Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2014

Ќе биде уништен последниот непријател — смртта

Ќе биде уништен последниот непријател — смртта

„Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. КОР. 15:26)

1, 2. Како живееле Адам и Ева на почетокот, и кои прашања се поставуваат?

КОГА Јехова ги создал Адам и Ева, тие немале никакви непријатели. Биле совршени и живееле во рај. Освен тоа, имале близок однос со својот Творец како негови деца (1. Мој. 2:7-9; Лука 3:38). Бог им доверил една важна задача. (Прочитај 1. Мојсеева 1:28.) За да ја ,наполнат земјата и да ја потчинат‘ им било потребно одредено време. Но, за да можат да владеат над сите суштества што се движат по земјата, Адам и Ева требало да живеат вечно. Тие ќе можеле засекогаш да ја вршат оваа задача.

2 Тогаш, зошто денес живееме во сосема поинакви околности? Зошто има толку многу непријатели што ни ја одземаат радоста, од кои најголемиот е смртта? Како Бог ќе ги уништи тие непријатели? Библијата ги дава одговорите на овие и на други слични прашања. Да разгледаме некои од нив.

 ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДАДЕНО ОД ЉУБОВ

3, 4. а) Што им заповедал Бог на Адам и Ева? б) Колку било важно да ја послушаат таа заповед?

3 Иако биле создадени да живеат засекогаш, Адам и Ева не биле бесмртни. За да останат живи, тие морале да дишат, да пијат, да спијат и да јадат. Што е уште поважно, нивниот живот зависел од односот што го имале со Јехова Бог, Оној што им го дал тој скапоцен дар (5. Мој. 8:3). За да продолжат да живеат, тие морале да го прифатат Божјето водство. Јехова јасно му го кажал ова на Адам уште пред да ја создаде Ева. Библијата вели: „Јехова Бог му заповеда на човекот: ,Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш‘“ (1. Мој. 2:16, 17).

4 „Дрвото на спознанието на доброто и злото“ го претставувало Божјето право да одлучува што е добро, а што зло. Се разбира, бидејќи бил создаден според Божјиот лик и имал совест, Адам уште од самиот почеток бил способен да процени што е исправно, а што погрешно. Но, дрвото ги потсетувало и него и Ева дека секогаш ќе им биде потребно Јеховиното водство. Ако јаделе од неговиот плод, тоа ќе значело дека сакаат самите да одредуваат што е исправно а што не, и на тој начин ќе си нанеле огромна штета, и себеси и на децата кои ќе им се роделе. Последиците од една таква одлука ќе биле страшни — и тие и нивните потомци ќе морале да умрат, токму како што ги предупредил Бог.

КАКО ЛУЃЕТО ПОЧНАЛЕ ДА УМИРААТ

5. Како Адам и Ева ја прекршиле Божјата заповед?

5 Откако била создадена Ева, Адам ѝ кажал што заповедал Бог. Таа добро ја знаела оваа заповед, дури можела да ја цитира од збор до збор (1. Мој. 3:1-3). Токму тоа и го сторила кога разговарала со Сатана, кој зборувал со неа преку една змија. Овој духовен Божји син дозволил кај него да се развие желба за независност и власт. (Спореди со Јаков 1:14, 15.) За да ја оствари својата злобна намера, тој го обвинил Бог дека лаже. Сатана ја убедил Ева дека независноста е за нејзино добро, и дека нема да ја води во смрт туку, напротив, ќе ѝ помогне да стане како Бог (1. Мој. 3:4, 5). Ева му поверувала и покажала дека сака да биде независна така што јадела од плодот. А потоа го навела и Адам да го направи истото. Тој знаел дека тоа е погрешно, но сепак ,го послушал гласот на својата жена‘ (1. Мој. 3:6, 17). Но, она што го кажал Ѓаволот било невистина. (Прочитај 1. Тимотеј 2:14.) Иако настапил како пријател, тој, всушност, бил безмилосен непријател кој знаел какви кобни последици ќе има ако Ева ѝ поверува на неговата лага.

6, 7. Како Јехова им пресудил на престапниците?

6 Од себични причини, и Адам и Ева се побуниле против оној што им дал живот и сѐ што имале. Се разбира, Јехова добро знаел што се случило (1. Лет. 28:9; прочитај Изреки 15:3). Тој им дозволил на првите луѓе и на Сатана да покажат што чувствуваат кон него. Како Татко, тој сигурно бил длабоко повреден. (Спореди со 1. Мојсеева 6:6.) Но, како праведен Судија, им пресудил на престапниците и тие морале да си ја добијат заслужената казна.

7 Бог му рекол на Адам: „Во оној ден кога ќе каснеш од [дрвото на спознанието на доброто и злото], сигурно ќе умреш“. Можно е Адам да мислел  дека овој „ден“ што го спомнал Бог трае 24 часа. Откако ја прекршил Божјата заповед, веројатно чекал Јехова да направи нешто пред да зајде сонцето. Подоцна тој ден, ,кога дувкал дневниот ветрец‘, Бог зборувал со нив (1. Мој. 3:8). На некој начин, Јехова ги повикал на суд. Откако најпрво ги утврдил фактите на темел на она што го кажале Адам и Ева, тој изрекол пресуда над нив (1. Мој. 3:9-19). Но, ако ја спровел во тој момент, неговата намера во врска со нив и со нивното потомство никогаш немало да се исполни (Иса. 55:11). Иако тие веднаш почнале да ги чувствуваат последиците од гревот, Бог им дозволил да живеат доволно долго за да имаат деца за кои подготвил подобра иднина. Сепак, за него тие биле мртви уште истиот ден кога згрешиле. А со оглед на тоа што за Јехова 1.000 години се како еден ден, може да се каже дека Адам и Ева и во таа смисла умреле истиот „ден“ (2. Пет. 3:8).

8, 9. Како влијаел гревот на Адам врз неговото потомство? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Дали и децата на Адам и Ева ќе сноселе последици поради она што го направиле тие? Да. Во Римјаните 5:12, Павле рекол: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“. Потоа додал: „Преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници“ (Рим. 5:19). Првиот човек што умрел бил верниот Авел (1. Мој. 4:8). Потоа другите деца на Адам почнале да стареат и да умираат. Значи, гревот и смртта се како двајца немилосрдни непријатели на кои не може да им побегне ниту еден несовршен човек. Иако не знаеме како точно гревот и смртта се пренеле на потомците на Адам, ние сме сведоци на последиците од тоа жално наследство.

9 Во Библијата, наследениот грев и смртта соодветно се споредени со ,прекривка што ги прекрива сите народи и покривало што ги покрива сите народи‘ (Иса. 25:7). Таа тешка прекривка ги заробува сите луѓе. Библијата јасно вели дека „во Адам сите умираат“ (1. Кор. 15:22). Тогаш, сосема е на место следново прашање кое го поставил Павле: „Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ (Рим. 7:24). Навистина, можел ли некој да го избави? *

ГРЕВОТ И СМРТТА ЌЕ БИДАТ УНИШТЕНИ

10. а) Кои библиски стихови укажуваат дека Јехова ќе ја уништи смртта што сме ја наследиле од Адам? б) Што откриваат тие стихови за Јехова и за неговиот Син?

10 Да, Јехова можел да го избави Павле. Веднаш откако ја спомнал симболичната ,прекривка‘, Исаија напишал: „[Бог] ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Иса. 25:8). Како еден татко кој го отстранува она што им причинува болка на неговите деца и ги брише солзите од нивните очи, Јехова едвај чека да ѝ стави крај на смртта што сме ја наследиле од Адам. И Исус ќе има удел во тоа. Во 1. Коринќаните 15:22 стои: „Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“. А кога прашал: „Кој ќе ме избави?“, Павле самиот го дал  одговорот велејќи: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Рим. 7:25). Јасно е дека љубовта што го поттикнала Јехова да ги создаде луѓето не згаснала со побуната на Адам и Ева. И Исус, кој заедно со Бог учествувал во создавањето на првиот човечки пар, сѐ уште ги сака луѓето (Изр. 8:30, 31). Но, како човечкиот род ќе биде избавен од гревот и смртта?

11. Што направил Јехова за да им помогне на луѓето?

11 Несовршеноста и смртта кај луѓето се поврзани со гревот на Адам и со Јеховината праведна пресуда (Рим. 5:12, 16). Библијата вели: „Преку еден престап дојде осуда врз најразлични луѓе“ (Рим. 5:18). Како можел Јехова да ја укине смртната казна без да ги погази своите сопствени мерила? Самиот Исус го дал одговорот кога рекол дека дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Како совршен човек, Исус можел да даде „откупнина“. На кој начин можела да биде задоволена правдата со неговата откупна жртва? (1. Тим. 2:5, 6).

12. Која соодветна откупнина ја задоволила правдата?

12 Бидејќи бил совршен, Исус можел да живее вечно исто како Адам пред да направи грев. Јехова имал намера Земјата да се наполни со совршените потомци на Адам. Затоа што многу ги сакал својот Татко и потомците на Адам, Исус го жртвувал својот совршен човечки живот, кој одговарал на совршениот живот што го изгубил првиот човек. А потоа Јехова го воскреснал својот Син како духовно суштество (1. Пет. 3:18). Оваа откупнина ги задоволила Јеховините мерила за правда бидејќи бил даден совршен живот во замена за совршен живот. Така биле откупени потомците на Адам и им била дадена можност да живеат засекогаш. На некој начин, Исус го заменил Адам. Павле објаснува: „Така е и напишано: ,Првиот човек, Адам, стана жива душа‘. Последниот Адам стана дух кој дава живот“ (1. Кор. 15:45).

Авел, првиот кој умрел, ќе извлече корист од откупнината на Исус (Види во пасус 13)

13. Што ќе направи „последниот Адам“ за оние што умреле?

13 Наскоро, „последниот Адам“ ќе им даде вечен живот на потомците на првиот човек. Во нив ќе спаѓаат и повеќето од оние што умреле во минатото. Тие ќе бидат воскреснати, односно вратени во живот на Земјата (Јован 5:28, 29).

14. Како луѓето ќе бидат ослободени од несовршеноста?

14 Како ќе можат луѓето да бидат ослободени од несовршеноста? За да го постигне тоа, Јехова воспоставил небесна влада. Во неа спаѓаат „последниот Адам“, како и 144.000 негови совладетели кои биле избрани од луѓето. (Прочитај Откровение 5:9, 10.) Оние што ќе царуваат со Исус на небото знаат што значи да живееш како несовршен човек. Во текот на илјадагодишното владеење тие, заедно со Исус, ќе им помогнат на верните луѓе постепено да станат совршени (Отк. 20:6).

15, 16. а) Која смрт е „последниот непријател“ што ќе биде уништен? б) Според 1. Коринќаните 15:28, што ќе направи Исус на крајот?

15 До крајот на тие 1.000 години, послушните луѓе ќе бидат ослободени од гревот и смртта. Апостол Павле вели: „Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат. Но секој по својот ред: Христос како првина, а потоа, за време на неговата присутност, оние што се Христови [неговите совладетели]. Потоа, на крајот, откако ќе ги уништи секоја влада и секоја власт  и сила, ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко. Зашто, тој треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе. А како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Кор. 15:22-26). Да, конечно ќе ѝ биде ставен крај на смртта што сме ја наследиле од Адам. „Прекривката“ што го заробува целото човечко семејство ќе биде отстранета засекогаш (Иса. 25:7, 8).

16 Павле продолжува: „А кога ќе му биде подложено сѐ, тогаш и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28). Ќе се исполни целта на Христовото владеење. Тогаш тој со радост ќе му ја предаде власта над совршеното човечко семејство на својот Татко.

17. Што ќе се случи на крајот со Сатана?

17 А што ќе се случи со Сатана, кој е виновен за целото човечко страдање? Одговорот на ова прашање е даден во Откровение 20:7-15. На крајот на Христовото илјадагодишно владеење, Бог ќе му дозволи на Сатана да се обиде да ги заведе совршените луѓе и за последен пат да ги стави на испит. Ѓаволот и оние што ќе го следат ќе бидат уништени засекогаш. Ова уништување е наречено „втората смрт“ (Отк. 21:8). Оние што ќе умрат со „втората смрт“ никогаш повторно нема да бидат вратени во живот. Но, таа не претставува никаков непријател за сите верни Божји слуги кои го сакаат својот Творец.

18. Како ќе биде извршена задачата што Бог му ја дал на Адам?

18 На оние што ќе го поминат овој испит, Јехова ќе им даде вечен живот. Ќе ги снема сите непријатели кои денес ни ја одземаат радоста. Задачата што му била дадена на Адам ќе биде извршена без него. Земјата ќе биде полна со негови потомци, кои со радост ќе се грижат за неа и за сите животни. Колку сме среќни што Јехова наскоро ќе ја уништи смртта засекогаш!

^ пас. 9 Во врска со истражувањата на научниците кои се обидуваат да откријат зошто старееме и умираме, во книгата Увид во Светото писмо, том 2 (англ.), на страница 247 пишува: „Тие не го земаат предвид фактот дека лично Творецот му изрекол смртна казна на првиот човечки пар, и дека ја спроведува на начин што луѓето не можат во потполност да го разберат“.