Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2014

Дали ,ги разбираш Писмата‘?

Дали ,ги разбираш Писмата‘?

„Им го отвори умот да ги разберат Писмата“ (ЛУКА 24:45)

1, 2. Како Исус ги зајакнал своите ученици на денот кога воскреснал?

ДВАЈЦА ученици на Исус биле на пат кон едно село оддалечено околу 11 километри од Ерусалим. Тие биле обесхрабрени и нажалени бидејќи нивниот Господар умрел, а тие сѐ уште не знаеле дека воскреснал. Но, одеднаш Исус се појавил и тргнал по патот заедно со нив. Потоа, ,почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкувал она што е напишано за него во сите Писма‘ (Лука 24:13-15, 27). Учениците многу се утешиле, а нивното ,срце горело‘ затоа што Исус им ги објаснил Писмата (Лука 24:32).

2 Истата вечер, овие двајца ученици се вратиле во Ерусалим и им раскажале на апостолите за она што им се случило. Додека тие зборувале, Исус повторно им се појавил на сите што биле собрани. Неговите апостоли се стаписале од страв бидејќи не можеле да поверуваат дека тоа навистина е нивниот Учител. Како Исус ги зајакнал? Библијата вели: „[Тој] им го отвори умот да ги разберат Писмата“ (Лука 24:45).

3. Зошто понекогаш може да се обесхрабриме, но што ќе ни помогне исправно да гледаме на нашата служба?

3 Исто како тие ученици, и ние понекогаш може да се обесхрабриме. Можеби сме многу зафатени во делото  на Господарот, но се разочаруваме кога луѓето не ја прифаќаат пораката што им ја проповедаме (1. Кор. 15:58). Можеби ни се чини дека нема голем напредок ни кај оние со кои проучуваме. Со текот на времето, некои од оние на кои им помагаме можеби дури и ќе му свртат грб на Јехова. Како може исправно да гледаме на нашата служба? Една работа која ќе ни помогне е тоа што ќе го разбереме значењето на Исусовите споредби кои се запишани во Библијата. Да разгледаме три вакви споредби, и да видиме што може да научиме од нив.

СЕЈАЧОТ КОЈ СПИЕ

4. Што значи Исусовата споредба за сејачот кој спие?

4 Прочитај Марко 4:26-29. Што значи Исусовата споредба за сејачот кој спие? Сејачот го претставува секој објавител на Царството, а семето е пораката за Царството која им се проповеда на искрените лица. Откако ќе го посее семето, сејачот ги прави истите работи што ги прави секој друг човек, „ноќе спие и дење станува“. Во текот на периодот до жетвата, „семето никнува и расте“. Тоа расте ,само од себе‘ — постепено и во неколку фази. На сличен начин, и духовниот раст на поединецот се одвива постепено и во фази. Кога ќе напредува до тој степен што ќе одлучи да му служи на Бог, тоа лице „донесува плод“ така што му го заветува својот живот на Јехова и се крштава.

5. Зошто Исус ја дал споредбата за сејачот кој спие?

5 Зошто Исус ја дал оваа споредба? За да ни помогне да сфатиме дека Јехова е тој што овозможува вистината да расте во срцето на оние што ,исправно гледаат на вечниот живот‘ (Дела 13:48; 1. Кор. 3:7). Ние садиме и залеваме, но немаме никаква контрола над растот. Не можеме да го засилиме ниту да го забрзаме. Исто како човекот од споредбата, ние не знаеме како се одвива тој раст. Додека ги извршуваме секојдневните обврски, ние воопшто не сме свесни дека семето за Царството расте во нечие срце. Но, со текот на времето, ова семе може да даде плод. Тогаш новиот ученик се вклучува во жетвата и соработува заедно со нас (Јован 4:36-38).

6. Што треба да признаеме во врска со нечиј духовен раст?

6 Што учиме од оваа споредба? Како прво, мора да признаеме дека ние немаме никаква контрола над духовниот напредок на интересентот. Ако сме скромни, нема да му вршиме притисок да се крсти. Иако правиме сѐ што можеме да му помогнеме и да го поддржиме, ние понизно признаваме дека само тој може да одлучи дали ќе му служи на Бог или не. Оној што му се заветува на Јехова мора спремно да го направи тоа поттикнат од љубов кон Бог. Само тогаш неговиот завет ќе биде прифатлив за Јехова (Пс. 51:12; 54:6; 110:3).

7, 8. а) Што друго учиме од Исусовата споредба за сејачот кој спие? Наведи пример. б) Што учиме од ова за Јехова и за Исус?

7 Како второ, поуката од оваа споредба ќе ни помогне да не се разочаруваме ако во почетокот не гледаме резултати од нашиот труд. Треба да бидеме стрпливи (Јак. 5:7, 8). Ако ние сме го дале нашето најдобро да му помогнеме на интересентот, но семето на вистината не родило плод кај него, тоа не значи дека не сме го поучувале на исправен начин. Јехова дозволува семето на вистината да процвета само во понизно срце кое е спремно да прави промени (Мат. 13:23). Затоа, успехот во службата не треба да се мери со резултатите што ги постигнуваме. Во Јеховини очи, нашиот успех не зависи од тоа како реагираат оние што ги поучуваме. Напротив, Бог ги цени искрените напори што ги вложуваме,  без оглед на резултатите. (Прочитај Лука 10:17-20; 1. Коринќаните 3:8.)

8 Како трето, ние не ги гледаме секогаш промените кои се случуваат во нечие срце. На пример, еден мисионер проучувал со една брачна двојка. По некое време, мажот и жената му пристапиле и изразиле желба да станат некрстени објавители. Тој ги потсетил дека, за да ги исполнат условите, ќе мора да ги остават цигарите. На негово огромно изненадување, тие му рекле дека престанале да пушат уште пред неколку месеци. Зошто го сториле тоа? Затоа што сфатиле дека Јехова ги гледа кога пушат, дури и ако го прават тоа во тајност, и дека Тој го мрази лицемерството. Нивното срце ги поттикнало да донесат одлука — или да не кријат од мисионерот дека пушат или потполно да прекинат со таа навика. Сѐ поголемата љубов што ја чувствувале кон Јехова им помогнала да донесат исправна одлука. Тие духовно созреале иако мисионерот воопшто не бил свесен за промената што се случила кај нив.

МРЕЖАТА

9. Што значи споредбата за мрежата?

9 Прочитај Матеј 13:47-50. Што значи Исусовата споредба за мрежата? Исус рекол дека, кога им ја проповедаме пораката за Царството на сите луѓе, ние на симболичен начин фрламе голема мрежа во морето. Исто како што во една мрежа се фаќаат „секакви риби“, со нашето проповедање најразлични луѓе се привлечени кон вистината (Иса. 60:5). Доказ за ова е огромниот број лица кои присуствуваат секоја година на нашите конгреси и на Спомен-свеченоста. Бидејќи некои од нив се слични на „добри“ риби, тие се собираат во христијанското собрание. Но, други се слични на „лоши“ риби и Јехова не ги прифаќа.

Прочитај го извештајот во Матеј 13:47-50...

10. Зошто Исус ја дал споредбата за мрежата?

10 Зошто Исус ја дал оваа споредба? Симболичното одвојување на рибите не се однесува на последниот суд во текот на големата неволја. Напротив, тоа истакнува што ќе се случува во последните денови на овој злобен свет. Исус покажал дека секој што ќе биде привлечен кон вистината нема да сака да стане Јеховин слуга. Многумина доаѓаат на нашите состаноци. Други се спремни да ја проучуваат Библијата со нас, но не сакаат да му се заветуваат на Јехова (1. Цар. 18:21). А трети, пак, престанале да доаѓаат на состаноците. Некои млади биле воспитани од христијански родители, но не развиле љубов кон Јехова и неговите мерила. Како и да е, Исус нагласил дека секој мора да донесе лична одлука. Јехова ги смета за ,скапоцени‘ оние што ќе донесат исправна одлука (Агеј 2:7).

... и размисли како овие стихови се исполнуваат денес

11, 12. а) Како може да ни користи споредбата за мрежата? б) Што учиме од неа за Јехова и за Исус?

11 Како може да ни користи споредбата за мрежата? Поуките од оваа споредба ќе ни помогнат да не бидеме премногу вознемирени или разочарани ако некој интересент или некое од нашите деца одлучи да не му служи на Јехова. Ова може да се случи иако ние сме направиле сѐ што е во наша моќ за да го поучиме. Тоа што некој ќе се согласи да ја проучува Библијата или ќе биде воспитан од христијански родители не значи автоматски дека ќе развие близок личен однос со Јехова. Оние што не се спремни да се подложат на Јеховината власт, на крајот ќе бидат отстранети од Божјиот народ.

Некои од оние што се привлечени кон вистината ќе одлучат да му служат на Јехова (Види во пасуси 9-12)

12 Дали ова значи дека на оние што престанале да му служат на Јехова никогаш нема да им биде дозволено  да се вратат во собранието? Дали оние што досега немаат одлучено да му се заветуваат на Бог ќе бидат засекогаш сметани за „лоши риби“? Не. За нив сѐ уште има можност да станат негови пријатели пред да започне големата неволја. Јехова ги повикува: „Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас“ (Мал. 3:7). Ова е нагласено во една друга споредба на Исус — споредбата за расипничкиот син. (Прочитај Лука 15:11-32.)

РАСИПНИЧКИОТ СИН

13. Што значи споредбата за расипничкиот син?

13 Што значи Исусовата споредба за расипничкиот син? Милостивиот татко од оваа споредба го претставува нашиот грижлив небесен Татко, Јехова. Синот кој си заминува од дома и го троши целото свое наследство ги претставува оние што се оддалечиле од христијанското собрание. Кога си заминуваат, тие стануваат дел од Сатановиот свет, кој личи на „далечна земја“ затоа што е отуѓен од Јехова (Еф. 4:18; Кол. 1:21). Сепак, подоцна некои сфаќаат дека направиле голема грешка и одлучуваат да му се вратат на својот небесен Татко. Патот назад не е лесен, но бидејќи се понизни и навистина жалат за она што го направиле, Јехова им простува и ги пречекува со раширени раце (Иса. 44:22; 1. Пет. 2:25).

14. Зошто Исус ја дал споредбата за расипничкиот син?

14 Зошто Исус ја дал оваа споредба? Исус покажал дека Јехова навистина сака да му се вратат оние што му свртеле грб. Таткото во споредбата никогаш не престанал да се надева дека синот ќе се врати. Кога го видел како доаѓа, иако сѐ уште ,бил далеку‘, таткото брзо потрчал за да го пречека. Оваа споредба треба да ги поттикне оние што ја напуштиле вистината да му се вратат на Јехова без одложување. Можеби се чувствуваат засрамено и исцрпено во духовен поглед, и патот назад им изгледа тежок. Сепак, вреди да дадат сѐ од себе за да го поминат. Јехова, Исус и ангелите многу ќе се радуваат кога тие ќе се вратат! (Лука 15:7).

15, 16. а) Што учиме од Исусовата споредба за расипничкиот син? Наведи примери. б) Што учиме од ова за Јехова и за Исус?

15 Како може да ни користи споредбата за расипничкиот син? И ние треба да покажуваме љубов како што покажува Јехова. Кога некој ќе се врати во собранието, не треба да бидеме ,преправедни‘ и да одбиеме да му изразиме добредојде. Така би можеле  духовно ,да се упропастиме‘, односно да си го нарушиме пријателството со Бог (Проп. 7:16). Од оваа споредба може да научиме уште нешто. На оној што се оддалечил од собранието треба да гледаме како на ,изгубена овца‘, а не како на изгубен случај (Пс. 119:176). Ако сретнеме едно такво лице кое не е исклучено од собранието, треба со љубов да направиме сѐ што можеме за да му помогнеме да се врати. Освен тоа, сеедно дали е исклучено или не, треба веднаш да им кажеме на старешините за да можат да му пружат соодветна помош. На тој начин ќе ја примениме поуката од Исусовата споредба за расипничкиот син.

16 Оние што се враќаат се благодарни за Јеховината милост, како и за љубовта и поддршката од собранието. Еден брат кој бил исклучен 25 години вели: „Откако бев примен во собранието, мојата радост расте од ден во ден бидејќи Јехова постојано ме закрепнува (Дела 3:19). Сите ми помагаат и ми покажуваат дека ме сакаат! Повторно сум дел од едно прекрасно духовно семејство“. Една млада сестра која се вратила во собранието откако пет години била неактивна, вели: „Не можам да ви опишам како се чувствував кога браќата и сестрите на дело ми ја покажаа љубовта за која зборувал Исус. Неопислива чест е да бидеш дел од Јеховината организација!“

17, 18. а) Што научивме од трите споредби кои ги разгледавме? б) На што треба да бидеме решени?

17 Што научивме од овие три споредби? Прво, мора да признаеме дека немаме никаква контрола врз нечиј духовен раст. Тоа е во Јеховини раце. Второ, не е реално да очекуваме дека сите со кои проучуваме и кои доаѓаат на нашите состаноци ќе решат да му служат на Бог. И трето, иако некои можеби ќе ја напуштат вистината и ќе му свртат грб на Јехова, никогаш не треба да изгубиме надеж дека еден ден ќе се вратат. А ако се вратат, треба срдечно да ги пречекаме како што би сакал нашиот небесен Татко.

18 Затоа, и понатаму да се трудиме да стекнуваме знаење, разбирање и мудрост. Додека ги читаме споредбите на Исус, да се прашаме: ,Што значи оваа споредба? Зошто е запишана во Библијата? Како да ги применам поуките од неа? Што учам за Јехова и за Исус?‘ Кога го правиме тоа, покажуваме дека навистина разбираме што сакал да каже Исус.