Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2014

Дали си уверен дека си ја нашол вистината? Зошто?

Дали си уверен дека си ја нашол вистината? Зошто?

,Утврдете која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘ (РИМ. 12:2)

1. Што правеле свештениците на христијанскиот свет за време на војните?

ДАЛИ Бог сака вистинските христијани да одат во војна и да ги убиваат луѓето од друга националност? Во последните 100 години, мнозина што се нарекуваат христијани го правеле токму тоа. Католици убивале католици, протестанти убивале протестанти, а нивните свештеници дури ги благословувале војските и оружјето! Ова водело до страшно крвопролевање. Типичен пример за тоа е Втората светска војна.

2, 3. Каков став зазеле Јеховините сведоци во Втората светска војна и подоцна, и зошто?

2 Што правеле Јеховините сведоци за време на таа војна? Историјата покажува дека тие останале потполно неутрални. Зошто? Затоа што сакале да бидат послушни на она што го поучувал Исус и да постапуваат како него. Тој рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Исто така, ги зеле присрце и начелата што Павле им ги кажал на христијаните во Коринт, кои се запишани во 2. Коринќаните 10:3, 4. (Прочитај.)

3 Затоа вистинските христијани, кои ја обликуваат својата совест според Библијата, не се учат да војуваат  и не учествуваат во војни. Бидејќи цврсто се држат за својот неутрален став, илјадници Сведоци — млади и стари, мажи и жени — биле прогонувани. Мнозина биле фрлени в затвор или биле испратени во работни логори. За време на нацистичкиот режим во Германија, многумина дури биле убиени. И покрај суровото прогонство со кое се соочиле во Европа, Сведоците ниту за миг не заборавиле на својата задача да ја објавуваат добрата вест за Јеховиното Царство. Тие верно продолжиле да проповедаат во затворите, во концентрационите логори и онаму каде што биле протерани. * Подоцна, Сведоците немале никаков удел во жестоките етнички судири во Руанда во 1994 год. Исто така, останале потполно неутрални во војната во која се распадна поранешна Југославија.

4. Како неутралноста на Јеховините сведоци влијае врз луѓето?

4 Поради тоа што Јеховините сведоци беа потполно неутрални за време на воените судири, илјадници луѓе низ целиот свет се уверија дека тие навистина ги сакаат Бог и ближните, односно дека се вистински христијани. Од кои други причини луѓето веруваат дека Јеховините сведоци се вистински христијани?

НАЈГОЛЕМОТО ОБРАЗОВНО ДЕЛО ВО ИСТОРИЈАТА

5. Која промена требало да ја прифатат Христовите следбеници во првиот век?

5 Уште кога ја започнал својата служба, Исус истакнал колку е важно да се објавува добрата вест за Божјето Царство. Во почетокот, тој избрал 12 апостоли со кои го поставил темелот за проповедничкото дело што подоцна требало да се врши низ целиот свет. Потоа обучил група од 70 ученици, и им дал упатства како да им ја пренесуваат добрата вест на другите (Лука 6:13; 10:1). Иако најпрвин требало да ги поучуваат Евреите, подоцна требало да им проповедаат и на луѓето од другите народи. Ова било огромна промена за ревносните еврејски ученици! (Дела 1:8).

6. Што му помогнало на Петар да сфати колку е непристрасен Јехова?

6 Апостол Петар бил првиот кој му ја пренел добрата вест на еден необрежан не-Евреин. Кога бил испратен кај римскиот стотник Корнелиј, Петар навистина сфатил колку е непристрасен Бог. Овој стотник и неговото семејство се крстиле. Оттогаш добрата вест можеле да ја слушнат луѓето од сите народи (Дела 10:9-48). Христовите следбеници продолжиле да проповедаат низ целиот свет.

7, 8. Што направиле Јеховините сведоци за да им помогнат на луѓето да ја дознаат добрата вест? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Во нашево време, оние што предводат во Јеховината организација се грижат делото на проповедање и поучување да се врши по целата Земјина топка. Денес речиси осум милиони ревносни Сведоци даваат сѐ од себе за да ја пренесуваат библиската порака на повеќе од 600 јазици, а овој број и понатаму расте. Ние сведочиме од куќа до куќа и на улица, а понекогаш користиме штандови и колички со литература. Луѓето веднаш знаат дека сме Јеховини сведоци затоа што само ние проповедаме на сите тие начини.

8 Повеќе од 2.900 браќа и сестри добиле посебна обука за да ја преведуваат Библијата и нашата литература. Библиските публикации се преведуваат и на стотици јазици кои не се познати, но сепак ги зборуваат голем број луѓе. На пример, на милиони жители на Шпанија каталонскиот им е мајчин јазик кој го користат во секојдневниот  живот. Особено во последно време, каталонскиот и неговите дијалекти повторно заживеаја во некои делови на оваа земја, како што се Андора, Аликанте, Балеарските Острови и Валенсија. Благодарение на трудот на нашите преведувачи, сега Каталонците имаат литература и состаноци на јазикот кој допира до нивното срце.

9, 10. Што покажува дека Божјата организација се грижи за духовните потреби на сите луѓе?

9 Всушност, луѓето од различни култури низ целиот свет добиваат библиски публикации и поука на својот мајчин јазик. На пример, иако во Мексико се зборува шпански, многу домородни групи зборуваат други јазици. Една таква група се Маите. Тимот што преведува на јазикот на Маите беше преселен во еден дел на земјата каде што секојдневно може да го слуша и да го зборува овој јазик. Друг пример е непалскиот јазик. Тој се користи во Непал, каде што живеат над 29 милиони луѓе. Во оваа земја, во која се зборуваат околу 120 јазици, непалскиот им е мајчин јазик на повеќе од 10 милиони луѓе, а на многу други им е втор јазик. Затоа нашите браќа преведуваат библиска литература и на непалски.

10 Тоа што библиските публикации се преведуваат на толку многу јазици јасно покажува дека Јеховината организација ја сфаќа сериозно одговорноста да ја проповеда добрата вест за Царството по целата Земја. Насекаде во светот, Сведоците бесплатно поделиле милиони трактати, брошури и списанија. Тие ги покриваат трошоците за ова дело со своите доброволни прилози, во склад со следново упатство на Исус: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мат. 10:8).

Еден тим преведува публикации на долногермански јазик (Види во пасус 10)

Публикациите на долногермански се користат во Парагвај (Види ја сликата на почетокот од статијата)

11, 12. Во што се увериле милиони луѓе благодарение на тоа што проповедаме низ целиот свет?

11 Јеховините сведоци се толку уверени дека ја нашле вистината што прават големи жртви за да ја споделуваат библиската порака со луѓето од сите народи и култури. Многу објавители на добрата вест си го поедноставиле животот, научиле друг јазик и се приспособиле на нова култура. Затоа што проповедаме и ги поучуваме луѓето низ целиот свет, мнозина се увериле дека Јеховините сведоци се вистински следбеници на Исус Христос.

12 Ние го правиме сето ова затоа што  сме сигурни дека сме ја пронашле вистината. Но, што друго им помогнало на милиони да сфатат дека Јеховините сведоци ја имаат вистината? (Прочитај Римјаните 14:17, 18.)

ЗОШТО СЕ УВЕРЕНИ ДЕКА ЈА НАШЛЕ ВИСТИНАТА

13. На кој начин Сведоците успеваат да ја задржат чистотата на организацијата?

13 Изјавите на некои верни христијани од нашево време ни откриваат зошто се сигурни дека ја имаат вистината. На пример, еден брат кој долго време верно му служи на Јехова рекол дека Божјата организација прави сѐ што е потребно за да се зачува моралната чистота во христијанското собрание, сеедно кој треба да биде советуван или укорен. Зошто Јеховините слуги успеваат да задржат толку висок морал? Затоа што се послушни на библиските начела, и се трудат да постапуваат како Исус и неговите ученици. Од таа причина, само релативно мал број лица, кои не сакале да ги почитуваат Божјите мерила, морале да бидат исклучени од христијанското собрание. Поголемиот дел од Божјите слуги живеат на начин кој е чист во Јеховини очи. Дури и мнозина кои пред да ја дознаат вистината правеле работи што Бог ги мрази, се промениле и сега верно се држат за неговите мерила. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.)

14. Што направиле мнозина од оние кои биле исклучени, и каков бил резултатот?

14 А што е со оние кои морале да бидат исклучени, во склад со библиското упатство? Илјадници се покајале за она што го направиле и подоцна повторно биле примени во собранието. (Прочитај 2. Коринќаните 2:6-8.) Бидејќи Јеховините сведоци се држат за високите библиски мерила на однесување — за разлика од многуте цркви кои им дозволуваат на своите членови да прават што сакаат — христијанското собрание останува чисто. Ова им помогнало на многу луѓе да се уверат дека Сведоците се единствените кои живеат во склад со библиската вистина.

15. Што го уверило еден брат дека ја има вистината?

15 Зошто други долгогодишни Сведоци веруваат дека ја пронашле вистината? Еден брат кој сега има 54 години, му служи на Јехова од својата младост. Тој вели дека уште од тогаш неговата вера се потпира на три важни убедувања, односно „столбови“: 1) дека Бог постои, 2) дека Библијата е книга од него и 3) дека Јеховините сведоци се оние што денес ја вршат Божјата волја на Земјата. Овој брат објаснува: „Додека проучував низ годините, постојано проверував на колку цврст темел лежат овие ,столбови‘. Она што го дознавав секогаш одново ми потврдуваше дека моите убедувања се цврсто втемелени, а тоа ми ја зајакнуваше верата и сѐ повеќе ме уверуваше дека ја имаме вистината“.

16. Зошто една сестра е уверена дека ја пронашла вистината?

 16 Една мажена сестра која служи во главното седиште во Њујорк рекла дека е уверена дека ја има вистината затоа што само Јеховината организација непоколебливо го објавува Божјето име, кое во Библијата го има повеќе од 7.000 пати. Неа исто така ја охрабрува стихот од 2. Летописи 16:9, каде што стои: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“. Таа вели: „Вистината ми покажа како да му служам на Јехова со цело срце за тој да може да ме штити со својата моќна рака. Пријателството со него е најскапоценото нешто во мојот живот. Многу сум благодарна што Исус ни помогнал добро да го запознаеме Бог бидејќи токму тоа спознание ме држи и ми влева сила“.

17. Во што е уверен еден поранешен атеист, и зошто?

17 Еден поранешен атеист рекол: „Сето она што Бог го создал ме уверува дека тој сака луѓето да уживаат во животот, и затоа нема да дозволи страдањето да трае до недоглед. Освен тоа, додека светот сѐ повеќе тоне во безбожност, Јеховиниот народ покажува сѐ поголема вера, ревност и љубов. Само Божјиот дух може да го направи ова чудо!“ (Прочитај 1. Петрово 4:1-4.)

18. Зошто двајца браќа се уверени дека ја пронашле вистината, и што мислиш ти за тоа?

18 Еден друг брат кој со години му служи на Бог објаснил зошто е убеден дека ја има вистината. Тој го рекол следново: „Моето долгогодишно проучување на Библијата ме увери дека Сведоците вложиле голем труд за да му служат на Јехова на ист начин како и христијаните во првиот век. Додека патував низ светот, од прва рака се уверив дека Јеховините сведоци низ целиот свет се еден обединет народ. Библиската вистина ми носи големо задоволство и ми причинува радост“. Еден брат кој има над 60 години е уверен дека Јеховините сведоци ја имаат вистината затоа што тие навистина покажуваат вера во Исус Христос. Тој објаснил: „Тоа што внимателно го проучувавме животот и службата на Исус ни помогна уште повеќе да го цениме неговиот пример. Направивме промени во нашиот живот за да се зближиме со Бог преку Исус. Сфативме дека може да бидеме спасени само благодарение на Христовата откупна жртва. И, знаеме дека тој бил воскреснат од мртвите, бидејќи имаме сведоштво од очевидци“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:3-8.)

ЗБОРУВАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ЗА ВИСТИНАТА

19, 20. а) Која одговорност им ја нагласил Павле на браќата од собранието во Рим? б) Каква чест имаме како оддадени христијани?

19 Како христијани кои ги сакаат своите ближни, ние мора да ја споделуваме со нив скапоцената вистина што сме ја дознале. Павле им го рекол следново на своите браќа во собранието во Рим: „Ако со својата уста ја објавуваш таа ,реч‘ — дека Исус е Господар — и ако во своето срце веруваш дека Бог го подигна од мртвите, ќе бидеш спасен. Зашто, со срцето се верува, и така се постигнува праведност, а со устата се објавува верата, и така се постигнува спасение“ (Рим. 10:9, 10).

20 Како оддадени Сведоци на Јехова, ние сме уверени дека сме ја пронашле вистината. Освен тоа, за нас е чест што можеме да ги поучуваме другите за добрата вест за Божјето Царство. Затоа, да бидеме решени не само да ги учиме за Библијата туку и да им покажеме со нашиот начин на живот дека ние ја имаме вистината.

^ пас. 3 Види во книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство, страници 191-198, 448-454 (англ.).