Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  април 2014

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Никогаш не знаеш на кои начини Јехова може да те користи

Никогаш не знаеш на кои начини Јехова може да те користи

Кога ќе помислам на 65-те години што ги поминав во полновремена служба, ми навираат многу пријатни сеќавања. Се разбира, имаше и денови кога не се чувствував толку добро, кога бев тажен и обесхрабрен (Пс. 34:12; 94:19). Но, можам да кажам дека сиве овие години водев исполнет живот и добив многу благослови.

НА 7 септември 1950 год., почнав да служам во Бетелот во Бруклин. Во тоа време, бетелското семејство го сочинуваа 355 браќа и сестри кои потекнуваа од различни националности и беа на возраст од 19 до 80 години. Многу од нив беа помазани христијани.

КАКО ПОЧНАВ ДА МУ СЛУЖАМ НА ЈЕХОВА

На моето крштавање кога имав 10 години

Мајка ми ме поучи како да му служам на нашиот ‚среќен Бог‘ (1. Тим. 1:11). Таа почна да му служи на Јехова уште кога бев мал. На 1 јули 1939 год., кога имав десет години, се крстив на еден зонски собир, кој сега се нарекува покраински собир, во градот Колумбус (Небраска, САД). Во еден изнајмен објект се собравме 100-тина души за да слушаме аудиоснимка од говорот „Фашизам или слобода“, кој го одржа Џозеф Ратерфорд. На половина од говорот, пред салата се собра толпа луѓе. Тие насила влегоа внатре, го прекинаа состанокот и нѐ избркаа од градот. Оттаму, отидовме во домот на еден брат кој живееше близу до градот и го дослушавме говорот. Никогаш нема да го заборавам денот кога се крстив!

Мајка ми многу се трудеше да ме воспита според библиските начела. Татко ми беше добар човек и добар татко, но немаше голем интерес за религија ниту, пак, се грижеше за мојата духовност. Мајка ми, заедно со други Сведоци од собранието во Омаха, ми помогна духовно да напредувам.

ОДЛУЧИВ НА ШТО ДА ГО ПОСВЕТАМ ЖИВОТОТ

Кога требаше да завршам со средното училиште, морав да одлучам што ќе правам со животот. Додека учев, на секој летен распуст заедно со некои мои врсници служев како феријален пионер (сега се нарекува помошен пионер).

Двајца млади браќа кои беа самци и штотуку дипломираа на седмиот клас на школата Гилеад — Џон Чимиклис и Тед Џерес — почнаа да служат како патувачки надгледници во нашата покраина. Се изненадив кога слушнав дека имаат само 20-тина години. Во тоа време јас имав 18 години и уште малку требаше да матурирам. До ден-денес се сеќавам на моментот кога брат Чимиклис ме праша што ќе правам со животот. Кога му одговорив, тој ми рече:  „Одлично! Немој да чекаш, веднаш почни со полновремена служба. Никогаш не знаеш на кои сѐ начини Јехова може да те користи“. Овој совет, како и примерот на овие браќа ми оставија силен впечаток. Затоа, откако завршив со школувањето во 1948 год., започнав со пионерска служба.

КАКО ДОЈДОВ ВО БЕТЕЛ

Во јули 1950 год., со моите родители отидовме на меѓународниот конгрес кој се одржа на стадионот Јенки, во градот Њујорк. За време на конгресот бев на состанокот за оние што сакаат да служат во Бетел. Испратив молба во која напишав дека со задоволство би служел таму.

Иако татко ми не ме спречуваше да бидам пионер и да живеам дома, сметаше дека треба да плаќам нешто за собата и за храната. Од таа причина, еден ден тргнав да си барам работа, но најпрво го проверив нашето поштенско сандаче. Тоа беше на почетокот од август. Внатре имаше писмо од Бетелот во Бруклин кое беше испратено за мене. Писмото беше потпишано од Натан Х. Нор и во него стоеше: „Ја добивме твојата молба. Се гледа дека сакаш да останеш во Бетел до крајот на животот. Затоа, можеш да почнеш со твојата служба на 7 септември 1950 год., во Бетелот во Бруклин (Њујорк)“.

Тој ден, му кажав на татко ми дека најдов работа. Тој ми рече: „Добро, каде ќе работиш?“ Му реков: „Во Бетелот во Бруклин, за десет долари месечно“. Ова малку го изненади, но рече дека, ако сум донел таква одлука, треба да дадам сѐ од себе за добро да ги вршам задачите. Кратко потоа, во 1953 год., на конгресот кој се одржа на стадионот Јенки, татко ми се крсти.

Со Алфред Нусрала, пионер со кој често бев во служба

Се радувам што во исто време во Бетел беше поканет и Алфред Нусрала, пионер со кој често одев во служба. Така имавме можност заедно да патуваме дотаму. Подоцна тој се ожени, и заедно со неговата сопруга, Џоана, беа поканети на Гилеад. Откако ја завршија школата, беа испратени како мисионери во Либан, а потоа служеа во патувачкото дело во САД.

ЗАДАЧИ ВО БЕТЕЛ

Кога дојдов во Бетел, прво добив задача во книговезницата. Првата публикација на која работев беше книгата Што сторила религијата за човештвото? По осум месеци, добив нова задача во Службеното одделение каде што брат Томас Џ. Саливен служеше како надгледник. Уживав додека работевме заедно и можев многу да научам од него поради мудроста и знаењето што ги имаше стекнато во организацијата низ годините.

Откако поминав речиси три години во Службеното одделение, Макс Ларсон, кој беше надгледник на печатницата ми рече дека брат Нор сака да ме види. Си мислев дека сум направил некаква грешка. Ми падна камен од срце кога сфатив дека брат Нор сакаше само да ме праша дали планирам да си одам од Бетел во блиска иднина. Ми рече дека му треба некој што ќе му помага во работата некое време и дека сака да види дали јас ќе можам да го правам тоа. Му реков дека не планирам да си одам од Бетел. Имав предност да работам со него следните 20 години.

Честопати велам дека ниту едно образование не може да го замени тоа што го научив додека работев со брат Саливен и брат Нор. Многу научив и од други браќа со кои соработував, како што се Милтон Хеншел, Клаус Јенсен, Макс Ларсон, Хуго Ример и Грант Сјутер.

Браќата со кои служев во Бетел многу добро си ги вршеа задачите. Брат Нор неуморно  работеше и сакаше делото за Царството да се шири во што е можно поголема мера. Оние што му беа блиски соработници знаеја дека лесно можат да му пристапат и да разговараат со него. Дури и ако имавме различно гледиште за некоја работа, можевме слободно да си го кажеме своето мислење. Тоа не ја поткопуваше неговата доверба во нас.

Еднаш, брат Нор ми кажа колку е важно да ги вршиме навидум малите задачи. На пример, тој ми рече дека во времето кога бил надгледник на печатницата, брат Ратерфорд ќе му се јавел и ќе му речел: „Брат Нор, кога ќе доаѓаш на ручек донеси ми неколку гуми за бришење. Остави ги на моето биро“. Брат Нор ми рече дека најпрво одел во магацинот, земал гуми за бришење и ги ставал в џеп. Потоа, напладне ги носел во канцеларијата на брат Ратерфорд. Тоа не била некоја голема работа, но му било од помош на брат Ратерфорд. Тогаш брат Нор ми рече: „Сакам секое утро на бирото да имам изострени моливи. Те молам ти да се грижиш за тоа“. Со години му ги острев моливите.

Брат Нор често нагласуваше колку е важно внимателно да слушаме кога сме замолени да завршиме некоја задача. Еднаш, тој ми даде детални упатства како да извршам една работа, но не го ислушав внимателно. Поради тоа, го ставив во многу непријатна ситуација. Ми беше многу тешко и му пишав кратко писмо во кое му реков дека од срце ми е жал за она што го сторив и дека ќе биде најдобро да ме префрли во друго одделение. Истото утро тој дојде кај мене и ми рече: „Роберт, го прочитав твоето писмо. Направи грешка, но веќе зборував со тебе за тоа. Сигурен сум дека друг пат ќе бидеш повнимателен. Сега ајде да се вратиме на работа“. Многу ја ценев неговата љубезност и обѕирност.

ЖЕЛБА ДА СТАПАМ ВО БРАК

Служев во Бетел осум години и немав планови да ја оставам Бетелската служба. Но, ова се промени. Кога се одржуваше меѓународниот конгрес на стадионот Јенки и Поло Граундс во 1958 год., се видов со Лорејн Брукс, која ја запознав во 1955 год. додека служеше како пионер во Монтреал (Канада). Голем впечаток ми остави нејзиниот став кон полновремената служба и нејзината спремност да оди каде и да ја испрати Јеховината организација. Лорејн имаше цел да оди на Гилеад. Во 1956 год., кога имаше 22 години, беше примена на 27. клас. По дипломирањето беше испратена во Бразил. Откако се сретнавме повторно во 1958 год., почнавме да контактираме, и по некое време ја прашав дали сака да се омажи за мене. Решивме да се земеме следната година и се надевавме дека заедно ќе служиме како мисионери.

Кога му кажав на брат Нор какви планови имам, тој ме советуваше да почекаме три години, а потоа да се земеме и да служиме во Бетелот во Бруклин. Во тоа време, за една нова брачна двојка да остане во Бетел, едниот од нив требаше да служи најмалку  10 години во Бетел, а другиот најмалку три. Така, Лорејн се согласи пред да стапиме во брак да служи две години во Бетелот во Бразил, а потоа една година да служи во Бетелот во Бруклин.

Во првите две години откако се свршивме, контактиравме само преку писма. Беше премногу скапо да зборуваме по телефон и во тоа време не постоеше имејл. Се венчавме на 16 септември 1961 год., и имавме чест брат Нор да ни го одржи говорот. Вистина е дека тие три години ни се видоа како цела вечност. Но сега, кога ќе погледнеме назад и кога размислуваме за повеќе од 50-те години што ги поминавме во среќен брак, уверени сме дека чекањето навистина вредеше.

На денот на нашата венчавка. Одлево: Натан Х. Нор, Патриција Брукс (сестра ѝ на Лорејн), Лорејн и јас, Куртис Џонсон, Феј и Рој Вален (моите родители)

ЗАДАЧИ ВО ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Во 1964 год., имав чест да служам како зонски надгледник и да патувам во други земји. Во тоа време, жените немаа можност да одат со своите мажи на таквите патувања. Но, во 1977 год. беше направена промена така што и жените можеа да ги придружуваат своите мажи на зонските посети. Истата година, јас и Лорејн заедно со Грант и Едит Сјутер ги посетивме подружниците во Германија, Австрија, Грција, Кипар, Турција и Израел. Сѐ на сѐ, посетив околу 70 земји низ светот.

Во 1980 год., за време на зонската посета во Бразил, нашиот водич нѐ однесе во Белем. Ова е еден град на Екваторот каде што Лорејн порано служеше како мисионер. Исто така, ги посетивме и браќата во Манаус. На стадионот каде што се одржа говорот од зонската посета, видовме група луѓе кои не се однесуваа како другите и не се поздравуваа според обичајот — жените не се бакнуваа во образ, а браќата не се ракуваа еден со друг. Зошто беа поинакви?

Тоа беа нашите мили браќа и сестри кои живееја во една населба со лепрозни што се наоѓаше во внатрешноста на дождовните шуми на Амазон. За да не ги заразат присутните, избегнуваа контакт со нив. Никогаш нема да ги заборавиме нивните лица кои зрачеа од радост! Тогаш видов како се исполнуваат зборовите запишани во Исаија 65:14: „Моите слуги ќе воскликнуваат од радост во срцето“.

ЖИВОТ СО ВИСТИНСКА СМИСЛА

Со Лорејн посветивме повеќе од шест децении во служба за Јехова. Често се потсетуваме на тие години и среќни сме за благословите што ги добивме од него поради тоа што дозволивме да нѐ води преку неговата организација. Иако сега не можам да патувам низ светот како во минатото, успевам да си ги вршам задачите како помошник на Водечкото тело и како член на Одборот на координатори и Одборот за служба. Многу ја ценам честа што на ваков начин можам барем малку да им помогнам на браќата и сестрите ширум светот. Сѐ уште нѐ воодушевува тоа што гледаме дека голем број млади браќа и сестри кои служат полновремено го имаат истиот став како Исаија, кој рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8). Сите тие ја потврдуваат вистинитоста на зборовите што еден покраински надгледник многу одамна ми ги кажа: „Немој да чекаш, веднаш почни со полновремена служба. Никогаш не знаеш на кои сѐ начини Јехова може да те користи“.