Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2014

Допри до срцето на твоите најблиски

Допри до срцето на твоите најблиски

НАЈВЕРОЈАТНО кога бил во Гадара, која се наоѓала југоисточно од Галилејското Море, Исус му го кажал следново на еден човек кој сакал да стане негов ученик: „Оди си дома кај своите роднини и раскажи им за сѐ што направи Јехова за тебе и како ти се смилува“. Со овие зборови, Исус покажал разбирање за една нормална желба што ја има секој човек — да им ги каже важните работи на своите најблиски (Мар. 5:19).

Ова е вообичаена човечка карактеристика, иако во некои култури е поизразена отколку во други. И кога некој ќе почне да му служи на вистинскиот Бог, Јехова, обично сака да зборува за својата нова вера со најблиските. Но, како треба да го прави тоа? Како може да допре до срцето на своите роднини кои припаѓаат на друга религија или, пак, воопшто не веруваат во Бог? Библијата ни дава многу добри и практични совети во врска со ова.

„ГО НАЈДОВМЕ МЕСИЈАТА!“

Во првиот век, Андреј бил еден од првите што сфатиле дека Исус е Месијата. И кому најпрво му го кажал она што го дознал? Библијата вели: „Тој [Андреј] најпрво го најде својот брат Симон и му рече: ‚Го најдовме Месијата!‘ (,Месија‘ на грчки е ‚Христос‘)“. Со тоа што го одвел Петар кај Исус, Андреј му дал можност и на својот брат да стане Христов ученик (Јован 1:35-42).

Шест години подоцна, додека престојувал во Јопа, Петар бил повикан кај римскиот стотник Корнелиј, кој живеел во Цезареја. Кој го пречекал таму? Во извештајот стои: „Корнелиј ги очекуваше [Петар и оние што патувале со него], па ги повика своите роднини и блиски пријатели“. Така Корнелиј им дал можност на своите најблиски да го слушнат сведоштвото на Петар, и да одлучат што ќе прават на темел на она што го чуле (Дела 10:22-33).

 Што учиме од начинот на кој Андреј и Корнелиј постапиле со своите најблиски?

Ни едниот ни другиот не ги препуштил работите на случајноста. Андреј го запознал Петар со Исус, а Корнелиј ги повикал роднините и пријателите во својот дом за да ја чујат пораката на Петар. Сепак, не им вршеле притисок и не се обидувале лукаво да ги наведат своите најблиски да станат следбеници на Христос. Што можеме да научиме од тоа? Добро е да го следиме нивниот пример. Најверојатно ќе можеме да споделиме некои библиски мисли со нашите најблиски или, пак, ќе ни се укаже прилика на друг начин да ги запознаеме со библиската вистина или со некои соверници. Сепак, ние ја почитуваме нивната слобода на избор и не ги ставаме под непотребен притисок. Примерот на Јирген и Петра, брачна двојка од Германија, ни покажува како може да им помогнеме на нашите најблиски.

Петра ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци, и потоа се крстила. Нејзиниот сопруг Јирген, кој бил воено лице, во почетокот не се радувал на одлуката што ја донела таа. Но, со текот на времето, сфатил дека Сведоците ја проповедаат вистината од Библијата. И тој станал Јеховин сведок, и сега служи како старешина во своето собрание. Кој совет го дава Јирген во врска со тоа како може да се допре до срцето на најблиските кои имаат поинаква вера?

Тој вели: „Не треба со сила да им ја наметнуваме вистината и да им досадуваме зборувајќи им нон-стоп за Библијата. Тоа само може да им создаде уште поголема одбивност. Можеби е подобро одвреме-навреме тактично да им спомнеме некоја библиска мисла. Исто така, би било добро да ги запознаеме со браќа на иста возраст, кои имаат слични интереси како нив. Така вистината може полесно да допре до нивното срце“.

‚Не треба со сила да им ја наметнуваме вистината на нашите роднини и да им досадуваме‘ (Јирген)

Апостол Петар и роднините на Корнелиј веднаш ја прифатиле библиската порака. Но, на некои други во првиот век им требало повеќе време за да донесат таква одлука.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО СО БРАЌАТА НА ИСУС?

Неколку роднини на Исус поверувале во него додека ја вршел својата служба на Земјата. Меѓу нив биле апостолите Јаков и Јован, кои по сѐ изгледа му биле братучеди, а и нивната мајка, Салома, која му била тетка. Веројатно и таа била меѓу ‚многуте други жени‘ кои им служеле на Исус и на апостолите со она што го имале (Лука 8:1-3).

Но, некои други роднини на Исус не поверувале веднаш во него. На пример, повеќе од една година по неговото крштавање, во една куќа се собрал многу народ за да го слуша. ‚Кога слушнале за тоа, неговите роднини дошле да го одведат, зашто велеле: „Се мрднал од умот“‘. Подоцна, кога полубраќата зборувале со Исус за неговото патување во Ерусалим, тој не им кажал директно кога и како ќе оди таму. Зошто? Затоа што ‚неговите браќа не верувале во него‘ (Мар. 3:21; Јован 7:5).

Што може да научиме од начинот на кој Исус постапувал со своите роднини? Тој не се навредил кога некои од нив рекле дека се мрднал од умот. Напротив, дури и откако воскреснал, тој ги охрабрил своите најблиски кога му се појавил на неговиот полубрат Јаков. По сѐ изгледа, ова им помогнало и на Јаков и на другите полубраќа на Исус да се  уверат дека тој навистина е Месијата. Затоа биле заедно со апостолите и другите во горната соба во Ерусалим, и очигледно добиле свет дух. Подоцна, Јаков и Јуда, кои исто така му биле полубраќа на Исус, добиле посебни одговорности (Дела 1:12-14; 2:1-4; 1. Кор. 15:7).

НА НЕКОИ ИМ ТРЕБА МНОГУ ВРЕМЕ

„Човек може многу да постигне ако е стрплив, стрплив и само стрплив“ (Росвита)

Исто како во првиот век, на некои наши роднини им треба доста време за да се решат да тргнат по патот кој води во живот. Да ја земеме за пример Росвита, која била ревносен католик кога нејзиниот сопруг се крстил како Јеховин сведок во 1978 год. Бидејќи била искрен верник, Росвита во почетокот му се противела. Но, низ годините, почнала да попушта и се уверила дека Сведоците поучуваат за вистината. Во 2003 год., и самата станала Јеховин сведок. Што ѝ помогнало да си го смени ставот? Нејзиниот сопруг не се навредил што таа во почетокот се противела, туку постојано ѝ давал можност да си го смени мислењето. Каков совет дава таа? „Човек може многу да постигне ако е стрплив, стрплив и само стрплив.“

Моника се крстила во 1974 год., а нејзините два сина станале Сведоци околу десет години подоцна. Иако нејзиниот сопруг, Ханс, никогаш не им се противел, се крстил дури во 2006 год. На темел на своето искуство, каков совет дава ова семејство? „Остани му верен на Јехова и немој да правиш компромис во поглед на верувањата.“ Се разбира, тие постојано се труделе да го уверат Ханс дека сѐ уште го сакаат. Освен тоа, никогаш не изгубиле надеж дека еден ден тој ќе ја прифати вистината.

ОСВЕЖЕНИ СО ВОДАТА НА ВИСТИНАТА

Исус еднаш ја споредил пораката на вистината со вода која донесува вечен живот (Јован 4:13, 14). Ние сакаме да ги освежиме нашите најблиски со чистата и ладна вода на вистината. Сигурно не сакаме одеднаш да им дадеме премногу од таа „вода“ бидејќи така би можеле да се „задават“. Затоа, многу е важно да обрнеме внимание на кој начин им зборуваме за нашата вера. Библијата вели дека „срцето на праведникот промислува што ќе одговори“, и дека „срцето на мудриот ја прави разборита неговата уста“. Каква поука можеме да извлечеме од овие зборови? (Изр. 15:28; 16:23).

Една жена можеби сака да зборува со сопругот за својата вера. Ако „промислува што ќе одговори“, таа внимателно ќе ги избира соодветните зборови и нема да зборува непромислено. Не треба да остави впечаток дека е самоправедна, и дека се поставува над својот сопруг. Нејзините добро промислени зборови можат да бидат вистинско освежување и да придонесат за мир. Кога обично нејзиниот сопруг е опуштен и расположен за разговор? За какви теми сака да разговара? Што сака да чита? Дали се интересира за наука, политика или спорт? Како би можела да го заинтересира за Библијата, а притоа да покаже почит кон неговите чувства и мисли? Ако размислува за овие работи, таа ќе може да зборува и да постапува разборито.

За да допреме до срцето на нашите најблиски кои сѐ уште не се Сведоци не е доволно само да внимаваме колку многу и колку често им зборуваме за нашата вера. Она што им го кажуваме мора да го поткрепиме со своето добро однесување.

ДОБРО ОДНЕСУВАЊЕ

„Постојано применувај ги библиските начела во секојдневниот живот. Така можеш најмногу да ги заинтересираш своите најблиски, иако можеби во почетокот нема да го признаат тоа“, објаснува Јирген, кој беше спомнат погоре. Ханс, кој се крстил речиси 30 години по својата жена, се согласува со ова. Тој вели: „За да можат најблиските да забележат дека вистината има добро влијание врз нашиот живот, многу е важно да постапуваме во склад со библиските начела“. Роднините треба да видат дека навистина сме поинакви од другите поради нашата вера, но во позитивна, а не во негативна смисла.

‚Најблиските ќе забележат дека вистината има добро влијание врз нас ако живееме според библиските начела‘ (Ханс)

Апостол Петар им дал многу убав совет на жените чии сопрузи не му служат на Бог: „Бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит. И вашиот украс нека не биде надворешен, имено плетењето на косата и украсувањето со злато или облекувањето облеки, туку тоа нека биде тајниот човек на  срцето, облечен во нераспадливото руво на мирниот и благ дух, кој е драгоцен во Божји очи“ (1. Пет. 3:1-4).

Петар напишал дека еден маж може да ја прифати вистината поради доброто однесување на својата жена. Имајќи го ова начело на ум, една сестра по име Криста се обидува со своето добро однесување да допре до срцето на својот сопруг уште откако се крстила во 1972 год. Иако порано ја проучувал Библијата со Сведоците, нејзиниот сопруг сѐ уште не му служи на Јехова. Понекогаш присуствува на христијанските состаноци и има пријателски однос со браќата во собранието. А тие оставаат самиот да одлучи дали ќе ја прифати вистината. Што прави Криста за да допре до неговото срце?

„Решена сум да го правам она што Јехова го бара од мене. Но, истовремено се трудам да го придобијам мојот сопруг ‚без збор‘, со моето добро однесување. Сѐ додека тој не бара да прекршам некое библиско начело, правам сѐ што можам за да му угодам. И, се разбира, ја почитувам неговата слободна волја, и ги оставам работите во рацете на Јехова.“

Начинот на кој постапува Криста покажува колку е важно да бидеме приспособливи. Таа и понатаму е зафатена со духовни активности со тоа што редовно оди на состаноците и учествува во христијанската служба. Сепак, има разбирање за својот сопруг, кој со право очекува да му покаже љубов и да му посвети време и внимание. Мудро е секој што се наоѓа во слична ситуација да биде приспособлив и да покажува разбирање. Библијата вели: „Сѐ си има свое време“. Ова значи дека треба да поминуваме време со членовите на нашето семејство, а особено со сопружниците кои не му служат на Јехова. На тој начин се подобрува меѓусебната комуникација. А искуството покажува дека, кога меѓу брачните другари има добра комуникација, помали се шансите сопружникот кој не е во вистината да се чувствува осамен, занемарен или љубоморен (Проп. 3:1).

НИКОГАШ НЕ ГУБИ НАДЕЖ

Холгер, чиј татко се крстил 20 години откако другите во семејството станале Сведоци, вели: „Многу е важно да им покажуваме на најблиските дека ги сакаме и да се молиме за нив“. Криста додава дека ‚никогаш нема да изгуби надеж дека нејзиниот сопруг ќе ја прифати вистината и ќе реши да му служи на Јехова‘. Добро е да имаме позитивен став кон најблиските што не се Сведоци, и никогаш да не кренеме раце од нив.

Нашата цел е да останеме во добри односи со најблиските, да им дадеме можност да ја прифатат вистината и да допреме до нивното срце со библиската порака. Додека го правиме тоа, да постапуваме „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15).