Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2014

Дали го цениш она што си го примил?

Дали го цениш она што си го примил?

,Ние го примивме духот кој е од Бог, за да го спознаеме она што Бог ни го подарил‘ (1. КОР. 2:12)

1. Како гледаат многу луѓе на она што го имаат?

ЛУЃЕТО често велат: ,Човек не знае да го цени она што го има сѐ дури не го изгуби‘. Дали и ти некогаш си го помислил истото? Кога некој уште од мал има многу работи, обично ги зема здраво за готово. Ова особено може да биде случај со младите луѓе кои, затоа што се неискусни, честопати не можат добро да проценат што навистина е важно во животот.

2, 3. а) Од што треба да се чуваат младите христијани? б) Што ќе ни помогне да го цениме она што го имаме?

2 Ако си млад — можеби во своите тинејџерски или рани 20-ти години — што ти е важно тебе? На мнозина во светот, животот им се врти околу материјалните работи — добра плата, убав дом и најнови електронски уреди. Но, ако тоа е случај и со нас, ни недостига нешто многу важно — духовно богатство, односно пријателство со Бог. За жал, многумина денес не ни почнале да трагаат по тоа богатство. Вие, млади, кои сте воспитани од христијански родители, мора да внимавате да не заборавите колку вреди духовното наследство што сте го примиле од нив (Мат. 5:3). Ако не го цените, последиците можат да бидат  страшни и да се одразат врз целиот ваш живот.

3 Сепак, не мора да ви се случи такво нешто. Да разгледаме неколку библиски примери кои ќе ви покажат зошто треба да го цените вашето духовно наследство. Тие ќе ви помогнат вам, но и на сите нас, да го цениме она што сме го примиле од Јехова.

ТИЕ НЕ ПОКАЖАЛЕ ЦЕНЕЊЕ

4. Што дознаваме од 1. Самоилова 8:1-5 за синовите на Самоил?

4 Во Библијата пишува за некои луѓе кои добиле богато духовно наследство, но не покажале ценење за него. Ова било случај со семејството на пророкот Самоил, кој му служел на Јехова уште од мали нозе и секогаш му бил верен (1. Сам. 12:1-5). Самоил дал одличен пример, но неговите синови, Јоил и Авија, не постапувале како него. Тие биле лоши и расипани, и ,ја извртувале правдата‘. (Прочитај 1. Самоилова 8:1-5.)

5, 6. Што се случило со синовите и со внукот на Јосија?

5 Слично било и со синовите на цар Јосија, кој многу го сакал Јехова и верно му служел. Кога била пронајдена книгата на Божјиот закон и кога дознал што пишува во неа, Јосија дал сѐ од себе за да ги примени Јеховините упатства. Го отстранил идолопоклонството и спиритизмот од земјата, и го поттикнал народот да му биде послушен на Јехова (2. Цар. 22:8; 23:2, 3, 12-15, 24, 25). Неговите синови навистина добиле богато духовно наследство! Со текот на времето, тројца од нив, како и еден внук, станале цареви. За жал, никој не покажал ценење за она што го примил.

6 Јоахаз, едниот од синовите на Јосија, го наследил престолот на својот татко, но ,го правел она што е зло во Јеховини очи‘. Откако владеел само три месеци, египетскиот фараон го фрлил во окови, и Јоахаз умрел во заробеништво (2. Цар. 23:31-34). По него бил поставен за цар неговиот брат Јоаким, кој владеел 11 години. И тој не покажал никакво ценење за она што го примил од својот татко. Поради неговите зли дела, Еремија прорекол дека ,ќе биде закопан како што се закопува магаре‘ (Ерем. 22:17-19). Другите наследници на Јосија — неговиот син Седекија и неговиот внук Јоахин — не биле ништо подобри. Ниту еден од нив не постапувал како праведниот Јосија (2. Цар. 24:8, 9, 18, 19).

7, 8. а) Како Соломон пропуштил да покаже ценење за своето духовно наследство? б) Што учиме од библиските примери на оние кои не покажале ценење за своето духовно наследство?

7 Соломон бил цар кој од својот татко, Давид, научил како да му служи на Јехова. И покрај тоа што во почетокот бил добар, со текот на времето тој престанал да го цени своето духовно наследство. Библијата вели: „Кога Соломон остаре, неговите жени му го наведоа срцето да се сврти кон други богови, и неговото срце повеќе не му беше потполно оддадено на Јехова, неговиот Бог, како што беше срцето на Давид, неговиот татко“ (1. Цар. 11:4). На крајот, Соломон ја изгубил Јеховината милост.

8 Сите овие луѓе имале можност да го запознаат Јехова и да го прават она што е исправно. За жал, не ја искористиле. Но, Библијата зборува и за млади кои покажале вистинско ценење за своето духовно наследство. Сега ќе разгледаме некои добри примери на кои можат да се угледаат младите христијани.

 ТИЕ ПОКАЖАЛЕ ЦЕНЕЊЕ ЗА ОНА ШТО ГО ПРИМИЛЕ

9. Како синовите на Ное дале одличен пример? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Синовите на Ное дале одличен пример. Бог му заповедал на нивниот татко да изгради арка и да го внесе семејството во неа. Тие знаеле дека треба да ја вршат Јеховината волја. Затоа му помагале на својот татко да ја направи арката, а потоа влегле во неа пред да започне Потопот (1. Мој. 7:1, 7). Каков бил резултатот? Во 1. Мојсеева 7:3 пишува дека тие ги внеле животните во арката „за да се зачува нивниот вид на земјата“. Но, биле спасени и луѓе. Бидејќи го ценеле она што го примиле од својот татко, синовите на Ное придонеле да се зачува човечкиот род и да се обнови обожавањето на вистинскиот Бог на исчистената Земја (1. Мој. 8:20; 9:18, 19).

10. Како четворица млади Евреи во Вавилон покажале дека ги ценат вистините што ги научиле?

10 Со векови подоцна, четворица млади Евреи покажале дека научиле што навистина е важно. Ананија, Мисаел, Азарија и Даниел биле заробени и одведени во Вавилон во 617 год. пр.н.е. Тие биле убави и паметни млади луѓе кои лесно можеле да се вклопат и да бидат успешни во Вавилон. Сепак, овие четири момчиња никогаш не го заборавиле своето духовно наследство. Тие биле богато благословени затоа што продолжиле да се држат за вистините за кои биле поучени уште од мали нозе. (Прочитај Даниел 1:8, 11-15, 20.)

11. Каква корист имале другите од духовното наследство на Исус?

11 Исус дал најдобар пример за тоа што значи да се цени духовното наследство. За него биле скапоцени поуките што ги добил од својот Татко. Ова се гледа од следната негова изјава: „Зборувам така како што ме научи Таткото“ (Јован 8:28). Исус имал желба и другите да извлечат корист од она што го примил. Тој им рекол на мноштвата: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:18, 43). Исус им помогнал на оние што го слушале да разберат дека не смеат да бидат „дел од светот“, во кој повеќето луѓе не ги ценат духовните работи (Јован 15:19).

ЦЕНИ ГО ОНА ШТО СИ ГО ПРИМИЛ

12. а) Во кој поглед она што е кажано во 2. Тимотеј 3:14-17 важи и за многу млади денес? б) Кои прашања треба да си ги постават младите христијани?

12 Слично на младите луѓе што ги спомнавме, можеби и ти си воспитан од родители кои верно му служат на Јехова Бог. Ако е така, тогаш веројатно и за тебе важи она што Библијата го кажува за Тимотеј. (Прочитај 2. Тимотеј 3:14-17.) Твоите родители те поучиле за вистинскиот Бог и за тоа како можеш да го радуваш. Можеби почнале да те поучуваат уште од раѓање. Овие поуки сигурно многу придонеле да стекнеш мудрост „за да добиеш спасение преку верата која е во Христос Исус“ и да бидеш „потполно опремен“ за Божјата служба. Но, клучно прашање е: Дали ќе покажеш дека го цениш она што си го примил? Добро е да се преиспиташ со помош на следниве прашања: ,Како гледам на тоа што можам да бидам еден од многуте верни сведоци? Дали сум горд што сум Јеховин Сведок? Дали ми значи тоа што сум еден од малкуте луѓе кои Бог ги познава и кои ги нарекува свои пријатели? Дали сфаќам дека тоа што ја знам вистината е посебна и огромна чест?‘

Како гледаш на тоа што можеш да бидеш еден од многуте верни сведоци? (Види во пасуси 9, 10 и 12)

13, 14. Со какви искушенија се соочуваат одвреме-навреме некои млади христијани, но зошто не е разумно да им подлегнат? Наведи пример.

 13 Некои млади кои пораснале во христијански семејства можеби не сфаќаат колку е голема разликата меѓу нашиот прекрасен духовен рај и страшниот свет на Сатана. Други, пак, се нашле на искушение да го пробаат она што го нуди светот. Но, дали би се фрлил на улица пред некоја кола само за да почувствуваш колку е болно да те удри, па дури и да те згази? Се разбира дека не! Слично на тоа, нема потреба да влеземе во ,тињата на распуштеноста‘ во која тоне овој свет само за да видиме колку голема болка може да ни нанесе тој (1. Пет. 4:4).

14 Џенер, кој живее во Азија, пораснал во христијанско семејство и се крстил кога имал 12 години. Но, кога бил тинејџер, посакал да го вкуси животот во светот, кој му изгледал привлечен. Тој вели: „Сакав да ја почувствувам ,слободата‘ што ја нуди светот“. Џенер почнал да води двоен живот. До својата 15-та година, тој почнал да прави некои лоши работи што ги правеле и неговите световни другари. Почнал да пие и да пцуе како нив. Честопати си доаѓал дома доцна во ноќта, откако цела вечер играл насилни видеоигри со своите пријатели. Но, како што одминувало времето, сфатил дека тие работи не го исполнуваат и не го прават среќен. Денес Џенер е повторно дел од Божјата организација. Тој вели дека, иако понекогаш сѐ уште се соочува со искушенија, Јеховиниот благослов му е поважен од сѐ друго.

15. За што треба да размислуваат и младите кои не пораснале во христијански семејства?

15 Се разбира, во собранието има и други млади кои не пораснале во христијански семејства. Ако и ти си меѓу нив, размисли колкава чест имаш затоа што го познаваш Творецот и му служиш. Денес на Земјата живеат неколку милијарди луѓе, но само 1 од околу 1.000 добро ја познава библиската вистина. Замисли, ти си еден од малкуте кои Јехова со љубов ги привлекол кон себе и им дозволил да го запознаат! (Јован 6:44, 45). Сеедно како сме ја дознале вистината, зарем тоа не е причина за голема радост? (Прочитај 1. Коринќаните 2:12.) Џенер вели: „Просто се  наежувам кога ќе помислам на тоа. Кој сум јас да му бидам пријател на Јехова, Сопственикот на вселената?“ (Пс. 8:4). Една млада христијанка од истата земја рекла: „Учениците се многу горди кога нивниот учител ги познава. А колку поголема чест е да нѐ познава Најголемиот Учител, Јехова!“

ШТО ЌЕ СТОРИШ ТИ?

16. Која мудра одлука е добро да ја донесат младите христијани денес?

16 Размислувај за твоето прекрасно духовно наследство и донеси исправна одлука — постави си цел да му служиш на Јехова. Следи го добриот пример на верните млади луѓе од минатото. Тоа е многу помудро отколку да бидеш како повеќето денешни млади кои, како во занес, маршираат заедно со овој свет во конечно уништување (2. Кор. 4:3, 4).

17-19. Зошто е мудро да бидеш поинаков од светот?

17 Се разбира, иако не е секогаш лесно, мудро е да бидеме поинакви од светот. Да наведеме пример: Еден атлетичар кој се подготвува за Олимписки игри мора да биде поинаков од другите. Веројатно мора да се одрече од многу работи кои можат да му го одземат времето и вниманието што треба да ги посвети на тренирање. Но, тој е спремен да биде поинаков од своите врсници за да може повеќе да тренира и да ја постигне својата цел.

18 Повеќето луѓе во светот не размислуваат многу за лошите последици од своите постапки. Меѓутоа, Јеховините слуги не се такви. Ако се разликуваме од светот и ако не правиме работи кои можат да ни нанесат морална и духовна штета, ние ќе ,го освоиме вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:19). Сестрата спомната погоре вели: „Ако цврсто се држиш за своите верувања, на крајот ќе се чувствуваш убаво. Така ќе покажеш дека имаш сила да му се спротивставиш на Сатановиот свет. Но, најважно од сѐ, ќе знаеш дека Јехова Бог се гордее со тебе. Тогаш ќе сфатиш дека навистина вреди да си поинаков од другите!“

19 Оние кои мислат само на она што можат да го добијат сега, водат бесмислен живот (Проп. 9:2, 10). Ти знаеш зошто си овде и знаеш дека еден ден ќе можеш да живееш засекогаш. Тоа ти помага да донесуваш добри одлуки и да не бидеш како безбожните луѓе, туку да водиш еден среќен и исполнет живот (Еф. 4:17; Мал. 3:18).

20, 21. Каква иднина ни претстои ако донесуваме исправни одлуки, но што очекува Јехова од нас?

20 Ако донесеме исправни одлуки, може да бидеме среќни уште сега и да живееме вечно на Земјата. Нѐ очекуваат толку прекрасни работи што не можеме ни да си ги замислиме! (Мат. 5:5; 19:29; 25:34). Точно, Јехова нема да им ги даде тие благослови на сите. Тој бара да му бидеме послушни. (Прочитај 1. Јованово 5:3, 4.) Затоа, вреди уште сега верно да му служиме!

21 Јехова веќе ни дал многу. Ни помогнал добро да ја запознаеме неговата Реч и јасно да ја разбереме вистината за него и за неговата намера. Освен тоа, имаме чест да го носиме неговото име и да бидеме негови Сведоци. Бог ни ветува дека ќе биде на нашата страна (Пс. 118:7). Затоа, сеедно дали сме млади или стари, да покажеме дека го цениме нашето духовно наследство, и дека имаме желба да му оддаваме слава на Јехова во сета вечност (Рим. 11:33-36; Пс. 33:12).