Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2014

Угледај се на верата на Мојсеј

Угледај се на верата на Мојсеј

„Со вера Мојсеј, кога порасна, одби да биде наречен син на фараоновата ќерка“ (ЕВР. 11:24)

1, 2. а) Каква одлука донел Мојсеј кога имал 40 години? (Види ја сликата погоре.) б) Зошто Мојсеј избрал да биде малтретиран со Божјиот народ?

МОЈСЕЈ знаел каква иднина го очекувала во Египет. Ги гледал раскошните куќи на богатите луѓе. Тој бил посвоен од семејството на фараонот и бил „поучен за сета египетска мудрост“, во која веројатно спаѓале астрономијата, математиката, архитектурата и други науки и уметности (Дела 7:22). Лесно можел да ги има богатството, моќта, славата и угледот за кои еден обичен Египќанец можел само да сонува.

2 Сепак, кога имал 40 години, Мојсеј донел одлука која фараонот и неговото семејство сигурно не можеле да ја разберат. Тој се откажал од сето она што можел да го има. Но, не избрал да води „нормален“ живот како обичен Египќанец, туку избрал да биде роб. Зошто? Затоа што имал вера. (Прочитај Евреите 11:24-26.) Поради својата вера, тој можел да го види она што не се гледа со дословни очи. Како духовна личност, Мојсеј имал вера во „Невидливиот“, односно во Јехова, и бил уверен дека ќе се исполнат Неговите ветувања (Евр. 11:27).

3. На кои три прашања ќе добиеме одговор?

3 И ние мораме да ги гледаме работите што не се гледаат со дословни очи. Мора да бидеме луѓе „што веруваат“ (Евр. 10:38, 39). Она што е запишано за Мојсеј во Евреите 11:24-26 може многу да ни ја зајакне верата. Додека ги разгледуваме  овие стихови, обиди се да ги најдеш одговорите на следниве три прашања: Како верата го поттикнала Мојсеј да ги отфрли телесните желби? Како верата му помогнала да ги цени задачите што ги добил од Бог кога се соочувал со противење и понижување? Зошто Мојсеј го насочил „погледот кон наградата“ што требало да ја добие?

ГИ ОТФРЛИЛ ТЕЛЕСНИТЕ ЖЕЛБИ

4. Што сфатил Мојсеј во врска со ‚грешните задоволства‘?

4 Со очите на верата, Мојсеј можел да види дека ‚грешните задоволства‘ се минливи. Но, другите околу него можеби ги гледале работите поинаку. Зошто? Затоа што, иако бил потонат во идолопоклонство и спиритизам, Египет станал светска сила. Од друга страна, Израелците, кои биле Божји народ, биле малтретирани и им служеле на Египќаните како робови. Сепак, Мојсеј знаел дека Бог може да ги промени работите. И покрај тоа што изгледало дека оние што мислат само на своите желби се успешни, Мојсеј бил уверен дека злобните ќе бидат уништени. Поради ова, не им се препуштил на „минливите грешни задоволства“.

5. Што ќе ни помогне да им се спротивставиме на „минливите грешни задоволства“?

5 Како можеш и ти да им се спротивставиш на „минливите грешни задоволства“? Никогаш не заборавај дека задоволството од погрешното постапување е краткотрајно. Со очите на верата можеш да видиш дека светот и неговите желби еден ден ќе ги нема (1. Јов. 2:15-17). Добро размисли каква иднина ги чека оние што не се каат за своите гревови. Тие се на „лизгаво место“ и „им доаѓа крајот“ (Пс. 73:18, 19). Затоа, кога си на искушение да направиш грев, прашај се: ‚Каква иднина сакам да имам?‘

6. а) Зошто Мојсеј одбил „да биде наречен син на фараоновата ќерка“? б) Зошто мислиш дека Мојсеј донел исправна одлука?

6 Исто така, верата му помогнала на Мојсеј да избере на што ќе го посвети својот живот. Во Библијата пишува: „Со вера Мојсеј, кога порасна, одби да биде наречен син на фараоновата ќерка“ (Евр. 11:24). Тој не си мислел дека може да му служи на Бог како дел од семејството на фараонот и да ги користи богатството и моќта за да им помага на своите браќа, Израелците. Наместо тоа, Мојсеј многу го сакал Јехова и затоа бил решен да му служи со цело срце, душа и сила (5. Мој. 6:5). Поради одлуката што ја донел, бил поштеден од многу болки. На крајот, Израелците зеле голем дел од богатството на Египет (2. Мој. 12:35, 36). Фараонот бил понижен и убиен (Пс. 136:15). А што се случило со Мојсеј? Тој останал жив и Бог го користел за да спаси еден цел народ. Затоа може да се каже дека Мојсеј бил навистина успешен.

7. а) Според Матеј 6:19-21, зошто треба да размислуваме за она што е вечно? б) Раскажи искуство кое ја покажува разликата меѓу материјалното и духовното богатство.

7 Ако си млад и му служиш на Јехова, како може верата да ти помогне да одлучиш на што да го посветиш својот живот? Мудро е да размислуваш за иднината. Но, дали верата во Божјите ветувања ќе те поттикне да се посветиш на она што е привремено или на она што е вечно? (Прочитај Матеј 6:19-21.) Ваква одлука требало да донесе Софи, која била талентирана балерина. Балетските компании од САД ѝ нуделе на Софи стипендии и можност да гради кариера. Таа вели: „Ми годеше тоа што луѓето ми се восхитуваа. Сметав дека сум подобра од другите балерини. Но, не бев среќна“. Во тоа време, Софи го гледала филмот Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот? Таа кажува: „Сфатив дека светот ми подари успех и луѓето ми се восхитуваа, ама тоа ме спречуваше да му служам на Јехова со цело срце. Често му се молев на Јехова. По некое време, одлучив да ѝ ставам крај на мојата балетска кариера“. Што мисли Софи за својата одлука? „Воопшто не ми недостасува тоа што го правев во минатото. Денес сум вистински среќна. Заедно со мојот сопруг служиме како пионери. Не сме славни и едвај врзуваме крај со крај. Но, имаме  близок однос со Јехова, библиски студии и духовни цели. Во ниту еден момент не се каам за одлуката што ја донесов.“

8. Кој библиски совет може да им помогне на младите да одлучат на што ќе го посветат својот живот?

8 Јехова знае што е најдобро за тебе. Мојсеј рекол: „Што бара од тебе Јехова, твојот Бог, освен да се боиш од Јехова, својот Бог, да одиш по сите негови патишта, да го сакаш Јехова, својот Бог, и да му служиш со сето свое срце и со сета своја душа, да ги држиш Јеховините заповеди и одредби, кои денес ти ги давам за твое добро?“ (5. Мој. 10:12, 13). Додека си уште млад, избери начин на живот со кој ќе можеш да му служиш на Јехова и да му покажеш дека го сакаш со „сето свое срце и со сета своја душа“. Биди уверен дека тоа ќе биде „за твое добро“.

ГИ ЦЕНЕЛ ЗАДАЧИТЕ ШТО ГИ ДОБИЛ ОД БОГ

9. Објасни зошто можеби му било тешко на Мојсеј да ја изврши задачата што ја добил од Јехова.

9 ‚Срамот што го трпел како помазаник, Мојсеј го сметал за поголемо богатство од египетските ризници‘ (Евр. 11:26). Во овој стих, Мојсеј е наречен „помазаник“ затоа што бил избран од Јехова да ги изведе Израелците од Египет. Тој знаел дека ќе биде тешко да ја изврши оваа задача и дека ќе треба да се соочи со понижување и со срам. Во една прилика, еден Израелец подбивно му рекол: „Кој те поставил тебе за кнез и за судија над нас?“ (2. Мој. 2:13, 14). Подоцна и самиот Мојсеј го прашал Јехова: „Како... ќе ме послуша фараонот?“ (2. Мој. 6:12). Тоа што Мојсеј му ги кажал на Јехова своите стравови и грижи му помогнало да се подготви за противењето и понижувањето. Како Јехова му помогнал на Мојсеј да ја изврши оваа тешка задача?

10. Како Јехова му помогнал на Мојсеј да ја изврши својата задача?

10 Прво, Јехова го уверил Мојсеј: „Јас ќе бидам со тебе“ (2. Мој. 3:12). Второ, Јехова му влеал доверба со тоа што му објаснил дел од значењето на своето име. Тој му рекол: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ * (2. Мој. 3:14). Трето, Јехова му дал моќ на Мојсеј да прави чуда за да покаже дека е испратен од него (2. Мој. 4:2-5). Четврто, го поставил Арон да зборува во името на Мојсеј и да му помага во извршувањето на задачата (2. Мој. 4:14-16). На крајот од својот живот, Мојсеј бил потполно уверен дека Бог им помага на своите слуги да ја извршат секоја задача што тој им ја дава. Мојсеј имал толку голема доверба во Јехова што на Исус Навин му рекол: „Јехова оди пред тебе. Тој ќе биде со тебе. Нема да те напушти и нема да те остави. Не бој се и не плаши се!“ (5. Мој. 31:8).

11. Зошто Мојсеј многу ја ценел својата задача?

11 Поради помошта што ја добивал од Јехова, Мојсеј многу ја ценел својата тешка задача и ја сметал „за поголемо богатство од египетските ризници“. Тој сфатил дека службата за фараонот не може да се спореди со службата за Семоќниот Бог. Му било јасно дека да се биде кнез во Египет е ништо во споредба со тоа да се биде „помазаник“ на Јехова. Мојсеј бил награден затоа што имал исправен став. Тој имал многу близок однос со Јехова, кој му дал моќ да прави ‚големи и застрашувачки дела‘ додека ги водел Израелците кон Ветената земја (5. Мој. 34:10-12).

12. Кои задачи што ни ги дал Јехова треба да ги цениме?

12 И нам ни е дадена задача. Преку својот Син, Јехова ни заповедал да ја проповедаме добрата вест, исто како што им заповедал на апостол Павле и на други. (Прочитај 1. Тимотеј 1:12-14.) Сите имаме чест да ја извршуваме оваа задача (Мат. 24:14;  28:19, 20). Некои од нас служат како полновремени објавители. Освен тоа, зрели браќа служат во собранијата како слуга-помошници и старешини. Меѓутоа, твоите роднини што не се Сведоци или другите луѓе можеби мислат дека жртвите што ги правиш за Јехова немаат никаква вредност, па можеби дури и те понижуваат поради нив (Мат. 10:34-37). Ако успеат да те обесхрабрат, можеби ќе почнеш да се прашуваш дали вреди да правиш толкави жртви или дали воопшто си способен да ја извршиш својата задача. Доколку ти се јават вакви сомнежи, како верата ќе ти помогне да не се откажеш?

13. Како Јехова ни помага да ги вршиме теократските задачи?

13 Моли го Јехова да ти помага и биди уверен дека тој ќе те услиши. Кажи му што те плаши и што те загрижува. Не заборавај дека Јехова ти ја дал задачата и тој ќе ти помогне да ја извршиш. Како? Исто како што му помогнал на Мојсеј. Прво, Јехова ти ветува: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Иса. 41:10). Второ, Јехова те уверува дека ќе го исполни тоа што го ветил: „Ја кажав својата намера, и ќе ја исполнам. Она што го наумив, тоа и ќе го извршам“ (Иса. 46:11). Трето, Јехова ќе ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да ја извршиш својата служба (2. Кор. 4:7). Четврто, за да ти помогне да истраеш во својата задача, нашиот љубезен Татко ти дал верни браќа и сестри од целиот свет кои се послушни на следниов библиски совет: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. Сол. 5:11). Кога на своја кожа ќе почувствуваш како Јехова ти помага, твојата вера ќе стане поцврста и задачите што ги имаш ќе ги сметаш за далеку повредни од кое и да било богатство во светот.

„ГО НАСОЧИ ПОГЛЕДОТ КОН НАГРАДАТА ШТО ЌЕ ЈА ДОБИЕ“

14. Зошто Мојсеј бил сигурен дека ќе ја добие наградата?

14 Мојсеј ‚го насочил погледот кон наградата што ќе ја добиел‘ (Евр. 11:26). Иако не знаел сѐ за иднината, дозволил тоа што веќе го знаел да влијае врз неговиот начин на размислување и врз неговите одлуки. Исто како неговиот предок Авраам, Мојсеј бил сигурен дека Јехова може да ги воскресне мртвите (Лука 20:37, 38; Евр. 11:17-19). Тоа што бил уверен дека ќе ги добие идните благослови, му помогнало на Мојсеј да не смета дека 40-те години кои ги поминал како бегалец и 40-те години во пустината биле изгубено време. Иако не ги знаел сите детали за тоа како Бог ќе ги исполни  своите ветувања, со очите на верата можел да ја види наградата која не се гледала со дословни очи.

15, 16. а) Зошто треба да го ‚насочиме погледот кон наградата‘? б) Кои благослови едвај чекаш да ги добиеш во новиот свет?

15 Дали и ти ‚го насочуваш погледот кон наградата‘? Исто како Мојсеј, и ние сѐ уште не ги знаеме сите детали во врска со Божјите ветувања. На пример, не знаеме кога точно ќе започне големата неволја (Мар. 13:32, 33). Сепак, за рајот што ќе дојде во иднина знаеме многу повеќе од Мојсеј. И покрај тоа што не ги знаеме сите детали, Јехова ни дал доволно ветувања за животот под Божјето Царство кои ни помагаат да го ‚насочиме погледот‘ кон новиот свет. Тоа што во главата ќе имаме јасна слика за рајот ќе нѐ поттикне најнапред да го бараме Царството. Размисли за следново: Би купил ли куќа што никогаш не си ја видел? Се разбира дека не! Слично на тоа, нема да го посветиме животот на нешто што не ни е реално. Верата ни помага во мислите да си создадеме јасна слика за животот на Земјата под Божјето Царство.

Ќе биде многу интересно да зборуваме со верните слуги како Мојсеј (Види во пасус 16)

16 За да имаш уште појасна слика за Божјето Царство, ‚насочи го погледот‘ кон твојот живот во рајот. Користи ја фантазијата. На пример, кога проучуваш за животот на верните слуги на Јехова од минатото, размисли што би сакал да ги прашаш кога ќе воскреснат. Обиди се да претпоставиш што би те прашале тие тебе за животот во последните денови. Замисли си колку ќе бидеш возбуден кога ќе ги запознаеш твоите предци што живееле со векови пред тебе и кога ќе ги поучуваш за она што Бог го направил за нив. Замисли си како срцето ќе ти потскокнува од радост кога ќе ги набљудуваш и ќе учиш за дивите животни што ќе бидат во мир со луѓето. Размислувај за тоа колку поблизок ќе се чувствуваш со Јехова додека постепено стануваш совршен.

17. Како ќе ни помогне тоа што ќе имаме јасна слика за наградата?

17 Тоа што ќе имаме јасна слика за наградата што треба да ја добиеме ќе ни помогне да истраеме, да бидеме радосни и да донесуваме одлуки имајќи ја на ум надежта за вечен живот. На помазаните христијани, Павле им напишал: „Ако се надеваме на она што не го гледаме, тоа истрајно го очекуваме“ (Рим. 8:25). Ова важи и за сите христијани кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Иако сѐ уште не сме ја добиле наградата, силната вера ни помага стрпливо да чекаме. Исто како Мојсеј, не сметаме дека годините што сме ги минале служејќи му на Јехова се изгубено време. Наместо тоа, уверени сме дека „она што се гледа е привремено, а она што не се гледа е вечно“. (Прочитај 2. Коринќаните 4:16-18.)

18, 19. а) Зошто мора да се бориме за нашата вера да остане цврста? б) Што ќе дознаеме од следната статија?

18 Верата ни помага да го видиме „она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евр. 11:1). Телесниот човек не може да сфати колку голема чест е да му се служи на Јехова. За таквото лице, духовното богатство, односно службата за Јехова „е глупост“ (1. Кор. 2:14). Ние се надеваме дека ќе имаме вечен живот и дека ќе има воскресение на мртвите — работи кои што луѓето во светот не можат ни да си ги претстават затоа што за нив тие не се реални. Исто како филозофите во времето на Павле, кои го нарекле обичен „дрдорко“, многу луѓе денес мислат дека надежта за која зборуваме нема никаква смисла (Дела 17:18).

19 Бидејќи живееме меѓу луѓе кои немаат вера, мора постојано да се бориме за нашата вера да остане цврста. Сесрдно моли го Јехова „твојата вера да не ослаби“ (Лука 22:32). Никогаш не заборавај какви последици ќе имаш ако направиш грев. Размислувај за тоа колку голема чест е да му служиш на Јехова и јасно задржи ја на ум надежта за вечен живот. Со очите на верата Мојсеј можел да види уште нешто. Од следната статија ќе дознаеме како верата му помогнала да го гледа „Невидливиот“ (Евр. 11:27).

^ пас. 10 Во врска со Божјите зборови запишани во 2. Мојсеева 3:14, еден библиски изучувач напишал: „Ништо не може да го спречи [Бог] да ја изврши својата волја... Ова име [Јехова] требало да им биде тврдина на Израелците, непресушен извор на надеж и утеха“.