Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2014

Ќе бидете „царство на свештеници“

Ќе бидете „царство на свештеници“

„Ќе ми бидете царство на свештеници и свет народ“ (2. МОЈ. 19:6)

1, 2. Од што требало да биде заштитено потомството на „жената“, и зошто?

ПРВОТО пророштво запишано во Библијата е многу важно за да разбереме како Јехова ќе ја исполни својата намера. Кога го дал ветувањето во еденската градина, вистинскиот Бог рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе [Сатана] и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство“. Колку жестоко ќе било тоа непријателство? Јехова рекол: „Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мој. 3:15). Непријателството меѓу „змијата“ и „жената“ ќе било толку немилосрдно што Сатана ќе ги употребел сите можни средства за да го уништи нејзиното „потомство“.

2 Ништо чудно што псалмистот се молел со следниве зборови во врска со Божјиот избран народ: „Еве, твоите непријатели се во безредие, подигнале глава оние што многу те мразат. Против твојот народ лукаво склучуваат таен договор, против оние што си ги скрил коваат завера. Велат: ‚Дојдете, да ги истребиме, за да не бидат повеќе народ‘“ (Пс. 83:2-4). Целта на Сатана била духовно да ја расипе и да ја уништи лозата од која требало да дојде ветеното потомство. За потомството да биде  заштитено и за да се загарантира исполнувањето на Божјата намера, биле склучени уште неколку сојузи.

СОЈУЗ КОЈ ГО ЗАШТИТУВА ПОТОМСТВОТО

3, 4. а) Кога стапил на сила сојузот на Законот, и што се согласиле да прават Израелците? б) Која била целта на сојузот на Законот?

3 Кога потомците на Авраам, Исак и Јаков толку се намножиле што броеле милиони, Јехова од нив го основал древниот израелски народ. Преку Мојсеј, Бог склучил еден посебен сојуз со оваа нација. Тој им го дал Законот, а Израелците ги прифатиле условите што биле изнесени во него. Библијата вели: „[Мојсеј] ја зеде книгата на сојузот и ја прочита пред народот. А народот рече: ‚Сѐ што рекол Јехова ќе правиме и ќе послушаме‘. Потоа Мојсеј ја зеде крвта [на жртвуваните јунци] и го попрска народот, велејќи: ‚Ова е крвта на сојузот што го склучи Јехова со вас на темел на сите овие зборови‘“ (2. Мој. 24:3-8).

4 Сојузот на Законот стапил на сила на планината Синај во 1513 год. пр.н.е. Со овој сојуз, древните Израелци биле одвоени како Божји избран народ. Јехова станал ‚нивни Судија, Законодавец и Цар‘ (Иса. 33:22). Од историјата на Израелците може да се види какви се резултатите кога народот ги држи Божјите праведни мерила и какви се последиците кога не ги држи. Бидејќи Законот им забранувал да стапуваат во брак со не-Евреи и да им служат на лажни богови, неговата цел била да ја заштити лозата на Авраам да не се расипе во духовен поглед (2. Мој. 20:4-6; 34:12-16).

5. а) Каква можност добиле Израелците кога Јехова го склучил сојузот на Законот со нив? б) Зошто Бог ги отфрлил Израелците?

5 Сојузот на Законот предвидувал да има свештеници. Тие укажувале на едно друго свештенство кое во иднина ќе им служи на луѓето на далеку подобар начин (Евр. 7:11; 10:1). Всушност, преку тој сојуз, на Израелците им била укажана извонредна можност и чест да станат „царство на свештеници“, но под услов да им бидат послушни на Јеховините закони. (Прочитај 2. Мојсеева 19:5, 6.) За жал, тие не го исполниле овој услов. Не го прифатиле Месијата, односно главниот дел од потомството на Авраам. Наместо тоа, Израелците го отфрлиле Исус, а Бог ги отфрлил нив.

Тоа што Израелците биле непослушни не значело дека Законот не ја исполнил својата цел (Види во пасуси 3-6)

6. Што било постигнато со Законот?

6 Бидејќи не му останал верен на Бог, израелскиот народ не станал царство на свештеници. Но, тоа не значи дека Законот не ја исполнил својата цел. Тој требало да го заштити потомството и да ги води луѓето до Месијата. Штом дошол Исус и станало јасно дека тој е Христос, Законот  ја постигнал целта за којашто бил даден. Библијата вели: „Христос е завршетокот на Законот“ (Рим. 10:4). Тогаш, која група ќе може да стане царство на свештеници? Јехова склучил уште еден сојуз за да формира нов народ.

СЕ РАЃА НОВ НАРОД

7. Што претскажал Јехова преку Еремија во врска со еден нов сојуз?

7 Долго пред да биде укинат сојузот на Законот, Јехова претскажал преку пророкот Еремија дека ќе склучи „нов сојуз“ со израелскиот народ. (Прочитај Еремија 31:31-33.) Тој ќе се разликувал од сојузот на Законот бидејќи немало да бара да се принесуваат животински жртви за да бидат простени гревовите. Како ќе било можно вакво нешто?

8, 9. а) Што овозможува крвта која ја пролеал Исус? б) Каква чест им е укажана на помазаните учесници во новиот сојуз? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Со векови подоцна, на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус ја воспоставил Господаровата вечера. Кога ја зел чашата со вино, тој им го рекол следново на своите 11 верни апостоли: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас“ (Лука 22:20). А во евангелието според Матеј, во врска со виното Исус рекол: „Ова ја претставува мојата ‚крв на сојузот‘, која ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите“ (Мат. 26:27, 28).

9 Новиот сојуз станува полноважен на темел на пролеаната крв на Исус. Таа исто така овозможува засекогаш да бидат простени гревовите. Исус не е учесник во новиот сојуз. Бидејќи бил безгрешен, не му било потребно простување. Но, Бог можел да ја примени вредноста на неговата пролеана крв врз потомците на Адам. Освен тоа, можел да го употреби својот свет дух за да помаза некои верни поединци и да ги усвои како свои „синови“. (Прочитај Римјаните 8:14-17). Во Јеховини очи, тие на некој начин стануваат како Исус, кој е безгрешен. Тие помазаници ќе бидат ‚Христови сонаследници‘ и ќе имаат чест да станат „царство на свештеници“, можност која најпрво му била дадена на израелскиот народ. Во врска со ‚Христовите сонаследници‘, апостол Петар рекол: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите‘ на оној што ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Пет. 2:9). Новиот сојуз навистина е од огромна важност! Тој им овозможува на некои Христови ученици да станат спореден дел од потомството на Авраам.

НОВИОТ СОЈУЗ СТАПУВА НА СИЛА

10. Кога стапил на сила новиот сојуз, и зошто не станал правосилен дотогаш?

10 Новиот сојуз не стапил на сила на Господаровата вечера. Зошто? За овој сојуз да стане правосилен, најпрво Исус морал да се врати на небото кај Бог и да му ја принесе вредноста на својата крв. Освен тоа, и светиот дух требало да биде излеан врз оние што ќе станеле ‚Христови сонаследници‘. Според тоа, новиот сојуз стапил на сила на Педесетница 33 год. од н.е., кога верните ученици на Исус биле помазани со свет дух.

11. Како новиот сојуз им овозможил и на Евреите и на не-Евреите да станат дел од духовниот Израел, и колку помазаници се вклучени во новиот сојуз?

11 Иако претходниот сојуз на Законот на некој начин станал „застарен“ уште кога Јехова објавил преку Еремија дека ќе склучи нов сојуз со Израел, сепак не бил укинат сѐ додека  не стапил на сила новиот сојуз (Евр. 8:13). Преку новиот сојуз, и на Евреите и на необрежаните не-Евреи им била дадена подеднаква можност да бидат наследници на Божјето Царство, бидејќи нивното „обрежување е обрежување на срцето по дух, а не по пишан закон“ (Рим. 2:29). Кога го склучил новиот сојуз со нив, Бог ги ставил своите „закони во нивниот ум“ и ги запишал „во нивните срца“ (Евр. 8:10). Вкупниот број на помазаници кои се вклучени во новиот сојуз е 144.000. Тие го сочинуваат новиот народ, кој е наречен „Израелот Божји“, односно духовниот Израел (Гал. 6:16; Отк. 14:1, 4).

12. Какви сличности постојат меѓу сојузот на Законот и новиот сојуз?

12 Какви сличности постојат меѓу сојузот на Законот и новиот сојуз? Сојузот на Законот бил склучен меѓу Јехова и родениот Израел — новиот сојуз бил склучен меѓу Јехова и духовниот Израел. Мојсеј бил посредник на претходниот сојуз — Исус е Посредникот на новиот сојуз. Сојузот на Законот станал полноважен со пролевање на животинска крв — новиот сојуз станал полноважен со пролеаната жртвена крв на Исус. Освен тоа, исто како што Мојсеј станал водач на израелскиот народ под сојузот на Законот, Исус — Главата на собранието — е водач на оние што се под новиот сојуз (Еф. 1:22).

13, 14. а) Како е поврзан новиот сојуз со Царството? б) Што е потребно за членовите на духовниот Израел да владеат заедно со Христос на небото?

13 Како е поврзан новиот сојуз со Царството? Преку овој сојуз бил формиран свет народ чии припадници имаат можност да служат како цареви и свештеници во небесното Царство. Тој народ го сочинува споредниот дел од потомството на Авраам (Гал. 3:29). Според тоа, новиот сојуз потврдува дека она што Јехова го ветил во сојузот со Авраам навистина ќе се исполни.

14 Благодарение на новиот сојуз — преку кој е создаден духовниот Израел — помазаниците добиваат законско право да станат ‚Христови сонаследници‘. Но, како ќе можат тие да владеат заедно со Христос како цареви и свештеници на небото? Тоа го овозможува еден друг сојуз.

СОЈУЗ КОЈ ОВОЗМОЖУВА И ДРУГИ ДА ВЛАДЕАТ СО ХРИСТОС

15. Каков сојуз склучил Исус со своите верни апостоли?

15 Откако ја воспоставил Господаровата вечера, Исус склучил сојуз со своите верни ученици, кој е наречен сојуз за Царството. (Прочитај Лука 22:28-30.) За разлика од другите сојузи, кои биле склучени од страна на Јехова, ова е личен сојуз меѓу Исус и неговите помазани следбеници. Кога рекол, „како што мојот Татко со мене склучи сојуз“, Исус очигледно мислел на сојузот што Јехова го склучил со него за да биде „довека свештеник сличен на Мелхиседек“ (Евр. 5:5, 6).

16. Што им овозможува сојузот за Царството на помазаните христијани?

16 Единаесетте верни апостоли ‚останале со Исус во неговите искушенија‘. Сојузот за Царството ги уверил дека ќе бидат со него на небото и дека ќе седат на престоли за да служат како цареви и свештеници. Но, тие 11 ученици нема да бидат единствените на кои ќе им биде укажана таква чест. Кога му се појавил во видение на Јован, прославениот Исус му рекол: „На оној што ќе победи, ќе му дадам да седне со мене на мојот престол, како што и јас победив и седнав со својот Татко на неговиот престол“ (Отк. 3:21). Според тоа, сојузот за Царството е склучен со  144.000 помазани христијани (Отк. 5:9, 10; 7:4). Овој сојуз им дава законско право да владеат со Исус на небото. Тоа е слично како кога една невеста од благородничко семејство е избрана да се омажи за некој цар. Откако ќе стапи во брак со царот, и таа има право да владее заедно со него. Всушност, Библијата ги нарекува помазаниците Христова „невеста“, односно „чиста девица“ која му е ветена за брак на Исус (Отк. 19:7, 8; 21:9; 2. Кор. 11:2).

ИМАЈ НЕПОКОЛЕБЛИВА ВЕРА ВО БОЖЈЕТО ЦАРСТВО

17, 18. а) Објасни ги накратко шесте сојузи поврзани со Царството кои ги разгледавме. б) Зошто може да имаме непоколеблива вера во Царството?

17 Сите сојузи кои ги разгледавме во овие две статии се поврзани со еден или повеќе важни аспекти на Царството. (Во претходната статија види ја рамката „Како Бог ќе ја исполни својата намера“.) Јасно е дека Божјето Царство е цврсто втемелено на овие правни договори. Затоа имаме силна причина да веруваме дека, преку месијанското Царство, Бог ќе ја исполни својата првобитна намера со Земјата и со човештвото (Отк. 11:15).

Јехова ќе ја исполни својата намера со Земјата преку месијанското Царство (Види во пасуси 15-18)

18 Нема никакво сомнение дека Царството е единственото решение за сите човечки проблеми. Ние сме потполно уверени дека тоа ќе му донесе трајни благослови на човештвото. Затоа, ревносно да им ја објавуваме таа прекрасна вистина на другите! (Мат. 24:14).