Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2014

Тој ,го знаеше патот‘

Тој ,го знаеше патот‘

ГАЈ ХОЛИС ПИРС, кој служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го заврши својот живот на Земјата во вторник, на 18 март 2014 год. Тој имаше 79 години кога се исполни неговата надеж да стане еден од Христовите воскреснати браќа (Евр. 2:10-12; 1. Пет. 3:18).

Гај Пирс е роден во Обурн, Калифорнија (САД), на 6 ноември 1934 год., а се крсти во 1955 год. Со својата сакана сопруга, Пени, се венчаа во 1977 год. и заедно ги подигаа своите деца. Тоа што беше семеен човек придонесе да покажува татковски чувства кон мнозина. Во 1982 год., тој и Пени веќе беа во пионерска служба, а во 1986 год. започна неговата 11-годишна служба како покраински надгледник во САД.

Во 1997 год., Гај и Пени Пирс станаа членови на бетелското семејство во САД. Брат Пирс служеше во Службеното одделение, а во 1998 год. беше назначен за помошник на Одборот за персонал при Водечкото тело. На 2 октомври 1999 год., на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania беше известено дека е именуван да служи како член на Водечкото тело. Во последниве години, брат Пирс служеше во Одборот за персонал, Одборот за пишување, Одборот за издавање и Одборот на координатори.

Многу луѓе, без оглед на нивното потекло и култура, го сакаа брат Пирс поради неговата срдечна насмевка и смисла за хумор. Но, брат Пирс им беше многу мил на другите пред сѐ поради тоа што цврсто се држеше за Јеховините закони и начела и покажуваше љубов, понизност и непоколеблива вера. За него беше поверојатно сонцето да не изгрее следното утро отколку Јеховините ветувања да останат неисполнети, и таа своја увереност сакаше да ја сподели со колку што е можно повеќе луѓе.

Брат Пирс неуморно му служеше на Јехова. Стануваше рано секое утро и често работеше до доцна во ноќта. Патуваше низ целиот свет за да ги охрабри своите христијански браќа и сестри, и никогаш не беше премногу уморен за да им посвети време на членовите на бетелското семејство или на други на кои им требаше пријателство, совет или помош. Дури и по многу години, соверниците сѐ уште се сеќаваат на неговата гостољубивост, пријателство и охрабрување на темел на Библијата.

Нашиот брат и драг пријател имаше шест деца, како и внуци и правнуци. Тој имаше и голем број духовни деца. Во сабота, на 22 март 2014 год., брат Марк Сандерсон, кој исто така е член на Водечкото тело, го одржа погребниот говор за брат Пирс во Бетелот во Бруклин. Меѓу другото, тој зборуваше за небесната надеж на брат Пирс и ги прочита следниве зборови на Исус: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта... Сега одам да ви приготвам место. А кога ќе појдам и ќе ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом, за да бидете и вие таму каде што сум јас. А до таму каде што одам јас, го знаете патот“ (Јован 14:2-4).

Точно е дека брат Пирс многу ќе ни недостасува. Сепак, се радуваме што тој ,го знаеше патот‘ до своето трајно ,живеалиште‘.