Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2014

,Врати се и зајакни ги своите браќа‘

,Врати се и зајакни ги своите браќа‘

ПЕТАР горко заплакал откако одрекол дека го познава Исус. Иако Петар морал да вложи голем труд за повторно да застане на нозе во духовен поглед, Исус сакал да го користи за да им помага на своите соверници. Уште пред Петар да згреши, Исус му рекол: „Штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа!“ (Лука 22:32, 54-62). Со текот на времето, овој апостол станал еден од столбовите на христијанското собрание во првиот век (Гал. 2:9). Слично на Петар, и еден брат кој во минатото служел како старешина може повторно да ја врши таа одговорност и со радост да ги зајакнува браќата и сестрите.

Ако на некој му била одземена одговорноста да служи како старешина, можеби ќе се чувствува безвредно. Хулио, * кој повеќе од 20 години служел како старешина во Јужна Америка, вели: „Поголемиот дел од времето подготвував говори, ги посетував браќата и сестрите и се грижев за нив. Кога ги изгубив овие задачи, почувствував голема празнина во животот. Тоа ми беше ужасно тежок период“. Денес, Хулио повторно служи како старешина.

„СМЕТАЈТЕ ДЕКА НАВИСТИНА ИМАТЕ ЗА ШТО ДА СЕ РАДУВАТЕ“

Ученикот Јаков напишал: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија“ (Јак. 1:2). Со овие зборови Јаков сакал да каже дека ќе се соочиме со искушенија поради прогонство и поради нашата несовршеност. Бидејќи сме грешни, во нас може да се родат себични желби, може да бидеме пристрасни итн. (Јак. 1:14; 2:1; 4:1, 2, 11). Кога ќе добиеме укор од Јехова, можеби ќе ни биде тешко и ќе чувствуваме болка (Евр. 12:11). Но, тоа не треба да ни ја одземе радоста и да нѐ фрли во очај.

Дури и некој да ги изгуби одговорностите во собранието, сѐ уште има можност да покаже  колку силна вера има и колку многу го сака Јехова. Исто така, тоа му дава можност да размисли од кои мотиви служел како старешина. Дали служел за да оствари некои свои лични цели или, пак, затоа што го сака Бог и затоа што ги сака браќата и сестрите кои му припаѓаат на Јехова? (Дела 20:28-30). Кога браќата кои порано биле старешини и понатаму радосно учествуваат во христијанските активности, им докажуваат на сите, вклучувајќи го и Сатана, дека вистински го сакаат Јехова.

Кога цар Давид бил укорен поради тоа што направил тешки гревови, ја прифатил стегата, и Јехова му простил. Давид напишал: „Среќен е оној кому престапот му е простен, кому гревот му е покриен. Среќен е човекот кому Јехова не му ги става на сметка грешките и во чие срце нема измама“ (Пс. 32:1, 2). Без сомнение, укорот му помогнал на Давид да стане подобра личност и подобар пастир на Божјиот народ.

Честопати, браќата кои еден ден повторно ќе почнат да служат како старешини, стануваат уште подобри пастири отколку што биле порано. Еден брат вели: „Сега ми е многу појасно како треба да се грижам за оние што ќе направат грев“. Еден друг старешина кажува: „Сега многу повеќе ја ценам честа да им служам на браќата“.

МОЖЕШ ЛИ ДА СЕ ВРАТИШ?

„[Јехова] нема да наоѓа грешки за сите времиња“, напишал псалмистот (Пс. 103:9). Затоа, не треба да мислиме дека Бог нема никогаш повеќе да има доверба во некој што направил сериозен грев. „Бев крајно разочаран од себе“, вели Рикардо, на кој му биле одземени одговорностите во собранието откако служел како старешина со години. „Долго време мислев дека не сум доволно добар за повторно да им служам на браќата. Не ми се веруваше дека еден ден може пак да ја стекнам нивната доверба. Ама, бидејќи сакам да им помагам на другите, ја проучував Библијата со заинтересираните, ги храбрев браќата во Салата на Царството и одев со нив во служба. Ова ми помогна да си ја вратам самодовербата, и сега повторно служам како старешина“.

Јехова им помогнал на многу мажи повторно да развијат желба да служат и да бидат радосни

Огорченоста може да биде пречка за еден брат да служи како старешина. Колку подобро  е да го следиме примерот на Давид, кој морал да бега од љубоморниот Саул! Тој не сакал да му се одмазди на цар Саул дури и кога му се укажала прилика да го направи тоа (1. Сам. 24:4-7; 26:8-12). Кога Саул загинал во битка, Давид ја оплакувал неговата смрт и го нарекол ‚сакан и мил‘ (2. Сам. 1:21-23). Давид не дозволил да го обземат чувства на огорченост.

Ако сметаш дека си жртва на некоја неправда или ако настанало некое недоразбирање, не дозволувај да те преплават чувства на гнев и лутина. На пример, Вилијам служел како старешина во Британија околу 30 години. Откако му била одземена таа одговорност, бил огорчен на некои од старешините. Што му помогнало на Вилијам да се избори со своите чувства? Тој вели: „Многу ме охрабри тоа што ја читав книгата за Јов. Ако Јехова му помогнал на Јов да се помири со своите тројца пријатели, сигурно може да ми помогне и мене да бидам во мир со другите старешини!“ (Јов 42:7-9).

БОГ ГИ БЛАГОСЛОВУВА ОНИЕ ШТО ПОВТОРНО СЛУЖАТ КАКО ПАСТИРИ

Ако самиот си одлучил да не служиш повеќе како старешина, добро е да се прашаш зошто си се решил на таков чекор. Дали можеби си бил притиснат од лични проблеми? Дали нешто друго ти станало поважно во животот? Или, можеби си се обесхрабрил поради слабостите на другите? Сеедно која била причината, сети се дека, кога си служел како старешина, си имал многу повеќе можности да им помагаш на другите. Твоите говори ја зајакнувале нивната вера, твојот пример ги охрабрувал, а твоите пастирски посети им помагале да ги издржат неволјите. Со трудот што си го вложувал како старешина си го радувал срцето на Јехова, а и самиот си бил радосен (Изр. 27:11).

Покажи дека го сакаш Јехова со тоа што радосно ќе служиш

Јехова им помогнал на многу мажи повторно да развијат желба да преземат водство во собранието и да бидат радосни. И ти можеш повторно ‚да служиш како надгледник‘ (1. Тим. 3:1). Павле ‚непрестајно се молел‘ христијаните во Колоси да се исполнат со добро познавање на Божјата волја за ‚да водат живот достоен на Јехова и така потполно да му угодат‘ (Кол. 1:9, 10). Ако повторно ти се укаже чест да служиш како старешина, моли го Јехова да ти даде сила и да ти помага да бидеш стрплив и радосен. Во овие последни денови, на Божјиот народ му се потребни водство и грижа од пастири кои се полни со љубов. Дали можеш и дали сакаш да ги зајакнеш своите браќа и сестри?

^ пас. 3 Некои имиња се сменети.