Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  јануари 2014

Царството владее 100 години! — Што постигнало тоа?

Царството владее 100 години! — Што постигнало тоа?

„Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже... Царе на вечноста!“ (ОТК. 15:3)

1, 2. Што ќе направи Божјето Царство, и зошто сме сигурни дека тоа навистина ќе дојде?

ПРОЛЕТТА 31 год. од н.е., на една планина во близина на Капернаум, Исус ги поучил своите ученици да се молат: „Да дојде Царството твое“ (Мат. 6:10). Денес мнозина не веруваат дека тоа Царство некогаш ќе дојде. Сепак, ние сме сигурни дека Јехова ќе одговори на оваа наша искрена молитва, и дека неговото Царство навистина ќе дојде.

2 Преку своето Царство, Јехова ќе го обедини своето семејство од верни слуги на небото и на Земјата. Божјата намера сигурно ќе се исполни (Иса. 55:10, 11). Возбудливите настани што се случуваа во последните 100 години јасно покажуваат дека Јехова веќе „почнал да царува“ во 1914 год. и дека прави големи и чудесни дела за милиони свои верни поданици (Зах. 14:9; Отк. 15:3). Сепак, иако Бог „почнал да царува“ во нашево време, тоа не значи дека во потполност се исполниле зборовите од Исусовата молитва: „Да дојде Царството твое“. Зошто го велиме тоа, и како одговорот на ова прашање влијае врз нас?

ЦАРОТ ПОСТАВЕН ОД БОГ ПОЧНУВА ДА ЈА СПРОВЕДУВА СВОЈАТА ВЛАСТ

3. а) Кога Исус бил устоличен како Цар, и каде? б) Како можеш да докажеш дека Царството било воспоставено во 1914 год.? (Види ја фуснотата.)

3 При крајот на 19 век, Божјите слуги почнале да го разбираат следново пророштво кое Даниел го запишал пред повеќе од 2.500 години: „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне“  (Дан. 2:44). Истражувачите на Библијата со децении укажувале дека 1914 ќе биде значајна година. Многу луѓе во тоа време гледале позитивно на иднината. Еден писател напишал: „Светот во 1914 год. беше исполнет со надежи и ветувања“. Но, кога подоцна таа година избувнала Првата светска војна, библиските пророштва почнале да се исполнуваат. Гладот, земјотресите и болестите кои следеле потоа, како и исполнувањето на други библиски пророштва, биле непобитен доказ дека во 1914 год. Исус Христос почнал да владее на небото како Цар на Божјето Царство. * Со тоа што го устоличил својот Син како владетел на месијанското Царство, Јехова навистина „почнал да царува“ на еден посебен начин!

4. Што презел Исус веднаш штом станал Цар, и кон кого го насочил своето внимание потоа?

4 Првата задача што ја добил Божјиот новоустоличен Цар била да војува против Сатана, најголемиот Непријател на својот Татко. Исус и неговите ангели ги исфрлиле Ѓаволот и неговите демони од небото. Ова било причина за голема радост на небото, но истовремено донело неописливи страдања на Земјата. (Прочитај Откровение 12:7-9, 12.) Потоа Царот го насочил вниманието кон своите поданици на Земјата со цел да ги пречисти, да ги поучи и да ги организира за да ја извршуваат Божјата волја. Да видиме како со својата послушност на водството што им го дал Исус тие оставиле добар пример за нас денес.

МЕСИЈАНСКИОТ ЦАР ГИ ПРЕЧИСТУВА ВЕРНИТЕ ПОДАНИЦИ

5. Што направил Исус во периодот од 1914 до почетокот на 1919 год.?

5 Откако устоличениот Цар ги исчистил небесата од расипаното влијание на Сатана и неговите демони, Јехова му дал задача на Исус да провери во каква духовна состојба се наоѓаат неговите следбеници на Земјата и да ги пречисти. За ова духовно пречистување зборува пророкот Малахија (Мал. 3:1-3). Историјата покажува дека тоа се случило во периодот од 1914 год. до почетокот на 1919 год. * Ако сакаме и ние да бидеме дел од Јеховиното семејство, мора да бидеме чисти, односно свети (1. Пет. 1:15, 16). Мора да внимаваме да не се извалкаме од лажната религија и од политиката на овој свет.

6. Како добиваме духовна храна, и зошто таа е многу важна?

6 Потоа Исус ја употребил својата царска власт за да постави еден ‚верен и разборит роб‘. Овој роб требало редовно да им обезбедува духовна храна на сите кои се дел од стадото за кое се грижи Исус (Мат. 24:45-47; Јован 10:16). Од 1919 год., една мала група помазани браќа верно ја извршуваат оваа одговорна задача со тоа што им даваат храна на ‚слугите‘. Изобилната духовна храна што ни ја обезбедува Јехова преку овој роб ни ја зајакнува верата. Таа ни помага да бидеме уште поцврсто решени да останеме чисти во духовен, морален, умствен и физички поглед. Благодарение на духовната храна, ние сме поучени и опремени да го вршиме најважното дело на Земјата денес — да ја проповедаме пораката за Царството. Дали го користиш во потполност сето она што ни го обезбедува Јехова?

ЦАРОТ ГИ ПОУЧУВА ПОДАНИЦИТЕ ДА ПРОПОВЕДААТ НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ

7. Кое важно дело го започнал Исус кога бил на Земјата, и до кога ќе продолжи да се извршува?

7 Кога ја започнал својата служба на Земјата, Исус рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Во текот на три и пол години, проповедничкото дело било на прво место во неговиот живот. Тој им го дал следново упатство на своите ученици:  „Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи царството небесно‘“ (Мат. 10:7). По своето воскресение, Исус прорекол дека неговите следбеници ќе ја пренесуваат пораката „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Тој им ветил дека лично ќе ги поддржува во ова важно дело сѐ до нашево време (Мат. 28:19, 20).

8. Како Царот ги поттикнал своите поданици на Земјата да проповедаат?

8 Од 1919 год., „добрата вест за Царството“ добила ново значење (Мат. 24:14). Царот веќе владеел од небото, и дотогаш имал собрано една мала група од пречистени следбеници на Земјата. Во склад со јасната заповед што ја дал Исус, тие спремно и ревносно се труделе да ја проповедаат по целата Земја добрата вест за Божјето Царство кое било воспоставено на небото (Дела 10:42). На пример, на меѓународниот конгрес кој се одржал во Седар Поинт (Охајо, САД) во септември 1922 год., присуствувале околу 20.000 лица. Замисли си колку биле возбудени кога, во говорот со наслов „Се приближи Царството небесно“, брат Ратерфорд рекол: „Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство!“ Следниот ден, две илјади од нив излегле во служба, а некои патувале дури околу 70 километри од местото на конгресот за да проповедаат. Еден од делегатите восхитено рекол: „Никогаш нема да го заборавам тој повик да го објавуваме Царството, како и ревноста на тоа насобрано мноштво“. И многу други ги делеле неговите чувства.

9, 10. а) На кои школи добиваме обука за подобро да ја вршиме службата? б) Како тебе лично ти користи ваквата обука?

9 До 1922 год., повеќе од 17.000 објавители на Царството проповедале во 58 земји низ целиот свет. Но, им била потребна обука. Во првиот век, како иден Цар на Божјето Царство, Исус им дал јасни упатства на своите ученици за тоа каква порака да објавуваат, каде да проповедаат и како да го прават тоа (Мат. 10:5-7; Лука 9:1-6; 10:1-11). Слично и денес, тој се грижи секој објавител на Царството да ги добие потребните упатства и публикации за делотворно да проповеда (2. Тим. 3:17). Преку христијанското собрание, Исус ги поучува своите поданици како да ја вршат службата. Еден начин како го прави тоа е преку Теократската школа за служба, која се одржува во повеќе од 111.000 собранија по целата Земја. Благодарение на поуките што ги добиваат на оваа школа, повеќе од седум милиони објавители се обучени да проповедаат и да поучуваат на начин што ќе допре до срцето на најразлични луѓе. (Прочитај 1. Коринќаните 9:20-23.)

10 Освен Теократската школа за служба, почнале да се одржуваат и други школи за обука на собраниските старешини, пионерите, неженетите браќа, брачните парови, членовите на Одборите на подружниците и нивните  жени, патувачките надгледници и нивните жени, и мисионерите. * Учесниците на еден клас на Библиската школа за брачни парови го изразиле своето ценење со следниве зборови: „Посебната обука што ја добивме ја продлабочи нашата љубов кон Јехова и нѐ оспособи уште подобро да им помагаме на другите“.

11. Зошто објавителите на Царството успеваат да проповедаат и покрај противењето од страна на Сатана?

11 Непријателот Сатана ги гледа сите напори што ги правиме за да проповедаме и да ги поучуваме луѓето за добрата вест. Затоа се обидува на секој можен начин — и директно и подмолно — да го спречи ширењето на пораката и да ги нападне оние што ја пренесуваат. Но, Сатана нема да успее во своите намери. Јехова го поставил својот Син „далеку над секоја влада и власт и сила и управа“ (Еф. 1:20-22). Како Цар, Исус ја користи својата власт за да ги заштитува и да ги води своите ученици додека тие ја извршуваат волјата на неговиот Татко. * Добрата вест се проповеда, и милиони искрени лица се поучени за Јеховините патишта. За нас е огромна чест што имаме удел во ова величествено дело!

ЦАРОТ ГИ ОРГАНИЗИРА ПОДАНИЦИТЕ ЗА ПОГОЛЕМА АКТИВНОСТ

12. Какви организациски подобрувања имало откако било воспоставено Царството?

12 Откако било воспоставено Царството во 1914 год., Исус уште подобро ги организирал Божјите слуги за да ја вршат волјата на неговиот Татко. (Прочитај Исаија 60:17.) Во 1919 год., во секое собрание бил поставен управник за служба кој требало да предводи во проповедањето. Во 1927 год., собранијата почнале редовно да проповедаат од куќа до куќа во недела. Во 1931 год., Божјите слуги го прифатиле името Јеховини сведоци и тоа ги поттикнало да прават уште повеќе во делото за Царството (Иса. 43:10-12). Од 1938 год., оние што предводат во собранието повеќе не се избираат со гласање. Наместо тоа, за да бидат именувани, мора да ги исполнуваат библиските барања. Од 1972 год., секое собрание го надгледува старешинство, а не само еден брат. Оттогаш сите браќа што можат да ги исполнат условите да служат како старешини и слуга-помошници се поттикнати да се стават на располагање да се грижат за Божјето стадо (1. Пет. 5:2). Во 1976 год., членовите на Водечкото тело биле распоредени во шест одбори за да го надгледуваат делото за Царството низ целиот свет. Сето ова покажува дека Исус постепено ги организирал своите поданици да го вршат делото на теократски начин, односно така како што сака Бог.

13. Како влијае врз тебе она што месијанскиот Цар го постигнал во првите 100 години од своето владеење?

 13 Размисли колку многу постигнал месијанскиот Цар во првите 100 години од своето владеење. Тој пречистил една група луѓе за да го застапуваат Јехова. Исто така, го предводи проповедањето на добрата вест за Царството во 239 земји, и милиони луѓе се поучуваат за Јеховините патишта. Тој обединил повеќе од седум милиони верни поданици кои спремно се ставаат на располагање да ја вршат волјата на неговиот Татко (Пс. 110:3). Јехова навистина направил величествени работи преку месијанското Царство. Но, во блиска иднина ни претстојат уште позначајни настани!

БЛАГОСЛОВИ ШТО МЕСИЈАНСКОТО ЦАРСТВО ЌЕ ГИ ДОНЕСЕ ВО ИДНИНА

14. а) Што бараме од Бог кога го молиме да дојде неговото Царство? б) Кој е нашиот годишен стих за 2014 год., и зошто е соодветен?

14 Иако го крунисал својот Син, Исус Христос, како месијански Цар во 1914 год., со тоа Јехова не одговорил во потполност на молитвата: „Да дојде царството твое“ (Мат. 6:10). Во врска со Исус, во Библијата е запишана следнава пророчка заповед: „Оди меѓу своите непријатели и покори ги!“ (Пс. 110:2). Човечките влади под власта на Сатана сѐ уште му се противат на Царството. Кога се молиме да дојде Божјето Царство, ние, всушност, молиме месијанскиот Цар и неговите совладетели да им стават крај на човечките влади и да ги отстранат луѓето кои му се противат на Царството. На тој начин ќе се исполнат зборовите од Даниел 2:44, каде што стои дека Божјето Царство „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства“. Тоа ќе ги отстрани сите политички непријатели на Царството (Отк. 6:1, 2; 13:1-18; 19:11-21). Ова ќе се случи во многу блиска иднина. Затоа е соодветно што нашиот годишен стих за 2014 год. — на 100-годишнината од воспоставувањето на Божјето Царство на небото — се темели на Матеј 6:10, и гласи: „Да дојде царството твое“!

Годишен стих за 2014 год.: „Да дојде царството твое“ (Матеј 6:10)

15, 16. а) Кои значајни настани ќе се случуваат во текот на илјадагодишното владеење? б) Кој е последниот чин што ќе го направи Исус како месијански Цар, и што ќе значи тоа во поглед на Јеховината намера?

15 Откако ќе ги уништи Божјите непријатели на Земјата, месијанскиот Цар ќе ги фрли Сатана и неговите демони во бездна за илјада години (Отк. 20:1-3). Кога ќе биде отстрането нивното злобно влијание, Царството ќе ги излее врз луѓето благословите од откупната жртва на Исус и ќе ја поправи штетата од гревот на Адам. Царот ќе воскресне безброј милиони луѓе кои спијат во гробот, и ќе организира образовна програма преку која сите тие ќе бидат поучени за Јехова (Отк. 20:12, 13). Целата Земја ќе стане рај, исто како што била еденската градина, и сите верни луѓе ќе станат совршени.

16 До крајот на Христовото илјадагодишно владеење, месијанското Царство ќе ја исполни својата цел. Потоа Исус ќе му го предаде Царството на својот Татко. (Прочитај 1. Коринќаните 15:24-28.) Повеќе нема да има потреба некој да служи како посредник меѓу Јехова и неговите деца на Земјата. Сите духовни синови на Јехова и сите негови деца на Земјата ќе бидат обединети со својот небесен Татко како дел од неговото семејство.

17. Што си решен да правиш во врска со Царството?

17 Возбудливите настани кои се случувале во текот на изминативе 100 години откако владее Царството нѐ уверуваат дека Јехова има апсолутна контрола над настаните и дека неговата намера со Земјата сигурно ќе се исполни. Затоа, да бидеме решени да му останеме верни поданици, и да го објавуваме Царот и неговото Царство. Уверени сме дека наскоро Јехова во потполност ќе одговори на нашата сесрдна молитва: „Да дојде царството твое“!

^ пас. 5 Види во Стражарска кула од 15 јули 2013, страница 23, пасус 12.

^ пас. 10 Види ја статијата „Теократски школи — доказ за Јеховината љубов“, во Стражарска кула од 15 септември 2012, страници 13-17.

^ пас. 11 Во Стражарска кула од 1 декември 1998, страници 19-22, се наведени некои примери за правни победи во разни земји.