луѓе? Дали имам исто такво ценење за вистината? Дали сум спремен на жртви за да ја зачувам или, пак, дозволувам други работи, како што се секојдневните грижи, да ми го одвлечат вниманието од неа?‘ (Мат. 6:22-24, 33; Лука 5:27, 28; Фил. 3:8). Ако од дното на душата ја сакаме вистината, ќе бидеме спремни да направиме сѐ за таа да ни остане на прво место во животот.

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Да покажеме дека сме ги слушнале овие споредби за Царството и дека навистина сме разбрале што значат. Но, да не заборавиме дека не е доволно само да го знаеме нивното значење — треба и да го примениме она што го научивме. Во следната статија, ќе разгледаме уште три споредби и ќе видиме кои поуки може да ги извлечеме од нив.

^ пас. 13 Слично нешто се случило и во други земји, како што се Аргентина (Годишник за 2001, страница 186), Источна Германија (Годишник за 1999, страница 83), островот Робинсон Крусо (Стражарска кула од 15 јуни 2000, страница 9) и Папуа Нова Гвинеја (Годишник за 2005, страница 63).