Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јули 2014

„Вие сте мои сведоци“

„Вие сте мои сведоци“

„,Вие сте мои сведоци‘, вели Јехова“ (ИСА. 43:10)

1, 2. а) Што значи да се биде сведок, и што пропуштаат медиумите да им пренесат на луѓето? б) Зошто Јехова не зависи од средствата за јавно информирање?

ШТО значи да се биде сведок? Во еден речник е запишана следнава дефиниција: Сведок е лице кое е присутно на некој настан и кое може да даде податоци за него‘. На пример, во градот Питермарицбург, во Јужноафриканската Република, весникот Сведок се издава повеќе од 160 години. Името на весникот е соодветно затоа што неговата цел е да им пренесе точни информации на луѓето за настаните во светот. Основачот на овој весник се заколнал дека во него ќе се објавува само вистината.

2 За жал, медиумите ја погазуваат вистината, па дури и ги извртуваат најважните факти од човечката историја. Тие воопшто не ја кажуваат вистината за Бог и за сето она што тој го направил. Но, Јехова, Севишниот Владетел на вселената, не зависи од средствата за јавно информирање. Преку својот пророк Езекиел, тој рекол: „Народите ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езек. 39:7). Бог има околу осум милиони Сведоци кои им кажуваат на луѓето од целиот свет за тоа каква личност е тој, што направил за човештвото во минатото и што прави сега. Исто така, оваа голема војска од Сведоци им кажува на другите и колку убави работи ќе направи Бог во иднина. Ако најважно во животот ни е да сведочиме за Бог, ќе покажеме дека живееме во склад со името што ни го дал самиот тој. Во Исаија 43:10 пишува: „,Вие сте мои сведоци‘,  вели Јехова, ,и мој слуга кого го избрав‘“.

3, 4. а) Кога Истражувачите на Библијата го усвоиле новото име, и како се чувствувале поради тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Името на Јехова ќе остане засекогаш затоа што тој е „Царот на вечноста“. Јехова за себе вели: „Тоа е моето име за навек и тоа е мојот спомен од поколение до поколение“ (1. Тим. 1:17; 2. Мој. 3:15; спореди со Проповедник 2:16). За нас е огромна чест да го носиме Јеховиното име. Во 1931 год., Истражувачите на Библијата биле пресреќни кога го усвоиле името Јеховини сведоци. Многу од нив напишале писма во кои ја изразиле својата благодарност за оваа промена. Браќата и сестрите од едно собрание во Канада напишале: „Пресреќни сме што се нарекуваме ,Јеховини сведоци‘. Сега сме уште порешени да покажеме дека сме достојни да го носиме ова име“.

4 Како можеш да покажеш ценење за честа да го носиш Божјето име? Освен тоа, можеш ли да објасниш на темел на Библијата зошто се нарекуваме Јеховини сведоци?

БОЖЈИ СВЕДОЦИ ВО ДРЕВНО ВРЕМЕ

5, 6. а) Како родителите во Израел сведочеле за Јехова? б) Што друго требало да прават израелските родители, и зошто родителите денес треба да го следат нивниот пример?

5 Јехова ги избрал Израелците да бидат негови сведоци. Секој Израелец имал одговорност да сведочи за него (Иса. 43:10). На пример, родителите им сведочеле на своите деца со тоа што им раскажувале што направил Бог во минатото. Јехова им заповедал на родителите да ги поучуваат своите деца за Пасхата. Тој им рекол: „Кога вашите синови ќе ве прашаат: ,Што ви значи оваа служба?‘ — речете им: ,Тоа е пасхалната жртва за Јехова, кој ги одминуваше куќите на синовите на Израел во Египет кога ги удри Египќаните со неволја, а нашите куќи ги  поштеди‘“ (2. Мој. 12:26, 27). Родителите им објаснувале на своите деца дека, кога Мојсеј побарал од фараонот да ги ослободи Израелците за да му принесат жртви на Јехова во пустината, тој му рекол: „Кој е Јехова, па да го послушам неговиот глас и да го пуштам Израел?“ (2. Мој. 5:2). Потоа родителите веројатно им кажувале на децата дека, откако десетте неволји ја опустошиле земјата и откако Израелците се спасиле од египетската војска кај Црвеното Море, одговорот на фараоновото прашање им станал јасен на сите. Јехова покажал дека е Семоќен. Израелците со свои очи виделе дека Тој е вистинскиот Бог и дека ги исполнува своите ветувања.

6 Освен на своите деца, Израелците кои ја ценеле честа да го носат Јеховиното име сигурно им раскажувале за овие настани и на туѓинците кои им служеле како робови. Подеднакво важно било и да ги поучат своите деца да живеат според мерилата за светост што ги поставил Бог. Јехова рекол: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог!“ (3. Мој. 19:2; 5. Мој. 6:6, 7). Колку убав пример им оставиле Израелците на христијанските родители денес, кои исто така мораат да ги поучуваат своите деца да живеат на начин со кој ќе му донесат слава на Божјето име! (Прочитај Изреки 1:8; Ефешаните 6:4.)

Кога ги поучуваме нашите деца за Јехова, го прославуваме неговото име (Види во пасуси 5-6)

7. а) Како тоа што Израелците му биле верни на Јехова влијаело врз другите народи? б) Каква одговорност имаат сите оние што го носат Божјето име?

7 Кога Израелците биле верни, давале добро сведоштво за Божјето име. Тогаш, Јехова ги благословувал и ,сите народи на Земјата гледале дека тие го носат неговото име и се плашеле од нив‘ (5. Мој. 28:10). За жал, голем дел од својата историја, Израелците му биле непослушни на Јехова. Секогаш одново им се клањале на идоли направени од човек. Освен тоа, станале слични на ханаанските богови кои ги обожавале. Биле сурови, ги жртвувале своите деца и ги угнетувале сиромашните. Од нивниот лош пример учиме една важна поука. Треба да се угледаме на нашиот свет Бог, Јехова, и да се трудиме да бидеме свети затоа што го носиме неговото име.

„ЕВЕ, ПРАВАМ НЕШТО НОВО“

8. Каква задача му дал Јехова на Исаија, и како реагирал тој?

8 Преку Исаија, Јехова ги предупредил Израелците дека ќе го уништи Ерусалим, главниот град на нивната земја, и дека ќе дозволи тие да бидат одведени во ропство. Исто така, Јехова прорекол дека ќе направи „нешто ново“ и дека заробените ќе бидат сведоци на едно неверојатно избавување (Иса. 43:19). Иако знаел дека Израелците нема да се покаат, Јехова му рекол на Исаија да продолжи да ги предупредува. Поголемиот дел од првите шест поглавја од книгата на Исаија се состои од предупредувања за уништувањето на Ерусалим. Исаија сакал да знае колку долго народот ќе му биде непослушен на Јехова. Бог му одговорил: „Додека градовите не се претворат во урнатини и не останат без жители, додека куќите не останат без луѓе и додека земјата не се претвори во пустош“. (Прочитај Исаија 6:8-11.)

9. а) Кога се исполнило пророштвото на Исаија во врска со Ерусалим? б) На кое предупредување треба да му обрнеме внимание денес?

9 Исаија ги предупредувал Израелците за претстојното уништување повеќе од 46 години. Тој започнал да пророкува околу 778 год. пр.н.е., која била последната година од владеењето на цар Озија, па сѐ до 732 год. пр.н.е., кога на власт веќе бил цар Езекија. Потоа, Јехова продолжил да го предупредува својот народ сѐ до 607 год. пр.н.е., кога бил уништен Ерусалим. На таков начин, Израелците биле предупредувани многу години однапред за тоа што  требало да се случи во иднина. И во наше време Јехова со години однапред го предупредува својот народ за тоа што допрва ќе се случи. Веќе 135 години од првото издание, списанието Стражарска кула ги предупредува своите читатели дека наскоро ќе му дојде крај на Сатанското владеење и дека ќе започне илјадагодишното владеење на Исус Христос (Отк. 20:1-3, 6).

10, 11. Кое пророштво на Исаија се исполнило пред очите на Израелците кои биле во Вавилон?

10 Многу послушни Евреи кои им се предале на Вавилонците го преживеале уништувањето на Ерусалим и биле одведени во заробеништво во Вавилон (Ерем. 27:11, 12). Седумдесет години подоцна, Божјиот народ бил сведок на исполнувањето на едно друго пророштво: „Вака вели Јехова, вашиот Откупител, Светецот на Израел: ,Заради вас ќе ги испратам против Вавилон, ќе ги турнам лостовите на затворските врати‘“ (Иса. 43:14).

11 Во склад со ова пророштво, една октомвриска ноќ во 539 год. пр.н.е. се случил еден настан што го потресол светот. Додека вавилонскиот цар и неговите достоинственици пиеле вино од светите садови запленети од храмот во Ерусалим и им оддавале слава на идоли, војските на Медија и Персија го зазеле градот и ја покориле Вавилонската империја. Во 538 или 537 год. пр.н.е., освојувачот на Вавилон, Кир, им заповедал на Евреите да се вратат во својата родна земја и повторно да го изградат Божјиот храм во Ерусалим. Исаија прорекол и дека Јехова ќе се грижи и ќе го штити својот народ додека се враќа во Ерусалим. Бог рекол дека тие се ,народ кој бил создаден за него за да ја разгласува неговата фалба‘ (Иса. 43:21; 44:26-28). Откако се вратиле и го изградиле Јеховиниот храм во Ерусалим, Израелците биле сведоци на фактот дека Јехова е единствениот вистински Бог кој секогаш си стои на зборот.

12, 13. а) Што се случило кога Израелците се вратиле да го изградат храмот? б) Што се очекува од „другите овци“ додека го поддржуваат „Израелот Божји“, и каква можност ќе имаат?

12 Илјадници луѓе од другите народи им се придружиле на Израелците и почнале да му служат на Јехова (Езра 2:58, 64, 65; Ест. 8:17). Денес, едно „големо мноштво луѓе“ од Исусовите „други овци“ верно ги поддржуваат помазаните христијани, кои го сочинуваат „Израелот Божји“ (Отк. 7:9, 10; Јован 10:16; Гал. 6:16). И помазаниците и другите овци имаат чест да се нарекуваат Јеховини сведоци.

13 За време на илјадагодишното владеење на Христос, големото мноштво ќе доживее неопислива радост кога ќе им раскажува на воскреснатите  како било да се биде Јеховин сведок во времето на крајот. Но, тоа ќе биде можно само ако уште сега даваме сѐ од себе за да живееме во склад со Јеховините начела и ако вложуваме напор да останеме свети. Сепак, без оглед на тоа колку се трудиме, секојдневно грешиме. Затоа мора да го молиме Јехова да ни прости. Освен тоа, треба да признаеме дека е огромна чест тоа што можеме да го носиме Божјето свето име. (Прочитај 1. Јованово 1:8, 9.)

ШТО ЗНАЧИ БОЖЈЕТО ИМЕ

14. Што значи името Јехова?

14 За подобро да сфатиме колку голема чест е да го носиме Божјето име, добро е длабоко да размислуваме за неговото значење. Името Јехова доаѓа од еден хебрејски глагол што означува дејство и може да се преведе со зборот „стане“. Според тоа, името Јехова буквално значи „оној што предизвикува да стане“. Оваа дефиниција одговара на улогата што Јехова ја има како Творец на вселената и на суштествата обдарени со разум. Тој продолжува да прави сѐ што е потребно за да ја изврши својата волја и да ја исполни својата намера, и покрај тоа што противниците, како што е Сатана, се трудат да го спречат.

15. Што можеме да научиме за Божјето име од она што Јехова му го кажал на Мојсеј? (Види ја рамката „ Име кое има длабоко значење“.)

15 Кога му заповедал на Мојсеј да ги изведе Израелците од Египет, Јехова му открил еден аспект на својата личност со тоа што искористил сличен глагол, и тоа во прво лице еднина, за да го опише своето име. Во Библијата пишува: „Бог му рече на Мојсеј: ,Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам‘. Потоа додаде: ,Вака кажи им на синовите на Израел: „Ќе станам ме испрати кај вас“‘“ (2. Мој. 3:14). Така, Јехова покажал дека во секоја ситуација ќе стане сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера. За Израелците кои биле во заробеништво тој имал улога на Избавител, Заштитник, Водач и Татко кој се грижел за нивните материјални и духовни потреби.

КАКО ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ БЛАГОДАРНИ

16, 17. а) Како можеме да покажеме дека сме благодарни за честа да го носиме Божјето име? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

16 Денес, Јехова продолжува да постапува во склад со своето име со тоа што ги задоволува сите наши духовни и материјални потреби. Но, значењето на неговото име е пошироко. Тој може да предизвика и неговите созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. На пример, тој ги користи своите Сведоци за да го извршуваат неговото дело. Ако размислуваме за ова, и ние ќе бидеме поттикнати да живееме во склад со Божјето име. Кора, кој има 84 години и веќе 70 години ревносно служи во Норвешка, вели: „За мене е голема чест да му служам на Јехова, Царот на вечноста, и да бидам дел од народот кој го носи неговото свето име. Голема радост ми носи тоа што имам можност да ја објаснувам библиската вистина и да гледам како им светнуваат очите на оние што ќе ја разберат. На пример, чувствувам длабоко задоволство кога ги поучувам луѓето за тоа што се постигнува со Христовата откупна жртва и како преку неа можеме да добиеме вечен живот во новиот праведен свет“.

17 На некои места во светот е многу тешко да се најдат луѓе кои сакаат да дознаат нешто повеќе за Бог. И покрај тоа, исто како Кора, и ние сме многу радосни кога ќе најдеме барем едно лице кое можеме да го поучуваме за Јеховиното име. Но, како е можно истовремено да бидеме Сведоци и на Јехова и на Исус? Одговорот на ова прашање ќе го добиеме во следната статија.