Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2014

Вдовицата од Сарепта била благословена поради својата вера

Вдовицата од Сарепта била благословена поради својата вера

ЕДНА сиромашна вдовица силно го гушка своето синче, своето мило единче. Просто не може да си поверува на очите. Само пред малку нежно го држела неговото безживотно тело во својата прегратка, а сега блика од радост додека го гледа насмеаното лице на своето воскреснато детенце. „Еве“, вели нејзиниот гостин, „син ти е жив!“

Ова трогателно воскресение се случило пред речиси 3.000 години. Запишано е во 1. Царевите, поглавје 17. Гостинот е пророкот Илија. А која е мајката? Нејзиното име не ни е познато, но знаеме дека била вдовица и дека живеела во градот Сарепта. Воскресението на нејзиниот син било еден од најважните настани во нејзиниот живот кој многу ѝ ја зајакнал верата. Оваа статија ќе ни помогне да извлечеме важни поуки од нејзиниот пример.

ИЛИЈА СРЕЌАВА ВДОВИЦА КОЈА ИМА ВЕРА

За време на владеењето на злобниот цар Ахав, Јехова решил да предизвика долготрајна суша во Израел. Откако Илија објавил дека ќе има суша, Бог го скрил од Ахав. За сето тоа време, Јехова со чудо го хранел овој пророк — им заповедал на гаврани да му носат леб и месо. По некое време, Јехова му рекол на Илија: „Стани и појди во Сарепта, која му припаѓа на Сидон, па остани таму. Еве, ѝ заповедав на една тамошна вдовица да те храни“ (1. Цар. 17:1-9).

Кога пристигнал во Сарепта, Илија здогледал една сиромашна вдовица која собирала дрва. Дали таа била жената што требало да му дава храна на пророкот? Како воопшто би можела да го прави тоа кога и самата била многу сиромашна? Иако можеби си поставувал вакви прашања, Илија сепак ѝ пристапил на жената и ѝ рекол: „Те молам, донеси ми малку вода во садот да пијам!“ Кога таа тргнала да му донесе вода, Илија додал: „Те молам, донеси ми и малку леб!“ (1. Цар.  17:10, 11). На вдовицата не ѝ било тешко да му даде вода, но многу се загрижила кога чула дека пророкот бара леб.

Таа му одговорила: „Како што е жив Јехова, твојот Бог, немам леб, туку само грст брашно во ќупот и малку масло во грнето. И еве, собирам малку дрва, па ќе отидам и ќе зготвам нешто за себе и за син ми за да го изедеме тоа, па да умреме“ (1. Цар. 17:12). Што можеме да научиме од нивниот разговор?

На вдовицата ѝ било јасно дека Илија е богобојазлив Израелец. Од каде го знаеме тоа? Па, како што видовме, таа рекла: „Како што е жив Јехова, твојот Бог“. Иако се чини дека знаела нешто за израелскиот Бог, по сѐ изгледа не му служела бидејќи, кога го спомнала Јехова, не рекла „мојот Бог“. Таа живеела во Сарепта, која ‚му припаѓала‘ на феникискиот град Сидон. Најверојатно повеќето жители на Сарепта му служеле на Ваал. Сепак, Јехова видел нешто скапоцено во срцето на оваа вдовица.

Иако живеела меѓу идолопоклоници, сиромашната вдовица од Сарепта покажала вера во Јехова. Бог имал добра причина што го испратил Илија кај неа — сакал да им помогне и на двајцата. Од ова можеме да извлечеме многу важна поука.

И покрај тоа што повеќето жители на Сарепта му служеле на Ваал, имало поединци кои не биле потполно расипани. Со тоа што го испратил Илија кај вдовицата, Јехова покажал дека им обрнува внимание на искрените луѓе кои сѐ уште не му служат. Навистина, Бог не е пристрасен, туку „во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:35).

Колкумина на твоето подрачје се слични на вдовицата од Сарепта? Иако живеат меѓу луѓе кои ѝ припаѓаат на лажната религија, можеби копнеат по нешто подобро. Веројатно не знаат многу за Јехова или, пак, воопшто не чуле за него. Затоа им треба помош да ја прифатат вистината од Божјата Реч. Дали ги бараш таквите луѓе за да им помогнеш?

‚НАЈНАПРЕД НАПРАВИ МАЛА ПОГАЧКА ЗА МЕНЕ‘

Размисли внимателно што побарал Илија од вдовицата. Таа штотуку му кажала дека има брашно и масло за да зготви уште само едно јадење за неа и за нејзиниот син, и дека потоа ќе умрат. Сепак, Илија ѝ рекол: „Не плаши се. Влези и направи го она што го рече. Само најнапред направи од тоа мала погачка за мене и донеси ми ја, а потоа можеш да зготвиш нешто за себе и за син ти. Зашто, вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Брашното во ќупот нема да се потроши и маслото во грнето не ќе го снема сѐ до денот кога Јехова ќе пушти дожд на земјата‘“ (1. Цар. 17:11-14).

Да бил некој друг на нејзино место, можеби ќе речел: ‚Да ти го дадам нашиот последен оброк? Сигурно се шегуваш’. Но, како постапила вдовицата? И покрај тоа што не го познавала добро Јехова, таа му поверувала на Илија, и го направила она што го побарал од неа. Иако ова бил огромен испит на нејзината вера, таа донела навистина мудра одлука!

Вдовицата и нејзиниот син преживеале затоа што таа покажала вера во Јехова, Богот на Илија

Бог го одржал ветувањето што ѝ го дал на сиромашната вдовица. Тој се погрижил постојано да има доволно брашно и масло во нејзиниот дом за да можат да се прехранат Илија, таа и нејзиниот син сѐ до крајот на сушата. Библијата вели: „Брашното во ќупот не се потроши и маслото во грнето не го снема, според  речта што ја кажа Јехова преку Илија“ (1. Цар. 17:16; 18:1). Ако вдовицата не постапела според зборовите на Илија, најверојатно лебот што го направила од тоа малку брашно и масло навистина ќе бил нејзиниот последен оброк. Но, таа покажала дека има доверба во Јехова со тоа што прво направила јадење за Илија.

Од ова учиме дека Јехова ги благословува оние што имаат вера во него. Ако покажеш доверба во Бог кога ќе се соочиш со некој испит на твојата вера, Тој ќе ти помогне да истраеш. Јехова ќе биде покрај тебе како твој Пријател и како Татко кој ќе се грижи за тебе и ќе те штити (2. Мој. 3:13-15).

Во Сионска Стражарска кула од 1898 год. била истакната следнава поука од извештајот за вдовицата: Ако вдовицата имала вера и ако го послушала Илија, ќе добиела помош од Јехова. Ако немала вера во Јехова, тогаш можеби ќе била избрана друга вдовица која ќе имала вера. Слично е и со нас. Понекогаш Јехова дозволува некоја ситуација да ја испита нашата вера. Ако покажеме доверба во него, ќе го добиеме благословот, а ако не, ќе го изгубиме.

Кога се соочуваме со некоја неволја, треба да бараме водство од Јехова преку Библијата и библиските публикации. Потоа треба да го следиме неговото водство, сеедно колку ни е тешко да го сториме тоа. Ќе добиеме голем благослов ако постапуваме во склад со оваа мудра изрека: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6).

‚ДАЛИ ДОЈДЕ КАЈ МЕНЕ ЗА ДА МИ ГО УСМРТИШ СИНОТ?‘

Уште една ситуација ја испитала верата на вдовицата. Во Библијата пишува: „Потоа се разболе синот на таа жена, кај која живееше, и неговата болест стануваше сѐ потешка, така што на крајот издивна“. Барајќи ја причината за оваа трагедија, ужалената мајка му рекла на Илија: ‚Зошто ми го направи тоа, Божји човеку? Дали дојде кај мене за да ме потсетиш на мојот грев и да ми го усмртиш синот?‘ (1. Цар. 17:17, 18). Што покажуваат нејзините горки зборови?

Дали се сетила на некој грев што го направила во минатото поради кој чувствувала грижа на совеста? Дали мислела дека смртта на нејзиниот син е казна од Бог, и дека Илија бил Божји гласник на смртта? Библијата не ни го открива тоа. Но, едно е сигурно: Вдовицата не го обвинила Бог дека е неправеден.

Илија сигурно бил запрепастен поради смртта на детето и поради тоа што вдовицата мислела дека, на некој начин, тој е виновен за нејзината загуба. Пророкот го зел безживотното тело на детето, го однел во горната соба, и извикал: „Јехова, Боже мој, зар навистина ќе ѝ нанесеш зло... на оваа вдовица, кај која живеам, и ќе ѝ го усмртиш синот?“ Илија бил загрижен бидејќи знаел дека името на Бог ќе биде оцрнето ако Тој дозволел оваа добродушна и гостопримлива жена уште повеќе да пострада. Затоа се молел: „Јехова, Боже мој, те молам нека се врати животот во ова дете!“ (1. Цар. 17:20, 21).

„ЕВЕ, СИН ТИ Е ЖИВ!“

Јехова ја чул молитвата на Илија. Вдовицата покажала вера и се грижела за потребите на пророкот. По сѐ изгледа, Бог дозволил детето да умре бидејќи знаел дека ова воскресение, првото запишано во Библијата, ќе им даде надеж на милиони луѓе во иднина. Кога Илија сесрдно му се помолил на Јехова, Тој ја услишил неговата молба и го воскреснал детето. Замисли си колкава радост чувствувала вдовицата кога Илија рекол: „Еве, син ти е жив!“ Тогаш таа му рекла: „Сега знам навистина дека си Божји човек и дека е вистинита Јеховината реч во твојата уста“ (1. Цар. 17:22-24).

Во извештајот од 1. Царевите, поглавје 17, не пишува ништо повеќе за оваа жена. Но, со оглед на тоа што Исус ја истакнал како добар пример, можеби таа почнала верно да му служи на Јехова (Лука 4:25, 26). Од извештајот за вдовицата учиме дека Бог ги благословува оние што им прават добро на неговите слуги (Мат. 25:34-40). Освен тоа, учиме дека Бог се грижи за потребите на оние што му се верни, дури и кога се наоѓаат во многу тешки околности (Мат. 6:25-34). Исто така, овој извештај ни покажува дека Јехова има и желба и моќ да ги воскресне мртвите (Дела 24:15). Зарем ова не се добри причини да размислуваме за извонредниот пример што ни го оставила вдовицата од Сарепта?