Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2014

Донесувај мудри одлуки во младоста

Донесувај мудри одлуки во младоста

‚Младичи и девици, фалете го Јеховиното име‘ (ПС. 148:12, 13)

1. Кои прекрасни можности ги имаат многу млади христијани?

ЖИВЕЕМЕ во многу значајни времиња. Како никогаш порано, милиони луѓе од сите народи почнуваат да му служат на вистинскиот Бог (Отк. 7:9, 10). Голем број млади браќа и сестри доживуваат многу благослови додека им помагаат на другите да ги разберат животоважните библиски вистини (Отк. 22:17). Некои од нив ја проучуваат Библијата со луѓето и им помагаат да водат подобар живот. Други ревносно ја проповедаат добрата вест на подрачја на кои се зборува друг јазик (Пс. 110:3; Иса. 52:7). Како можеш и ти да имаш поцелосен удел во проповедничкото дело кое му причинува голема радост на Јеховиниот народ?

2. Како примерот на Тимотеј покажува дека Јехова е спремен да им довери одговорни задачи на младите? (Види ја сликата погоре.)

2 Како млад човек, можеш да донесеш одлуки кои подоцна ќе ти овозможат уште повеќе да му служиш на Бог. На пример, Тимотеј донел добри одлуки и затоа, кога веројатно имал околу дваесет години, добил задача да служи како мисионер (Дела 16:1-3). Можеби само неколку месеци подоцна, Павле го замолил да оди во новооснованото собрание во Солун каде што христијаните биле свирепо прогонувани. Павле бил принуден да си замине од таму, но имал доверба дека Тимотеј ќе ги зајакне браќата (Дела 17:5-15; 1. Сол. 3:1, 2, 6). Замисли си колку  бил возбуден Тимотеј кога ја добил оваа одговорна задача!

НАЈВАЖНАТА ОДЛУКА ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ

3. Која е најважната одлука во твојот живот, и кога би требало да ја донесеш?

3 Во младоста се донесуваат многу важни одлуки. Но, има една одлука која е поважна од сите други — тоа е одлуката да му служиш на Јехова. Кога е најдобро време да ја донесеш? Јехова вели: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (Проп. 12:1). Единствениот начин на кој можеш да ‚се сеќаваш‘ на Бог е да му служиш со сета душа (5. Мој. 10:12). Ова е најважната одлука што би можел да ја донесеш бидејќи ќе влијае врз целиот твој живот (Пс. 71:5).

4. Кои важни одлуки ќе влијаат врз твојата служба за Бог?

4 Се разбира, врз твојата иднина ќе влијаат и други одлуки што ќе ги донесеш. На пример, можеби размислуваш дали и со кого да стапиш во брак, и како да заработуваш за живот. Иако овие одлуки се важни, мудро е најпрво да размислиш дали сакаш да му служиш на Јехова во што е можно поголема мера (5. Мој. 30:19, 20). Зошто? Затоа што сите одлуки што ги спомнавме се тесно поврзани. Твојата одлука во врска со бракот и вработувањето ќе влијае врз твојата служба за Бог. (Спореди со Лука 14:16-20.) И обратно, твојата желба да му служиш на Бог ќе влијае врз твоите одлуки во поглед на вработувањето и бракот. Затоа најпрво треба да расчистиш што ти е најважно во животот (Фил. 1:10).

ШТО ЌЕ ПРАВИШ ВО МЛАДОСТА?

5, 6. Како искуството на Јуширо покажува дека мудрите одлуки можат да ни отворат и други можности да му служиме на Јехова? (Види ја и статијата „Што решив додека уште бев дете“.)

5 Ако веќе си одлучил да му служиш на Бог, размисли што би сакал тој да правиш и избери како ќе му служиш. Еден брат од Јапонија пишува: „Кога имав 14 години, бев во служба со еден старешина кој забележа дека не ми е баш интересно да проповедам. Тој љубезно ми рече: ‚Оди си дома, Јуширо. А потоа седни и размисли внимателно за сѐ што Јехова направил за тебе‘. Го послушав овој брат. Всушност, и следните неколку дена продолжив да размислувам и да се молам. Постепено мојот став се смени, и почувствував радост во службата. Освен тоа, многу ми беше интересно да ги читам искуствата на мисионерите, па дури и почнав да размислувам како би можел да му служам на Бог во уште поголема мера“.

6 Јуширо почнал да донесува мудри одлуки, и поради тоа подоцна можел да му служи на Јехова во друга земја. Тој вели: „Одлучив да одам на курс по англиски. Откако завршив со училиштето, почнав да давам часови по англиски неколку дена во неделата за да можам да бидам пионер. Кога имав 20 години, почнав да учам монголски и имав можност да посетам една група со објавители од Монголија. Две години подоцна, во 2007 год., ја посетив оваа земја. Додека бев во служба со некои пионери, видов колку многу луѓе се интересираат за вистината и посакав да се преселам таму за да им помагам. Подоцна се вратив во Јапонија за да се подготвам за преселбата. Сега служам како пионер во Монголија од април 2008 год. Овде животот не е лесен. Но, луѓето ја прифаќаат добрата вест, и можам да им помагам да се зближат со Јехова. Уверен сум дека го избрав најдобриот начин на живот“.

7. Што мора секој сам да одлучи, и каков пример ни дал Мојсеј?

7 Секој мора сам да одлучи како ќе го користи својот живот додека му служи на Јехова (Ис. Нав. 24:15). Вие, млади, мора сами да изберете дали и со кого ќе стапите во брак, или што ќе работите. Дали ќе изберете  вработување за кое нема да треба долгогодишно школување? Некои од вас живеат во сиромашни села, а други во богати градови. Освен тоа, имате различни карактери, вештини, способности и интереси, како и различен однос со Јехова. Веројатно се разликувате едни од други исто како што се разликувал Мојсеј од младите Евреи кои живееле во древниот Египет. Како син на фараоновата ќерка, Мојсеј бил богат, но другите Евреи биле робови (2. Мој. 1:13, 14; Дела 7:21, 22). Сепак, слично на вас, тие живееле во многу значајно време (2. Мој. 19:4-6). Секој требало сам да одлучи дали ќе му служи на Јехова со сето срце. Мојсеј донел исправна одлука. (Прочитај Евреите 11:24-27.)

8. Што може да им помогне на младите да донесуваат добри одлуки?

8 Јехова ќе ти помогне да донесуваш мудри одлуки во младоста. Во Библијата, тој дал многу начела за да нѐ поучи како да постапуваме во најразлични ситуации (Пс. 32:8). Ако не си сигурен како да ги примениш во својот живот, можеш да побараш помош од твоите христијански родители или од собраниските старешини (Изр. 1:8, 9). Да разгледаме три библиски начела што ќе ти помогнат да донесуваш мудри одлуки кои ќе влијаат позитивно врз твојата иднина.

ТРИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ШТО МОЖАТ ДА ТИ ПОМОГНАТ

9. а) Како Јехова ни укажува чест со тоа што ни дава слобода на избор? б) Какви можности ќе имаш ако го бараш најнапред Царството?

9 Барај го најнапред Божјето Царство и Божјата праведност. (Прочитај Матеј 6:19-21, 24-26, 31-34.) Јехова ни укажува чест со тоа што ни дава слобода на избор. Тој не одредува колку време треба да посветиш на проповедање на добрата вест додека си млад. Сепак, Исус нѐ поучил најнапред да го бараме Царството. Ако го правиш тоа, ќе ти се отворат многу врати. На пример, ќе имаш повеќе можности да ја покажеш својата љубов кон Јехова и кон ближните, како и својата благодарност затоа што ти дал надеж да живееш засекогаш. Дали твоите одлуки во врска со бракот и вработувањето ќе покажат дека ти е поважно да ги задоволиш материјалните потреби или дека го бараш најнапред Царството и Божјата праведност?

10. Зошто Исус бил среќен, и какви одлуки треба да донесеш за и ти да бидеш среќен?

10 Служи им на другите и ќе бидеш среќен. (Прочитај Дела 20:20, 21, 24, 35.) Ова е едно од основните начела што треба да нѐ водат во животот. Исус го знаел тоа, и затоа му служел на својот Татко така што ја вршел неговата волја. Освен тоа, им служел и на другите така што ги поучувал за добрата вест. Поради ова, Исус бил вистински среќен (Лука 10:21; Јован 4:34). Најверојатно и самиот си почувствувал голема радост кога си им помагал на другите. Ако ги темелиш најважните одлуки во животот врз начелата за кои поучувал Исус, сигурно ќе бидеш среќен, а ќе го радуваш и Јехова (Изр. 27:11).

11. Зошто Варух ја изгубил радоста, и каков совет му дал Јехова?

11 Ние сме најсреќни кога му служиме на Јехова (Изр. 16:20). За жал, Варух, писарот на Еремија, очигледно некое време го заборавил тоа, и престанал со радост да му служи на Јехова. Затоа Бог му рекол: „Ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа! Зашто еве ќе донесам неволја врз секој човек... а тебе ќе ти ја дадам твојата душа како плен во сите места каде што ќе дојдеш“ (Ерем. 45:3, 5). Што мислиш, кога ќе бил посреќен Варух — ако продолжел да бара големи работи за себе или ако му служел верно на Бог и го преживеел уништувањето на Ерусалим? (Јак. 1:12).

12. Кои одлуки му помогнале на Рамиро да биде среќен?

 12 Еден брат, кој се вика Рамиро, е многу среќен затоа што им служи на другите. Тој вели: „Пораснав во сиромашно семејство во едно село на Андите. Затоа, кога постариот брат ми рече дека ќе ми даде пари за да одам на факултет, тоа изгледаше како животна шанса за мене. Но, кратко пред тоа се крстив како Јеховин сведок, и добив уште една понуда — еден пионер ме викна да проповедаме заедно во едно гратче. Отидов таму со него, научив да потстрижувам и отворив берберница за да се издржувам. Мнозина во тоа гратче сакаа да ја проучуваат Библијата. Подоцна почнав да служам во едно собрание на домородечки јазик кое штотуку беше основано. Затоа решив да останам во тоа собрание и веќе десет години служам таму како пионер. Ниту една световна работа не може да ми донесе поголема радост од радоста што ја чувствувам кога им помагам на луѓето да ја разберат добрата вест на нивниот мајчин јазик“.

Рамиро со радост му служи на Јехова уште од својата младост (Види во пасус 12)

13. Зошто младоста е најдобро време да му се служи на Јехова со сето срце?

13 Радосно служи му на Јехова во младоста. (Прочитај Проповедник 12:1.) Не треба да мислиш дека прво мора да најдеш добра работа за да можеш подоцна да му служиш на Јехова. Најдобро време да почнеш да му служиш на Бог со сето срце е додека си млад. Зошто? Затоа што сѐ уште немаш семејни обврски, а имаш добро здравје и сила за да се справиш со потешки задачи. Што би сакал да правиш за Јехова во младоста? Можеби имаш цел да бидеш пионер. Можеби сакаш да служиш на подрачје на друг јазик. Или, пак, гледаш дека би можел да правиш повеќе во своето собрание. Сеедно какви цели имаш, ќе мора на некој начин да се издржуваш. Затоа, добро е да се прашаш: ‚Што ќе работам, и колкава обука ќе ми треба за таа работа?‘

 ДОНЕСУВАЈ МУДРИ ОДЛУКИ ВО СКЛАД СО БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА

14. На што треба да внимаваш кога бараш работа?

14 Трите библиски начела кои ги разгледавме можат да ти помогнат да избереш соодветна работа. На пример, би можел да се распрашаш во бирото за вработување или во некои младински агенции за да видиш какви работни места се нудат таму каде што живееш или каде што можеби планираш да служиш. Иако ваквите информации можат да ти бидат од помош, сепак е добро да бидеш претпазлив. Луѓето кои не го сакаат Јехова можеби ќе се обидат да ти всадат љубов кон светот (1. Јов. 2:15-17). Кога размислуваш за она што го нуди светот, не заборавај дека срцето лесно може да те измами. (Прочитај Изреки 14:15; Ерем. 17:9.)

15, 16. Кој може да ти даде најдобри совети во врска со вработувањето?

15 Откако ќе видиш кои работни места се нудат, ќе ти биде потребен добар совет за да направиш мудар избор (Изр. 1:5). Кој може да ти помогне да донесеш исправна одлука користејќи ги библиските начела? Слушај ги оние кои го сакаат Јехова, кои те сакаат тебе и добро ја знаат твојата ситуација. Тие ќе ти помогнат да размислиш за твоите способности и мотиви. Можеби она што ќе ти го кажат ќе ти помогне да ги преиспиташ своите цели. Ако твоите родители го сакаат Јехова, можат да ти бидат од голема помош. Освен тоа, и старешините во твоето собрание можат да ти дадат добри совети. Разговарај и со пионерите и со патувачките надгледници. Прашај ги зошто тие одлучиле да служат полновремено. Како станале пионери, и како се издржуваат? Каква радост им носи службата? (Изр. 15:22).

16 Оние што добро те познаваат можат да ти дадат најдобар совет. На пример, можеби размислуваш да прекинеш со средното образование и да станеш пионер главно затоа што не сакаш многу да учиш. Оној што те сака може јасно да види кои се твоите вистински мотиви, и може да ти помогне да сфатиш дека, ако се трудиш да го завршиш школувањето, ќе научиш да не се откажуваш лесно. Истрајноста е неопходна ако сакаш да му служиш на Јехова засекогаш (Пс. 141:5; Изр. 6:6-10).

17. Какви одлуки не смееме да донесеме?

17 Секој Божји слуга ќе се соочи со ситуации кои можат да му ја ослабнат верата и да го оддалечат од Јехова (1. Кор. 15:33; Кол. 2:8). Некои видови вработување можат да бидат многу опасни за твојата духовност. Дали познаваш некого што доживеал „бродолом во верата“ откако избрал одреден вид вработување? (1. Тим. 1:19). Мудро е никогаш да не донесеш одлуки што можат да го доведат во опасност твоето пријателство со Бог (Изр. 22:3).

РАДУВАЈ СЕ КАКО МЛАД ХРИСТИЈАНИН

18, 19. Што треба да прави оној кој нема желба да му служи на Јехова во поголема мера?

18 Ако искрено сакаш да му служиш на Јехова, спремно користи ги можностите што ти се нудат додека си млад. Донесувај одлуки кои ќе ти помогнат радосно да му служиш во овие значајни времиња (Пс. 148:12, 13).

19 Но, што ако од некоја причина немаш желба да правиш повеќе во службата за Јехова? Продолжи и понатаму да ја зајакнуваш својата вера. Откако објаснил што правел за да го добие Јеховиниот благослов, апостол Павле напишал: „Ако во што и да било друго размислувате поинаку, Бог ќе ви открие дека треба да размислувате така како што опишав. Но сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“ (Фил. 3:15, 16). Размислувај и понатаму за Божјата љубов и за неговите мудри совети. Јехова може да ти помогне повеќе од кој и да е друг да донесуваш мудри одлуки во младоста.