Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2014

 ОД НАШАТА АРХИВА

Драмата „Еурека“ им помогнала на многумина да ја дознаат вистината

Драмата „Еурека“ им помогнала на многумина да ја дознаат вистината

ЗА ВРЕМЕ на златната треска која во 19 век ја зафатила Калифорнија (САД), неретко можело да се чуе како некој рудар, кога ќе најде злато, извикува „Еурека!“, што во превод значи „Пронајдов!“ Но, Чарлс Тејз Расел и другите Истражувачи на Библијата пронашле нешто кое имало далеку поголема вредност — библиската вистина. Тие едвај чекале да им ја пренесат оваа скапоцена вистина на другите луѓе.

До летото во 1914 год., милиони луѓе во некои од големите градови ја гледале осумчасовната „Фотодрама за создавањето“, која била направена од Меѓународното здружение на Истражувачите на Библијата (IBSA). „Фотодрамата“ се состоела од кратки филмови, живописни слајдови во боја, интересни говори и пријатна класична музика. Преку неа гледачите можеле да се прошетаат низ целата човечка историја — од создавањето па сѐ до крајот на илјадагодишното владеење на Исус Христос (Отк. 20:4). *

Но, што е со оние кои живееле во помалите места? За да можела вистината да допре до што повеќе луѓе, во август 1914 год. Истражувачите на Библијата ја објавиле драмата „Еурека“ — скратен облик на „Фотодрамата“ кој не содржел филмови. Имало три верзии на оваа драма кои биле достапни на неколку јазици. Верзијата „Еурека X“ ги содржела сите снимки од библиските говори и музиката. Верзијата „Еурека Y“ се состоела од слајдови во боја кои биле придружени со библиски говори и музика. Верзијата со наслов „Еурека — драма за семејствата“ содржела само некои од библиските говори и песни. Можеле и да се набават евтини грамофони и опрема за проектирање.

Проектор со кој се прикажувале слајдови во боја

За прикажувањето на овие драми не биле потребни ниту филмски проектор ниту големо платно за проектирање. Затоа, Истражувачите на Библијата можеле бесплатно да им ги прикажуваат на луѓето што живееле во помалите градови и села. Верзијата „Еурека X“ можела да се прикажува и дење и ноќе. Проекторот за прикажување на верзијата „Еурека Y“ можел да работи без струја, само на ацетиленска ламба. Во еден напис во Стражарска кула на фински јазик стоело: „Овие слајдови можеме да ги прикажуваме скоро секаде“. И навистина било така!

Наместо да изнајмуваат големи театри и сали, снаодливите Истражувачи на Библијата често ги прикажувале драмите во бесплатни простории како, на пример, во училници, во  судници, на железнички станици, па дури и во дневната соба од некоја голема куќа. Многупати драмите се прикажувале и под ведро небо, при што како „екран“ служел голем бел чаршаф закачен на ѕидот од некоја плевна. Ентони Хамбук напишал: „Среде своите овоштарници, земјоделците поставуваа трупци во редови за да можат луѓето да седат и да уживаат за време на проекцијата“. Истражувачите кои ја прикажувале драмата „Еурека“ користеле запрежна кола во која ги носеле опремата за проектирање, куферите, и сето она што им било потребно за кампување и за приготвување храна.

На проекциите понекогаш присуствувале еден грст луѓе, а понекогаш стотици лица. Во едно гратче со 150 жители во САД, на проекциите кои се одржувале во едно училиште дошле вкупно 400 лица. Во други места, некои луѓе пешачеле по осум километри во еден правец само за да ја гледаат драмата „Еурека“. Во Шведска, соседите на Шарлот Елберг, кои се собрале во нејзината мала куќа, биле трогнати кога ги слушнале снимките од драмата. На една проекција која се одржала во еден рударски град во Австралија присуствувале околу 1.500 души. Во Стражарска кула пишувало дека „слајдовите во боја и снимките од грамофонот им оставиле силен впечаток на професорите и студентите“ од некои средни училишта и факултети. Драмата „Еурека“ била многу популарна дури и во места каде што имало кино сали.

СЕМЕТО НА ВИСТИНАТА РАСТЕ

Класовите, односно собранијата на Истражувачите на Библијата, испраќале говорници на различни места. Тие одржувале говори и ја прикажувале драмата „Еурека“, и така формирале нови класови. Иако не се знае колку луѓе ја гледале драмата, таа постојано се прикажувала. Сепак, во 1915 год., од вкупно 86 тимови, само 14 редовно известувале колку луѓе присуствувале на проекциите. И покрај тоа што не се знаела точната бројка, во извештајот на крајот од годината стоело дека повеќе од еден милион луѓе ја гледале драмата. Околу 30.000 гледачи побарале библиска литература.

Драмата „Еурека“ можеби не оставила зад себе значаен белег во историјата. Сепак, милиони луѓе — од Австралија до Аргентина, од Јужноафриканската Република до Британските Острови, Индија и Карибите — ја гледале оваа уникатна проекција. Мнозина од нив ја пронашле библиската вистина која е повредна од злато, и можеле со радост да извикаат „Еурека!“

^ пас. 4 Види ја статијата „Од нашата архива — сто години од ‚Фотодрамата‘“, која излезе во Стражарска кула од 15 февруари 2014, страници 30-32.