Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  мај 2014

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова навистина ми помагаше

Јехова навистина ми помагаше

Едно рано и студено утро, јас и мојата жена Евелин, пристигнавме на железничката станица во градот Хорнпејн, кој се наоѓа во шумовитиот предел во северниот дел на Онтарио (Канада). Еден брат нѐ пречека и нѐ однесе кај него дома. Откако убаво се најадовме заедно со него, со неговата жена и со неговиот син, излеговме надвор и, пробивајќи се низ снегот, сведочевме од куќа до куќа. Тоа попладне го одржав мојот прв говор како покраински надгледник. На состанокот присуствувавме само ние петорица.

ВСУШНОСТ, ни најмалку не ми пречеше тоа што малку луѓе присуствуваа на говорот што го одржав во 1957 год. Зошто? Затоа што отсекогаш сум бил многу срамежлив. Како мал, честопати се криев кога дома ќе ни дојдеа гости, дури и ако ги познавав.

Сигурно ќе се изненадите ако ви кажам дека честопати добивав задачи во Јеховината организација поради кои бев во контакт со многу луѓе — и со познати и со непознати. Сепак, сѐ уште сум срамежлив и се борам со чувства на ниска самодоверба, и затоа не може да се рече дека имам некаква заслуга за успешно извршените задачи. Наместо тоа, на своја кожа почувствував колку е вистинито Јеховиното ветување: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Иса. 41:10). Еден од многуте начини на кои Јехова ми помогна е преку поддршката од верните браќа и сестри. Да ви раскажам нешто повеќе за тоа.

КОРИСТЕШЕ БИБЛИЈА И ЕДЕН МАЛ ЦРН ТЕФТЕР

На нашата фарма во северозападниот дел на Онтарио

Едно сончево неделно утро во 1940-тите, Елси Хантингфорд дојде на нашата фарма, која се наоѓаше во југозападниот дел на Онтарио. Мајка ми излезе на врата, додека татко ми, кој беше срамежлив како мене, остана внатре и го  слушаше разговорот. Бидејќи си помисли дека сестра Хантингфорд е продавачка и дека мајка ми ќе купи нешто што не ни е потребно, татко ми излезе надвор за да каже дека не сме заинтересирани. „Не сакате да ја проучувате Библијата?“, праша сестра Хантингфорд. „Се разбира дека сакаме“, одговори татко ми.

Сестра Хантингфорд нѐ посети во вистински момент. Моите родители беа многу активни членови на Обединетата црква на Канада, но кратко пред тоа одлучија да ја напуштат. Зошто? Затоа што во ходникот на црквата, пасторот имаше закачено список со имињата на сите луѓе кои дале прилог. Тие беа подредени според сумата што ја донирале. Моите беа посиромашни и скоро секогаш се наоѓаа на дното од списокот. Поради тоа, пасторите во црквата им вршеа притисок да приложат поголема сума пари. Еден друг пастор призна дека ги поучува луѓето за нешто во кое ни самиот не верува, само за да ја задржи работата. Од тие причини, ја напуштивме црквата, но сѐ уште се трудевме да ги задоволиме нашите духовни потреби.

Бидејќи делото на Јеховините сведоци во Канада во тоа време беше под забрана, сестра Хантингфорд проучуваше со нашето семејство само со Библијата и со белешките кои ги имаше напишано во еден мал црн тефтер. Кога се увери дека нема да ја пријавиме во полиција, ни донесе библиска литература. По секоја студија, внимателно ги криевме публикациите. *

Моите родители ја прифатија вистината и се крстија во 1948

Иако се соочуваше со противење и со други пречки, сестра Хантингфорд ревносно ја проповедаше добрата вест. Нејзината ревност ми остави голем впечаток и ме поттикна сериозно да ја сфатам вистината. Една година откако моите родители се крстија како Јеховини сведоци, и јас му го заветував својот живот на Бог. Се крстив на 27 февруари 1949 год., во метално корито кое се користеше како поило за добиток. Тогаш имав само 17 години. Од тој момент, бев решен полновремено да му служам на Јехова.

ЈЕХОВА МИ ПОМОГНА ДА БИДАМ ХРАБАР

Се изненадив кога ме поканија во Бетел во 1952

Иако имав силна желба да бидам пионер, се плашев веднаш да почнам со пионерската служба. Сметав дека најпрвин треба да тргнам нешто настрана, и затоа некое време  работев во банка и како службеник на уште едно место. Но, како неискусно момче, веднаш ја трошев целата плата што ќе ја заработев. Затоа, брат Тед Сарџент ме поттикна да бидам храбар и да имам доверба во Јехова (1. Лет. 28:10). Го прифатив неговиот совет и почнав да служам како пионер од ноември 1951 год. Имав само 40 долари, стар велосипед и нова чанта. Сепак, Јехова секогаш ми го даваше тоа што ми беше потребно. До ден-денес сум му благодарен на Тед што ме поттикна да станам пионер. Оваа одлука ми донесе многу благослови во животот.

Една вечер, на крајот од август во 1952 год., добив телефонски повик од Торонто. Подружницата на Јеховините сведоци во Канада ме покани да започнам со бетелска служба веќе од следниот месец. Иако бев срамежлив и никогаш претходно го немав посетено Бетелот, бев радосен затоа што другите пионери ми раскажуваа убави работи за службата таму. Уште на самиот почеток се чувствував како дома.

„ПОКАЖИ ИМ НА БРАЌАТА ДЕКА ГИ САКАШ“

Две години откако пристигнав во Бетел, бев доделен во едно собрание во Торонто каде што го заменив брат Бил Јакос како слуга на собранието (сега се нарекува координатор на старешинството). Тогаш имав само 23 години и се чувствував како наивно момче од село. Но, брат Јакос понизно и со многу љубов ми покажа како да ја вршам задачата. Јехова навистина ми помагаше.

Брат Јакос беше низок и набиен човек кој секогаш имаше насмевка на лицето. Тој многу се грижеше за луѓето. Ги сакаше браќата, а и тие го сакаа него. Редовно одеше кај нив, а не само кога имаа проблеми. Бил Јакос ме поттикна и мене да го правам истото, и да соработувам со браќата и сестрите во службата на проповедање. Еднаш ми рече: „Кен, покажи им на браќата дека ги сакаш. Љубовта ќе покрие многу слабости“.

ЖЕНА МИ ПОКАЖУВА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ

Почнувајќи од јануари 1957 год., Јехова ми помагаше на посебен начин. Во тој месец стапив во брак со Евелин, сестра која дипломираше на 14. клас на Школата Гилеад. Пред да се земеме, таа служеше во областа Квебек во собрание на француски јазик. Во тоа време, повеќето луѓе во Квебек припаѓаа на Католичката црква. Затоа, на Евелин не ѝ беше лесно да ја извршува својата задача, но таа никогаш не се откажа и имаше цврста доверба во Јехова.

Јас и Евелин се зедовме во 1957

Евелин верно ме поддржуваше и мене (Еф. 5:31). Всушност, нејзината верност беше ставена на испит веднаш откако се зедовме. Планиравме да одиме на свадбено патување во Флорида (САД), но еден ден по нашата венчавка, подружницата ме замоли да присуствувам на седумдневен состанок во Бетелот во Канада. Се разбира, овој состанок ни ги смени плановите, ама Евелин и јас сакавме да правиме сѐ што Јехова бара од нас. Затоа, не отидовме на меден месец. Во текот на таа седмица, Евелин одеше во служба во близина на подружницата. Иако тоа подрачје многу се разликуваше од Квебек, таа радосно и истрајно ја вршеше службата.

 На крајот од таа седмица, добив нова задача — да служам како покраински надгледник во северниот дел на Онтарио. Бев многу изненаден бидејќи само што запливав во брачните води, имав само 25 години и бев многу неискусен. Но, спремно ја прифативме задачата и имавме доверба дека Јехова ќе ни помага. Во еден од најстудените зимски денови во Канада, се качивме на ноќен воз заедно со голем број искусни патувачки надгледници кои се враќаа на своите задачи. Тие многу нѐ охрабрија! Еден брат дури настојуваше ние да бидеме сместени во неговиот кушет за да не мора цела ноќ да ја минеме на седиштата во купето. Следното утро, 15 дена по нашата венчавка, отидовме да ја посетиме малата група во Хорнпејн, како што спомнав во почетокот.

Следеа уште промени во нашиот живот. Кон крајот на 1960-тите, додека служев како областен надгледник, бев поканет да присуствувам на 36. клас на Школата Гилеад — обука која траеше десет месеци. Школата требаше да започне во почетокот на февруари 1961 год. во Бруклин (Њујорк). Се разбира дека се израдував, но во исто време бев и разочаран затоа што Евелин не беше поканета. Исто како други сестри кои беа во слична ситуација, Евелин беше замолена да напише писмо во кое ќе наведе дека се согласува десет месеци да биде одвоена од мене. Не ѝ беше лесно поради тоа и плачеше, но и двајцата се согласивме дека треба да одам на Школата. Таа беше среќна што на Гилеад ќе добијам важна обука.

Во меѓувреме, Евелин служеше во подружницата во Канада. Таа беше во соба со Маргарет Лавел, мила сестра која имаше небесна надеж. За сето тоа време, многу ни беше тешко што бевме разделени. Но, со Јеховина помош успеавме да се привикнеме на нашите привремени задачи. Многу ме трогна тоа што Евелин беше спремна да направи толкава жртва за да може Јехова и неговата организација да нѐ користат во поголема мера.

Откако поминаа три месеци од Школата, брат Натан Нор, кој тогаш предводеше во меѓународното дело, ми даде еден необичен предлог. Ме праша дали сакам да прекинам со Школата Гилеад и да се вратам во Канада за да служам привремено во подружницата како инструктор на Школата за именувани браќа. Брат Нор ми рече дека не мора да го прифатам тој предлог. Ми кажа дека може да дипломирам на Гилеад и потоа да бидам испратен некаде како мисионер. Од друга страна, ми спомна дека, ако одлучам да се вратам во Канада, најверојатно ќе продолжам да служам на тоа подрачје и можеби никогаш повторно нема да бидам поканет на Гилеад. Тој остави самиот да донесам одлука откако ќе зборувам со жена ми.

Бидејќи знаев како гледа Евелин на теократските задачи, веднаш му реков на брат Нор: „Спремни сме да го правиме сето она што Јеховината организација ќе го побара од нас“. Отсекогаш го имавме тој став. Без оглед на нашите лични желби, бевме решени  да одиме секаде каде што ќе нѐ испратеше Јеховината организација.

Во април 1961 год., се вратив во Канада и почнав да служам како инструктор на Школата за именувани браќа. Подоцна, јас и Евелин бевме примени во Бетел. Потоа, на мое изненадување, добив покана да присуствувам на 40. клас на Школата Гилеад, која требаше да почне во 1965 год. Евелин повторно требаше да напише писмо во кое се согласува некое време да бидеме одвоени. Но, неколку седмици подоцна, и двајцата многу се израдувавме кога и таа доби покана да биде на школата заедно со мене.

Пред да почне Школата, брат Нор ни рече дека студентите кои служат во собранија на француски јазик, како што бевме ние, ќе бидат испратени во Африка. Сепак, на денот на дипломирањето повторно бевме испратени да служиме во Канада! Бев именуван како надгледник на подружницата (сега се нарекува координатор на Одборот на подружницата). Бидејќи имав само 34 години, му реков на брат Нор: „Ама јас сум многу млад“. Но, тој ме охрабри. Уште на почетокот од мојата нова задача, пред да донесам некоја важна одлука се трудев да ги прашам за мислење постарите и поискусни браќа во Бетел.

БЕТЕЛ — МЕСТО НА КОЕ СЕ УЧИ И СЕ ПОУЧУВА

Служењето во Бетел ми даде убави прилики да учам од другите. Многу ги почитувам и ги ценам браќата кои служат во Одборот на подружницата. Голем впечаток ми оставија и многуте браќа и сестри — и млади и стари — кои ги запознав во подружницата и во различните собранија каде што служевме.

Водам библиска утринска програма во Бетелот во Канада

Освен тоа, службата во Бетел ми овозможи да ги поучувам другите и да им ја зајакнувам верата. Апостол Павле го советувал Тимотеј: „Остани во она што си го научил“. Тој исто така му рекол: „Она што го чу од мене и што го потврдија многу сведоци, довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:2; 3:14). Понекогаш некои христијани ме прашуваат што сум научил за време на 57-те години поминати во бетелската служба. Јас едноставно им велам дека е важно спремно и без одложување да го правиме она што Јеховината организација го бара од нас и притоа секогаш да се потпираме на Јехова.

Ми се чини ко вчера да дојдов во Бетел како срамежливо и неискусно момче. Но, сиве овие години, Јехова ‚ме држеше за десницата’. Преку љубовта и поддршката од соверниците, тој продолжува да ме уверува: „Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“ (Иса. 41:13).

^ пас. 10 На 22 мај 1945 год., владата на Канада ја укина забраната на нашето дело.