Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2014

Користи ја Божјата Реч затоа што е жива

Користи ја Божјата Реч затоа што е жива

„Речта Божја е жива и делотворна“ (ЕВР. 4:12)

1, 2. Каква задача му дал Јехова на Мојсеј, и во што го уверил?

ЗАМИСЛИ СИ дека треба да застанеш пред најмоќниот владетел на светот и да зборуваш во име на Јеховиниот народ. Како би се чувствувал? Најверојатно би бил загрижен, исплашен и би мислел дека си неспособен за такво нешто. Како би се подготвил за она што сакаш да го кажеш? Што би можел да направиш за да им додадеш тежина на твоите зборови и да покажеш дека навистина го застапуваш Семоќниот Бог?

2 Мојсеј се нашол во токму таква ситуација. Тој бил ‚најкроткиот човек од сите луѓе на земјата‘ (4. Мој. 12:3). Но, Јехова го испратил кај фараонот, кој бил многу дрзок и вообразен. Мојсеј требало да ги избави трите милиони Израелци од ропството и угнетувањето во Египет (2. Мој. 5:1, 2). Затоа воопшто не нѐ чуди тоа што Мојсеј го прашал Јехова: „Кој сум јас да одам кај фараонот и да ги изведам од Египет синовите на Израел?“ Мојсеј сигурно не сметал дека е вистинскиот човек за таа задача. Но, Јехова го уверил дека не е оставен сам на себе. Тој му рекол: „Јас ќе бидам со тебе“ (2. Мој. 3:9-12).

3, 4. а) Со какви стравови се борел Мојсеј? б) Во кои ситуации можеби и ти имаш слични чувства како Мојсеј?

3 Со какви стравови се борел Мојсеј? Очигледно, тој се плашел дека фараонот нема да му обрне внимание на  некој што го претставува Јехова Бог. Исто така се плашел дека Израелците нема да му поверуваат дека Јехова го избрал да ги ослободи од Египет. Затоа Мојсеј го прашал Јехова: „А што ако не ми поверуваат и ако не го послушаат мојот глас, туку речат: ‚Не ти се појавил Јехова‘?“ (2. Мој. 3:15-18; 4:1).

4 Од она што му го кажал Јехова на Мојсеј и од настаните што следеле потоа можеме да извлечеме многу важна поука. Точно, можеби ти никогаш нема да треба да застанеш пред некој моќен владетел. Но, дали понекогаш ти е тешко да зборуваш за Бог и за неговото Царство со луѓето што секојдневно ги среќаваш? Примерот на Мојсеј може многу да ти помогне.

„ШТО ТИ Е ТОА ВО РАКАТА?“

5. Што имал Мојсеј во раката како доказ дека е Божји застапник, и како тоа му помогнало да се ослободи од своите стравови? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Кога Мојсеј му ги кажал на Јехова своите стравови, тој го зајакнал и го подготвил за задачата. Во извештајот од 2. Мојсеева читаме: „Јехова му рече [на Мојсеј]: ‚Што ти е тоа во раката?‘ А тој одговори: ‚Стап‘. ‚Фрли го на земја!‘ — му рече. И тој го фрли на земја и стапот се претвори во змија, па Мојсеј почна да се истава од неа. Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: ‚Посегни со раката и фати ја за опашка!‘ И тој посегна со раката и ја фати, а таа стана стап во неговата рака. Тогаш му рече: ‚Така ќе веруваат дека ти се појавил Јехова‘“ (2. Мој. 4:2-5). Со Божја помош, она што во раката на Мојсеј изгледало само како еден обичен стап се претворило во змија. Ова чудо било силен доказ дека Бог го испратил Мојсеј да пренесе една важна порака. Јехова му рекол на Мојсеј: „А овој стап земи го в рака за да правиш чуда со него!“ (2. Мој. 4:17). Бидејќи во раката имал цврст доказ дека е Божји застапник, Мојсеј можел со поголема увереност да зборува пред фараонот и пред Израелците (2. Мој. 4:29-31; 7:8-13).

6. а) Што имаме ние во рацете кога ја пренесуваме Божјата порака, и зошто? б) Објасни во која смисла „речта Божја е жива и делотворна“?

6 Што имаме ние во рацете кога им ја пренесуваме Божјата порака на другите? Честопати, тоа е Библијата. Некои луѓе мислат дека таа е само една обична книга. Но, ние знаеме дека Библијата е посебна книга преку која ни зборува Јехова (2. Пет. 1:21). Во неа се запишани ветувањата на Бог кои ќе се исполнат под власта на неговото Царство. Апостол Павле напишал: „Речта Божја е жива и делотворна“. (Прочитај Евреите 4:12.) Божјата Реч е жива затоа што Бог постојано работи на исполнувањето на своите ветувања (Иса. 46:10; 55:11). Штом едно лице ќе го сфати овој факт, она што го чита од Библијата може да има силно влијание врз неговиот живот.

7. Како можеме ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘?

7 Јехова ни ја дал својата жива Реч, Библијата, со која можеме да докажеме дека пораката што ја шириме е веродостојна и дека доаѓа од него. Од таа причина, Павле го поттикнал Тимотеј да даде сѐ од себе за да може ‚исправно да се служи со речта на вистината‘ (2. Тим. 2:15). Како можеме и ние да го примениме советот на Павле? Така што ќе им читаме на другите стихови кои се внимателно избрани. Нашата цел е да допреме до нивното срце. Трактатите кои беа издадени во 2013 год. можат многу да ни помогнат во тоа.

 ЧИТАЈ СТИХОВИ ШТО СЕ ВНИМАТЕЛНО ИЗБРАНИ

8. Што рекол еден надгледник за служба во врска со трактатите?

8 Сите нови трактати имаат ист стил. Затоа, кога ќе научиш како да користиш еден од нив, си научил да ги користиш сите. Дали е лесно да им ги нудиме на луѓето? Еден надгледник за служба од Хаваи, САД, напишал: „Ни најмалку не бевме свесни колку многу овие трактати ќе ни користат во службата од куќа до куќа и во службата на јавни места“. Овој брат сфатил дека начинот на кој се напишани трактатите им олеснува на луѓето да си го кажат своето мислење, а тоа води до интересни разговори. Бидејќи на првата страница има неколку можни одговори на поставеното прашање, луѓето не се плашат дека ќе дадат погрешен одговор.

9, 10. а) Како трактатите ни помагаат да ја користиме Библијата во служба? б) Со кои трактати си имал најдобри резултати, и зошто?

9 Во секој трактат има еден добро избран стих кој можеме да му го прочитаме на лицето со кое разговараме. На пример, разгледај го трактатот Ќе им дојде ли крај на страдањата? Без разлика дали станарот ќе одговори со „да“, „не“ или „можеби“, отвори го трактатот и речи: „Еве што вели Библијата за тоа“. Потоа, прочитај Откровение 21:3, 4.

10 Слично е и со трактатот Што мислиш за Библијата? Не е битно кој од трите можни одговори ќе го одбере лицето. Едноставно сврти на следната страница и речи: „Библијата вели дека ‚целото Писмо е вдахновено од Бог‘“. Можеш да додадеш: „Да видиме што уште е запишано во Библијата“. Потоа, отвори ја и прочитај ги зборовите од 2. Тимотеј 3:16, 17.

11, 12. а) На кој начин можеш да ги користиш трактатите за службата да ти причинува поголемо задоволство? б) Како можат трактатите да ти помогнат да се подготвиш за повторни посети?

11 Можеби ќе решиш да прочиташ нешто повеќе од трактатот. Се разбира, тоа ќе зависи од реакцијата на станарот. Но, без разлика како ќе реагираат луѓето, ќе чувствуваш големо задоволство бидејќи уште првиот пат си успеал да им прочиташ барем нешто од Божјата Реч. Во некоја следна прилика ќе можеш да го продолжиш разговорот.

12 На последната страница од секој трактат под делот „Размисли“ има  прашање и стихови за кои може да се зборува на следната посета. Во трактатот Што мислиш за иднината? прашањето за следната посета е: „Како Бог ќе го направи светот подобро место за живеење?“ Наведени се Матеј 6:9, 10 и Даниел 2:44. За трактатот Ќе има ли воскресение? прашањето е: „Зошто старееме и умираме?“ Наведени се 1. Мојсеева 3:17-19 и Римјаните 5:12.

13. Објасни како можеш да ги користиш трактатите за да започнуваш библиски студии.

13 Трактатите ни помагаат полесно да започнуваме библиски студии. Кога некој ќе го скенира кодот од последната страница на трактатот, ќе му се отвори нашата интернет-страница која може да го поттикне да ја проучува Библијата. Во трактатите вниманието се насочува и на брошурата Добра вест од Бог! На пример, трактатот Кој владее со светот? посочува на 5. лекција од таа брошура. Трактатот Кој е клучот за среќно семејство? посочува на 9. лекција од брошурата. Ако ги користиш трактатите на ваков начин, ќе стекнеш навика да читаш од Библијата уште при првиот разговор со луѓето, но и на повторни посети. Така ќе можеш да започнеш повеќе библиски студии. Што друго можеш да направиш за делотворно да ја користиш Божјата Реч во службата?

ИЗБЕРИ ТЕМА ШТО ГИ ИНТЕРЕСИРА ЛУЃЕТО

14, 15. Како можеш да го следиш примерот на Павле во службата?

14 Павле многу сакал во службата да најде заеднички темел со „колку што е можно повеќе луѓе“. (Прочитај 1. Коринќаните 9:19-23.) Тој се трудел да ги придобие ‚Евреите, оние што се под законот, оние што се без закон и слабите‘. Павле давал сѐ од себе за да допре до срцето „на најразлични луѓе“ и да им помогне да се спасат (Дела 20:21). Како можеме да се угледаме на примерот на Павле додека се подготвуваме да им ја пренесеме вистината ‚на најразличните луѓе‘ што живеат на нашето подрачје? (1. Тим. 2:3, 4).

15 Секој месец во Нашата служба за Царството излегуваат презентации. Обиди се да ги користиш. Но, ако луѓето на твоето подрачје ги интересираат други теми, сам состави си презентации кои ќе го побудат нивниот интерес. Размисли за средината во која живееш, за луѓето и за грижите кои ги имаат. Потоа, размисли кој стих би било најсоодветно да им го прочиташ. Еден покраински надгледник и неговата жена се обидуваат повеќе да ја користат Библијата во службата на проповедање. Што им помага во тоа? Братот вели: „Кога сме кратки и јасни, повеќето станари ни дозволуваат да им прочитаме стих. Библијата ја држиме в рака, и откако ќе се поздравиме, веднаш читаме од неа“. Да разгледаме некои теми, прашања и стихови кои можеш да ги користиш на твоето подрачје.

Дали вешто ги користиш трактатите и Библијата во службата? (Види во пасуси 8-13)

16. Објасни како можеме да го користиме Михеј 4:3, 4 во службата?

16 Ако во твоето место има многу криминал и насилство, би било добро да прашаш: „Можете ли да си замислите дека утре ударна вест во медиумите ќе биде следново: ‚Свет без војни‘? Токму ова е запишано во Библијата во Михеј 4:3, 4. Всушност, во Библијата има многу ветувања дека наскоро Бог ќе донесе мир на Земјата“. Потоа прочитај некое од тие ветувања запишани во Библијата.

17. Како можеш да го користиш Матеј 5:3?

17 Дали на луѓето во твоето место им е тешко да врзат крај со крај? Ако да, би можел да го започнеш разговорот со следново прашање: „Што мислите,  колку пари му се потребни на едно семејство за да биде среќно?“ Откако станарот ќе одговори, можеш да кажеш: „Многу луѓе заработуваат доста поголема сума од таа, но сепак нивните семејства сѐ уште не се задоволни. Што всушност им е потребно?“ Потоа прочитај Матеј 5:3 и понуди библиска студија.

18. Како можеме да ги утешиме другите со помош на Еремија 29:11?

18 Дали луѓето во твоето место неодамна биле погодени од некоја трагедија? Можеш да ја започнеш презентацијата со следниве зборови: „Дојдов да споделам една утешна мисла со Вас. (Прочитај Еремија 29:11.) Забележавте ли кои три работи ни ги посакува Бог? ‚Мир‘, ‚иднина‘ и ‚надеж‘. Зар ова не ни влева утеха? Но, како е можно да имаме таков живот?“ Потоа насочи го вниманието на соодветната лекција од брошурата Добра вест.

19. Објасни како можат зборовите од Откровение 14:6, 7 да им помогнат на побожните луѓе?

19 Дали живееш меѓу луѓе кои се побожни и кои ја читаат Библијата? Ако да, можеш да го започнеш разговорот така што ќе речеш: „Забележете што напишал апостол Јован во Библијата. (Прочитај Откровение 14:6, 7.) Овој ангел вели: ,Бојте се од Бог и поклонете му се на оној што ги создаде небото и земјата‘. Дали знаете како се вика оној што ги создал небото и Земјата?“ Потоа, прочитај Псалм 124:8, каде што пишува: „Нашата помош е во името на Јехова, Творецот на небото и на земјата“. На крај, прашај го дали сака да дознае нешто повеќе за Јехова Бог.

20. а) Како можеме со помош на Изреки 30:4 да му помогнеме на некој да го дознае Божјето име? б) Со кој стих ти си имал успех во службата на проповедање?

20 Ако наидеш на млад човек, би можел да речеш: „Би сакал да ти прочитам еден стих кој покренува едно важно прашање. (Прочитај Изреки 30:4.) Бидејќи ниту еден човек не може да направи вакви работи, јасно е дека овие зборови се однесуваат на нашиот Творец. * Прашањето е: Од каде можеме да дознаеме како се вика тој? Со задоволство ќе ти покажам од Библијата“.

КОРИСТИ ЈА МОЌТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ВО СЛУЖБАТА

21, 22. а) Како може еден стих кој е внимателно избран да им го смени животот на луѓето? б) Што си решен да правиш во службата на проповедање?

21 Никогаш не знаеме како луѓето ќе реагираат кога ќе им прочитаме стих кој е внимателно избран. На пример, двајца Сведоци во Австралија дошле на вратата на една млада жена. Еден од нив ја прашал: „Дали знаете кое е Божјето име?“, а потоа ѝ прочитал Псалм 83:18. „Останав без зборови“, вели жената. „Откако си заминаа, возев 56 километри до една книжарница за да проверам други преводи на Библијата и за да го најдам името во речник. Откако се уверив дека Божјето име е Јехова, почнав да се прашувам кои други работи не ги знам“. Кратко потоа, таа и човекот што подоцна ѝ станал сопруг почнале да ја проучуваат Библијата и на крај се крстиле.

22 Божјата Реч има моќ да им го смени животот на луѓето. Кога некој ја чита Библијата, стекнува вера во Јеховините ветувања. А верата го поттикнува да го примени тоа што го учи. (Прочитај 1. Солуњаните 2:13.) Пораката од Библијата е далеку помоќна од секој наш збор. Затоа, секогаш кога е можно, треба да ја користиме Божјата Реч во службата. Таа е жива и може да допре до срцето на луѓето.

^ пас. 20 Види во Стражарска кула од 15 мај 2002, страница 5.