Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  март 2014

Да се грижиме за постарите

Да се грижиме за постарите

„Дечиња, да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина!“ (1. ЈОВ. 3:18)

1, 2. а) Со какви тешкотии се соочуваат многу семејства, и кои прашања можеби се појавуваат? б) Како можат родителите и децата да се подготват за она што ги очекува?

МОЖЕБИ ти е многу тешко да се помириш со фактот дека твоите родители, кои некогаш биле силни и способни, повеќе не можат сами да се грижат за себе. Можеби некој од нив паднал и си го скршил колкот, почнал да заборава и заталкал некаде или, пак, сериозно се разболел. Од друга страна, на постарите може да им е тешко да ги прифатат промените во здравјето или во околностите поради кои стануваат зависни од другите (Јов 14:1). Што може да се преземе во вакви ситуации? Како може да им се помогне?

2 Во една статија пишува дека, иако не е лесно да се зборува отворено за проблемите што ги носи староста, семејствата кои однапред планираат се подобро подготвени да донесат исправни одлуки во врска со здравствената нега за остарените родители. Мора да бидеме свесни дека тешкотиите што се појавуваат во староста се неизбежни. Затоа е многу важно семејствата да се подготват и однапред да донесат некои одлуки. Како можат сите да го дадат својот дел за полесно да се справат со предизвиците?

 ПЛАНИРАЈТЕ ЗА ТЕШКИТЕ ДЕНОВИ

3. Што треба да направи семејството кога на остарените родители ќе им биде неопходна помош? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Како што одминуваат годините, многу постари лица веќе не можат сами да се грижат за себе и потребна им е помош од некој друг. (Прочитај Проповедник 12:1-7.) Во таков случај, мудро е децата да разговараат со своите остарени родители за тоа каква грижа им е потребна на родителите, како би можеле најдобро да им помогнат во склад со финансиските можности на семејството и како можат сите да соработуваат. Притоа, сите треба отворено да си кажат што мислат, но и да се трудат реално да гледаат на ситуацијата. Дали на родителите може да им се пружи додатна помош доколку сакаат да останат во својот дом? * Добро е да се разговара и за тоа како може секој од семејството да им помага на остарените родители на најдобар начин за да бидат задоволени сите нивни потреби (Изр. 24:6). На пример, некои би можеле да бидат покрај нив и да им помагаат со секојдневните обврски, а други би можеле повеќе да помагаат во финансиски поглед. Секој треба да си ја знае својата улога. Меѓутоа, ако има потреба, одвреме-навреме тие улоги можат да се менуваат.

4. Од кого можат семејствата да побараат помош?

4 Доколку треба да се грижиш за твојот остарен родител кој е болен, одвој си доволно време за да дознаеш што е можно повеќе за неговата болест. Ако се работи за болест која со текот на времето ќе се влошува, дознај што би можел да очекуваш во иднина (Изр. 1:5). Информирај се какви услуги обезбедува државата за постарите лица. Распрашај се дали во вашето место се нудат некои можности за полесно и подобро да се грижиш за родителите. Поради промените што се случуваат во твоето семејство, можеби ќе ти се јават некои негативни чувства. Можеби ќе бидеш тажен, вознемирен или збунет. Ако се чувствуваш така, довери му се на некој близок пријател. Но, не заборавај дека најважно е да му го излееш своето срце на Јехова. Тој ќе ти даде мир за да можеш да се справиш со која и да било ситуација (Пс. 55:22; Изр. 24:10; Фил. 4:6, 7).

5. Зошто е добро однапред да се размислува како да бидат згрижени остарените родители?

5 Добро е остарените родители и нивните деца однапред да размислуваат како би можеле да бидат згрижени родителите. На пример, каде би било најдобро да живеат? Дали со синот или ќерката, во дом за стари лица или, пак, на некое друго место? На ваков начин, семејствата можат да се подготват за ‚неволјите и тешкотиите‘ кои доаѓаат со староста (Пс. 90:10). За жал, многу семејства не го прават ова, и затоа се принудени набрзина да донесуваат важни одлуки кога ќе се случи нешто непредвидено. Во еден прирачник пишува дека тоа е речиси секогаш „најлошото време за да се донесе таква одлука“. Кога треба набрзина да се одлучи нешто, можеби сите ќе бидат под стрес и лесно може да дојде до несогласувања. Од друга страна, ако семејствата однапред прават планови, полесно ќе се приспособат на промените (Изр. 20:18).

Семејството треба заедно да одлучи каква грижа им е потребна на постарите (Види во пасуси 6-8)

6. Зошто е добро родителите и децата отворено да разговараат уште пред да се појават проблеми?

6 Веројатно нема да ти биде лесно да зборуваш со твоите родители за промените што можеби ќе треба да ги направат во иднина. Сепак, многу семејства велат дека ваквите разговори им биле од голема помош. Зошто? Затоа што е многу полесно да се зборува за такви осетливи теми во една смирена  атмосфера. Тие увиделе дека отворениот и љубезен разговор, во кој секој можел да си каже што мисли, многу им помогнал да донесат важни одлуки кога дошло време за тоа. Ако остарените родители имаат желба да останат во својот дом колку што е можно подолго, би било добро да им кажат на своите деца каква грижа би сакале доколку подоцна се појави посериозен проблем.

7, 8. За кои работи треба да разговараат семејствата, и зошто?

7 Родители, во текот на разговорот би можеле да им кажете на другите од семејството какви се вашите желби и финансиски можности. Ова ќе им помогне на децата да донесат исправни одлуки ако еден ден вие нема да можете да го направите тоа. Децата веројатно ќе ги земат предвид вашите желби и ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да ви биде добро (Еф. 6:2-4). На пример, дали би сакале да живеете заедно со семејството на некое од вашите деца, или би сакале нешто друго? Сепак, треба да гледате реално на работите и да бидете свесни дека другите членови од семејството можеби имаат поинакво мислење. Факт е дека понекогаш треба време, или родителите или децата, да го променат мислењето за да најдат заедничко решение.

8 Кога однапред се прават планови и има добра комуникација, можат да се избегнат многу проблеми (Изр. 15:22). Родителите би можеле да им кажат на своите деца каква медицинска нега сакаат. Разгледајте ги заедно информациите што се наоѓаат во картичката Трајно полномоштво за здравствена грижа. Секој има право да знае каков вид лекување му е достапен. Откако родителот ќе донесе лична одлука дали ќе прифати или ќе одбие некое лекување, тоа треба да се запише во картичката. Тој го избира и својот застапник. Така може да биде сигурен дека ова лице во кое има доверба ќе донесува одлуки во склад со неговите желби кога можеби самиот нема да биде во состојба да го направи тоа. Добро е постарите, оние што се грижат за нив и застапниците да имаат копија од ТП картичката. Некои чуваат копија од оваа картичка заедно со тестаментот и други важни документи.

КАКО ДА СЕ СООЧИТЕ СО ПРОМЕНИТЕ

9, 10. Кога на родителите им треба поголема помош од децата?

9 Во повеќето случаи, сите од семејството сметаат дека е најдобро постарите родители да не зависат од децата. Додека можат сами да готват, да чистат, да ги земаат лековите и да комуницираат со другите, децата нема да мораат во сѐ да им помагаат. Но, ако остарените родители почнат потешко да се движат и не можат да отидат ни до продавница или, пак, почнат почесто да забораваат, децата ќе мора да преземат нешто.

10 Постарите може да станат збунети или депримирани. Освен тоа, може да почнат да го губат слухот, видот, сеќавањето, па дури и да им стане тешко сами да одат во тоалет. Штом  ќе се појават вакви проблеми, треба да се побара лекарска помош. Децата можеби ќе треба да преземат иницијатива во овој поглед, на пример, да закажат преглед или да ги однесат родителите на лекар. А можеби ќе треба да се погрижат и за други лични работи или обврски на родителите. За да можат родителите да ја добијат најдобрата нега, можеби децата ќе треба да зборуваат во нивно име, да им ги средуваат документите или да ги однесат на некои места каде што имаат закажано (Изр. 3:27).

11. Што може да се направи за родителите полесно да се навикнат на промените?

11 Ако здравствените проблеми на твоите родители не можат да се решат, можеби ќе треба да се направат некои промени во грижата за нив или во нивниот дом. Колку се помали промените толку побрзо ќе се навикнат на нив. Ако живееш далеку од твоите родители, дали може некој Сведок или сосед редовно да ги посетува и да ти кажува како се? Дали им треба помош само за готвење и чистење? Дали можете да направите некои ситни промени во распоредот во нивниот дом за да можат полесно и побезбедно да се движат и да ги вршат основните потреби? Можеби е доволно само да најдете некој што ќе им помага низ дома. Но, ако не е безбедно да остануваат сами, ќе треба да побарате друго решение. Можеби ќе биде потребно да дознаете каква нега за постари лица се нуди во вашето место. * (Прочитај Изреки 21:5.)

КАКО НЕКОИ СЕ СПРАВУВААТ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ

12, 13. Како можат децата кои живеат далеку од родителите да покажат дека ги почитуваат и дека се грижат за нив?

12 Децата си ги сакаат своите родители и сакаат тие да се чувствуваат убаво. Кога знаат дека има кој да се грижи за нив, можат да бидат поспокојни. Иако некои возрасни деца не живеат близу до своите родители, тие ги посетуваат за време на годишниот одмор и им помагаат да завршат некои работи што родителите повеќе не можат да ги прават сами. Освен тоа, редовно им се јавуваат, им праќаат писма или имејл за да им покажат дека мислат на нив (Изр. 23:24, 25).

13 Дури и ако ти и твоето семејство живеете далеку од родителите, треба да одлучите како и кој ќе се грижи за нивните секојдневни потреби. Ако твоите родители се Сведоци, можеш да стапиш во контакт со старешините од нивното собрание и да побараш совет од нив. Најважно од сѐ, моли го Јехова во врска со тоа. (Прочитај Изреки 11:14.) Но, дури и ако твоите родители не се Сведоци, треба да ‚ги почитуваш‘ (2. Мој. 20:12; Изр. 23:22). Се разбира, сите семејства нема да донесат исти одлуки. Некои деца можат да го земат остарениот родител да живее кај нив или близу до нив, а други немаат таква можност. Сепак, има и такви родители кои повеќе сакаат да живеат сами за да не им бидат товар на своите деца и нивните семејства. Ако се во состојба да платат некому да се грижи за нив, некои родители одлучуваат да останат во својот дом (Проп. 7:12).

14. Со какви предизвици можеби се соочуваат оние на кои паѓа најголемиот товар во грижата за родителите?

14 Во многу семејства, одговорноста поврзана со грижата за родителите паѓа на едно од децата, обично на она што живее најблизу до нив. Но, оние што се грижат за родителите мораат да бидат урамнотежени и да не ги запостават своите семејства. Секој човек има ограничено време и сила. Ако му се сменат околностите на оној што се грижи за постарите, повторно ќе треба да се направат некои промени. Како е во вашиот случај? Дали целиот товар паѓа само на едно дете? Дали  можат и другите деца да прават повеќе со тоа што ќе се менуваат во грижата за остарените родители?

15. Што може да направи оној што се грижи за остарениот родител за да не се исцрпи?

15 Кога на родителот му е потребна постојана нега, оној што се грижи за него може да се исцрпи (Проп. 4:6). Децата сакаат да направат сѐ за да им биде добро на родителите, но понекогаш постарите имаат преголеми барања. Оние што се грижат за остарените родители треба да бидат реални и, ако почувствуваат дека ја губат силата, треба да побараат помош. Со помошта што ќе ја добиваат одвреме-навреме ќе можат да издржат, а родителот нема да мора да оди во старечки дом.

16, 17. а) Какви чувства може да се јават кај децата додека се грижат за родителите? б) Што може да им помогне да се изборат со таквите чувства? (Види ја и рамката „Грижа поттикната од љубов“.)

16 Многу е болно за децата кога гледаат како нивните родители стареат и ја губат силата. Оние што се грижат за постарите понекогаш чувствуваат тага, загриженост, лутина, вина, па дури и огорченост. Може да се случи остарениот родител да те навреди или да не покаже благодарност за она што го правиш. Но, немој брзо да се навредуваш. Еден стручњак за ментално здравје вели: „За да се избориш со некои негативни чувства, најпрво треба да си признаеш како се чувствуваш и да не се обвинуваш за тоа“. Зборувај за своите чувства со твојот сопружник, со некој член од семејството или со некој пријател во кого имаш доверба. Тоа може да ти помогне да задржиш емоционална стабилност.

17 Можеби еден ден семејството повеќе нема да биде во можност да се грижи за потребите на остарениот родител. Од таа причина, можеби ќе биде неопходно да се размисли дали би било подобро тој да оди во старечки дом. Една сестра речиси секој ден ја посетувала својата мајка која била во старечки дом. Таа вели: „Иако се трудевме, едноставно не можевме да ѝ ја пружиме 24-часовната грижа која ѝ беше потребна на мајка ми. Ни беше навистина тешко да се помириме со мислата дека ќе мора да оди во дом. Иако ни беше многу жал, тоа беше најдоброто решение за неа во последните месеци од нејзиниот живот. Мајка ми се согласи со тоа“.

18. Во што можат да бидат уверени оние кои се грижат за своите остарени родители?

18 Воопшто не е едноставно да се грижиш за остарените родители, и тоа може емоционално да те исцрпи. Не постојат решенија кои важат за секоја ситуација. Сепак, внимателното планирање, добрата соработка и комуникација во семејството и, пред сѐ, сесрдната молитва, можат да ти помогнат да ја исполниш одговорноста да се грижиш за твоите сакани родители. Ако го правиш тоа, ќе бидеш радосен затоа што им ја даваш потребната нега и внимание. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4-8.) Биди уверен дека Јехова ќе ти даде внатрешен мир и благослов затоа што им искажуваш чест на твоите остарени родители (Фил. 4:7).

^ пас. 3 Во некои култури е вообичаено, па дури и пожелно, возрасните деца да живеат заедно со своите родители. Ова може да влијае врз одлуките што ќе ги донесе семејството во врска со грижата за постарите.

^ пас. 11 Ако твоите родители сѐ уште живеат во својот дом, добро е доверливите лица кои се грижат за нив да имаат клуч. Така, ако се случи нешто, веднаш ќе можат да дојдат и да им помогнат.