Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2014

Применувај го Златното правило во службата

Применувај го Златното правило во службата

„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (МАТ. 7:12)

1. Дали е важно како се однесуваме со луѓето на кои им проповедаме? Наведи пример. (Види ја сликата погоре.)

ПРЕД неколку години, еден брачен пар Сведоци на Фиџи ги канеле луѓето на Спомен-свеченоста. Додека зборувале со една жена, почнало да врне дожд. Бидејќи имале два чадори, ѝ го дале едниот чадор на жената. Таа била толку воодушевена од овој гест, што решила да дојде на Спомен-свеченоста. Подоцна, жената рекла дека не се сеќава што точно ѝ кажале Сведоците додека разговарале со неа, но многу силен впечаток ѝ оставил начинот на кој се однесувале со неа. Тоа што братот и сестрата постапиле во склад со Златното правило ја поттикнало жената да дојде на Спомен-свеченоста.

2. Што е Златното правило, и како можеме да го следиме?

2 Што е Златното правило? Тоа се следниве зборови што ги кажал Исус: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Мат. 7:12). Како можеме да го следиме ова правило? Најпрво, треба да се ставиме на местото на другите и да се прашаме како ние би сакале тие да постапуваат со нас. Потоа, треба да дадеме сѐ од себе за да се однесуваме со нив на тој начин (1. Кор. 10:24).

3, 4. а) Зошто Златното правило не важи само за односите со нашите соверници? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Дали Исус рекол дека Златното правило важи само  за односите со нашите соверници? Не. Тој го кажал ова начело кога зборувал за тоа како треба да се однесуваме со сите луѓе, па дури и со нашите непријатели. (Прочитај Лука 6:27, 28, 31, 35.) Според тоа, многу е важно да го следиме ова библиско начело во службата на проповедање бидејќи така ќе им помогнеме на луѓето да ја прифатат добрата вест и да добијат вечен живот (Дела 13:48).

4 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве четири прашања кои треба да ги имаме на ум кога сме во служба: Со кого разговараме? Каде разговараме? Кога е најдобро да зборуваме со луѓето? Како треба да им пристапиме? Овие прашања можат да ни помогнат да ги земеме предвид чувствата на луѓето на кои им сведочиме и да го приспособиме нашиот пристап на нивните потреби (1. Кор. 9:19-23).

СО КОГО РАЗГОВАРАМЕ

5. За кои прашања би било добро да размислиме?

5 Секој човек со кого разговараме во службата е посебна личност со различни околности и проблеми (2. Лет. 6:29). Кога му проповедаме некому, добро е да се прашаме: ‚Ако се ставам во негова кожа, какво мислење би сакал тој да има за мене? Дали би сакал веднаш да ме стави во ист кош со другите? Или повеќе би сакал да се потруди добро да ме запознае?‘ Тоа што ќе размислуваме за вакви прашања ќе ни помогне да го запознаеме секој како поединец.

6, 7. Како треба да реагираме ако во служба наидеме на некој што е груб?

6 На пример, како христијани се трудиме секогаш да го следиме библискиот совет да бидеме љубезни и учтиви (Кол. 4:6). Но, бидејќи сме несовршени, понекогаш можеби ќе кажеме нешто за кое подоцна ќе зажалиме (Јак. 3:2). Ако ни се случи да бидеме нељубезни со некого, можеби затоа што не сме расположени тој ден, сигурно не би сакале тој веднаш да заклучи дека сме груби или безобѕирни личности. Веројатно би сакале да покаже разбирање за нас. Зар не би требало и ние да покажеме разбирање за другите?

7 Ако некој станар во службата е груб со нас, зарем не би било убаво да се потрудиме да разбереме зошто е таков? Дали можеби се соочува со притисок на работа или на училиште? Дали има некој сериозен здравствен проблем? Честопати, луѓето кои на почетокот биле груби, го смениле својот став кога Сведоците се однесувале со нив љубезно и со почит (Изр. 15:1; 1. Пет. 3:15).

8. Зошто треба да им проповедаме на „најразлични луѓе“?

8 Во службата на проповедање зборуваме со најразлични луѓе. На пример, само во последниве неколку години, во рубриката „Библијата менува животи“, која излегува во Стражарска кула, беа објавени над 60 искуства на луѓе кои порано биле крадци, алкохоличари, членови на банди или зависници од дрога. Некои биле политичари, верски водачи и луѓе на кои најважна им била кариерата. Други воделе неморален начин на живот. Сепак, сите тие ја дознале добрата вест, почнале да ја проучуваат Библијата, направиле промени во својот живот и ја прифатиле вистината. Затоа, не треба да мислиме дека некои луѓе никогаш нема да ја прифатат пораката за Царството. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.) Наместо тоа, треба да имаме на ум дека „најразлични  луѓе“ може да почнат да му служат на Јехова (1. Кор. 9:22, фус.).

КАДЕ РАЗГОВАРАМЕ СО ЛУЃЕТО

9. Зошто треба да покажуваме ценење за имотот на другите?

9 Честопати им проповедаме на луѓето во нивните домови (Мат. 10:11-13). Бидејќи секој од нас многу го цени својот посед, мило ни е кога и другите покажуваат ценење кон нашиот дом и имот. За нас домот е место каде што се чувствуваме сигурно и имаме приватност. Затоа, кога одиме во служба од куќа до куќа, и ние треба да покажеме ценење кон имотот на луѓето (Дела 5:42).

10. Што треба да правиме за да не ги вознемируваме луѓето на нашето подрачје?

10 Во денешниот свет кој е полн со криминал, многу луѓе немаат доверба во непознати лица (2. Тим. 3:1-5). Мораме да внимаваме да не направиме нешто со кое би ги навеле другите да се сомневаат во нас. На пример, да речеме дека доаѓаш до една куќа и ѕвониш на влезната врата. Ако никој не излезе, можеби ќе ѕирнеш низ прозорецот или ќе поминеш околу куќата за да го најдеш станарот. Веројатно ќе го направиш тоа затоа што сакаш темелно да ја извршуваш службата (Дела 10:42). Сигурно искрено сакаш да им помогнеш на луѓето да ја дознаат вистината за Бог (Рим. 1:14, 15). Но, дали тоа ќе ги вознемири луѓето на твоето подрачје? Што ќе помислат соседите? Мора да бидеме мудри и да внимаваме да не ги вознемируваме луѓето на подрачјето. Апостол Павле напишал: „Во ништо не даваме никаква причина за спрепнување, за да нема што да ѝ се приговори на нашата служба“ (2. Кор. 6:3). Тоа што ќе покажеме ценење за домот и за имотот на луѓето може да ги поттикне да ја прифатат вистината. (Прочитај 1. Петрово 2:12.)

Секогаш да покажуваме ценење за имотот на луѓето и да ја почитуваме нивната приватност (Види во пасус 10)

КОГА Е НАЈДОБРО ДА ЗБОРУВАМЕ СО ЛУЃЕТО

11. Зошто сакаме другите да бидат обѕирни и да имаат на ум дека не можеме секогаш да минуваме многу време со нив?

11 Како христијани, повеќето од нас се многу зафатени. За да си ги завршиме обврските, внимателно го планираме нашето време (Еф. 5:16; Фил. 1:10). Сигурно нема да ни биде сеедно ако нешто ни го расипе планот. Затоа, многу ни значи кога другите покажуваат обѕир кон нас и кога сфаќаат дека не можеме секогаш да поминуваме многу време со нив. Имајќи го на ум Златното правило, како можеме во овој поглед да покажеме почит кон луѓето на кои им проповедаме?

12. Како да одредиме кога е најдобро да им сведочиме на луѓето на нашето подрачје?

12 Треба да одредиме кое е најдоброто време да разговараме со луѓето. Би било добро да се прашаш: ‚Кога најчесто луѓето на моето подрачје се дома? Кога најверојатно ќе бидат спремни да ме сослушаат?‘ Можеби би било добро да направиме некои промени во нашиот план за да ги посетиме во време кога ним најмногу им одговара. Во некои делови од светот, објавителите увиделе дека е најдобро да одат во служба од куќа до куќа во попладневните часови или приквечер. Ако тоа важи и за твоето подрачје, би можел ли да одвоиш време да одиш од куќа до куќа во тој период од денот? (Прочитај 1. Коринќаните 10:24.) Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ги благослови сите жртви што ги правиме за да одиме во служба во време кога најмногу им одговара на луѓето.

13. На кој друг начин можеме да покажеме почит кон луѓето на кои им проповедаме?

13 На кој друг начин можеме да покажеме почит кон луѓето на кои им проповедаме? Убаво е да дадеме добро сведоштво кога ќе наидеме на  некој што е спремен да нѐ сослуша, но притоа мора да внимаваме да не го задржуваме предолго. Можеби станарот треба да заврши некои други работи што за него се важни. Ако каже дека е зафатен, можеме да му речеме дека ќе бидеме кратки, и потоа треба да си стоиме на зборот (Мат. 5:37). Пред да си одиме, би било добро да го прашаме кога најмногу му одговара да го посетиме. Некои објавители на крајот од разговорот велат: „Би сакал повторно да дојдам за да разговараме. Дали сакате да ви се јавам или да ви испратам порака пред да поминам?“ Кога сме обѕирни кон луѓето и се трудиме да не им одземаме премногу време, го следиме примерот на апостол Павле, кој ‚не ја барал својата корист, туку користа на мнозина, за да бидат спасени‘ (1. Кор. 10:33).

КАКО ДА ИМ ПРИСТАПИМЕ

14-16. а) Зошто треба веднаш да им кажеме на луѓето со која цел сме дошле кај нив? Наведи пример. б) Каков делотворен пристап користи еден патувачки надгледник?

14 Замисли си дека некој непознат човек ти се јавува на телефон. Наместо прво да ти се претстави, тој веднаш те прашува каква храна ти се допаѓа. Сигурно ќе се прашаш кој е тој и што навистина сака од тебе. Можеби од учтивост ќе му кажеш збор-два, но потоа ќе му дадеш до знаење дека сакаш да го прекинеш разговорот. Сега замисли си дека оној што ти се јавува најпрво ти се претставува, а потоа љубезно ти кажува дека е советник за здрава исхрана и дека сака да ти пренесе некои корисни информации. Овојпат сигурно ќе бидеш поспремен да го сослушаш. Тоа покажува дека сакаме  другите да бидат директни и отворени кога зборуваат со нас. Како можеме и ние да постапуваме на ист начин со луѓето во служба?

15 На многу подрачја луѓето веднаш сакаат да знаат зошто сме дошле на нивната врата. Вистина е дека пораката што им ја носиме е многу важна. Но, замисли си дека штом станарот ќе излезе, без да се претставиш, веднаш го прашуваш: „Кога би имале моќ да ги решите проблемите во светот, кој проблем би го решиле Вие?“ Ние знаеме дека целта на ова прашање е да го откриеме гледиштето на станарот и потоа да го насочиме разговорот на Библијата. Меѓутоа, станарот би можел да си помисли: ‚Кој е овој човек и зошто ми поставува вакво прашање?‘ Затоа треба да се потрудиме да се чувствува опуштено додека разговараме со него (Фил. 2:3, 4). Како можеме да го постигнеме тоа?

16 Еден патувачки надгледник користи еден пристап кој се покажал доста делотворен. Тој најпрво се претставува и го поздравува станарот, а потоа му го дава трактатот Сакаш ли да ја дознаеш вистината? и му вели: „Денес им го даваме овој трактат на сите Ваши соседи. Во него се разгледани шест прашања што многумина си ги поставуваат. Сакаме и Вам да Ви дадеме еден примерок“. Братот кажува дека повеќето луѓе се поопуштени и поспремни за разговор кога ќе дознаат зошто дошол кај нив. Потоа тој му го поставува следново прашање на станарот: „Дали некогаш сте размислувале за некое од овие прашања?“ Ако станарот избере едно од прашањата, братот го отвора трактатот и му објаснува што вели Библијата за тоа. А понекогаш, самиот брат избира прашање и го продолжува разговорот без да го става станарот во непријатна ситуација. Се разбира, има многу начини да се започне разговор. Во некои места, луѓето очекуваат да се држиме до одредени формалности пред да им кажеме зошто сме дошле кај нив. Ако сакаме да бидат спремни да ја слушнат пораката што им ја носиме, треба да го приспособиме нашиот пристап кон нив.

СЛЕДИ ГО ЗЛАТНОТО ПРАВИЛО ВО СЛУЖБАТА

17. Како можеме да го следиме Златното правило кога сме во служба?

17 Во оваа статија видовме неколку начини на кои можеме да го следиме Златното правило во службата. Прво, треба да се трудиме да го запознаеме секој човек како поединец, земајќи ги предвид неговите околности. Второ, треба да покажуваме ценење за домот и за имотот на станарот. Трето, треба да одиме кај луѓето во време кога обично се дома и кога се поспремни да нѐ слушаат. И четврто, треба да дадеме сѐ од себе за да го приспособиме нашиот пристап кон луѓето на нашето подрачје.

18. Зошто треба да го применуваме Златното правило во службата?

18 Кога се трудиме да бидеме љубезни и обѕирни кон оние на кои им проповедаме, покажуваме колку се важни и практични библиските начела и го славиме нашиот небесен Татко (Мат. 5:16). Начинот на кој им пристапуваме на луѓето може да ги поттикне да ја прифатат вистината (1. Тим. 4:16). Но, без разлика дали тие ја слушаат пораката за Царството или не, ние сме радосни бидејќи знаеме дека даваме сѐ од себе за потполно да ја извршиме службата (2. Тим. 4:5). Добро е да се трудиме да го следиме примерот на апостол Павле, кој напишал: „Сѐ правам поради добрата вест, за да им ја проповедам на другите“ (1. Кор. 9:23). Затоа, секогаш да го применуваме Златното правило во нашата служба.