Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2014

Секогаш слушај го гласот на Јехова

Секогаш слушај го гласот на Јехова

„Вашите уши ќе ја чујат речта зад вас како вели: ‚Тоа е патот‘“ (ИСА. 30:21)

1, 2. Како Јехова ги води своите слуги?

ВО МИНАТОТО, Бог ги водел своите слуги на разни начини. Тој користел ангели, виденија и сонови за да им ја открие иднината или за да им довери некоја задача (4. Мој. 7:89; Езек. 1:1; Дан. 2:19). Понекогаш, Јехова користел луѓе за да им даде водство на своите слуги. Сеедно на кој начин Јехова ги пренесувал своите зборови, оние што ги следеле неговите упатства биле благословени.

2 Денес, Јехова го води својот народ преку Библијата, преку светиот дух и преку собранието (Дела 9:31; 15:28; 2. Тим. 3:16, 17). Водството што ни го дава е толку јасно што можеме да ја слушнеме речта зад нас како вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21). Јеховиниот глас го слушаме и преку Исус. Јехова го поставил Исус да го води собранието преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Мора тесно да го следиме водството и да ги слушаме упатствата што ги добиваме затоа што нашиот живот зависи од тоа (Евр. 5:9).

3. Што може да нѐ спречи да го следиме водството на Јехова? (Види ја сликата погоре.)

3 Сатана сака да нѐ наведе да не го следиме Јеховиното водство бидејќи знае дека тоа може да ни го спаси животот. Освен тоа, и нашето ‚измамливо срце‘ може да нѐ спречи потполно да го слушаме Јеховиниот глас  (Ерем. 17:9). Затоа, да видиме како можеме да му се спротивставиме на Сатана и да се избориме против влијанието на нашето измамливо срце. Исто така, да видиме како послушноста и молитвата можат да ни помогнат да зачуваме близок однос со Бог без разлика во какви околности ќе се најдеме.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ САТАНА ДА ТЕ ИЗМАМИ

4. Како Сатана се обидува да влијае врз размислувањето на луѓето?

4 Сатана се обидува да влијае врз размислувањето на луѓето со тоа што шири невистинити информации и подмолни лаги. (Прочитај 1. Јованово 5:19.) Преку весници, книги, списанија, радио, телевизија и Интернет информациите стигнуваат дури до најдалечните делови на Земјината топка. Иако средствата за јавно информирање објавуваат и корисни содржини, преку нив луѓето честопати се поттикнати да прават работи кои се косат со Јеховините мерила (Ерем. 2:13). На пример, медиумите го претставуваат бракот меѓу лица од ист пол како нешто прифатливо. Затоа, многу луѓе сметаат дека библиското гледиште за хомосексуалноста е екстремно (1. Кор. 6:9, 10).

5. Како можеме да се заштитиме од сатанската пропаганда?

5 Како можат оние што ги сакаат Божјите праведни мерила да се заштитат од сатанската пропаганда која се шири денес? Како можат да разликуваат добро од лошо? Така што ќе ‚внимаваат на себе според Божјата реч‘ (Пс. 119:9). Божјата пишана Реч содржи водство кое ни помага да препознаеме што е вистина, а што лага (Изр. 23:23). Исус рекол дека ‚човек треба да живее од секој збор што излегува од Јеховината уста‘ (Мат. 4:4). Затоа, мораме да научиме како да ги применуваме библиските начела во нашиот живот. На пример, долго време пред Мојсеј да го запише Јеховиниот закон кој забранувал прељуба, младиот Јосиф знаел дека, ако има сексуални односи со жената на Петефри, ќе му згреши на Бог. Тој воопшто не ни помислувал да му биде непослушен на Јехова. (Прочитај 1. Мојсеева 39:7-9.) Иако жената на Петефри долго време му вршела притисок, Јосиф не го слушал нејзиниот глас, туку бил решен да го слуша гласот на Бог. За да можеме и ние да разликуваме исправно од погрешно, неопходно е да го слушаме Јеховиниот глас и да ги затвориме ушите пред пропагандата на Сатана.

6, 7. Што треба да правиме за да не почнеме да ги слушаме злобните совети на Сатана?

6 Живееме во свет кој е преплавен со различни верски учења и затоа многу луѓе сметаат дека е залудно да се бара вистинската религија. Сепак, Јехова дава јасно водство, и оние што сакаат да го слушаат можат лесно да ја пронајдат вистината. Секој од нас треба да одлучи кого ќе го слуша. Не е возможно истовремено да слушаме два гласа. Затоа, ако сакаме да го  слушаме Исус, треба добро да го познаваме неговиот глас. Тој е пастирот што Јехова го поставил над своите овци. (Прочитај Јован 10:3-5.)

7 Исус рекол: ‚Внимавајте на тоа што го слушате‘ (Мар. 4:24). Божјите совети се јасни и исправни, но за да им обрнеме внимание и да ги слушаме, треба да си го подготвиме срцето. Ако не сме внимателни, би можеле да почнеме да ги слушаме злобните совети на Сатана, наместо советите кои Јехова со љубов ни ги дава. Никогаш да не дозволиме музиката, филмовите, емисиите, книгите, пријателите, професорите и таканаречените експерти од овој свет да ни го контролираат животот! (Кол. 2:8).

8. а) Како му олеснуваме на Сатана да влијае врз нас? б) Што може да ни се случи ако ги игнорираме знаците кои покажуваат дека сме во опасност?

8 Сатана знае дека сме несовршени и дека имаме слабости, и затоа се обидува да ги искористи против нас. Тоа многу ни отежнува да му останеме верни на Јехова (Јован 8:44-47). Да земеме за пример еден христијанин кој му се препушта на моменталното задоволство и прави грев кој никогаш не мислел дека ќе го направи (Рим. 7:15). Како дошло до тоа? Веројатно, постепено почнал сѐ помалку да го слуша гласот на Јехова. Можеби не ги забележал знаците кои покажувале дека нешто не е во ред со неговото срце или, пак, свесно решил да не им обрне внимание. Можеби престанал да се моли, поретко одел во служба или почнал да пропушта состаноци. На крајот, ѝ се препуштил на желбата и направил нешто што знаел дека е погрешно. За да не направиме грев, треба да им обрнеме внимание на знаците кои покажуваат дека сме во опасност и треба веднаш да преземеме нешто. Освен тоа, за да не престанеме да го слушаме гласот на Јехова, не треба никогаш да се изложуваме на отпаднички идеи (Изр. 11:9).

9. Зошто е многу важно да ги откриеме нашите слабости колку што е можно порано?

9 Колку порано некој открие дека боледува од тешка болест толку поголеми се шансите да се излечи. Слично е и со нас, колку порано откриеме дека имаме некоја слабост толку полесно можеме да се избориме со неа. Многу е важно веднаш да преземеме нешто за да не дозволиме Сатана да нѐ намами да ја вршиме неговата волја (2. Тим. 2:26). Што треба да направиме ако забележиме дека сме се оддалечиле од Јехова и дека нашите мисли и желби не се во склад со она што тој го бара од нас? Мораме без  одложување да се вратиме кај него и да ги слушаме неговите совети со сето наше срце (Иса. 44:22). Треба да бидеме свесни дека, ако донесеме лоша одлука, може да си нанесеме длабоки лузни кои ќе мораме да ги носиме до крајот на овој свет. Ќе биде многу подобро ако воопшто не тргнеме во погрешен правец кој би можел да нѐ одведе до сериозен грев.

Како можат духовните активности да ти помогнат да се заштитиш од замките на Сатана? (Види во пасуси 4-9)

ОТФРЛИ ГИ ГОРДОСТА И АЛЧНОСТА

10, 11. а) По што се гледа дека некој е горд? б) Што учиме од побуната на Кореј, Датан и Авирон?

10 Нашето срце може да нѐ наведе да застраниме од вистинскиот пат. На пример, би можеле да станеме горди или алчни. Овие особини можат да нѐ спречат да го слушаме гласот на Јехова и да нѐ наведат да направиме сериозни грешки. Оној што е горд има превисоко мислење за себеси. Тој можеби си мисли дека има право да прави што сака и дека никој не смее да му каже ништо. Гордиот човек можеби смета дека за него не важат советите и предупредувањата што ги добива од соверниците, старешините, па дури и од Божјата организација. Тој толку се оддалечува од Јехова што сѐ помалку го слуша Неговиот глас.

11 Додека Израелците патувале низ пустината, Кореј, Датан и Авирон се побуниле против Мојсеј и Арон. Поради тоа што биле горди, решиле да му служат на Јехова на свој начин. Што направил Јехова? Ги погубил овие бунтовници (4. Мој. 26:8-10). Од овој настан учиме многу важна поука — побуната против Јехова скапо се плаќа. Никогаш да не заборавиме дека „гордоста оди пред пропаста“ (Изр. 16:18; Иса. 13:11).

12, 13. а) Наведи пример кој покажува колку опасна може да биде алчноста. б) Објасни како може алчноста да почне да го контролира нашиот живот.

12 И алчноста може да биде многу опасна. Оној што е алчен си зема преголема слобода и сака да поседува нешто што не му припаѓа. Откако Елисеј го излекувал сирискиот војсководец Нааман од лепра, Нааман сакал да му даде дар. Елисеј го одбил дарот. Но, Гиезиј, кој му бил слуга на Елисеј, посакал да го добие овој дар. Тој си помислил: „Како што е жив Јехова, јас ќе потрчам по [Нааман] и ќе земам нешто од него“. Без да му каже на Елисеј, тој отрчал по Нааман и го излажал за да добие „еден талант сребро и две облеки“. Какви последици пожнеал поради својата алчност? Бил казнет со лепра (2. Цар. 5:20-27).

13 Ако не ја контролираме алчноста, таа ќе почне да го контролира нашиот живот. Библискиот извештај за Ахан покажува колку силно влијание може да изврши алчноста врз нас. Тој рекол: „Кога здогледав во пленот една убава скапоцена наметка од Сенар, двесте сикли сребро и една златна шипка, тешка педесет сикли, ги посакав и ги зедов“. Наместо веднаш да ја отфрли погрешната желба, Ахан ѝ се препуштил на алчноста, ги украл скапоцените предмети и ги скрил во својот шатор. Јехова го разоткрил гревот на Ахан, и истиот ден овој крадец и неговото семејство биле каменувани до смрт (Ис. Нав. 7:11, 21, 24, 25). Алчноста може да завладее со секого од нас. Затоа, мораме да се ‚чуваме од секаква лакомост‘ (Лука 12:15). Ако се случи да ни се појави некоја неисправна или неморална мисла, мора веднаш да ја отфрлиме зашто, во спротивно, нашите желби ќе станат толку силни што ќе нѐ наведат на грев. (Прочитај Јаков 1:14, 15.)

14. Што треба да сториме кога ќе се најдеме на искушение да направиме нешто од гордост или од алчност?

14 И гордоста и алчноста можат да нѐ одведат во пропаст. Тоа што ќе размислуваме за горките последици  од нашите постапки ќе ни помогне да им се спротивставиме на мислите и желбите кои можат да нѐ спречат да го слушаме гласот на Јехова (5. Мој. 32:29). Во Библијата, вистинскиот Бог ни кажува какви благослови ќе имаме ако постапуваме исправно и какви последици ќе имаме ако постапуваме погрешно. Кога ќе се најдеме на искушение да направиме нешто од гордост или од алчност, мудро е да размислиме како тоа би можело да се одрази врз нас, врз нашите најблиски и врз нашиот однос со Јехова.

ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА

15. Што учиме од примерот на Исус?

15 Јехова ни го посакува најдоброто (Пс. 1:1-3). Тој ни дава јасно водство во вистинско време. (Прочитај Евреите 4:16.) Иако бил совршен, Исус требало да зачува близок однос со Јехова за да остане верен. Тој редовно и срдечно му се молел на својот Татко. Јехова го поддржувал и го водел Исус на чудесни начини. Тој испратил ангели за да му служат, му дал свет дух и му помогнал да ги избере 12-те апостоли. Јехова дури прозборел од небото за да покаже дека го поддржува својот Син (Мат. 3:17; 17:5; Мар. 1:12, 13; Лука 6:12, 13; Јован 12:28). Исто како Исус, и ние треба да му го излеваме нашето срце на Бог во молитва (Пс. 62:7, 8; Евр. 5:7). Молитвата може да ни помогне да останеме блиски со Јехова и да му носиме слава со нашиот живот.

16. Како може Јехова да ни помогне да го слушаме неговиот глас?

16 Советите на Јехова се достапни за сите луѓе, но тој не присилува никого да му биде послушен. Ние сме тие што треба да бараме свет дух, а тој спремно ќе ни го даде. (Прочитај Лука 11:10-13.) Освен тоа, важно е и да ‚внимаваме како слушаме‘ (Лука 8:18). На пример, би било крајно лицемерно да го молиме Јехова да ни помогне да не извршиме неморал, а истовремено да гледаме порнографија или филмови со неморални сцени. За да добиеме помош од Јехова, треба да се изложуваме на влијанието на неговиот свет дух. Знаеме дека Божјиот свет дух дејствува на собраниските состаноци. Многу христијани се поштедиле од лошите последици на гревот поради тоа што на состаноците го слушале гласот на Јехова. Кога увиделе дека во нивното срце почнале да се развиваат погрешни желби, биле поттикнати да се сменат (Пс. 73:12-17; 143:10).

ПРОДОЛЖИ ВНИМАТЕЛНО ДА ГО СЛУШАШ ЈЕХОВИНИОТ ГЛАС

17. Зошто е опасно да се потпираме на себеси?

17 Да го разгледаме примерот на цар Давид. Кога се потпирал на Јехова, можел да прави моќни дела. Како млад, извојувал победа над филистејскиот џин Голијат. Подоцна станал војник и цар, и имал задача да ги штити и да ги води Израелците. Но, кога почнал да се потпира на своето измамливо срце, направил неморал со Витсавеа, па дури и го убил нејзиниот сопруг Урија. Сепак, кога бил укорен, Давид понизно си ја признал грешката и повторно стекнал близок однос со Јехова (Пс. 51:4, 6, 10, 11).

18. Што ќе ни помогне да продолжиме да го слушаме Јеховиниот глас?

18 Од она што е запишано во 1. Коринќаните 10:12 учиме дека не смееме да бидеме самоуверени. Библијата јасно кажува дека ние ‚не можеме да управуваме со нашите чекори‘. Според тоа, или ќе го слушаме гласот на Јехова или ќе го слушаме гласот на Сатана (Ерем. 10:23). Ако сакаме секогаш да го слушаме гласот на Јехова, многу е важно постојано да се молиме и да го следиме водството на неговиот свет дух.