Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2014

Служи му на Јехова пред да дојдат тешки денови

Служи му на Јехова пред да дојдат тешки денови

„Сеќавај се на својот Величествен Творец“ (ПРОП. 12:1)

1, 2. а) Каков совет им дал Соломон на младите под водство на светиот дух? б) Зошто советот на Соломон е добар и за христијаните кои се во своите 50-ти или 60-ти години?

ЈЕХОВА го поттикнал Соломон да им се обрати на младите со следниве зборови: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја, пред да дојдат зли денови“. За кои „зли денови“ зборувал Соломон? Тој користел поетски зборови за да ги опише тешкотиите кои ги носи староста — растреперени раце, нозе што се тресат, паднати заби, слаб вид, лош слух, седа коса и свиткано тело. Затоа, не е чудно што Библијата нѐ поттикнува да му служиме на нашиот Величествен Творец пред да дојдат тешките денови на староста. (Прочитај Проповедник 12:1-5.)

2 Многу христијани кои се во своите 50-ти или 60-ти години се витални и полни со сила. Можеби косата им е прошарана со седи влакна, но веројатно здравјето сѐ уште ги служи и немаат многу од тешкотиите кои ги спомнал Соломон. Можат ли овие повозрасни христијани да извлечат корист од вдахновениот совет што Соломон им го дал на младите, кога рекол: „Сеќавај се на својот Величествен Творец“? Што, всушност, значи овој совет?

3. Како можеме да се сеќаваме на нашиот Величествен Творец?

 3 Иако можеби му служиме на Јехова со години, добро е одвреме-навреме да се потсетуваме колку е величествен нашиот Творец. Зарем животот не е прекрасен дар кој нѐ исполнува со восхит? Сето она што Јехова го создал е толку сложено што човечкиот мозок не може да го сфати. Јехова ни дал изобилство од убави работи за да можеме во секој поглед да уживаме во животот. Кога размислуваме за неговите творби, уште повеќе расте нашето ценење за неговата љубов, мудрост и моќ (Пс. 143:5). Но, се сеќаваме на нашиот Величествен Творец и кога размислуваме за она што тој го очекува од нас. Тоа нѐ поттикнува да бидеме уште поодлучни да му ја покажеме нашата благодарност со тоа што ќе му служиме најдобро што можеме сѐ дури сме живи (Проп. 12:13).

УБАВИ МОЖНОСТИ ВО ПОДОЦНЕЖНИТЕ ГОДИНИ

4. Кое прашање можат да си го постават христијаните со долгогодишно искуство, и зошто?

4 Ако си возрасна личност со долгогодишно искуство, многу е важно да се прашаш: ‚Што ќе правам со мојот живот сега, додека сѐ уште имам сила?‘ Како искусен христијанин, ти имаш можности кои другите ги немаат. Можеш да им го пренесеш на помладите она што си го научил од Јехова. Можеш да ги храбриш другите така што ќе им раскажуваш за прекрасните искуства кои си ги доживеал во службата за Бог. Цар Давид се молел да има такви прилики. Тој напишал: „Боже, ти ме учеше од мојата младост... Не оставај ме ни во староста, кога ќе ми побели косата, о Боже, за да можам да му раскажувам на следното поколение за твојата рака, на сите што ќе дојдат — за твојата моќ“ (Пс. 71:17, 18).

5. Како можат постарите христијани да го споделуваат со другите она што го научиле низ годините?

5 Како можеш да ја споделуваш со другите мудроста што си ја стекнал низ годините? Дали би можел да поканиш на гости некои од помладите браќа и сестри во собранието за да уживате во охрабрувачко дружење? Дали би можел да ги викнеш да одите заедно во служба за да можат од прва рака да видат колку си радосен што му служиш на Јехова? Елиу, еден Божји слуга кој живеел во минатото, рекол: „Нека зборуваат многуте денови, нека покажат мудрост многуте години“ (Јов 32:7). Апостол Павле ги поттикнал постарите христијанки да ги храбрат другите со зборови и со дела. Тој напишал: „Постарите жени... нека ги поучуваат другите за она што е добро“ (Тит 2:3).

РАЗМИСЛИ КАКО МОЖЕШ ДА ИМ ПОМАГАШ НА ДРУГИТЕ

6. Зошто христијаните кои имаат долгогодишно искуство можат многу да им помагаат на своите браќа?

6 Ако си искусен христијанин, можеш да правиш многу за другите. Размисли за она што го знаеш сега, а не си го знаел пред 30 или 40 години. Знаеш како да ги применуваш библиските начела во разни ситуации од животот. Без сомнение, знаеш и како делотворно да ги поучуваш другите за библиската вистина. Ако си старешина, знаеш како да им помагаш на браќата кои можеби ненамерно ќе згрешат (Гал. 6:1). Веројатно си научил како да ги надгледуваш собраниските активности, да се грижиш за различни оддели на собирите или, пак, да ја надгледуваш изградбата на Сали на Царството. Можеби знаеш како да ги поттикнеш лекарите да користат бескрвни методи на лекување. Дури и ако си ја запознал вистината од неодамна, имаш долгогодишно животно искуство. На пример, доколку си имал деца, сигурно си стекнал многу корисни вештини. Постарите христијани можат многу да им помагаат на своите браќа и сестри со тоа што ќе ги поучуваат, ќе ги предводат и ќе ги зајакнуваат. (Прочитај Јов 12:12.)

7. Какви корисни поуки можат да им даваат постарите христијани на помладите во собранието?

 7 Како можеш уште подобро да ги искористиш своите способности? Дали би можел да им покажеш на младите како да започнуваат и да водат библиски студии? Ако си сестра, дали би можела со практични совети да им помогнеш на младите мајки да продолжат со теократските активности додека се грижат за своите дечиња? Ако си брат, дали би можел да ги поучиш младите браќа да држат говори со поголема воодушевеност и подобро да ја проповедаат добрата вест? Дали би можел заедно со нив да одиш кај постарите браќа и сестри за да видат како ги охрабруваш? Дури и да немаш толку физичка сила како во младоста, имаш одлични можности да ги поучуваш помладите. Божјата Реч вели: „Убавина на младичите е нивната сила, а украс на старците е нивната седа коса“ (Изр. 20:29).

МОЖЕШ ЛИ ДА СЛУЖИШ НА МЕСТА КАДЕ ШТО ИМА ПОГОЛЕМА ПОТРЕБА?

8. Што направил апостол Павле во подоцнежните години од животот?

8 Апостол Павле останал зафатен во службата за Јехова дури и во подоцнежните години од животот. До 61 год. од н.е., кога бил ослободен од затворот во Рим, тој веќе имал служено многу години како мисионер во тешки услови, и можел да реши да остане да проповеда во Рим (2. Кор. 11:23-27). Браќата во тој голем град сигурно многу ќе се радувале ако останел да служи таму. Но, Павле знаел дека има уште поголема потреба да се проповеда во други земји. Затоа, заедно со Тимотеј и Тит, тој продолжил со својата мисионерска служба, заминувајќи за Ефес, а потоа за Крит и веројатно за Македонија (1. Тим. 1:3; Тит 1:5). Не знаеме дали стигнал во Шпанија, иако напишал дека сака да оди таму (Рим. 15:24, 28).

9. Кога се преселил Петар на подрачје каде што имало поголема потреба да се проповеда? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Апостол Петар можеби имал повеќе од 50 години кога се преселил на подрачје каде што имало поголема потреба да се проповеда. Зошто може да го кажеме ова? Па, ако бил отприлика на иста возраст со Исус или можеби малку постар, тогаш имал околу 50 години кога се состанал со другите апостоли во Ерусалим во 49 год. од н.е. (Дела 15:7). Кратко по тој состанок, Петар се преселил во Вавилон, најверојатно за да им проповеда на многуте Евреи кои живееле на тоа подрачје (Гал. 2:9). Тој живеел таму кога го напишал своето прво послание, околу 62 год. од н.е. (1. Пет. 5:13). Иако не е лесно човек да се пресели во друга земја, Петар не дозволил поодминатите години да го спречат да му служи на Јехова во уште поголема мера.

10, 11. Што направиле Роберт и жена му во подоцнежните години од животот?

10 Денес, многу христијани кои се во своите 50-ти или 60-ти години увидуваат дека нивните околности се смениле и дека сега можат да му служат на Јехова на нови начини. Некои од нив се преселиле на места каде што има поголема потреба од објавители. На пример, Роберт пишува: „Јас и жена ми имавме околу 55 години кога сфативме дека ни се укажуваат нови можности за да му служиме на Јехова. Нашиот син си замина од дома, а веќе немаше потреба ни да се грижиме за остарените родители. Освен тоа, во меѓувреме добивме мало наследство. Пресметав дека со продажбата на куќата ќе имаме доволно пари за да ги подмириме сите долгови во поврзаност со неа и да се издржуваме додека не ја добијам првата пензија. Чувме дека во Боливија многумина сакале да ја проучуваат Библијата и дека може да се живее со многу помалку пари. Затоа решивме да се преселиме. Не ни беше лесно да се привикнеме на новиот дом. Сѐ беше различно од она на кое бевме навикнати во Северна Америка. Но, Јехова го благослови нашиот труд“.

11 Роберт додава: „Сега целиот наш живот се врти околу собраниските активности. Некои од оние со кои ја проучувавме  Библијата се крстија. Едно сиромашно семејство со кое проучувавме живее во село кое е оддалечено неколку километри од нашето место. Сепак, секоја седмица, членовите на ова семејство напорно патуваат за да дојдат на состанок во градот. Чувствуваме неизмерна радост што гледаме како сите напредуваат во духовен поглед и што најстариот син започна со пионерска служба!“

ГОЛЕМА ПОТРЕБА НА ПОДРАЧЈА НА ДРУГИ ЈАЗИЦИ

12, 13. Што направиле Брајан и жена му откако тој се пензионирал?

12 И собранијата и групите на други јазици можат да извлечат голема корист од примерот на постарите браќа и сестри. Освен тоа, проповедањето на такви подрачја може да биде извор на голема радост. На пример, Брајан од Британија пишува дека, кога се пензионирал на 65 години, животот му станал здодевен. Тој вели: „Децата заминаа од дома, а јас и жена ми ретко наоѓавме луѓе во службата со кои можевме да ја проучуваме Библијата. Тогаш се запознав со еден млад Кинез кој правеше некое истражување во универзитетот во нашиот град. Тој дојде на состанок, и почнав да ја проучувам Библијата со него. По неколку седмици, доведе со себе уште еден свој колега, исто така Кинез. Две седмици подоцна, со него дојде и трет, а потоа и четврти колега.

13 Кога и петтиот истражувач што беше Кинез побара библиска студија, си помислив: ‚Ако имам 65 години не значи дека треба да се пензионирам од Јеховината служба!‘ Затоа ја прашав жена ми, која е две години помлада од мене, дали сака да учиме кинески. Таа се согласи и почнавме да го учиме јазикот со помош на аудиокасети. Оттогаш поминаа десет години. Откако проповедаме на подрачје на кинески јазик, повторно се чувствуваме млади. Досега ја проучувавме Библијата со 112 Кинези! Повеќето од нив присуствуваа на состаноците. Една интересентка со која проучувавме сега служи со нас како пионер“.

Можеби не си престар за да ја зголемиш својата служба (Види во пасуси 12-13)

РАДУВАЈ СЕ ДОДЕКА ГО ПРАВИШ ОНА ШТО МОЖЕШ

14. На што можат да се радуваат постарите христијани, и како примерот на Павле може да ги охрабри?

14 Иако многу христијани во своите 50-ти или 60-ти години се во можност  да му служат на Јехова на нови начини, сите не можат да го прават тоа. Некои од нив имаат слабо здравје, а други се грижат за остарените родители или за своите деца. Сепак, не заборавај дека Јехова го цени сето она што го правиш во неговата служба. Затоа, наместо да се разочаруваш поради она што не можеш да го правиш, радувај се на она што можеш да го правиш. Размисли за апостол Павле. Тој со години бил во куќен притвор, и поради тоа не можел да продолжи со мисионерските патувања. Но, секогаш кога луѓето доаѓале кај него им зборувал за Писмото и им ја зајакнувал верата (Дела 28:16, 30, 31).

15. Зошто и христијаните кои се навлезени во подлабока старост се скапоцени за Јехова и за нас?

15 Јехова го цени и она што го прават за него христијаните кои се навлезени во подлабока старост. Иако Соломон укажал дека ‚злите денови‘ на староста се тежок период од животот, сепак Јехова забележува кога и христијаните во поодминати години се трудат да го фалат во службата (Лука 21:2-4). Собранијата многу го ценат прекрасниот пример на верност што го даваат овие постари браќа и сестри.

16. Која чест веројатно ја немала постарата вдовица Ана, но како сепак можела да му служи на Бог?

16 Библијата кажува дека една постара жена по име Ана продолжила верно да го фали Јехова дури и во длабока старост. Таа имала 84 години и била вдовица кога се родил Исус. Веројатно не живеела доволно долго за да стане негов ученик, да биде помазана со свет дух или да ја проповеда добрата вест за Царството. Сепак, Ана се радувала на она што можела да го прави. Библијата вели: „[Таа] никогаш не изостануваше од храмот, туку ден и ноќ му служеше на Бог“ (Лука 2:36, 37). Додека свештеникот принесувал темјан во храмот секое утро и секоја вечер, Ана била меѓу народот кој стоел во храмскиот двор и веројатно околу половина час тивко му се молела на Јехова. Токму во една таква прилика, таа го видела Исус кога го донеле како бебе во храмот. Тогаш Ана ‚почнала да му заблагодарува на Бог и да им зборува за детето на сите што го чекале избавувањето на Ерусалим‘ (Лука 2:38).

17. Како би можеле да им помагаме на постарите и болните сохристијани да имаат удел во обожавањето на вистинскиот Бог?

17 Денес треба да размислуваме како да им помагаме на браќата и сестрите кои се стари или болни. За жал, некои од нив можат ретко да присуствуваат на состаноците и собирите иако со сета душа копнеат да бидат меѓу Божјиот народ. Како можат собранијата да им помагаат на таквите постари сохристијани? Во некои места е можно тие да ги слушаат состаноците преку телефон. Но, на некои места ова не е можно. Како и да е, браќата и сестрите кои не се во состојба да одат на состаноците сепак можат да имаат удел во обожавањето на вистинскиот Бог. На пример, можат да го молат Јехова да го благослови сето она што се прави во собранието. (Прочитај Псалм 92:13, 14.)

18, 19. а) Како можат постарите христијани да ги охрабруваат другите? б) Кој може да го примени советот: „Сеќавај се на својот Величествен Творец“?

18 Постарите христијани можеби не се свесни колку ги охрабруваат другите. На пример, иако Ана верно одела во храмот сите тие години, веројатно не ни помислувала дека во Библијата ќе пишува за нејзината љубов кон Јехова, и дека нејзиниот пример ќе нѐ охрабрува до ден-денес. Без сомнение, и твојата љубов кон Бог никогаш нема да биде избришана од срцата на твоите браќа и сестри. Ништо чудно што Божјата Реч вели: „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изр. 16:31).

19 Секој од нас има ограничувања во однос на она што може да го прави во Јеховината служба. Сепак, добро е сите ние кои сѐ уште имаме здравје и сила да ги земеме при срце зборовите на Соломон: „Сеќавај се на својот Величествен Творец... пред да дојдат зли денови“ (Проп. 12:1).