Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2014

Славете го Христос, величествениот Цар!

Славете го Христос, величествениот Цар!

„Во своето величие јавај кон победата“ (ПС. 45:4, Радосна Вест)

1, 2. Зошто Псалм 45 има големо значење за нас?

ЕДЕН величествен цар, кој јава застапувајќи ги вистината и праведноста, тргнува да извојува конечна победа. Откако ги поразува своите непријатели, тој се жени со прекрасна невеста. Овој цар останува запаметен засекогаш, и сите идни поколенија го слават и му оддаваат чест. Тоа се само некои од возбудливите настани опишани во Псалм 45.

2 Но, овој псалм не е само една интересна приказна со среќен крај. Настаните што се спомнати во него имаат големо значење за нас затоа што влијаат врз нашиот живот денес, а ќе влијаат и врз нашата иднина. Затоа, да обрнеме целосно внимание додека го разгледуваме.

„ДОБАР ЗБОР НАВИРА ОД МОЕТО СРЦЕ“

3, 4. а) Каков „добар збор“ навирал од срцето на псалмистот‘, и како добрата вест за Царството треба да влијае врз нашето срце? б) За кој цар ‚зборува нашето дело‘, и во која смисла нашиот јазик е сличен на перо?

3 Прочитај Псалм 45:1. Од срцето на псалмистот навира „добар збор“, односно песна за еден цар. Изворното значење на хебрејскиот збор кој овде е преведен со „навира“ е „се прелева“. Со други зборови, псалмистот  бил толку возбуден кога размислувал за тој цар што неговото срце се прелевало од восхит, а неговиот јазик се претворил во „перо на вешт препишувач“.

4 Нешто слично може да се каже и за нас. Она што го допира нашето срце е добрата вест за месијанското Царство. Пораката за Царството станала особено добра во 1914 год. затоа што тогаш долгоочекуваното месијанско Царство било воспоставено на небото како вистинска влада. Ова е „добрата вест за царството“ која ја проповедаме „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Дали и нашето срце се прелева од восхит поради добрата вест за Царството? Дали ревносно им ја проповедаме на другите? Исто како псалмистот, и нашето „дело зборува за царот“ — Исус Христос. Ние им објавуваме на луѓето дека тој е устоличен како небесен Цар на месијанското Царство. Освен тоа, ги повикуваме сите — и владетелите и оние над кои владеат — да се подложат на неговата власт (Пс. 2:1, 2, 4-12). А нашиот јазик е сличен на „перото на вешт препишувач“ затоа што во голема мера ја користиме Божјата пишана Реч додека проповедаме.

Радосно ја објавуваме добрата вест за Царот, Исус Христос

‚МИЛОСТ СЕ ИЗЛЕВА НА УСНИТЕ НА ЦАРОТ‘

5. а) Во која смисла Исус бил убав? б) Зошто може да се каже дека ‚на усните на Царот се излевала милост‘, и како може да го следиме неговиот пример?

5 Прочитај Псалм 45:2. Библијата не ни кажува многу за тоа како изгледал Исус. Како совршен човек, тој сигурно бил убав. Но, неговата вистинска убавина извирала од неговата верност кон Јехова и од неговата непоколеблива беспрекорност. Освен тоа, Исус ја проповедал добрата вест за Царството со „привлечни зборови“ (Лука 4:22; Јован 7:46). Дали и ние се трудиме да го следиме неговиот пример кога проповедаме така што користиме пријатни зборови кои можат да допрат до срцето на оние што нѐ слушаат? (Кол. 4:6).

6. Зошто може да се каже дека Бог го благословил Исус „довека“?

6 Бидејќи Исус му бил оддаден со сето срце, Јехова го благословувал во текот на неговата служба на Земјата и го наградил откако го дал својот живот како жртва. Апостол Павле напишал: „Кога по облик стана човек, [Исус] се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб. Токму затоа Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Фил. 2:8-11). Јехова го благословил Исус „довека“ со тоа што го воскреснал и му подарил бесмртен живот (Рим. 6:9).

ЦАРОТ Е ПОМАЗАН ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ НЕГОВИТЕ „ДРУГАРИ“

7. Во која смисла Бог го помазал Исус повеќе отколку неговите „другари“?

7 Прочитај Псалм 45:6, 7. Јехова го помазал својот Син како Цар на месијанското Царство затоа што Исус многу ја сака праведноста и го мрази сето она што може да му нанесе срам на неговиот Татко. Исус бил помазан со „масло на радоста“  повеќе отколку неговите „другари“, односно од јудејските цареви од лозата на Давид. Во која смисла? Како прво, тој бил помазан од самиот Јехова. Освен тоа, Бог го помазал за да биде и Цар и Првосвештеник (Пс. 2:2; Евр. 5:5, 6). Исто така, Исус не бил помазан со масло туку со свет дух и, за разлика од царевите на Јуда, тој владее од небото.

8. Зошто може да се каже дека Исус има право да владее, и зошто може да бидеме сигурни дека неговото царување е праведно?

8 Јехова го устоличил својот Син како месијански Цар на небото во 1914 год. Бидејќи „жезолот“ на неговото Царство „е жезол на справедливоста“, може да бидеме сигурни дека неговото владеење секогаш ќе биде праведно. Тој има право да владее затоа што ‚Бог е неговиот престол‘, односно Јехова е тој што го поставил за Цар. Освен тоа, престолот на Исус ќе трае „за навек, за сета вечност“. Зарем не си горд што му служиш на Јехова под власта на еден таков моќен Цар кој го устоличил Тој?

ЦАРОТ ‚ГО ПРЕПАШУВА МЕЧОТ‘

9, 10. а) Кога Христос го препашал мечот, и што направил веднаш потоа? б) Како Христос ќе го употреби својот меч во иднина?

9 Прочитај Псалм 45:3. Јехова му вели на својот Цар да го ‚препаше мечот на бедрото‘. Со тоа, всушност, го овластува да поведе војна против оние што се противат на Божјето владеење и да ги изврши Неговите пресуди над нив (Пс. 110:2). Бидејќи Христос е непобедлив Воин и Цар, Јехова му се обраќа со „јунаку силен“. Исус го препашал својот меч во 1914 год. и извојувал победа над Сатана и демоните, кои ги исфрлил на Земјата (Отк. 12:7-9).

10 Ова било само почеток на победничкиот поход на овој Цар. Тој допрва мора да извојува „конечна победа“ над сите непријатели (Отк. 6:2). Јехова пресудил да бидат уништени сите делови на Сатановиот свет и да биде отстрането влијанието на Сатана и на неговите демони. Најпрво ќе биде уништен Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Јехова ќе ги употреби политичките владетели за да се пресмета со оваа злобна „блудница“ (Отк. 17:16, 17). Потоа неговиот Цар и Воин ќе го срамни со земја политичкиот поредок на Сатана. На крајот, Христос, кој е наречен и „ангелот на бездната“, ќе извојува конечна победа кога ќе ги фрли во неа Сатана и демоните (Отк. 9:1, 11; 20:1-3). Да видиме како овие значајни настани биле претскажани во Псалм 45.

ЦАРОТ ЈАВА ‚ЗАСТАПУВАЈЌИ ЈА ВИСТИНАТА‘

11. Како Христос јава ‚застапувајќи ја вистината‘?

11 Прочитај Псалм 45:4. Царот не води војна за да освои други територии или да покори народи. Тој води праведна војна со благородна цел. Христос јава „застапувајќи ги вистината, понизноста и праведноста“. Најважната вистина која мора да се одбрани е тоа дека Јехова е единствениот кој има право да владее над сѐ. Сатана го довел во прашање Божјето право да владее кога се побунил против Него. Оттогаш, оваа непобитна вистина ја оспориле уште многу демони и луѓе. Сега е време Јеховиниот помазан Цар да тргне во битка за да докаже еднаш засекогаш дека само Јехова има право да биде Севишен Владетел.

12. Во која смисла Царот јава ‚застапувајќи ја понизноста‘?

12 Царот исто така јава ‚застапувајќи ја понизноста‘. Како Божји единороден Син, тој оставил извонреден пример со тоа што бил  понизен и му останал подложен на својот Татко (Иса. 50:4, 5; Јован 5:19). Сите верни поданици на Царот мора да го следат неговиот пример и понизно да му се подложат на Јехова како на свој Севишен Господар. Само оние што ќе постапуваат така ќе можат да живеат во новиот свет кој го ветил Бог (Зах. 14:16, 17).

13. Во која смисла Христос јава ‚застапувајќи ја праведноста‘?

13 Христос јава и ‚застапувајќи ја праведноста‘. Како Цар, тој ја брани ‚Божјата праведност‘, односно Јеховините мерила за она што е исправно и погрешно (Рим. 3:21; 5. Мој. 32:4). Во врска со Исус Христос, Исаија прорекол: „Царот ќе царува праведно“ (Иса. 32:1). За време на неговото владеење ќе се исполни ветувањето за ‚новите небеса‘ и ‚новата земја‘ во кои „ќе живее праведноста“ (2. Пет. 3:13). Сите што ќе живеат во новиот свет ќе мора да постапуваат во склад со Јеховините праведни мерила (Иса. 11:1-5).

ЦАРОТ ПРАВИ „ЗАСТРАШУВАЧКИ ДЕЛА“

14. Какви „застрашувачки дела“ ќе направи Христос со својата десница? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

14 Псалмистот вели дека Царот јава препашан со меч (Пс. 45:3). Но, доаѓа времето кога тој повторно ќе го извлече мечот и ќе замавне со него. Псалмистот прорекол дека Царот ќе направи „застрашувачки дела“ со својата десница (Пс. 45:4). Кога ќе ги спроведе Јеховините пресуди над неговите непријатели во Армагедон, Исус Христос навистина ќе направи „застрашувачки дела“. Иако не знаеме точно на кој начин ќе го уништи светот на Сатана, знаеме дека она што ќе го направи ќе им втера страв во коски на оние кои не го послушале Божјето предупредување и не му се подложиле на Царот. (Прочитај Псалм 2:11, 12.) Во своето пророштво за времето на крајот, Исус рекол дека луѓето „ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се затресат“. Потоа тој додал: „И тогаш ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облак со сила и со голема слава“ (Лука 21:26, 27).

15, 16. Кој ќе ги сочинува „небесните војски“ што ќе тргнат во битка заедно со Христос?

15 Во врска со времето кога Царот ќе дојде „со сила и со голема слава“ за да изврши суд, во книгата Откровение, Јован запишал: „Го видов небото отворено и, гледај — бел коњ. А оној што седеше на него се вика Верен и Вистинит, и тој праведно суди и војува. А по него одеа небесните војски на бели коњи, облечени во фин лен, бел и чист. И од устата му излегуваше остар меч, за да ги удри со него народите. Тој ќе управува со нив со железна палка. И ќе го гази гмечалото на гневната лутина на Семоќниот Бог“ (Отк. 19:11, 14, 15).

16 Кој ќе ги сочинува „небесните војски“ кои ќе тргнат во битка заедно со Христос? Кога тој првпат го препашал својот меч за да ги исфрли Сатана и демоните од небото, со него биле и „неговите ангели“ (Отк. 12:7-9). Затоа е разумно да заклучиме дека во војната Армагедон светите ангели ќе бидат во Христовата војска. Кој друг ќе биде дел од неговата војска? Исус им го дал следново ветување на своите помазани браќа: „На оној што ќе победи и ќе се држи за моите дела сѐ до крајот, нему ќе му дадам власт над народите, како што и јас примив власт од својот Татко, па ќе управува со нив со железна палка и ќе ги разбие како глинени садови“ (Отк. 2:26, 27). Според тоа, во војската  на Христос ќе спаѓаат и неговите помазани браќа, кои дотогаш ќе ја имаат добиено својата небесна награда. Помазаните совладетели ќе бидат покрај него кога тој ќе направи „застрашувачки дела“ уништувајќи ги народите кои му се противат на Бог.

ЦАРОТ ЌЕ ИЗВОЈУВА КОНЕЧНА ПОБЕДА

17. а) Што претставува белиот коњ кој го јава Христос? б) Што симболизираат мечот и лакот?

17 Прочитај Псалм 45:5. Царот јава на бел коњ. Во Откровение 6:2, Јован напишал: „Погледнав, и гледај — бел коњ и на него јавач кој имаше лак. И му беше дадена круна, па излезе победувајќи и тргна во конечна победа“. Белиот коњ е соодветен симбол за војна која е чиста и праведна во Јеховини очи (Отк. 19:11). Освен меч, Царот носи и лак. Мечот и лакот ги симболизираат сите средства што Христос ќе ги користи за да изврши конечен суд над своите непријатели.

Ангелот ќе ги повика птиците да ја исчистат Земјата (Види во пасус 18)

18. Што ќе се случи кога Христос ќе ги употреби своите „стрели“?

18 Со поетски зборови, псалмистот прорекол: „Остри се твоите стрели — под тебе паѓаат народи — се забодуваат во срцето на непријателите на царот“. Уништувањето ќе го зафати целиот свет. Еремија претскажал: „Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот“ (Ерем. 25:33). Едно слично пророштво вели: „Видов и еден ангел како стои на сонцето. И извика со силен глас, и на сите птици што летаат среде небото им рече: ‚Дојдете, соберете се на големата Божја вечера, да јадете месо од цареви, месо од воени заповедници, месо од јунаци, месо од коњи и од нивните јавачи, месо од сите луѓе — слободни и робови, мали и големи‘“ (Отк. 19:17, 18).

19. Како Христос ќе извојува конечна победа?

19 Откако ќе го уништи злобниот свет на Сатана, Христос ‚во своето величие ќе јава кон победата‘ (Пс. 45:4, Радосна Вест). Тој ќе извојува конечна победа кога ќе ги фрли Сатана и неговите демони во бездната. Тие ќе останат таму за време на Христовото илјадагодишно владеење (Отк. 20:2, 3). Бидејќи тогаш Сатана и демоните ќе бидат во состојба на неделотворност слична на смрт, жителите на Земјата ќе бидат ослободени од нивното влијание и ќе можат да уживаат под власта на својот величествен Цар. Но, пред целата Земја да биде претворена во рај, праведните луѓе ќе имаат уште една причина да се радуваат заедно со Царот и со неговите небесни придружници. Овој радосен настан ќе го разгледаме во следната статија.