Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2014

Служи му на Јехова, Царот на вечноста!

Служи му на Јехова, Царот на вечноста!

„На Царот на вечноста... нека му е чест и слава во сета вечност!“ (1. ТИМ. 1:17)

1, 2. а) Кој е „Царот на вечноста“, и зошто тој назив е соодветен? (Види ја сликата погоре.) б) Зошто сакаме Јехова да царува над нас?

КРАЛОТ Собуза II владеел со Свазиленд речиси 61 година. Тоа е доста долго царување за еден владетел во нашево време. Но, има еден цар чие владеење не е ограничено затоа што има краток животен век. Всушност, Библијата го нарекува овој владетел „Царот на вечноста“ (1. Тим. 1:17). Псалмистот ни го открил неговото име, кога рекол: „Јехова е цар за навек, во сета вечност“ (Пс. 10:16).

2 По своето времетраење, Божјето владеење се разликува од сите други човечки владетелства. Сепак, она што нас нѐ воодушевува и нѐ привлекува кон Јехова не е должината на неговото владеење туку начинот на кој тој ја спроведува својата власт. Еден цар кој владеел 40 години со древниот Израел, го фалел Бог со следниве зборови: „Јехова е милосрден и добар, бавен на гнев и полн со милост. Јехова го зацврсти својот престол на небесата и неговата царска власт се протега над сѐ“ (Пс. 103:8, 19). Но, Бог не е само наш Цар — тој е и наш небесен Татко полн со љубов. Ова покренува две прашања: На кој начин Јехова постапувал како Татко? И, како покажал дека сѐ уште владее како Цар и после побуната во рајската градина? Одговорот на овие прашања ќе нѐ поттикне да бидеме уште поблиски  со Јехова и да му служиме со сето срце.

ЦАРОТ НА ВЕЧНОСТА СОЗДАВА СЕМЕЈСТВО ОД АНГЕЛИ И ЛУЃЕ

3. Кој бил првиот член на Јеховиното семејство, и кои други „синови“ спаѓаат во него?

3 Јехова сигурно многу се радувал кога го создал својот првороден Син! Тој не постапувал со него како со безначаен поданик. Напротив, го сакал како Син и му дал можност да учествува заедно со него во создавањето на милиони други совршени ангели (Кол. 1:15-17). Ангелите, за кои се вели дека се ‚Божји слуги, кои ја вршат неговата волја‘, му служат на Јехова со радост, а тој им укажува чест со тоа што ги нарекува свои „синови“. Тие се дел од Божјето семејство (Пс. 103:20-22; Јов 38:7).

4. Кога луѓето станале дел од Божјето семејство?

4 Откако ја создал материјалната вселена, Јехова го проширил своето семејство. Тој ја подготвил Земјата како прекрасен дом и потоа, како круна на своето земно творештво, го создал првиот човек, Адам, според својот лик (1. Мој. 1:26-28). Како Творец, Јехова со право очекувал од Адам да му биде послушен. Како Татко, тој дава упатства со љубов. Тие во никој случај не му ја ограничувале непотребно слободата на првиот човек. (Прочитај 1. Мојсеева 2:15-17.)

5. На кој начин требало Земјата да се наполни со луѓе?

5 За разлика од многу човечки цареви, Јехова со радост им дава разни задачи на своите поданици, и на тој начин покажува дека има доверба во членовите на своето семејство. На пример, Бог го поставил Адам да владее над сите живи суштества, па дури му доверил една многу интересна и одговорна задача да им даде имиња на животните (1. Мој. 1:26; 2:19, 20). Бог не создал наеднаш милиони совршени луѓе за да ја наполни Земјата. Наместо тоа, решил да создаде совршено дополнение за Адам — жената Ева (1. Мој. 2:21, 22). А потоа му дал заповед на овој брачен пар да ја наполни Земјата со свои деца. Во тие совршени услови, луѓето ќе можеле постепено да го прошират рајот по целата Земја. Заедно со ангелите, тие ќе можеле да му служат на Јехова засекогаш како едно обединето семејство. Јехова навистина покажал татковска љубов со тоа што им дал на Адам и Ева таква прекрасна надеж за иднината!

НЕКОИ БУНТОВНИ СИНОВИ ГО ОТФРЛААТ БОЖЈЕТО ВЛАДЕЕЊЕ

6. а) Како започнала побуната во Божјето семејство? б) Од каде знаеме дека Јехова не изгубил контрола над работите?

6 За жал, Адам и Ева одбиле да го прифатат Јехова како свој Владетел. Наместо тоа, избрале да го следат Сатана, еден духовен Божји син кој се побунил против својот Творец (1. Мој. 3:1-6). Ова им донело болка, страдање и смрт ним и на нивните потомци (1. Мој. 3:16-19; Рим. 5:12). Бог повеќе немал послушни поданици на Земјата. Дали ова значи дека работите му излегле од контрола, и дека се откажал од своето право да владее со Земјата и со нејзините жители? Во никој случај! Тој покажал дека сѐ уште има власт кога ги истерал мажот и жената од рајската градина и кога поставил двајца херувими да ја чуваат за да ги спречи да се вратат таму (1. Мој. 3:23, 24). Истовремено, Бог ја покажал и својата татковска љубов. Тој ветил дека еден потомок на Адам ќе го уништи Сатана и ќе ги поништи последиците од гревот, и дека верните ангели и луѓе сепак ќе можат на крајот да му служат заедно како едно обединето семејство. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.)

7, 8. а) Колку се влошиле условите до времето на Ное? б) Што направил Јехова за да ја исчисти Земјата и да го зачува човечкиот род?

 7 Низ вековите што следеле, некои луѓе избрале да му бидат верни на Јехова. Меѓу нив биле Авел и Енох. Но, за жал, повеќето луѓе го отфрлиле Јехова како свој Татко и Цар. До времето на Ное, Земјата ‚се наполнила со насилство‘ (1. Мој. 6:11). Дали ова значело дека Јехова изгубил контрола над работите на Земјата? Што ни открива историјата?

8 Размисли за извештајот за Ное. Јехова му дал детални планови и упатства за да изгради огромна арка во која требало да се спасат тој и неговото тесно семејство. Бог покажал голема љубов и кон целиот човечки род со тоа што му дал задача на Ное да биде ‚проповедник на праведноста‘ (2. Пет. 2:5). Без сомнение, Ное ги повикувал луѓето да се покаат и ги предупредувал на претстојното уништување, но никој не обрнал внимание на неговата порака. Тој и неговото семејство со децении живееле меѓу насилни и крајно неморални луѓе. Јехова, како грижлив Татко, ги заштитил и ги благословил овие свои верни слуги. Со тоа што го уништил тогашниот свет со Потоп, Јехова покажал дека има целосна власт над бунтовните луѓе и над злобните ангели. Тој во никој случај не изгубил контрола над работите (1. Мој. 7:17-24).

Јехова отсекогаш владеел како Цар (Види во пасуси 6, 8, 10, 12, 17)

КАКО ВЛАДЕЕЛ ЈЕХОВА ПО ПОТОПОТ

9. Каква можност им дал Јехова на луѓето по Потопот?

9 Кога излегле од арката и зачекориле на исчистената земја, Ное и неговото семејство сигурно од дното на душата му биле благодарни на Јехова затоа што се грижел за нив и ги заштитил. Ное веднаш подигнал жртвеник и му принел жртви на Јехова. Бог го благословил него и неговото семејство, и им заповедал ‚да се плодат, да се множат и да ја наполнат земјата‘ (1. Мој. 8:20 — 9:1). Луѓето повторно имале можност обединето да му служат на Јехова и да ја населат целата Земја.

10. а) Каде и на кој начин луѓето кренале бунт против Јехова по Потопот? б) Што направил Јехова за и понатаму да се врши Неговата волја?

10 Меѓутоа, Потопот не ја отстранил несовршеноста кај луѓето, и тие сѐ уште морале да се борат со невидливото влијание на Сатана и на неговите бунтовни ангели. За кратко време, повторно се кренал бунт против Јеховиното праведно владеење. На пример, Нимрод, кој бил правнук на Ное, бил еден од оние кои му се спротивставиле на Бог. Библијата вели дека тој бил ‚моќен ловец кој му се противел на Јехова‘. Нимрод изградил големи градови, како што бил Вавел, и се прогласил за цар „во земјата Сенар“ (1. Мој. 10:8-12). Овој бунтовник сакал да го спречи Бог да ја оствари својата намера целата Земја да се наполни со луѓе. Што презел Царот на вечноста против него? Јехова го побркал јазикот на луѓето, и поданиците на Нимрод се расеале „по целата земја“, носејќи ја со себе својата лажна религија и својот човечки начин на владеење (1. Мој. 11:1-9).

11. Како Јехова покажал дека му е верен на својот пријател Авраам?

11 Иако по Потопот многумина им служеле на лажни богови, имало и верни луѓе кои продолжиле да го слават Јехова. Еден од нив бил Авраам, кој послушно се откажал од удобниот живот во својот роден град Ур и со години живеел во шатори (1. Мој. 11:31; Евр. 11:8, 9). Додека се селел од место во место, тој честопати бил опкружен со цареви кои живееле во утврдени градови. Но, Јехова го штител Авраам и неговото семејство. Во врска со Неговата татковска заштита, псалмистот рекол: „На ниту еден човек [Бог]  не му дозволи да ги измами, туку поради нив укоруваше цареви“ (Пс. 105:13, 14). Затоа што му бил верен на својот пријател Авраам, Јехова дури му ветил: „Цареви ќе излезат од тебе“ (1. Мој. 17:6; Јак. 2:23).

12. Како Јехова покажал дека има власт над Египет, и што значело ова за неговиот избран народ?

12 Бог им ветил и на синот и на внукот на Авраам дека ќе ги благослови. Ова значело дека од Исак и од Јаков ќе потекнат цареви (1. Мој. 26:3-5; 35:11). Но, пред да се случи тоа, потомците на Јаков станале робови во Египет. Дали тоа значело дека Јехова нема да го исполни своето ветување или дека се откажал од своето право да владее со Земјата? Воопшто не! Во време што самиот го одредил, Јехова ја покажал својата моќ и докажал дека има многу поголема власт од тврдоглавиот фараон. Израелците кои биле робови во Египет покажале вера во Него, и тој ги избавил на величествен начин кај Црвеното Море. Било јасно дека Јехова сѐ уште е Врховен Владетел и, како грижлив Татко, тој ја употребил својата моќ за да го заштити својот народ. (Прочитај 2. Мојсеева 14:13, 14.)

ЈЕХОВА СТАНУВА ЦАР НАД ИЗРАЕЛ

13, 14. а) Која важна изјава во врска со Јеховиното царување ја кажале Израелците во песна? б) Што му ветил Бог на Давид?

13 Веднаш откако Јехова со чудо ги избавил Израелците од Египет, тие му запеале победничка песна на својот Бог. Во таа песна, која е запишана во 2. Мојсеева поглавје 15, во стих 18 стои следнава изјава: „Јехова ќе царува довека, во сета вечност“. Јехова навистина станал Цар над тој нов народ (5. Мој. 33:5). За жал, Израелците не биле задоволни што го имале Јехова како свој невидлив Владетел. Околу 400 години откако го напуштиле Египет, тие побарале од Бог да им постави човек за цар за да бидат слични на своите пагански соседи (1. Сам. 8:5). Иако Јехова го исполнил ова барање, за време на владеењето на Давид станало сосема јасно дека Тој сѐ уште владее како Цар.

14 Давид го донел светиот ковчег на сојузот во Ерусалим. За време на тој радосен настан, левитите пееле песна на фалба која содржи една важна изјава. Таа е запишана во 1. Летописи 16:31, каде што стои: „Нека зборуваат меѓу народите: ‚Јехова  почна да царува!‘“ Но, некој би можел да праша: ‚Како можел Јехова да почне да царува кога тој отсекогаш бил Цар на вечноста?‘ Јехова почнува да царува кога ја спроведува својата власт во одредена ситуација или кога поставува некого за да го застапува. Многу е важно да го знаеме ова. Пред да умре Давид, Бог му ветил на овој свој верен слуга дека неговото царство ќе трае засекогаш. Тој му рекол: „Ќе подигнам по тебе твој потомок, кој ќе потекне од тебе, и ќе го зацврстам неговото царство“ (2. Сам. 7:12, 13). Ова ветување се исполнило повеќе од 1.000 години подоцна, кога се појавил ‚потомокот‘ од лозата на Давид. Кој бил тој, и кога станал Цар?

ЈЕХОВА ПОСТАВУВА НОВ ЦАР

15, 16. Кога бил помазан Исус како иден Цар, и каква подготовка направил за Царството додека бил на Земјата?

15 Во 29 год. од н.е., Јован Крстител почнал да проповеда: „Се приближи царството небесно!“ (Мат. 3:2). Кога Исус се крстил, Јехова го помазал како ветен Месија и иден Цар на Божјето Царство. Бог ја покажал својата татковска љубов кон Исус со следниве зборови: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Мат. 3:17).

16 Во текот на целата своја служба, Исус го славел својот Татко така што го проповедал Божјето Царство (Лука 4:43; Јован 17:4). Дури ги поучил и своите ученици да се молат да дојде тоа Царство (Мат. 6:10). Како иден Цар, Исус можел со право да им каже на своите противници: „Царството Божје е меѓу вас“ (Лука 17:21). Подоцна, вечерта пред да умре, тој склучил „сојуз за царство“ со своите апостоли. Со тоа им ветил на некои од своите верни ученици дека ќе владеат како цареви заедно со него во Божјето Царство. (Прочитај Лука 22:28-30.)

17. Во која смисла Исус почнал да владее како Цар во првиот век, но за што требало да чека?

17 Кога требало Исус да започне да владее како Цар на Божјето Царство? Тој не можел да се зацари веднаш. Зошто? Затоа што веќе следниот ден бил погубен, а неговите следбеници се разбегале (Јован 16:32). Но, исто како во минатото, Јехова сѐ уште имал контрола над работите. На третиот ден, тој го воскреснал својот Син, а на Педесетница 33 год. од н.е. Исус почнал да владее како Цар над христијанското собрание од помазаници (Кол. 1:13). Сепак, како ветениот потомок од лозата на Давид, Исус морал да чека за да добие целосна царска власт над Земјата. Јехова му рекол на својот Син: „Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе!“ (Пс. 110:1).

СЛУЖИ МУ НА ЦАРОТ НА ВЕЧНОСТА

18, 19. На што сме поттикнати, и што ќе дознаеме од следната статија?

18 Луѓето и бунтовните ангели веќе неколку илјади години го оспоруваат Божјето право да владее. Но, Јехова никогаш не се откажал од својата власт. Напротив, тој ги држи работите под контрола. Како грижлив Татко, Бог ги штител и се грижел за своите верни поданици, како што биле Ное, Авраам и Давид. Зарем ова не нѐ поттикнува да му бидеме подложни на нашиот Цар и да станеме уште поблиски со него?

19 Но, сега би можеле да прашаме: Како Јехова „почнал да царува“ во нашево време? Како можеме да бидеме верни поданици на неговото Царство и да станеме совршени синови во неговото обединето семејство? Што, всушност, бараме кога се молиме да дојде Божјето Царство? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.