Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2014

Цени ја честа да соработуваш со Јехова!

Цени ја честа да соработуваш со Јехова!

„Ние сме Божји соработници“ (1. КОР. 3:9)

1. Како гледа Јехова на работата, и што прави поради тоа?

ЈЕХОВА ужива во сето она што го прави (Пс. 135:6; Јован 5:17). Тој сака и ангелите и луѓето да уживаат во работата, и затоа им дава задачи кои ги исполнуваат и им причинуваат задоволство. На пример, Тој го вклучил својот првороден Син во создавањето. (Прочитај Колошаните 1:15, 16.) Библијата вели дека, пред да дојде на Земјата, Исус бил со Бог на небото како негов „вешт градител“ (Изр. 8:30).

2. Од каде знаеме дека ангелите отсекогаш добивале важни задачи што им носеле задоволство?

2 Библијата е полна со примери кои покажуваат дека Јехова отсекогаш им давал задачи на своите духовни синови. Откако Адам и Ева згрешиле и биле истерани од рајската градина, Бог ‚поставил херувими и меч со пламено сечило, кој се вртел постојано и го чувал патот кон дрвото на животот‘ (1. Мој. 3:24). А од Откровение 22:6 дознаваме дека Јехова ‚го испратил својот ангел за да им го покаже на своите робови она што наскоро требало да се случи‘ (Отк. 22:6).

КАКВИ ЗАДАЧИ ИМ ДАВАЛ БОГ НА ЛУЃЕТО?

3. Како Исус го следел примерот на својот Татко додека бил на Земјата?

3 Додека бил на Земјата како совршен човек, Исус со  радост ја извршувал секоја задача што му ја давал Јехова. По примерот на својот Татко, и тој им доверил важна работа на учениците. Исус ги поттикнал со воодушевеност да гледаат на својата задача кога им рекол: „Вистина, ви велам, кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави и поголеми дела од овие, бидејќи јас си одам кај Таткото“ (Јован 14:12). За да им нагласи дека неодложно треба да ја вршат задачата што им ја доверил, тој објаснил: „Мораме да ги вршиме делата на оној што ме испрати. Доаѓа ноќ кога никој не ќе може да работи“ (Јован 9:4).

4-6. а) Зошто може да бидеме благодарни затоа што Ное и Мојсеј ги исполниле задачите кои им ги дал Јехова? б) Што се постигнува со задачите кои Бог им ги дава на луѓето?

4 Долго пред Исус да дојде на Земјата, Јехова им давал на луѓето работа која им причинувала задоволство. Иако Адам и Ева не ја извршиле задачата што им била доделена, имало други луѓе кои послушно го правеле она што Бог го барал од нив (1. Мој. 1:28). На пример, Јехова му дал на Ное конкретни упатства за тоа како да ја изгради арката за да можат тој и неговото семејство да го преживеат Потопот. Всушност, ние сме живи денес благодарение на тоа што Ное совесно ги следел сите упатства кои му ги дал Бог (1. Мој. 6:14-16, 22; 2. Пет. 2:5).

5 Јехова му дал и на Мојсеј конкретни упатства во врска со изработката на светиот шатор и со организирањето на свештеничката служба. Мојсеј направил сѐ како што му заповедал Бог (2. Мој. 39:32; 40:12-16). Дури и ние денес имаме корист од тоа што верно ја исполнил својата задача бидејќи, како што објаснил апостол Павле, светиот шатор и свештенството укажувале на идните благослови (Евр. 9:1-5, 9; 10:1).

6 Додека ја исполнувал својата намера, Бог им давал разни задачи на своите слуги. Сепак, работата што им ја доверувал секогаш била за негова слава и за доброто на луѓето. Ова може да се каже и за делата што ги правел Исус додека бил на небото, а и подоцна кога дошол на Земјата (Јован 4:34; 17:4). И ние денес го славиме Јехова кога ги извршуваме задачите што тој ни ги дава (Мат. 5:16; прочитај 1. Коринќаните 15:58). Зошто го велиме ова?

ЗАДРЖИ ПОЗИТИВЕН СТАВ КОН ЗАДАЧИТЕ

7, 8. а) Објасни какво дело извршуваат христијаните денес. б) Како треба да реагираме на Јеховиното водство?

7 Јехова им укажува огромна чест на несовршените луѓе со тоа што ги повикува да служат како негови соработници (1. Кор. 3:9). Оние што се вклучени во изградбата на Конгресни сали, Сали на Царството и подружници имаат удел во едно дословно градежно дело, исто како Ное и Мојсеј. Сеедно дали учествуваш во реновирањето на вашата Сала на Царството или во изградбата на нашето главно седиште во Ворвик (Њујорк), цени ја честа што ја имаш да служиш на ваков начин. (Види го цртежот на почетокот од статијата.) Тоа е света служба. Меѓутоа, повеќето христијани се повикани да учествуваат во едно духовно градежно дело. И тоа е наменето да го прослави Јехова и да им користи на послушните луѓе (Дела 13:47-49). Божјата организација ни дава упатства како да го вршиме на најдобар можен начин. Ова понекогаш значи дека ќе добиеме нови задачи.

8 Верните слуги на Јехова секогаш се спремни да го следат неговото водство. (Прочитај Евреите 13:7, 17.) Можеби понекогаш не разбираме во потполност зошто треба да ги вршиме  задачите на одреден начин или зошто добиваме нова задача. Сепак, спремно соработуваме со Јехова бидејќи сме свесни дека промените се од него и дека ќе имаат добри резултати.

9. Каков пример му даваат старешините на собранието?

9 Старешините покажуваат дека од срце сакаат да ја вршат Јеховината волја со начинот на кој предводат во собранието (2. Кор. 1:24; 1. Сол. 5:12, 13). Спремни се напорно да работат и да држат чекор со променетите околности. Тие брзо се приспособуваат на новите методи на проповедање, и организираат сведочење по телефон, проповедање на пристаништа, како и јавно сведочење. Иако некои во почетокот не биле сигурни дали овие методи ќе бидат делотворни, наскоро виделе дека ова дало добри резултати. На пример, четири пионери во Германија решиле да сведочат на едно деловно подрачје кое не било обработувано долго време. Михаел вели: „Со години немавме учествувано во оваа гранка од службата, и затоа имавме трема. Јехова сигурно знаеше како се чувствувавме бидејќи тоа утро си поминавме незаборавно. Многу сме среќни што ги следевме упатствата од Нашата служба за Царството и што се потпиравме на Јехова за помош!“ Дали и ти си спремен да испробаш некои нови методи на сведочење на вашето подрачје?

10. Какви организациски промени беа направени во последниве години?

10 Понекогаш се потребни организациски промени. Во последниве години, неколку помали подружници беа затворени, а работата што се извршуваше таму беше префрлена во поголеми подружници. Ова влијаеше врз браќата и сестрите кои служеа во нив. Тие мораа да направат преиначувања во животот, но подоцна увидоа колку беа корисни таквите промени (Проп. 7:8). Овие спремни работници се пресреќни што имаат удел во современата историја на Јеховиниот народ!

11-13. Со какви предизвици се соочиле некои поради организациските промени?

11 Може да извлечеме важни поуки од оние кои служеа во подружниците каде што беа направени вакви промени. Некои од тие браќа и сестри со децении служеле во Бетелот во својата земја. Една брачна двојка која служеше во мал Бетел во Средна Америка беше замолена да се префрли во Мексико каде што бетелското семејство е 30 пати поголемо. Рохелио вели: „Воопшто не ни беше лесно да ги оставиме семејството и пријателите“. Хуан, еден друг брат кој беше замолен да се префрли во Мексико, раскажува: „Тоа е исто како да почнуваш нов живот. Мораш да создаваш нови врски. Исто така, мора да се приспособиш на друга култура и на поинаков менталитет“.

12 И бетелските слуги од некои европски земји кои беа префрлени во подружницата во Германија се соочија со предизвици. На пример, на браќата и сестрите кои се преселија од Швајцарија им недостасуваат прекрасните Алпи. На оние од Австрија, пак, во почетокот им беше тешко да се приспособат на голем Бетел бидејќи беа навикнати да живеат во помало бетелско семејство.

13 Оние што се преселија во друга земја требаше да се навикнат на нов дом, на нови соработници, а понекогаш и на нова работна задача. Освен тоа, требаше да се приспособат на друго собрание, поинакво подрачје, а можеби и на нов јазик. Не е секогаш лесно да се направат вакви промени. Сепак, многу бетелски слуги беа спремни на таков чекор. Зошто? Да видиме што изјавија некои од нив.

14, 15. а) Како многумина покажале дека се радуваат што можат да соработуваат со Јехова, сеедно каква задача вршат? б) Во кој поглед тие се добар пример за сите нас?

 14 Една сестра која се вика Гретел вели: „Ја прифатив поканата бидејќи на тој начин сакав да му покажам на Јехова дека мојата љубов кон него не е поврзана со некоја земја, зграда или задача“. Друга сестра по име Дајска рекла: „Со радост ја прифатив поканата бидејќи знаев дека е од Јехова“. Андре и Габриела го делат нејзиното мислење. Тие велат: „Ова за нас беше нова можност да ја ставиме Јеховината волја на прво место тргајќи ги настрана нашите желби. Си рековме: ‚Кога ќе задуваат ветровите на промена од Јехова, подобро е да ги кренеш едрата наместо да ја спуштиш котвата‘“.

Наша најголема чест е да го вршиме Јеховиното дело!

15 Поради спојувањето на одредени подружници, некои браќа и сестри од Бетелот добија задача да служат како пионери. Ова се случи со повеќе бетелски слуги кога подружниците во Данска, Норвешка и Шведска се споија во една, и беше формирана Скандинавската подружница. Меѓу нив беа Флоријан и Ања, кои велат: „На новата задача гледаме како на интересен предизвик. Се радуваме што Јехова може да нѐ користи без разлика каде служиме. Навистина чувствуваме дека сме богато благословени!“ Иако повеќето од нас нема да мора да прават такви промени, можеме да покажуваме иста спремност како тие браќа и сестри со тоа што ќе го ставаме Царството на прво место (Иса. 6:8). Јехова секогаш ги благословува оние што со радост соработуваат со него, сеедно каде му служат.

РАДУВАЈ СЕ И ПОНАТАМУ НА ЧЕСТА ДА СОРАБОТУВАШ СО ЈЕХОВА!

16. а) Каков совет ни е даден во Галатите 6:4? б) Која е најголемата чест што може да ја има некој човек?

16 Несовршените луѓе се склони да се споредуваат едни со други, но Божјата Реч нѐ советува да мислиме на она што ние лично можеме да го правиме. (Прочитај Галатите 6:4.) Секој од нас не може да биде старешина, пионер, мисионер или бетелски  слуга. Се разбира, убаво е ако некој има чест да врши вакви одговорности. Но, сите ние можеме да ја имаме најголемата можна чест — да соработуваме со Јехова додека ја проповедаме добрата вест. Да го цениме тоа од дното на душата!

17. Каква е реалноста во светот на Сатана, но зошто тоа не треба да нѐ обесхрабри?

17 Сѐ додека постои светот на Сатана не можеме да му служиме на Јехова онолку колку што би сакале. Можеби немаме контрола над нашите семејни одговорности, здравствената состојба или некои други околности. Но, не треба да се обесхрабриме поради тоа. Без разлика какви се нашите ограничувања, секогаш имаме можност да сведочиме за Божјето име и за неговото Царство. Најважно од сѐ е да соработуваме со Јехова колку што е можно повеќе, и да го молиме да ги благословува оние што се во состојба да му служат во поголема мера од нас. Не смееме да заборавиме дека секој што го слави Јеховиното име е скапоцен во негови очи.

18. Што треба да бидеме спремни да одложиме, и зошто?

18 Јехова дозволува да бидеме негови соработници иако сме несовршени. Навистина е прекрасно што можеме да соработуваме со нашиот Бог во овие последни денови! Треба да бидеме спремни да одложиме многу од нашите лични интереси и желби, бидејќи знаеме дека во новиот свет Јехова ќе ни го подари „вистинскиот живот“ — вечен живот исполнет со среќа и мир (1. Тим. 6:18, 19).

Дали ја цениш честа да му служиш на Јехова? (Види во пасуси 16-18)

19. Што ни ветил Јехова за иднината?

19 Сега, додека стоиме на прагот на новиот свет, добро е да размислуваме за она што Мојсеј им го кажал на Израелците кратко пред да влезат во Ветената земја: „Јехова, твојот Бог, ќе го благослови изобилно секое дело на твоите раце“ (5. Мој. 30:9). Кога ќе помине Армагедон, Јехова ќе им ја даде Земјата на оние што соработувале со него, токму како што им ветил. Тогаш ќе го насочиме сето наше внимание на една нова задача — да ја претвориме нашата планета во прекрасен рај!