Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јуни 2014

„Сакај го својот ближен како себеси“

„Сакај го својот ближен како себеси“

‚Втората заповед е оваа: „Сакај го својот ближен како себеси“‘ (МАТ. 22:39)

1, 2. а) Според она што го кажал Исус, која е втората од двете најголеми заповеди? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

КОГА еден фарисеј го прашал која е најголемата заповед во Законот, Исус му одговорил: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“. Потоа Исус додал: „Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:34-39).

2 Исус рекол дека мораме да ги сакаме нашите ближни како себеси. Затоа, добро е да се прашаме: ‚Кои се нашите ближни? Како можеме да покажеме дека ги сакаме?‘

КОИ СЕ НАШИТЕ БЛИЖНИ?

3, 4. а) Која споредба ја кажал Исус за да одговори на прашањето: „Кој е мојот ближен?“ б) Како Самарјанинот му помогнал на човекот што бил ограбен, претепан и оставен да лежи полумртов? (Види ја сликата погоре.)

3 Можеби си мислиме дека ближни ни се членовите на нашето семејство, роднините или некои блиски пријатели. Но, да размислиме за она што Исус му го кажал на еден човек кој го прашал: „Кој е мојот ближен?“ Како одговор, Исус му ја раскажал споредбата за милосрдниот Самарјанин. (Прочитај Лука 10:29-37.) Еден Евреин  бил претепан, ограбен и оставен да лежи полумртов. По истиот пат минувал еден израелски свештеник, а потоа и еден левит. Наместо да му притрчаат на помош, тие бездушно го одминале. За разлика од нив, на овој човек му помогнал еден Самарјанин, иако во тоа време владеело големо непријателство меѓу Евреите и Самарјаните (Јован 4:9).

4 За да му ги залечи раните на повредениот Евреин, Самарјанинот му ги полеал со масло и вино. Потоа, го однел во еден конак и на сопственикот му дал два денарија, односно две дневници, за да се погрижи за човекот (Мат. 20:2). Со оваа споредба, Исус нѐ поучил дека треба да ги сметаме сите луѓе за наши ближни, без разлика на нивната националност или култура. Исто така, учиме и дека треба да покажуваме љубов и сочувство кон нив.

Јеховините сведоци на дело покажуваат љубов кон ближните (Види во пасус 5)

5. Како Јеховините сведоци покажаа дека ги сакаат своите ближни по налетот на ураганот Сенди?

5 Во овие ‚последни денови‘ повеќето луѓе немаат никакво сочувство. Многумина денес се бесчувствителни кон другите, сурови и без љубов кон добротата (2. Тим. 3:1-3). Тоа може да се види дури и кога ќе се случи некоја природна катастрофа. На пример, во октомври 2012 год., ураганот Сенди го погоди градот Њујорк. Во еден од најпогодените делови на градот многу домаќинства останаа без електрична енергија, греење и други неопходни работи. За жал, крадците ја искористија оваа неволја и ги опљачкаа луѓето што живееја таму. Но, на истото подрачје Јеховините сведоци се организираа за да им пружат помош на своите соверници и на другите луѓе. Ова е еден начин на кој ние, како христијани, покажуваме дека ги сакаме нашите ближни. На кои други начини можеме да покажеме љубов кон нив?

КАКО ДА ПОКАЖЕМЕ ЉУБОВ КОН НАШИТЕ БЛИЖНИ?

6. Како им помагаме на нашите ближни во духовен поглед?

6 Да им помагаме на луѓето во духовен поглед. Како можеме да го правиме тоа? Така што ќе им ја пренесуваме „утехата од Писмата“ (Рим. 15:4). Кога им ја објавуваме библиската вистина на нашите ближни, покажуваме дека ги сакаме (Мат. 24:14). За нас е голема чест што можеме да ја разгласуваме пораката за Царството од ‚Богот кој дава надеж‘! (Рим. 15:13).

7. Кое е Златното правило, и каков ќе биде резултатот ако го применуваме?

7 Да го применуваме Златното правило. Исус го кажал ова правило во својата Проповед на гората. Тој рекол: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним. Тоа е смислата на Законот и Пророците“ (Мат. 7:12). Значи, ако го следиме советот на Исус, постапуваме во духот на „Законот“ (книгите од 1. Мојсеева до 5. Мојсеева) и „Пророците“ (пророчките книги во Хебрејските списи). Од овие библиски книги гледаме дека, во минатото, Бог ги благословувал оние што покажувале љубов кон другите. Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: ‚Држете се за правдата и правете го она што е праведно! Среќен е човекот кој прави така‘ (Иса. 56:1, 2). Ако и ние денес ги сакаме нашите ближни и ако го применуваме Златното правило, ќе бидеме богато благословени.

8. Зошто треба да ги сакаме нашите непријатели, и каков ќе биде резултатот ако го правиме тоа?

8 Да ги сакаме нашите непријатели. Исус рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Сакај го својот ближен и мрази го својот непријател!‘ А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата“ (Мат. 5:43-45). Апостол Павле дал сличен совет кога кажал: „Ако твојот непријател е гладен,  нахрани го, ако е жеден, напој го“ (Рим. 12:20; Изр. 25:21). Според Мојсеевиот закон, Израелците требало да му помогнат на својот непријател, доколку неговото животно било притиснато од тежок товар (2. Мој. 23:5). Ако постапувале на ваков начин, некои што порано биле непријатели, можеле да станат добри пријатели. Поради тоа што ние, како христијани, покажуваме љубов кон нашите непријатели, некои од нив можеби ќе го променат својот став кон нас, па дури и ќе почнат да му служат на Јехова.

9. Кој совет на Исус ни помага да бидеме во мир со соверниците?

9 ‚Да тежнееме кон мир со сите‘ (Евр. 12:14). Ако треба да бидеме во мир со сите луѓе, колку повеќе треба да бидеме во мир со нашите соверници. Исус рекол: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24). Бог нѐ благословува кога покажуваме љубов кон оној со кого имаме недоразбирање и кога веднаш преземаме сѐ што е потребно за да се помириме со него.

10. Зошто не треба да им бараме маани на другите?

10 Да не им бараме маани на другите. Исус рекол: „Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди. И со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери. Тогаш, зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му речеш на брата си: ‚Дај да ти ја извадам раската од окото‘, кога самиот имаш греда во своето око? Лицемеру! Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Мат. 7:1-5). Исус ни покажал на многу впечатлив начин дека не треба да ги осудуваме другите поради нивните грешки затоа што и ние самите честопати грешиме.

НАЈДОБРИОТ НАЧИН НА КОЈ ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ КОН БЛИЖНИТЕ

11, 12. Кој е најдобриот начин на кој можеме да покажеме дека ги сакаме нашите ближни?

11 Има многу начини на кои можеме да покажеме дека ги сакаме  нашите ближни. Но, Исус нѐ поучил дека најдобриот начин на кој можеме да го сториме тоа е така што ќе им ја проповедаме добрата вест за Царството (Лука 8:1). Тој им дал задача на своите следбеници да ‚одат и да прават ученици од луѓето од сите народи‘ (Мат. 28:19, 20). Кога го извршуваме овој налог, им помагаме на луѓето да го остават широкиот и простран пат што води во пропаст и да зачекорат по тесниот пат што води во живот (Мат. 7:13, 14). Без сомнение, Јехова го благословува трудот што го вложуваме за да го вршиме ова дело.

12 Исто како Исус, и ние им помагаме на луѓето да станат свесни за своите духовни потреби (Мат. 5:3). Кога им ја објавуваме „Божјата добра вест“, ги поттикнуваме да ги задоволат тие потреби (Рим. 1:1). Оние што ја прифаќаат пораката за Царството се помируваат со Бог преку Исус Христос (2. Кор. 5:18, 19). Проповедањето е најважниот начин на кој покажуваме вистинска љубов кон нашите ближни.

13. Како се чувствуваш кога ги поучуваш другите за Јехова?

13 Кога правиме делотворни повторни посети и кога водиме библиски студии, им помагаме на луѓето да живеат според Божјите праведни мерила, а тоа ни носи вистинско задоволство. Можеби лицата со кои проучуваме ќе направат коренити промени во својот живот (1. Кор. 6:9-11). Пресреќни сме кога гледаме како Бог им помага на оние што ‚исправно гледаат на вечниот живот‘ духовно да напредуваат и да стекнат близок однос со него (Дела 13:48). Многу лица кои порано живееле во очај сега се исполнети со радост. Довербата што ја стекнале во нашиот небесен Татко ја избришала преголемата загриженост од нивните лица. За нас е голема чест што можеме да покажеме колку ги сакаме нашите ближни преку ова посебно дело.

ОПИС НА ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ

14. Како ја опишал Павле љубовта во 1. Коринќаните 13:4-8?

14 Апостол Павле ја опишал вистинската љубов во едно од своите писма. Ако ги применуваме зборовите на Павле во односите со нашите ближни, ќе го радуваме Јехова, ќе се поштедиме од многу проблеми и ќе бидеме среќни. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4-8.) Да разгледаме накратко што рекол Павле за љубовта и како можеме да ја покажуваме оваа особина кон нашите ближни.

15. а) Зошто треба да бидеме стрпливи и љубезни? б) Зошто не треба да бидеме завидливи и да се фалиме?

15 „Љубовта е долготрпелива и љубезна.“ Исто како што Јехова е долготрпелив и љубезен со нас, како несовршени луѓе, така и ние треба да бидеме стрпливи и љубезни кон другите кога ќе ни згрешат, ќе постапат непромислено или ќе бидат груби. „Љубовта не е завидлива.“ Ако вистински ги сакаме нашите соверници, нема да им завидуваме доколку имаат поголеми одговорности во собранието или нешто друго што ние го немаме. Освен тоа, ако ги сакаме другите, нема да бидеме горди и нема да се фалиме. Во Библијата пишува дека оние што имаат ‚горделиви очи и надмено срце‘ прават грев (Изр. 21:4).

16, 17. Како можеме да постапуваме во склад со зборовите од 1. Коринќаните 13:5, 6?

16 Љубовта „не се однесува непристојно“. Ако ги сакаме нашите ближни, нема да ги лажеме, нема да крадеме од нив ниту, пак, ќе правиме нешто друго што се коси со Јеховините закони и начела. Освен тоа, нема да бидеме себични, затоа што љубовта „не ја бара својата корист“. Несебичната љубов ќе нѐ поттикне да се грижиме за другите, а не само за себе (Фил. 2:4).

17 Љубовта „не се раздразнува“ и „не го памти злото“. Кога некој ќе нѐ повреди, не треба веднаш да се налутиме  и, така да се каже, да водиме евиденција за секоја негова грешка (1. Сол. 5:15). Ако држиме лутина, лесно би можеле да избувнеме и да се повредиме и себе и другите. Со тоа нема да му угодиме на Бог (3. Мој. 19:18). Љубовта „ѝ се радува на вистината“, а „не ѝ се радува на неправдата“. Ние не се радуваме дури и кога некој што нѐ мрази страда или трпи некаква неправда. (Прочитај Изреки 24:17, 18.)

18. Што учиме за љубовта од 1. Коринќаните 13:7, 8?

18 Павле напишал дека љубовта „сѐ поднесува“. Таа нѐ поттикнува да им простуваме на оние што нѐ навредуваат. Љубовта „сѐ верува“, додал Павле. Ние веруваме во сето она што го пишува во Библијата и благодарни сме за поуките што ги добиваме од Јеховината организација. Љубовта „на сѐ се надева“. Ние имаме доверба дека Јехова ќе ги исполни сите ветувања што ни ги дал и затоа сме исполнети со надеж. Бидејќи ги сакаме луѓето, правиме сѐ што можеме за да ја споделиме нашата надеж со нив (1. Пет. 3:15). Кога минуваме низ некоја тешка ситуација, се молиме и се надеваме дека, на крај, сѐ ќе излезе на добро. Љубовта „сѐ трпи“. Таа ни помага да истраеме дури и кога некој ни греши или ни се противи. Освен тоа, Павле рекол дека „љубовта никогаш не престанува“. Послушните луѓе ќе ја покажуваат оваа особина во сета вечност.

ДА ГИ САКАМЕ НАШИТЕ БЛИЖНИ КАКО САМИТЕ СЕБЕ

19, 20. Кои библиски стихови нѐ поттикнуваат да продолжиме да покажуваме љубов кон ближните?

19 Советите од Библијата ни помагаат да продолжиме да покажуваме љубов кон нашите ближни. Мораме да ги сакаме сите луѓе, а не само оние со кои имаме исто потекло. Исто така, треба да ја имаме на ум следнава заповед на Исус: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Мат. 22:39). Јехова и Исус очекуваат да ги сакаме нашите ближни. Ако понекогаш ни е тешко да го правиме тоа, добро е да го молиме Бог да ни даде водство преку својот свет дух. Тогаш тој ќе нѐ благослови и ќе ни помогне да покажуваме љубов (Рим. 8:26, 27).

20 Заповедта да го сакаме својот ближен како себеси во Библијата е наречена ‚царски закон‘ (Јак. 2:8). Откако навел некои заповеди од Мојсеевиот закон, Павле рекол: „Заповедите од Законот... се содржани во овие зборови: ‚Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Љубовта не му прави зло на ближниот. Според тоа љубовта е исполнување на Законот“ (Рим. 13:8-10). Значи, многу е важно и понатаму да покажуваме љубов кон нашите ближни.

21, 22. Зошто треба да покажуваме љубов кон Бог и кон нашите ближни?

21 Додека размислуваме за тоа зошто треба да покажуваме љубов кон нашите ближни, добро е да го земеме предвид она што Исус го кажал за својот Татко. Тој рекол дека Јехова „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:43-45). Треба да покажуваме љубов кон сите луѓе, сеедно дали се праведни или не. Како што видовме, еден важен начин на кој можеме да покажеме дека ги сакаме другите е со тоа што ќе им ја објавуваме пораката за Царството. Ако ја прифатат, и тие ќе можат да ги доживеат благословите што Бог ќе ги излее во иднина.

22 Имаме безброј причини да го сакаме Јехова со сето срце, душа и ум. Освен тоа, има и многу начини на кои можеме да покажеме дека ги сакаме нашите ближни. Кога покажуваме љубов кон Бог и кон ближните, постапуваме во склад со двете најголеми заповеди. Што е уште поважно, го радуваме нашиот небесен Татко, Јехова, кој многу нѐ сака.