Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  февруари 2014

Јехова — Татко кој се грижи за нас и нѐ штити

Јехова — Татко кој се грижи за нас и нѐ штити

„Затоа што ми е приврзан, ќе го избавам, ќе го заштитам, бидејќи го познава моето име“ (ПС. 91:14)

1, 2. Какви разлики постојат меѓу нас во однос на семејните околности и начинот на кој сме ја дознале вистината?

ЈЕХОВА БОГ го основал семејството (Еф. 3:14, 15). Сепак, дури и членовите на едно исто семејство имаат различни особини и околности. Освен тоа, некои пораснале со двајцата родители. На други можеби родителите им починале од болест или загинале во некоја несреќа. А трети, пак, воопшто не знаат кои се нивните родители.

2 Како христијани, ние сме дел од Јеховиното семејство на верни слуги. Сепак, сите се разликуваме. На пример, сме ја дознале вистината на различен начин. Некои ‚пораснале во вистината‘ и родителите ги поучувале за библиските начела уште од мали нозе (5. Мој. 6:6, 7). А мнозина од нас ја дознале вистината кога некој друг слуга на Јехова им ја пренел добрата вест од Библијата (Рим. 10:13-15; 1. Тим. 2:3, 4).

3. Кои работи им се заеднички на сите Божји слуги?

3 И покрај разликите што ги спомнавме, сепак имаме и многу заеднички работи. Поради непослушноста на Адам, сите ние сме наследиле несовршеност, грев и смрт (Рим. 5:12). Сепак, како слуги на вистинскиот Бог,  со право можеме да му се обраќаме на Јехова со „Татко наш“. Во минатото, Божјиот избран народ можел да ги каже зборовите кои се запишани во Исаија 64:8: „О Јехова, ти си наш Татко“. Исто така, Исус ја започнал својата позната молитва на следниов начин: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9).

4, 5. Што ќе ни помогне да ја продлабочиме љубовта кон нашиот небесен Татко, Јехова?

4 Нашиот небесен Татко го штити своето семејство на верни слуги и се грижи за сите нивни потреби. Според Псалм 91:14, Јехова рекол: „Затоа што [мојот слуга] ми е приврзан, ќе го избавам, ќе го заштитам, бидејќи го познава моето име“. Бидејќи сме негов народ, Јехова Бог со љубов нѐ штити и нѐ избавува од нашите непријатели за да не бидеме уништени.

5 За да ја продлабочиме својата љубов кон нашиот небесен Татко, ќе разгледаме: 1) како се грижи за нас, 2) како нѐ штити и 3) како покажува дека е наш најдобар Пријател. Додека ги разгледуваме овие три работи, добро е длабоко да размислуваме каков е нашиот личен однос со Бог и на кој начин можеме да го славиме како наш Татко. Исто така, мудро е да размислуваме и за благословите кои Јехова им ги ветува на оние што се трудат да бидат блиски со него (Јак. 4:8).

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА НАС

6. Како Јехова покажал дека „секој добар дар“ доаѓа од него?

6 Ученикот Јаков напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто слегува од Таткото на небесните светла“ (Јак. 1:17). Животот е прекрасен дар од Јехова (Пс. 36:9). Кога го користиме за да ја вршиме Божјата волја, жнееме многу благослови уште сега и имаме можност да живееме вечно во новиот свет (Изр. 10:22; 2. Пет. 3:13). Но, како е можно да имаме Јеховин благослов и да добиеме вечен живот кога од Адам сме наследиле несовршеност, грев и смрт?

7. Како Бог ни овозможил да имаме близок однос со него?

7 Јехова се грижи за нас на безброј начини. На пример, тој ќе нѐ спаси поради својата незаслужена доброта. Бидејќи сме наследиле грев и несовршеност од нашиот прататко Адам, сите ние заслужуваме смрт (Рим. 3:23). Но, поради својата огромна љубов, Јехова прв презел чекори за да ни помогне да бидеме блиски со него. Апостол Јован напишал: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јов. 4:9, 10).

8, 9. Како Јехова се погрижил Авраам и Исак да го добијат она што им било потребно? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Еден настан од животот на Авраам, кој се случил пред околу 3.900 години, покажал како Јехова ќе им овозможи на сите послушни луѓе да добијат вечен живот. Во Евреите 11:17-19 се вели: „Со вера Авраам, кога беше искушуван, го принесе Исак. Тој што ги прими ветувањата на кои се израдува, беше спремен да го принесе својот единороден син, иако му беше речено: ‚Она што ќе се нарече „твое потомство“ ќе дојде преку Исак‘. Но сметаше дека Бог може и од мртвите да го подигне. Оттаму и го доби, а тоа служи како споредба“. Исто како што Авраам бил спремен да го жртвува својот син, Исак, така и Јехова спремно го дал својот Син, Исус Христос, за да го спаси човештвото. (Прочитај Јован 3:16, 36.)

9 Можеш ли да си замислиш колку му олеснало на Исак кога сфатил  дека не мора да умре? Сигурно бил многу благодарен што Јехова обезбедил друга жртва — еден овен кој се заплеткал со роговите во блиските грмушки (1. Мој. 22:10-13). Ништо чудно што Авраам го нарекол тоа место „Јехова-Ире“, што значи „Јехова ќе се погрижи [за тоа]“ или „Јехова ќе прибави“ (1. Мој. 22:14, фус.).

МОЖНОСТ ДА СЕ ПОМИРИМЕ СО БОГ

10, 11. Кој предводи во делото преку кое Бог ги повикува луѓето да се помират со него, и како го прават тоа?

10 Кога размислуваме за сето она што ни го дава Јехова, сфаќаме дека без жртвата на Исус не би можеле да бидеме пријатели со Бог. Павле напишал: „Го заклучивме ова: еден човек умре за сите, па така сите умреа; тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Кор. 5:14, 15).

11 Од љубов кон Бог и од благодарност за неспоредливата чест да му служат, првите христијани со радост ја прифатиле „службата на помирувањето“. Преку нивното проповедање, луѓето можеле да се помират со Бог, да бидат негови пријатели и да станат негови синови. Денес помазаните слуги на Јехова ја извршуваат истата служба. Тие служат како пратеници кои ги застапуваат Бог и Христос, и им помагаат на искрените луѓе да се зближат со Јехова и да станат негови слуги. (Прочитај 2. Коринќаните 5:18-20; Јован 6:44; Дела 13:48.)

12, 13. Како можеме да покажеме благодарност за сето она што Јехова го прави за нас?

12 Христијаните кои имаат надеж за вечен живот на Земјата се многу благодарни за сето она што им го дава Јехова, и затоа ја проповедаат добрата вест заедно со помазаниците. Додека го вршиме ова дело, ние ја користиме Библијата, која е уште еден скапоцен дар од Бог (2. Тим. 3:16, 17). Кога вешто ја употребуваме Божјата Реч во нашата служба, им даваме можност на другите да добијат вечен живот. Освен тоа, Јехова ни го дава и својот свет дух за да ни помогне да ја извршуваме службата (Зах. 4:6; Лука 11:13). Секое издание на Годишникот на Јеховините сведоци јасно покажува дека со проповедањето се постигнуваат извонредни резултати. За нас е огромна чест што учествуваме во ова дело со кое го славиме нашиот великодушен Татко!

13 Имајќи го на ум сето она што Бог со љубов ни го дал, добро е да се прашаме: ‚Дали правам сѐ што можам во службата за да му покажам на Јехова колку сум му благодарен? Како би можел уште поделотворно да ја проповедам добрата вест?‘ Нашата благодарност кон Бог можеме да ја покажеме со тоа што ќе го ставиме неговото Царство на прво место во нашиот живот. Тогаш Јехова ќе се погрижи да го имаме сето она што ни е потребно (Мат. 6:25-33). Сигурно сакаме да дадеме сѐ од себе за да го радуваме срцето на нашиот Бог кој толку многу нѐ сака (Изр. 27:11).

14. Како Јехова ги избавува своите слуги?

14 Псалмистот Давид пеел: „Мене ме притискаат неволја и мака. Но Јехова се грижи за мене. Ти си моја помош и мој избавител“ (Пс. 40:17). Јехова безброј пати ги избавувал своите слуги како група, особено кога се соочувале со немилосрдно прогонство и со сурово противење од своите непријатели. Многу сме благодарни што тој секогаш ни ја дава потребната помош за да му останеме верни во такви тешки моменти.

ЈЕХОВА НЀ ШТИТИ

15. Наведи пример кој покажува како еден грижлив татко го штити своето дете.

15 Освен што се грижи за потребите на своите деца, еден добар татко  се труди и да ги заштити. Тој веднаш им прискокнува на помош кога ќе се најдат во некоја опасна ситуација. Еден брат раскажал како неговиот татко го спасил кога бил мал. Еднаш, кога со татко му се враќале од служба, морале да преминат еден поток. Но, бидејќи тоа утро заврнал пороен дожд, водата била надојдена. Единствен начин да преминат на другата страна бил да прескокнуваат од еден камен на друг. Детето одело пред таткото, но во еден момент изгубило рамнотежа, паднало во водата и почнало да се дави. Замисли колку било благодарно кога татко му брзо го зграпчил и го извлекол од водата! Слично е и со нашиот небесен Татко кој нѐ штити од опасностите во овој злобен свет и од неговиот владетел, Сатана. Нема сомнение дека Јехова ни ја пружа најдобрата можна заштита (Мат. 6:13; 1. Јов. 5:19).

16, 17. Како Јехова ги заштитил Израелците кога се бореле со Амаличаните?

16 Јехова со љубов го штител својот народ во 1513 год. пр.н.е. Тој најпрво ги избавил Израелците од египетското ропство и со чудо ги заштитил додека го минувале Црвеното Море. На пат кон планината Синај, тие ја поминале пустината и се улогориле во Рафидин.

17 Бидејќи пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 сѐ уште не било исполнето, Сатана сигурно очајно барал прилика да ги нападне навидум беспомошните Израелци. За таа цел ги употребил Амаличаните, кои биле непријатели на Божјиот народ (4. Мој. 24:20). Но, како Јехова го заштитил својот народ во таа прилика? Додека Исус Навин војувал со Амаличаните, Мојсеј, Арон и Ор стоеле на врвот на еден рид во близина. Сѐ додека Мојсеј ги држел рацете  кренати, Израелците биле посилни во битката. А кога рацете му отежнале, Арон и Ор му помогнале да ги држи нагоре. Со Јеховина помош и заштита, ‚Исус Навин ги поразил Амаличаните и војската што била со нив‘ (2. Мој. 17:8-13). Потоа, Мојсеј направил жртвеник на тоа место и го нарекол „Јехова-Ниси“, што на хебрејски значи „Јехова е моето знаме“. (Прочитај 2. Мојсеева 17:14, 15.)

ИЗБАВЕНИ ОД КАНЏИТЕ НА САТАНА

18, 19. Како Бог ги штити своите слуги во наше време?

18 Јехова ги штити оние кои го сакаат и постапуваат во склад со неговата волја. Исто како Израелците во Рафидин, и ние бараме засолниште кај Бог кога ќе се соочиме со некој непријател. Јехова честопати нѐ штител како група и нѐ избавувал од канџите на Сатана. На пример, Бог во многу прилики ги штител нашите браќа кои биле прогонувани поради својата христијанска неутралност. Ова се случувало во 1930-тите и во почетокот на 1940-тите, кога нацистите биле на власт во Германија и во други земји. Ако ги читаме животните приказни и извештаите од Годишникот, и ако размислуваме за тоа како Бог го штител својот народ во време на прогонство, ќе ни се зајакне довербата дека Јехова е нашето „засолниште“ (Пс. 91:2).

Јехова може да ги употреби нашите соверници за да ни помогне да му останеме верни во тешки времиња (Види во пасуси 18-20)

19 Јехова нѐ штити и со тоа што ни дава потсетувања преку својата организација и библиските публикации. Размисли како ни користеа овие потсетувања во последниве години. Додека овој свет сѐ повеќе тоне во морална расипаност и порнографија, Јехова ни дава навремени потсетувања и практична помош за да ги избегнеме опасностите кои можат да ни го нарушат односот со него. На пример, неодамна добивме грижлив совет да се чуваме од лошото друштво на социјалните мрежи * (1. Кор. 15:33).

20. Каква заштита и водство добиваме во христијанското собрание?

20 Како може да покажеме дека навистина сме „поучени од Јехова“? Така што совесно ќе ги држиме Божјите заповеди (Иса. 54:13). Собранијата се наше вистинско засолниште во кое добиваме водство и заштита, бидејќи таму има верни браќа кои служат како старешини и спремни се да ни помогнат и да ни дадат совети на темел на Библијата (Гал. 6:1). Јехова се грижи за нас преку овие „луѓе како дарови“ (Еф. 4:7, 8). Што треба да правиме кога старешините ќе ни дадат совет? Треба спремно да го послушаме. Ако го сториме тоа, Јехова ќе нѐ благослови (Евр. 13:17).

21. а) На што треба да бидеме решени? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Да бидеме решени да се потпираме на светиот дух и да го прифатиме водството што ни го дава нашиот небесен Татко. Треба да размислуваме и за животот на неговиот Син, Исус Христос, додека даваме сѐ од себе да го следиме неговиот извонреден пример. Тој бил богато благословен затоа што останал „послушен сѐ до смртта“ (Фил. 2:5-11). И ние ќе бидеме благословени ако имаме доверба во Јехова со сето наше срце (Изр. 3:5, 6). Да не заборавиме дека само тој може најдобро да се грижи за нас и да ни ја пружи најсигурната заштита. За нас е навистина голема радост што имаме чест да му служиме. А како Јехова покажува дека ни е најдобар Пријател? Одговорот на ова прашање ќе го разгледаме во следната статија. Додека размислуваме каков Пријател е тој, нашата љубов кон него ќе станува сѐ посилна.

^ пас. 19 Види ја статијата „Мудро користи го интернетот“, во Стражарска кула од 15 август 2011, страници 3-5, како и статиите „Чувај се од замките на Ѓаволот!“ и „Биди решен да ги избегнеш Сатановите стапици!“, во Стражарска кула од 15 август 2012, страници 20-29.