Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2014

,Мојата храна е да ја вршам Божјата волја‘

,Мојата храна е да ја вршам Божјата волја‘

Што ти причинува вистинско задоволство? Дали можеби тоа се врските што ги имаш со твоите најблиски како, на пример, со брачниот партнер, со децата, со роднините или со пријателите? Сигурно се радуваш кога уживаш во заеднички оброк со најмилите. Но, како слуга на Јехова, зар не се радуваш најмногу кога ја вршиш неговата волја, кога ја проучуваш неговата Реч и кога ја проповедаш добрата вест?

Во една песна со која го славел Творецот, израелскиот цар Давид рекол: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“ (Пс. 40:8). И покрај тешкотиите и проблемите низ кои минувал во животот, за Давид било вистинско задоволство да ја врши Божјата волја. Се разбира, тој не бил единствениот кој радосно му служел на вистинскиот Бог.

Апостол Павле ги применил зборовите од Псалм 40:8 на Месијата, односно на Христос. Павле напишал: „Влегувајќи во светот, тој [Исус] вели: ‚„Жртва и принос не сакаше, туку ми подготви тело. Не ти беа по волја жртвите паленици и жртвите за грев“. Тогаш реков: „Еве, дојдов — во свитокот на книгата е напишано за мене — да ја вршам твојата волја, Боже“‘“ (Евр. 10:5-7).

Додека бил на Земјата, Исус уживал да го набљудува творештвото, да се дружи со пријателите и да јаде заедно со нив (Мат. 6:26-29; Јован 2:1, 2; 12:1, 2). Сепак, најважно од сѐ му било да ја врши волјата на својот Татко, а тоа му причинувало и најголемо задоволство. Всушност, Исус рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34; 6:38). Благодарение на добриот пример што го оставил Исус, неговите ученици сфатиле како можат да бидат вистински среќни. Затоа, со голема радост, тие спремно и ревносно им ја пренесувале на другите пораката за Царството (Лука 10:1, 8, 9, 17).

„ОДЕТЕ И ПРАВЕТЕ УЧЕНИЦИ“

Исус им заповедал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). За да ја извршиме оваа задача, треба да ја искористиме секоја можност да им проповедаме на луѓето, да ги посетуваме заинтересираните лица, и да ја проучуваме Библијата со нив. Тоа може да ни донесе вистинска радост.

Љубовта нѐ поттикнува да продолжиме да проповедаме и покрај рамнодушноста на луѓето

 Независно од тоа дали луѓето се интересираат за нашата порака или не, ние можеме да бидеме радосни во службата доколку имаме исправен став. Зошто продолжуваме да ја објавуваме добрата вест иако можеби наидуваме на луѓе кои се рамнодушни и незаинтересирани? Затоа што сфаќаме дека, со тоа што проповедаме и правиме ученици, покажуваме дека ги сакаме Бог и ближните. Освен тоа, во прашање се животи — и нашиот живот и животот на нашите ближни (Езек. 3:17-21; 1. Тим. 4:16). Да разгледаме некои совети кои им помогнале на многу наши соверници да ја разгорат својата ревност за службата и покрај тоа што проповедаат на тврдо подрачје.

ИСКОРИСТИ ЈА СЕКОЈА МОЖНОСТ

Тоа што користиме соодветни прашања во службата честопати ни носи добри резултати. Едно утро, Амелија видела во паркот еден човек што читал весник. Таа му пристапила и го прашала дали прочитал некоја добра вест. Кога ѝ одговорил дека не прочитал ништо такво, Амелија му рекла: „Јас сакам да Ви пренесам една добра вест за Божјето Царство“. Човекот се заинтересирал и прифатил да ја проучува Библијата. Во истиот парк, Амелија започнала три библиски студии.

Џенис гледала на работното место како на свое подрачје за проповедање. Кога еден од членовите на обезбедувањето и неговата колешка се заинтересирале за една статија од Стражарска кула, Џенис им предложила редовно да им ги дава списанијата. Таа редовно ѝ ги носи списанијата и на една друга колешка, која била воодушевена од широкиот спектар на теми кои се разгледуваат во Стражарска кула и Разбудете се! По некое време, уште една колешка дознала дека Џенис им носи списанија на некои колеги, па затоа и самата побарала списанија. „Колку голем благослов од Јехова!“, вели Џенис. На крајот, Џенис редовно им носела списанија на 11 свои колеги.

ЗАДРЖИ ПОЗИТИВЕН СТАВ

Еден патувачки надгледник им дал еден интересен предлог на објавителите. Тој им рекол дека би било добро разговорите во службата од куќа до куќа да не ги завршуваат само со тоа што ќе им кажат на луѓето дека ќе дојдат кај нив некој друг ден. Наместо тоа, ги советувал да му постават прашање на станарот како, на пример: „Дали би сакале да Ви покажам како се проучува Библијата?“ или „Кога најмногу Ви одговара да поминам за да го продолжиме разговорот?“ Надгледникот известил дека, користејќи ги овие предлози, браќата и сестрите во едно собрание почнале да ја проучуваат Библијата со 44 лица за само една седмица.

Тоа што ќе се трудиме брзо да навратиме кај заинтересираните, дури и само по неколку дена од првиот разговор, може да ни донесе добри резултати. Зошто? Бидејќи на тој начин покажуваме дека од сѐ срце сакаме да им помогнеме на искрените луѓе да ја разберат Библијата. Кога била запрашана зошто се согласила да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци,  една жена одговорила: „Почнав да проучувам со нив затоа што се уверив дека вистински ме сакаат и дека се грижат за мене“.

Би можел да го прашаш станарот: „Дали би сакале да Ви покажам како се проучува Библијата?“

Кратко откако ја завршила Школата за пионери, Мадаи водела вкупно 15 библиски студии, а на други објавители им предала повеќе од пет студии. Неколку лица со кои проучувала почнале редовно да доаѓаат на нашите состаноци. Што ѝ помогнало на Мадаи да започне толку многу студии? Од програмата на школата сфатила дека е многу важно да продолжи да навраќа кај лицата што покажале интерес сѐ додека не ги најде. Една друга сестра, која им помогнала на мнозина да ја дознаат вистината од Библијата, вели: „Научив дека е многу важно истрајно да правиме повторни посети за да им помогнеме на луѓето кои сакаат да дознаат повеќе за Јехова“.

Ако ги посетуваме заинтересираните лица колку што е можно побрзо, ќе покажеме дека сакаме да ја разберат Библијата

За да ги најдеме заинтересираните лица и да почнеме да ја проучуваме Библијата со нив, потребен е голем труд. Сепак, благословите што ќе ги добиеме се далеку поголеми од сите напори што ќе ги вложиме. Ако даваме сѐ од себе во проповедничкото дело, ќе можеме да им помогнеме на другите „добро да ја запознаат вистината“ и да се спасат (1. Тим. 2:3, 4). Тоа, пак, нам ќе ни донесе неописливо задоволство и радост.